АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Никола Спасов, агенција „Рејтинг“
13.08.2013
СДСМ НА ЧЕЛО СО ЗАЕВ ИМА ШАНСА ДА ГО ПРОМЕНИ ИМИЏОТ НА „САЛОНСКА“ ПАРТИЈА
Неделникот „Фокус“ објави во новиот број анкета за рејтингот на лидерите на двете најголеми политички партии во Македонија, која покажа дека за некои прашања новиот претседател на СДСМ, Зоран Заев, има повисок процент кај јавноста отколку неговиот главен политички конкурент, премиерот Никола Груевски. Тоа предизвика многу коментари, а истражувањето го направи агенцијата „Рејтинг“, чиј прв човек е Никола Спасов...

Вашата анкета привлече големо внимание, пред се’ затоа што беше протолкувана како одредено менување на јавното мислење во однос на лидерите на двата најголеми политички субјекти во државата. Дали и Вие тоа го толкувате така?

Не би рекол дека е менување на јавното мислење, бидејќи од конгресот на СДСМ до денес не видовме истражување кое на овој начин ја мери перцепцијата на граѓаните за лидерите на двете најголеми политички партии. Оттаму, не можеме да зборуваме за променето мислење, туку за анализа на почетните позиции на лидерите по промените во СДСМ.

Од резултатите објавени во неделникот „Фокус“ може да се заклучи дека луѓето повеќе го доживуваат Зоран Заев како добар човек (искрен, со интегритет, близок до народот...), а Никола Груевски како повешт политичар (подобро се снаоѓа во економијата, меѓунационалните односи, борбата против криминалот и корупцијата...). Што мислите дека ќе пресуди при следното изборно одмерување на силите?

Во истражувањето се анализираат личните и професионалните карактеристики на лидерите. Издвоивме шест најважни лидерски какратеристики кои најмногу влијаат при изборот на граѓаните, и ги запрашавме испитаниците колку секоја од тие карактеристики ја имаат Груевски и Заев. Како што имавте прилика да видите од анализата, Заев според граѓаните ги поседува овие карактеристики речиси исто колку и Никола Груевски, што значи дека стартува од прилично добра, израмнета позиција. Но, она што е важно да се напомене е дека ова не гарантира успех, ниту пак може дирекно да се препише како гласови на контото на СДСМ. Ова само значи дека Зоран Заев има добри предиспозиции и лични карактериситки за лидер, но дали тие ќе се материјализираат во гласови ќе зависи целосно од активностите, политиките и програмата на партијата.

Генерално, влијаат ли кадровските промени во СДСМ по конгресот од 2 јуни позитивно врз рејтингот на партијата? Дали повеќе ги има задоволни што Заев стана прв човек на партијата, отколку разочарани што Бранко Црвенковски веќе не е тоа?

Многу е рано да се зборува за влијанието на конгресот врз рејтингот на СДСМ, од проста причина што партијата се’ уште се консолидира и, како што најавуваат, се подготвува новата програма. Сепак, анализата укажува дека во рамките на бирачкото тело на СДСМ, Заев ужива речиси целосна поддршка, што упатува на заклучокот дека промените по конгресот се добри за партијата. Дополнително, неопределените гласачи, како и оние кои гласаат секогаш различно во зависност од понудата ( swing voters) , имаат генерално позитивно мислење на промените во СДСМ. Ова значи дека партискиот потенцијал по конгресот е зголемен, но останува да видиме дали тој ќе биде искористен. Покрај тоа, со изборот на Заев за претседател сметам дека се отвора можност да се разбијат неколку клучни стереотипи за СДСМ, кои со години беа основа за негативната кампања на ВМРО ДПМНЕ. Прво, СДСМ на чело со Заев првпат има шанса да се доближи малку повеќе до народот, и да го промени имиџот од „салонска“, скопска партија, во партија која е блиска до граѓаните. Одредени групи на граѓани сметаат дека Заев е поблизок до народот дури и од Груевски. Иако некои се на ставот дека ова можеби не е добро, јас сметам оти на овој начин значително се зголемува потенцијалот на гласачи. кои досега одбивале да гласаат за СДСМ, од причина што не се поистоветувале со партијата и клучните луѓе во раководството. Второ, СДСМ има шанса преку новото раководсто да се одлепи од асоцијациите со транзицијата и приватизацијата, кои беа вистински товар за партијата додека на нејзино чело беше Бранко Црвенковски. На ВМРО ДПМНЕ ќе му биде многу потешко да води негативна кампања темелена на „транзициското минато“, бидејќи Заев досега не бил на ниедна извршна функција во ниедна влада на СДСМ. И трето, СДСМ има шанса да го промени имиџот на мрзелива партија, која не работи и не предложува проекти - во активна партија, која нуди решенија и основано критикува. Резултатите од истражувањето покажуваат дека Заев се перцепира како способен и вреден човек, кој реално може да се пофали со успеси на локално ниво. Сепак, за да се направи ваква промена во перцепцијата на граѓаните ќе треба и повеќе време, труд и работа - нешто за кое лично сметам дека постои основа.

Многу се зборува за таканаречените „неопределени“. Колку се тие вистински важни во изборните битки, со оглед на фактот што се во прилично голема бројка, но не толку дисциплинирани гласачи како „определените“?

Неопределените се многу важни, но јас лично гласачите ги делам на повеќе групи, од кои три се најважни. Првата група се гласачи кои гласаат секогаш за иста партија, и сочинуваат 45 до 50 проценти од вкупното гласачко тело. Втората група се гласачи кои главно секогаш гласаат за иста партија, во основа се подржувачи на една партија, но се случило да гласаат и за различна во даден момент, кога биле разочарани од партијата која ја поддржуваат. Оваа група, исто така, се карактеризира и со пасивност во услови кога нема добра политичка понуда. Во неа спаѓаат уште 15-20 отсто од електоратот. Во последната група се таканаречените неопределени граѓани кои на сите избори гласаат во зависност од моменталната понуда и не се емотивно врзани за ниедна политичка партија, ниту се на било кој начин зависни од самите партии. Во оваа група спаѓа 30-35 отсто од електоратот. Ако ги погледнете овие бројки тогаш е јасно дека само цврсто определените гласачи не се доволни за победа, туку мора да се освои и значителен процент од неопределените. Сепак, со новиот пристап на практикување на политиката, пред се’, од владеачката партија, бројот на неопределени би рекол дека перманентно се намалува.

Во изминатите седум години владејачката гарнитура направи не баш мал број потези, кои може да се оценат како контроверзни и непопуларни: поставување прескапи споменици, исфрлање пратеници и новинари од собраниската сала, затворање и контролирање медиуми, лустрацијата на значајни личности, носење гласачи од Пустец во Центар, сечењето дрва во 4 часот наутро... Како објаснувате дека сето ова не влијае врз промената на јавното мислење?

Не би рекол дека тие настани не влијаат на јавното мислење. Ако ме прашувате зошто тие настани не влијаат на граѓаните да гласаат против актуелната власт, тогаш одговорот треба да се бара кај опозицијата. За граѓаните да гласаат против одредена власт тие треба да препознаат алтернатива во опозицијата. Во изминатите неколку години низ сите наши истражување се провлекуваа истите резултати кои водеа до истите заклучоци - граѓаните не се здоволни од власта, но уште помалку се задоволни од опозицијата. Оттаму, често резултатите на анкетите беа толкувани како контрадикторни или манипулативни. Тешко кој можеше да разбере дека 65 насто од граѓаните сметаат дека работите во Македонија одат во погрешна насока, но власта повторно победува на избори. Објаснувањето е едноставно, опозицијата не успеваше да го артикулира незадоволството од владеачката гарнитура. Токму ова треба да е приоритет број еден на новото раководство на СДСМ.

Може ли да се зборува за политички инженеринг во Македонија, односно за „технологија“ со која ќе се победува на избори неограничено?

Кога споменав дека бројот на неопределени се намалува заради начинот на кој ВМРО ДПМНЕ ја практикува политиката мислев токму на ова. Не сум сигурен дека тоа може да се дефинира како политички инженеринг, но сметам дека е прецизно систематизирана стратегија за постојано зголемување на сопственото гласачко тело. Ќе се обидам да го сублимирам начинот на владеење и основата за победување на избори на актуелната власт. Во Македонија се потребни нешто повеќе од 400.000 гласа за победа на изборите. Стратегијата на ВМРО ДПМНЕ е да обезбеди приближно толкава бројка на сигурни, преброени гласачи кои на еден или на друг начин ќе бидат „задолжени“ да гласаат за оваа партија. На тој начин се врши партизација на граѓаните и се’ помалку се дозволува граѓанинот да биде политички неопределен. Ова според мене е основната стратегија, додека методите, политиките и алатките кои се користат за нејзина реализација веќе добро ги знаеме. Оваа стратегија засега функционира одлично, но прашање е до кога ќе биде одржлива. Малку беше анализиран феноменот за излезноста на изборите, која расте од циклус до циклус. Зголемената излезност се должи токму на овој пристап на работење но, за тоа, подетално во некоја наредна прилика.

Ќе биде ли уште многу долго можноста за избор меѓу сегашните две партии, односно два блока, или предвидувате дека ќе се појави нов политички субјект, кој ќе биде вистинската трета опција?

Како што стојат работите засега, лично не верувам дека трета опција во блиска иднина може да се наметне како значаен фактор. Неодамна се појавија две нови партии, кои според габаритот на основачите влеваа надеж за такво нешто, но освен помпезната најава се’ уште не преземаат никаква активност, и речиси никаде ги нема. Прво, вистинска трета опција не подразбира опција која во даден политички момент може брзо да профитира, како на пример НСДП во 2006 година. Создавањето нова партија не е многу поразлично од создавањето нов бренд на пазарот. За тоа ви е потребна долгорочна стратегија базирана на детална анализа на политичкиот пазар и прецизен план за имплементација на оваа стратегија. Во политиката веќе нема место за импровизација. Во услови кога информациите се шират со светлосна брзина, а електоратот се’ побрзо созрева и препознава, тешко дека без вистинска понуда и диференцијација може било која нова партија да успее и да се наметне како важен политички фактор. Во Македонија мислам дека ова недоволно се препознава како нужен пристап и токму затоа не верувам оти во скоро време ќе имаме силен трет политички субјект. Дополнително, сметам дека во овој момент за такво нешто реална пречка е состојбата во медиумите, како и стравот кај бизнис заедницата за финансиска поддршка на нова политичка партија.

Дали предвидувате евентуална опасност од вонинституционална форма на политичка борба во иднина, од некој вид уличен бунт доколку продолжат трендовите, кои во дел од општеството се оценуваат како недемократски? Со оглед што зимскиот „Отпор“ немаше особен успех, колку таа опција може да биде актуелна?

Сметам дека во скоро време такво нешто нема да се случи, но исто така сметам дека опозицијата во моментов има многу поважна задача отколку да се бори на тој начин. Видете, можеби донекаде е точна тезата на поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски дека оваа власт е недемократска и дека не може да се победи на регуларни избори. Можеби дури е точно и дека единствен начин е да се продолжи со отпорот и да се води борбата од улица. Но, за да се направи тоа, најпрво е потребно да се убедат граѓаните дека за промена на оваа власт тие имаат алтернатива. Клучниот неуспех на Отпорот и политичкото делување на СДСМ до локалните избори беше токму фактот што граѓаните не препознаваа алтернатива во СДСМ и опозициониот блок, и таа стратегија едноставно не функционираше. За да се поттикнат луѓето на отпор, на борба, на спротиставување, тие треба да имаат верба дека нешто ќе се промени, да препознаат опција која ќе ја замени сегашната. Оттаму, отпорот можеби и ќе биде конечно решение, но само откако СДСМ ќе се реформира, ќе ја врати довербата кај електоратот и ќе ги разбие стереотипите кои оваа власт успеа да ги вбризга во меморијата на граѓаните. Ова нема да биде лесно, затоа што значи промена на целосниот начин на делување и на партиската култура.

Миодраг Мишолиќ
Loading







 

web design studio: Meduim3