Веќе си речиси цело лето во Загреб, и работиш интензивно на новата серија „Тајни“, која според најави од „РТЛ“ е еден од најамбициозните проекти на таа телевизиска куќа. Какви се досегашните впечатоци, и пред се’, колку си задоволна од себе во овој ангажман?
Кога ја видов првата епизода на заедничката продукциска проекција во „Јадран филм“ заминав дома во најгласната тишина, не можев да спијам и од сонот да ја сокријам возбудата и задоволството од производот што сме го створиле без грам суета, со многу труд и воља. Нема ништо поубаво од тоа да го работиш она што го сакаш, што те исполнува, со луѓе кои најчесно си ја вршат својата работа, кога секоја минута поминува во максимална посветеност на мигот, со непресушна желба да секој нареден е се’ подобар и поавтентичен. Работам, работиме, искрено и со љубов. Се надевам така ќе бидеме и прифатени. Одговорот мислам јасно го очитува моето задоволство. Дури и перфекционистот во мене „вришти“ дека секогаш може и подобро, но и полошо. Се радувам на ова искуство.
Може ли да ни кажеш, колку што ти е дозволено во оваа фаза, нешто за серија и за твојот лик? Што ќе бидеш од есен за Хрватите - фатална жена или слатка миленичка?
Јелена Јованова, или ако повеќе сакате Марина Франиќ оваа есен во хрватските домови ќе влезе како девојка која целиот живот е во кал до коленици, но во рацете постојано држи мач. Дете, девојка, жена лавица, неуморен борец за својата правда. Марина е многу похрабра понекогаш од приватната Јелена, но некогаш и многу потврдоглава. Јас и’ ја скротувам тврдоглавоста, таа мене ми ја зајакнува храброста, и засега сме во одлична хармонија.
Партнер ти е Филип Јуричиќ, кого го познава и македонската публика од некои поранешни серии. Како тече вашата соработка? Се случува ли понекогаш некој проблем во таа релација, и на кој начин го решавате?
На пробното снимање Филип веројатно повеќе веруваше во мене отколку јас во самата себе. Енергијата што тогаш ја создадовме беше онаа вистинската што ќе донесе одлична соработка. И донесе. Филип ми ја потврди дефиницијата за човек кој е едноставен, а посебен. Честопати се смееме на моите грешки во падежите, и веќе толку добро ме познава што во очи ќе ми прочита дека следното што ќе го изговорам ќе биде тежок лапсус на кој ќе се смее цел сектор режија (се смее). Забавно ни е. Филип е многу искусен во овој формат на работа и ми е голема поддршка, како впрочем и секој друг колега на сетот. Тој е партнер кој игра за партнер, отворен за сугестии, и она што најмногу ми се допаѓа кај него е немањето празен кадар и точната мерка во се’, без форсирање и газење на работите. И двајцата се бориме за моментот на вистина во секој кадар.
Какво е темпото на работа? Како изгледа еден твој просечен работен ден во Хрватска? Некаде прочитав дека снимате и по 20-тина сцени дневно.
Да беше ова филм во кој играм на македонски ќе работев по 12 часа на ден. Но, серија на друг јазик бара далеку повеќе. Моето работно време е 16 часа дневно. Снимам по 17 сцени дневно, па по работните 12 часа мене ми требаат плус четири за да можам да ги разгледам, да размислам за нив и да ги научам сцените за утре. Ненормално и лудачко е темпото кога се снима серија од ваков тип. Некогаш играш како за „оскар“, а некогаш денот на сет почнува како за „златна малина“ (се смее), па мораш да се мобилизираш добро за да завршиш барем во номинации. Не е лесно, но ја љубам својата професија, а поучена од нешто што Буковски во има напишано, во некои мигови ја љубам толку што и ќе и’ дозволам да ме убие зашто знам, од друга страна, колку ќе ме исполни.
Ти си млада актерка, но твоето искуство е завидно - имаш глумено доста и на театарска сцена и пред камери. Сепак, дали преку оваа серија, научи и учиш нешто ново, што не си го знаела досега?
Во секој процес почнуваш од почеток. Секој проект е новороденче со кое заедно учиш да одиш и да го гледаш светот низ неговите очи. Можеби не бев свесна дека имам вакви нерви и трпение за да сето ова можам да го поднесам. Верувајте, ова не е за тие со слаби нерви и нетрпеливи додека стигнат до целта. Овој формат има ненормално темпо на работа, и доколку немаш дисциплина, ќе потонеш како секира во море. Концентрацијата и фокусот се неизмерно важни и ги вежбам секој ден. Некогаш и грешам, па ќе заминам дома со сцени кои не ме исполниле до крај, но зарем секој наш работен ден е ист и подеднакво плоден? Најважното е кога искрено ќе ги согледам своите грешки и каде ми заскитал фокусот, па ќе се обидам да најдам решение за како тоа да не се повтори. Се трудам да го извлечам позитивниот исход и да ја негувам одговорноста кон својата работа.
Што ти рекоа продуцентите и режисерот дека виделе во тебе за токму ти да ја толкуваш главната улога во така голем проект?
Она што го споменав пред малку: дете-девојка-жена. Девојка на 25 години, која има животно искуство како жена од 50. Марина не е еднолиниски и едноставен лик, туку доста комплексен и богат. Она што го бараа од мене, а на кое јас се обидувам да одговорам е токму тоа.
Како изгледаше целиот тој процес на твое влегување во овој проект? Дали имаше аудиции, пробни снимања, работа со лектор заради јазикот...? И те изненди ли кога ти јавија дека баш ти си избрана, или на некој начин веќе го очекуваше тоа врз база на претходните договарања и проби?
Влегов многу легално, преку кастинг. Имав и пробно снимање, по кое дознав дека јас сум ја добила улогата. Искрено, не очекував дека македонска актерка ќе добие главна улога во хрватска серија, но ете се случи. Креативниот продуцент ме гледал во филмовите „Во земјата на крв и мед“ од Анџелина Џоли и во „Како да ме нема“ од Хуанита Вилсон, добил мој контакт, ми се јавија и ме поканија на кастинг. Најпрвин снимив две сцени со помош на познатата ракометарка Андријана Будимир, инаку моја многу добра другарка, а на моменти и професорка по хрватски, односно партнерка во сцените. На почетокот ја замолив да ми помогне околу јазикот и да одглуми дел од текстот со мене зад камерата. Кога го поминав вториот круг заминав на пробно снимање. Таму работам со дијалог-тренер, но веќе ми е се’ полесно и полесно, и мислам дека нема да ја малтертирам жената уште долго (се смее).
Колку време ќе бидеш загрепчанка, односно според договорот, до кога е засега предвидено да се снимаат епизоди?
Загреб ќе го дружам до крајот на декември, односно средината на јануари. Планирани се 120 епизоди, што значи дека имаме уште многу работа. Потоа му се враќам на Скопје или на Лондон. А можеби и ќе останам во Загреб, ако успеам да изреализирам нешто што е на повидок, а што многу би ме радувало и би ми значело. Никогаш не велам никогаш.
Можеш ли да се замислиш таму на подолго време, да речеме, неколку години?
Апсолутно да. Можам да се замислам секаде каде сум во можност професионално да се реализирам, но и приватно да се исполнам. Загреб е, дефинитивно, град каде не се чувствувам како странец, благодарение и на моите колеги кои така ме прифатија. Загреб е моето ново име за љубов, мир и слобода, град кој ме пречека со сите мои способности и мани.
Имаше време за одмор? Успеа да излезеш од Загреб и барем малку да отидеш на море?
Летово беше во знак на трудот. Од Загреб заминав во Пула каде бев гостин на познатиот филмски фестивал. Преку ден шетав покрај брегот, уживав во убаво подготвени оради и во бела „Малвазија“, а навечер му бев посветена на филмот. Од таму заминав за Лондон на разговор со режисерот Марк Мундер за серијата „Утопија“, а од Лондон слетав на сет кај Александар Поповски и Тања Кокев, за нејзиниот парфем "The Actress" . Сега имам пет дена да ги наполнам батериите пред повторно да заминам во Загреб. Но, јас го сакам животот во куфер.
Ти си веќе неколку години соработничка со нашата позната модна креаторка Тања Кокев, односно заштитно лице на нејзиниот бренд. Сега таа го промовира својот прв парфем, па веројатно беше логично да бидеш дел и од тој проект. Како ти би го препорачала "The Actress"? Зошто жените и девојките треба да го имаат?
Тања Кокев е една од најхрабрите жени што ги познавам, чии соништа секогаш ќе ги поддржувам. Таа е моќна, храбра, сензитивна и елегантна, токму како и " The Actress". Секоа жена што ќе го помириса ќе сфати дека е неопходен, а кога ќе го носи ќе биде самоуверана и среќана. Таков е според мене "The Actress" , парфем кој во срцето ги има розата и циктусот, направен во Франција, односно светски, а наш. Браво Тања. Среќна сум и благодарна на довербата што ја има во мене, и што бев дел од нејзиниот храбар сон, кој сега е јаве.