Кое е твоето мислење за споменикот „Воин на коњ“?
Се’ најдобро! Нека се радува народ... Кога не може да се радува на пристоен живот, автомобил, летување, зимување..., нека се радува на споменици.
На кои три личности ти би им направил споменик?
На Никола, на Бранко и на уште некој политичар, нека се пријави самиот. Знам дека многумина на чело со сегашниот и иден ни премиер повеќе од се’ посакуваат народот да ги слави и да им гради споменици. Можеби ќе почнат и сами да си градат, па нема да морам јас да се мачам...
Кој политичар ти одзема најмногу време кога подготвуваш емисија за него?
Па, веројатно Груевски... Секоја недела прегледувам мноооогу минути снимки на кои се наоѓа тој. Секој ден е во нов поход: лопата, ножици, црвена лента... Ама сепак, зборувам за делот на подготовки и барање интересни моменти и изјави. Откако ќе ги најдам е лесно. Пишувањето сценарио оди побрзо откако ќе имам материјал врз кој ќе работам.
Дали го искористи паѓањето на шенгенскиот ѕид, односно патуваше ли доста со новиот пасош?
Па, ако по едно патување во две држави, наши соседи, може да се смета за искористување на паѓањето на ѕидот..., тогаш да. Имам голема листа на европски градови за посетување ама откако падна „Шенгенот“ немав ни многу време, а ни многу пари. Ама затоа имам споменици низ цел град, па можам ним да им се восхитувам. Што ќе ми е Европа?
Кога би имал услови, дали би се нафатил да направиш целовечерно шоу и како би изгледало тоа?
Имам доста планови од кои дел веројатно ќе се остварат од септември со почетокот на втората сезона. Меѓутоа сепак, ќе оставам сработеното да говори за себе.
Кој од кого зависи повеќе: новинарите од газдите или газдите од новинарите?
Зависи што е крајното очекување. Ако сакаме професионално новинарство, тогаш сопствениците од новинарите, а ако сакаме служење на политичките елити тогаш другото. Има многу новинари од типот „3 за 100“, кои би прифатиле се’ што сопственикот ќе побара од нив и тие дефинитивно зависат од газдите, бидејќи лесно може да бидат заменети со друг послушник, кој истите „валкани работи“ би ги правел за помалку пари.
Кој е за тебе најмистериозната личност на македонската политичка сцена?
Не знам, не ми текнува на некој мистериозен. Сите се обични луѓе со еден куп маани и грешки во работата, како и намерни лаги, манипулации, кои многу лесно се забележуваат.
Дали си главен забавувач и приватно?
Таков, „забеган“, сум само на телевизија и со поблиските...
Кој е твојот најголем талент?
Тоа што имам безброј таленти? :)
Дали си вистински претставник на својот хороскопски знак?
Ауууу... Каков претставник? Воопшто не верувам во хороскоп.
Со кои зборови луѓето најчесто ти проѓаат на улица?
„Јофеееее, те сакамеееее!!!“ Хахаха... Што знам, има различни, ама веројатно најчесто муабетот започнува со - „ееееј... ти си...“ и продолжува со - „да, да, тој ненормалниот од телевизија сум...“.
Кога во животот си поминал најдобро?
Што знам... имало доста убави моменти и вечери.
Што никогаш не си направил, а би сакал да направиш?
Компир-манџа.
Кој филм си го гледал повеќе од четири пати?
Мислам дека не постои таков. Единствено во план ми е уште еднаш да ги изгледам сите десет сезони од „ Friends “.
Која мелодија ти ѕвони на мобилниот?
„ Kidz “ од Тејк дет. Има добар рефрен за рингтон.
Кој е твојот најголем порок?
Најразлични видови дроги :))) Се зезам, нормално... Ако се дрогирав сигурно немаше тоа да го кажувам во интервју. Ама ако морам да кажам нешто, веројатно компјутер би бил одговорот.
Кој те познава најдобро?
Двајца-тројца другари/другарки...
Како би се викал да си женско?
Што ќе ми е да сум женско? Добро ми е и вака.
Која човечка особина најмногу ја цениш?
- Чесноста, веројатно...
Наталија Грубовиќ или Маријана Станојковска?
Ееееееј, немој да ме тераш да бирам помеѓу жени.
Лила Филиповска или Хелена Роза?
Не, не... Истиот одговор од претходното прашање.
Миленко Неделковски или Васко Ефтов?
Е овде веќе можам да ти одговорам. Васко Ефтов.
Одмор во Грција или на Јадранско море?
Ај ќе дадам еден предавнички одговор. Грција.
Кој предмет на училиште ти беше омилен?
Мислам дека не би можел да издвојам омилен, ама дефинитивно знам кој ми беше најнеомилен. Математика!
Која е главната црта на твојот карактер?
Ауууу... стварно не сакам да се опишувам. Ако мора ќе треба да кажам се’ најдобро, така да...
Чиј телефонски број би сакал да го дознаеш?
Мислам дека нема таква личност.
Да се снима филм за тебе, каков наслов би имал?
„Scary Movie 6“.
Со кого би сакал да снимиш љубовна сцена?
- Уште ли снимања? Аман, доста ми е тоа што снимам емисија, ме мрзи сега и љубовни сцени да снимам... :))
Дали си суетен?
Секој што влегол во бизнисов е.
Дали си суеверен?
- Не.
Дали си религиозен?
Не.
Кое е твоето животно мото?
Ова е едно од оние прашања на кои мислам дека никој не дава вистински одговор, туку кажува нешто што убаво звучи. Немам такво нешто како што е животно мото, а не мислам ни дека многумина кои даваат одговор на ова прашање имаат.
Која е твојата дефиниција за патриотизам?
Еден куп милионски споменици во главниот град :))).
Која е најлошата обврска што ти била зададена?
Да размислувам за тоа која е најлошата обврска што ми била зададена :))
Имаш ли некоја фобија?
Сум читал за многу чудни фобии, ама мислам дека тогаш кога читав не се пронајдов во ниедна од нив. Меѓутоа, да секне целиот интернет на овој свет, на пример, звучи прилично страшно. Ако има фобија која го опишува стравот од вакво нешто, тогаш ете ја мојата фобија.
Омилен стих?
„Always look on the bright side of life...“, на пример.
Миодраг Мишолиќ