Во новиот текст на Вашиот блог ги коментирате трошоците од 1,5 милиони евра на сметка на општина Центар само за патувања во Фиренца (според ревизијата што ја направија антикорупционерите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски) и го поставувате прашањето: „Каков е тој морал, каков е тој човечки профил, или материјал, кој така крвнички арчи туѓи пари?“. Кој е Вашиот одговор на тоа прашање и мислите ли дека тие луѓе воопшто размислуваат за овие пари како за нешто туѓо?
За жал, јасно е дека тие луѓе ама баш воопшто не се заморувале со размисли за трошењето туѓи пари. Дури и да подразмислиле, сигурен сум дека повторно ќе го направеле истото. Зашто ним тоа, изгледа, им доаѓа како нормално. Но, впрочем, такви (не)луѓе секогаш имало, и ќе ги има. Јас проблемот го гледам повеќе во општинското, односно државното спонзорство на таквиот хохштаплерај, на патронатот на општинските, односно државните институции, кои им ја обезбедуваат неопходната поддршка и закрила. Тоа пак, од друга страна, испраќа абнормални сигнали дека некој (некои) во ова општество можат буквално да прават што сакаат, дури и отворено да ви брцаат во џебот, и да не ги боли глава! Односно, понатаму, тоа пак говори за неморално општество, за отсуство на основни вредности, за корумпиран и вулгарен систем. Зашто, како е можно сите оние тогашни членови на Советот на општина Центар, меѓу кои и некои што ги сметаат за „видни“ претставници на општествената заедница, да го гледале сиот тој бандитизам и - да молчеле? Ништо не гледам, ништо не слушам, ништо не зборувам? Тоа ли се свесни граѓани, избрани на демократски избори? Тоа ли е денешната македонска интелигенција? Но, од друга страна, нели е тоа соучесништво во хохшталерајот? Зошто инаку сега апсат едно чудо луѓе во „Македонски пошти“ заради соучесништво во грабежот на некои 200.000 евра, што и не се некои големи пари споредено со овој случај? Во што е разликата?
Се вели дека трагата на парите никогаш не може целосно да се избрише. Верувате дека некогаш ќе се дознаат сите детали околу градењето на овие градби и споменици, и евентуално да се расчистат сомнежите околу нив?
Апсолутно! А што на овој свет останало тајна? Особено денес. А бе, ќе ви го најдат и тоа што и вие сте заборавиле дека постои. И токму затоа јас спомнувам морал и лице во огледало, семејство - родители, роднини, деца..., иако дефинитивно, не мислам дека сме одговорни за глупостите на своите родители. И понатаму, со ваква омраза, со ваква настрвеност едни против други, со ваква одмаздољубивост, сигурен сум дека утре, задутре..., некогаш..., некои други ќе копаат длабоко и широко, ќе бараат игла во пластот сено. И ќе ја најдат, ќе откријат се’. Што ќе се случува тогаш - не знам. Ама, сосема е сигурно, ова е само почетокот. И, се надеваа ли главните „актери“ на вакво нешто? Или оној „Тинекс“? И зошто пак нему, со сето тоа што го поседува, му требаше ова? Само не знам зошто никој него не го спомнува. Или Министерството за култура. Па, нели пред само некој месец, самите уметници (односно „уметници“, морам така да ги нарекувам), реагирајќи на фамозниот „Отчет“, почнаа да ги откриваат малверзациите? И внимавајте, „авторката“ на „грандиозната“ Порта земала хонорар од само 500 евра, од вкупно околу 300.000 евра, колку што и’ поминале низ рацете!? И сега - кој лаже? Па оттука, кој може денес нешто да сокрие? Особено такви износи. Гледате што се случува со аферата „Телеком“, по толку години. И нашиве се’ уште мислат дека ќе се скријат? До кога?
Релативно долго сте во културата, бевте на раководни места во некои институции, а и заменик министер. Кога би го степенувале нивото на (не)одговорност во оваа област, како би ги рангирале различните влади во овие две децении?
Со полно право, но и одговорност, можам да говорам за сите министерства за култура од 1980-тите до денес, зашто поминав околу 20-тина години во нив, од стручен соработник до заменик министер. И можам да ги рангирам. Од она првото, „демократско“, со Грозданов како министер, кој немаше појма каде се наоѓа и што треба да прави, до ова денешново, кое прави се’ што не треба да прави! Она „помеѓу“ беа често јалови лутања по решенија, со извесни краткотрајни проблесоци на луцидност и визија, но генерално вртење во маѓепсаниот круг на соцреалистичкото размислување за културата, коешто кулминира во последниве години. Всушност, имавме проблем и со министрите, но и со администрацијата. Дел од министрите ни беа како паднати од Марс, ама културната администрација ни е од некоја друга галаксија. И онаа порано, и оваа сега. А бе, тооолку да не се знаело што е култура? Од министрите со не-знам-какви титули, кои ја гледаа културата исклучиво како сопствено поле за мешетарење, до полуписмената бирократија (денес и партизирана!), која се фатила за платичка и не се пушта од орото. Во такво „кадровско милје“ не може да стане збор за сериозно обмислување на културата, за културна политика и за нејзино практикување. Но, ако во 90-тите малкумина воопшто имаа некаква претстава за можните односи држава - култура, за функционирањето на културата во новите, демократски услови (заради што, впрочем, и се донесе оној ступиден Закон за културата), денес има сериозни, образувани млади луѓе, особено во т.н. граѓански сектор, со европски и светски искуства, познавања и визии за културата. Тие можат да ја „истуркаат“ толку потребната, неопходната, ревизија на македонските соцреалистички политики во културата, но никој не ги прашува. И затоа и имаме онаква неписмена Стратегија за развој на културата.
Голем противник сте на проектот „Скопје 2014“. Што би правеле Вие денес со него, кога е во голем дел изграден и реализиран? Би уривале и отстранувале нешто? Или би доградувале, за да добијат сегашните градби нов контекст?
Не се доживувам себе си како противник на што и да е’, па ниту на „Скопје 2014“. Но, како граѓанин на овој град, во којшто сум роден и каде што живеам цел живот, имам право да кажам што мислам, особено кога некој, без прашање и соодветна процедура, ми подметнува друг „град“ наместо мојот. И тука имам право да говорам за се’ сврзано со тој „проект“, но повторно, само како граѓанин. Ама, како историчар на уметност, јас „Скопје 2014“ го гледам исклучиво како можен културен, односно уметнички зафат. И како историчар на уметност со стаж подолг од 40 години имам и право и обврска да им се насмеам в лице и да ги наречам шутраци оние неколкумина кои ни продаваат м... за бубрези во врска со овој „проект, и за 20-тина сребреници лажат каде ќе стигнат за неговата „грандиозност“. А се тотално неписмени, односно немаат појма ни за македонската уметност, уште помалку за европската, за архитектурата, за стиловите итн. Понатаму, повторно како историчар на уметност, имам право и обврска да кажам дека овој „проект“ промовира кич - зашто ова што го гледаме околу нас не е ништо друго - и стимулира плагијатство. Бидејќи дел од оние (квази)скулптури низ центарот на градот се директни плагијати на познати современи дела: на бикот на Ди Модика од Wall Street , на Мештровиќ, на Шмалц, на Дирена... Зарем покрај толку сериозни македонски современи скулптори стасавме да плаќаме огромни пари за дилетанти и нивните копии симнати од Интернет? За тоа можам и морам да зборувам, тоа ми е професија, а кој како ме доживува воопшто не ми е важно. Што се однесува до вториот дел од прашањето, не сум во позиција да решавам што и како со овој проект во иднина. И никој од „структурите“ не ме прашува. Ни мене, ниту кој и да е’ друг барем малку компетентен. Инаку, се разбира, имам некои свои лични видувања, но генерално, мислам дека ќе беше најдобро ова да не ни се случеше. Меѓутоа, уште полоша е варијантата што ја промовираат некои колумнисти-полуинтелигенти, дека „тоа народот го сака“, па „ене, се фотографираат пред спомениците“, и други глупости, што наведува дека бебето се родило, па треба да се ниша. Сето тоа се будалаштини од најдолен вид и со лукративна заднина. Но, за иднината на ова современо кич-наследство треба сериозно да се размислува, без пардон и предрасуди. Зашто, последиците по младите генерации ќе бидат катастрофални!
Наоѓате ли во тој проект барем некаква вредност? На пример, кога ќе поминете покрај црквата Свети Димитрија, не мислите дека со сите мани и слабости на изведените решенија, сега е подобро од паркингот, калдрмата и калта, што беа претходно?
Кичот по дефиниција нема вредност. И така на него треба да се гледа. И така за него треба да се размислува. А нашиов кич е мултиплицирана перверзија, и за неа нема друго име! А како поинаку би го нарекле уништувањето на едно оригинално архитектонско дело - ГТЦ, зградата на Владата, фасадите во Центар, еве сега му се токмат на ЕВН - со негово преоблекување во „барокизирана“ фасада? (И, патем, повторно ли во овој поглед нема што да каже Министерството за култура како надлежен орган за авторските права?). А замислете, кога ќе дојде времето, а тоа ќе дојде, да се „корегираат“ некои испрдоци од овој „проект“ на истиот начин, како ќе реагираат барокољупциве? Ќе имаме втор Илинден?! Односно, тие смеат тоа да го прават, а другите не? Или, да почнеме утре, задутре, да ги пресликуваме делата на оној „авангардистон“ ,кој е толку фанатично вљубен во „проектов“? На што би личело тоа, и како тој би реагирал кога нему би му се случило ова што тој сега го поддржува? Или чудоно наречено Спомен куќа на Мајка Тереза. Ајде утре да му ја смениме фасадата во модернистички дух. Можете ли да претпоставите како на тоа ќе реагира „авторот“? Ама, кога му се случува на друг, се’ е дозволено, нели? Што се однесува до платото пред црквата Св. Димитрија, јас во принцип немам ништо против делот на инфраструктурното решение на просторот (плочки, фонтани и слично). Ама истото тоа беше планирано и во времето на Пенов, само што фонтаната требаше да ја прави Петар Хаџи Бошков. Е сега, ја знаете ли разликата помеѓу Хаџи Бошков и Валентина Стефановска? Како Бог и шеширџија! И кому му пречеше ако Хаџи Бошков ја прави фонтаната - една, две или колку треба? Но, ќе го немаше стрипот за „безгрешното“ зачнување на Ацета, па ќе ги немаше оние коњски полутки што излегуваат од малите фонтани, па ќе го немаше „Воинот“, кој и да е’, којшто ја надвишува и самата црква. А, нели ова конзервативниве политичари се религиозни, го почитуваат Бога, одат во црква...? Тогаш како може еден паган од форматот на Филип Втори да се топори над црквата којашто некогаш била и Соборен храм? Кадешто и денес, нели, се случуваат „чуда“? Па дајте, ве молам. Од друга страна, отидете на она мало скверче во центарот, зад новиот објект на Комерцијална банка, каде што има и неколку амбасади, ама за среќа нема ништо од „грандиозноста“ на Ск 2014. Ќе видите сосема друга, различна и допадлива современа слика на едно делче потенцијална метропола. Значи, може да биде убаво, пријатно, по мерка на човек, а не небулозни шизоидни „креации“. Дури и оној инокс на Искра Димитрова таму не стои лошо!
Што сметате за најголем проблем на македонската демократија?
За жал, ги има (пре)многу. На пример, во едно интервју Унко потенцира дека кај нас „законите важат за сите, мање - више“. Е тоа „мање - више“ е еден од македонските демократски проблеми којшто прерасна во државна стратегија број 1. Каква демократија, какво граѓанско општество? Политичките елити се новите босови (богови), тие и нивните пријатели. Другите - fuck off ! Да се барем елити, па да не ти е криво. И затоа сите здушно плукаат по некаква си „црвена буржоазија“, којашто всушност беше мало дете за овие. И за нивните партиски пајташи. Или, ако сакате, стасавме до таму на демократија да не’ учат бивши идризовци, бурекџии со улични високи школи, неизмиени и неисчешлани женишта кои се претставуваат како новинари, политичари кои не си го знаат ни јазикот ни историјата, професори армоникаши... Па, за каква демократија можеме да говориме?
Колку врз Вашиот критички став за актуелната власт влијае тоа што сте член на СДСМ? И каде е во целата оваа „заврзлама“ опозицијата? Гледате ли кај неа некаква визија за решение?
Интересно прашање. А, од каде Ви е информацијата дека сум јас член на СДСМ? Не сум. Ниту пак сум член на друга партија. Ама сум член на Советот за култура на СДСМ. Но како слободен, независен граѓанин, односно професионалец за одредена област. Исто како што, можеби, ќе се обидев да им помогнам и на оние од ДПМНЕ во нивните „културни“ политики, да ме поканеа. Но, можам да кажам дека ми беше вистинско задоволство членувањето во тој Совет, којшто единствен нудеше и нуди некаков излез од сивилото на македонската култура, од простотијата во којашто западнавме. Оттука, јас не сум вистинскиот човек што би можел да даде одговор за состојбите во опозицијата, освен само како граѓанин и надворешен набљудувач. И како таков мислам дека не и’ оди баш најдобро. Не слушам сериозни опции, нема понуда на вистински решенија, не гледам обмислени чекори..., освен оние што ги нудеше Советот во повеќе насоки во културата.
Зошто денес во речиси ни една област немаме уметници како оние што произлегле во повоениот период? Тоа особено важи за сликарството, литературата, театарот, музиката... За таа состојба не може да се обвини сегашната власт.
Денес имаме уметници, поточно „уметници“, ама немаме добри уметници! За многу добри, одлични или надпросечни, не може ниту да стане збор. А ги немаме зашто немаме одговорни луѓе и уметнички амбиент. Погледнете кој „раководи“ со националните уметнички институции. Погледнете кој предава по академиите. Дунстери! Кога последен пат сте виделе сериозна културна програма на македонските национални телевизии? Кога последен пат сте прочитале сериозна критика? Е па, данокот на необразованоста, на некултурата, на простотилакот, на незнаењето..., се плаќа на ваков начин. Немате ништо! Впрочем, да бевме поарни, ќе го немавме „Скопје 2014“. Или, видете кој раководи со македонските театри. Од кога тоа актерите научија да бидат директори? И тоа ли е нивна работа? Или, естрадата ја поистоветивме со уметноста! Да болеше глупоста, овие ќе врескаа од болка! Но, најдобар репер за актулените мигови на македонската култура е Годишната програма на Министерството за култура. Е тоа е „Скопје 2014“ во мало! Таква кич збирштина одамна немало на овие простори. И затоа денес така „доообро“ ни оди во сите области во културата.
Дали лустрацијата може трајно да ги извалка имињата на некои луѓе, кои со децении беа неприкосновена културна вредноста на Македонија?
Како и се’ друго, и на ова сериозно прашање му пристапија како дилетанти, како незнајковци, ама преку осоколени џуџиња, напумпани со партиски директиви и однапред подготвени листи. Што ќе рече дека тој процес прерасна во типична Македонска Инквизиција, раководена од едно човече..., ај да не речам какво..., и се претвори во улична тепачка. Без правила и без пардон! Само да се тркалаат глави. И што е најлошо, сите молчеа. И МАНУ, и ДПМ и сите по ред, мислејќи дека мечката ќе ги одмине. А кога влезе во нивниот двор - паника! Меѓутоа, сепак сето тоа се води најмизерно, а особено во однос на одделни навистина сериозни имиња на македонската култура. Извинете, ама еден Славко Јаневски не е заебанција и не можете да си играте со човекот. Особено заради тоа што не може да се одбрани! А дали некој го признава како вредност, како еден од темелите на македонскиот идентитет, тоа е друга работа и се решава на друг начин. Неколкумина неизбањати шутраци велат дека се воспоставува нов вредносен систем. Океј, ама ајде да го видиме, посочете ги имињата. па да им ги измериме. Вредностите, се разбира. А не вака, ќе го уриваме стариот систем, ама нов немаме!
Реагиравте и на палењето на „Букурешкиот договор“ од страна на групата „Македонски манифест“. Зошто?
„Букурешкиот договор“ ама ич не ме интересира, но реагирав на една група малоумници кои си зедоа за право да го злоупотребат величествениот Ангел од Курбиново за свои небулозни цели. Го залепиле на плакати, на маички, и се натопориле среде центар да палат некакви хартии. Каква врска има Ангелот од Курбиново со „Букурешкиот договор“? И кој им дозволил така, да простите, да се заебаваат со неговиот лик? Што прави тој Лилчиќ. како нов директор на Управата за заштита на културното наследство? Спие? А министерката? И таа? И токму тука се гледа она „мање-више“. Да беа во прашање некои други персони, не дај боже од опозицијата, ќе фрчеа казни и прекршочни пријави, нели?
Како го објаснувате тоа дека надвор од политиката, Македонија нема ни еден голем авторитет, кој ќе има влијание врз јавноста и општествените процеси?
Го знаете вицот за Македонците во пеколот? Но, сериозно, јас попрво би рекол дека немаме авторитети во политиката, па заради тоа вака ни одат работите. Во културата ги имаме и сите ги знаат. Ама не им даваат да дојдат до збор. Мора да молчат зашто сите јавни медиуми се мање-више затворени за отворено критичко мислење. Токму некадарната политика и полуписмените политичари имаат уплав од авторитетите во културата, и секаде ги спуштаат рампите. Преку директиви, јасни и гласни, како во 1945! Паметите ли колку години му требаа на еден Унковски да добие претстава во Македонија? Или, ајде да не мешам други, ама еве, седум години конкурирам, со преку триесетина сериозни проекти, на сите конкурси во Министерството за култура. Знаете колку ми биле одобрени? Ниту еден! А членовите во комисиите отворено ми говорат дека тие ги поддржале проектите. Е па кој, на крајот, ги стопира? Бети, или оној земјоделецон? Па, од кога тие станаа стручни за нешто? И како тоа секоја година, секоја проклета година едни те исти луѓе добиваат средства за нивните испрдоци, наречени проекти? Секоја божја години! Оттука, кај нас некадарната политика спроведува ригорозна негативна селекција со цел да ги сочува сопствените и позициите на своите пулени. Замислете, колку смешно, да не речам идиотски, би изгледале „проектите“ на нивните пулени покрај оние на сериозни, авторитетни македонски креативни поединци? Впрочем, токму тоа како основен проблем се покажа и во „Скопје 2014“ - што го обмислуваа и правеа дилетанти со кич ориентација, луѓе со празен творечки багаж!
Што мислите, зошто воопшто не се огласува еден Горан Стефановски, кој за сите овие години остана настрана од политичка ангажираност, па тешко ќе може да му се префрли за некакво дневно политиканство? Тој дури пишува на својата Фејсбук страница дека најважни се својот јазик, својата земја, местото каде што си израснал, а сепак, од Англија не ни испраќа ни коментар за контроверзните процеси што се во тек.
Не ми е многу пријатно да говорам за други, особено за Горан, кога не се тука. Не знам како живее, што му се случува. Можеби и мене ме чуди неговата пасивност, ама тоа е мој проблем. Но, тој барем не ни соли памет од дистанца, од далеку, не не’ подучува што и како да правиме, како што тоа го прават некои од т.н. дијаспора! Мене повеќе ме чудат некои други, демек интелектуалци, кои живеат овде, ама ни гледаат ни слушаат што ни се случува. Или велат - јас во тоа не се мешам. Жити мајка, ама кога ќе посакаат да се замешаат ќе им биде доцна. Впрочем, исто како и за лустрацијата. Додека тоа им се случуваше на други, сите си гледаа сеир. Уште полоши се пак оние ситни калкуланти, кои гледат да грабнат едно корче и бегаат како глувци. Се’ мерат на кантар. И што ќе кажат, и како тоа ќе го кажат, и дали да го кажат - го минуваат животот како тезгаџии на Бит пазар! Така што Горан ни е најмалото гајле. Гледајте ги оние што го силуваат Ангелот од Курбиново, оние што ја прогласуваат Есма за национален уметник, оние што протестираат против опозицијата.
Се потрошија ли македонските уметници? Некогаш со голема почит се споменуваа имињата на Милчо Манчевски, Симон Трпчески, Гоце Смилевски, Венко Андоновски... Денес ретко кој помислува на нив, а ни се случуваат работи кои, барем формално, имаат тесна врска со културата?
Политиката по дефиниција ги троши уметниците, ако тие се покажат потрошливи! Особено кај нас. Такви нешта се изнагледавме во минатото. Но, нели, мислевме дека во новиот демократски систем тоа ќе биде минато? За жал, се покажа дека ништо не сме научиле, а политиката денес се покажува како уште поголем манипулатор. Но, сепак, Вие спомнувате имиња кои јас не би ги ставил во иста категорија, потрошлива. На пример, не се сеќавам Гоце Смилевски да се понудил за трошење. Но затоа, и повторно со навраќање на претходното прашање, добар дел од другите кои ги сметавме за сериозни уметници, се претворија во потрошлива роба на смрдливите тезги на политиката. Зашто, сигурен сум, не е лесно да се задржи творечкиот интегритет во наши услови. Ама, тогаш нека не се занимаваат со уметност! Нека си отворат тезга на Бит пазар, или на Буњаковец. Не можете да го присвоите целиот филмски буџет на државата, па уште и Владата да ви дотура пари зашто не ви било доста, и да останете независен. И да не ве интересира што и како (не)работат другите. Па уште и да изјавувате дека ништо не и’ должите на државата, дека сте некаков бренд. Така можеби, за некои, останувате некаков, дури голем, уметник, ама мал, беден човек. Извинете, но многу поголем интегритет, стојност, гордост, гледам кај македонските земјоделци, стечајци, кај другите категории граѓани отколку кај т.н. македонска уметничка интелигенција.
Какви ќе бидат последиците (добри и лоши) од она што сега го прави политиката?
Не сум политички аналитичар и не можам на ова прашање да Ви одговорам со поголема доза на сериозност и предвидливост. Како граѓанин, мислам дека дното е блиску, а потоа - куд кои мили мои, вели една поговорка. Ќе играат секири и суроици. Но, актуелната неписмена и крајно популистичка политика во култура ќе остави катастрофални последици на долг рок. Дури непоправливи, зашто сега ја вратија културата 50-тина години назад. Сите тие конкурси, сите тие процедури се играчки за мали деца. Во културата имаш само еден Бог и тој Бог е партијата на власт! Такво нешто немало ни во 1945 година. Односно, имало, ама творците не се потресувале премногу од партиските директиви. За разлика од денес. Ако ништо повеќе, имало дијалог, имало жестоки полемики, имало за и против. Денес сите се „за“. А не знаат каде тоа „за“ ги води. Не гледат подалеку од своето книжуле спремно за издавање, од своето изложбиче подготвено да се обеси на некој ѕид, од некое бедно претставиче коешто ќе им донесе 1.000 евра... А ваму им пречел „Букурешкиот договор“!? Грозоморно проституирање на творецот спонзорирано со пари директно од буџетот. Ваквата културна (не)политика континуирано создава лажни вредности, восочни стандарди, критериуми од мраз топливи на секакви температури и притисоци. А тоа веќе не е култура, не е уметност, не е творештво ... Тоа е токму Бродот на будалите, ама жртвите се - идните поколенија!