Како поминуваат првите 20-тина дена од твоето враќање во „Галија“? Колку си задоволен од досегашниот одѕив на гостите?
Кога се почнува со некој бизнис, а јас сум сега повторно на почетокот, не е препорачливо да кажувате многу пофалби за своите резултати, ако ништо друго, да не си ја избаксузирате работата (се смее). Но реално, имам причини за задоволство, бидејќи реакциите се подобри отколку што очекував. Објектот го отворив во јули, кога половина Скопје е на одмор, а температурите се пеколни, што е како да отворите нова кафеана во Охрид или Дојран, во ноември. И покрај тоа, народот дојде и доаѓа уште од првата вечер, што прави да бидам презадоволен од почетните два-три недели. Во овие 35 или 40 години, колку што постои овој локал, овде се промениле многу закупци, и сите пропаднале. Јас кога се повлеков, од причини за кои ќе зборуваме подоцна, повторно пропадна „Галија“. Сега, пак работи. Како да постои некоја необична врска меѓу мене и ова место. Можеби е дарба, можеби е к’смет, а можеби е судбина. „Галија“ може да работи успешно само со Фуфо, и порачувам дека ќе работи.
Тешко ли е физички да се биде цел ден во ресторанот? Тие што имале искуство во угостителскиот бизнис знаат дека, дури и кога не е ангажиран во кујната или со послужувањето гости, обврските на газдата се прилично напорни.
Тешко е да се биде на било кое работно место цел ден, меѓутоа јас уште пред да почнам знаев што ме очекува, така што подготвен сум на секој потребен напор, за овој проект да успее. Затоа и се организирав соодветно, па моето присуство во ресторанот е во таканаречените ударни периоди, кога посетеноста е најголема. Тоа значи од 11 до 17 часот, и од 20 часот до затворањето. Многу ми помага тоа што имам добри менаџери и квалитетен персонал, кои максимално си ја знаат работата, па знаат и да ме „покријат“ кога не сум тука. Во принцип, ако работиш за себе и си ја сакаш професијата, тогаш и сите напори се поднесуваат полесно. Веројатно затоа, сето ова не го доживувам како нешто тешко, туку баш напротив - како задоволство.
За неколку месеци, во јануари 2014. ќе одбележиш 30 години од отворањето на твојата прва пицерија, во населбата Аеродром. Оние што одеа таму се сеќаваат на Фуфо во темен костум и со вратоврска, како лично го пречекува и го испраќа секој гостин. Дали е и денес таков односот кон посетителите на „Фуфо Галија“?
Таа школа ја научив во Швајцарија, каде што работев во ресторан. Таму беше сосема нормално сопственикот да му пријде на секој гостин, да се поздрави со него, а на заминување и да го испрати. На тој начин изразува и почит и благодарност, што од сите други локали, тие луѓе решиле своите пари да го потрошат баш на ова место. Јас таквата пракса ја видов, ја научив и со задоволство ја применив кај мене. А, што се однесува до костумот и вратоврската, тоа не беше толку мој избор, туку повеќе принудна ситуација, бидејќи во тие години се’ уште работев во „Македонија табак“, од каде директно доаѓав во пицеријата, па немав време да се пресоблекувам. Денес, бидејќи не работам во друга компанија, се облекувам според моментното расположение, и според она што прилега на одредена атмосфера.
„Галија“ уште од отворањето, на крајот од 80-тите, па со години, беше култно место на скопската и на македонската елита. Доаѓаа политичари, уметници, писатели, професори, лекари, новинари... Многумина и буквално секој ден. Нешто слично може да се забележи и сега, речиси секогаш тука има некој познат. Дали успешен угостителски бизнис може да се води ако се гостите претежно јавни личности, или се тие само магнетот за т.н. обични луѓе, од кои всушност, зависи успехот на некој ресторан?
За секој угостител е многу важно уште на стартот да ги „испровоцира“ познатите фаци да дојдат. Тогаш успехот му е загарантиран. Добро го кажа тоа, тие се магнет за останатите, бидејќи обичниот народ сака да биде во близина на оние кои ги гледа на телевизија, па ако може и да се дружи малку со нив. Но, тоа не е едноставно. За да стане твојот ресторан свратилиште на популарните луѓе, тие мора да веруваат дека понуда што ја даваш е навистина добра, дека цените се коректни, и пред се’ дека знаеш да ги испочитуваш. Не со тоа што ќе ги почестиш едно виски, туку со респект кон нивната работа и кон нивната личност. Ние сме мала земја, и многу често познатите немаат голема можност да бидат испочитувани како што се тоа некои нивни славни колеги во светот, па кога ќе добијат таков третман, се врзуваат и те наградуваат со својата лојалност. Истото важи и за обичните луѓе. Кога ќе видат респект и постојано одржување на квалитетот, стануваат редовни гости. Секако дека се тие повеќе на број, но како што реков, постои тесна корелација со доаѓањето на јавните личности. Клучен фактор, кај двете категории гости е довербата, која дури и ако брзо ја стекнеш, може уште побрзо да ја загубиш. Добриот угостител е како добар домаќин - секогаш на штрек, за да биде гостинот задоволен.
Кои беа првите познати личности, што станаа редовни кај тебе?
Ги имаше многумина, но апсолутно првиот беше Циле Тупурковски, со кого дојде и добра екипа негови пријатели, од типот на Тоде Хард Рок, еден од творците на незаборавниот скопски ноќен живот во 90-тите, па Вања Битуљану, легендарниот директор на „Палер Македонија“, Зоран Крстевски, долгогодишен прв човек на Скопскиот аеродром... И потоа сите. Еден мој пријател од Белград, кој често доаѓаше овде, ми велеше: „Фуфо, ова е невидено. Во Влада ретко ќе најдеш двајца министри во исто време, сите за ваму или таму, а кај тебе секоја вечер има најмалку по тројца“.
Забележително е дека си прилично омилен во Скопје. Речиси секој со кого ќе се поведе разговор за тебе во овие денови вели: „Сакам да му помогнам, сакам да успее“. Го чувствуваш ли тоа во секојдневната работа?
Ова е многу убаво да се слушне. Дали сум среќен од ваквите зборови? Секако, да. Дали верувам во нив? Мислам дека имам доволна причина да верувам, зашто во мојот досегашен животен век од 56 години никого немам одбиено, доколку сум бил во можност да му помогнам. Ако зборуваме за последниве денови, ќе бидам искрен и ќе кажам дека малку ме изненади позитивно македонскиот ген. Не мислев дека македонската ментална матрица е подготвена да му помогне на човек кога тој ќе падне. Јавно признавам дека направив грев со тој мој сомнеж. На 90 отсто од луѓето, кои доаѓаат во овие 20-тина дена, им гледам во очите дека не дошле баш денеска затоа што многу им се јадела пица, или им се пиело кафе, туку дошле за да ми изразат поддршка. Некои тоа ми го кажуваат, а некои го премолчуваат, за евентуално да не се почувствувам навреден. Еве, ја користам и оваа можност на сите нив да им изразам голема благодарност.
Пријател си со многумина, но побратим си само со Трифун Костовски. Во што е посебен Костовски за тебе?
Секогаш, без оглед колку пријатели имаш, само со еден или двајца си баш најблизок. Мене со побратимот Трифун ме спојуваат многу точки, но најсилна е таа што двајцата сме човекољупци и сакаме да им помагаме на луѓето. Тој го прави тоа и денес. Јас моментно не сум во можност, но порано, кога бев, навистина сакав на секого да му излезам во пресрет.
Некогаш ти навистина беше моќен човек: богат, успешен, влијателен, па дури и на висока политичка функција во Град Скопје. Колку многу доаѓаа луѓето за услуга, пари, помош?
Господовата награда на успешните е што постигнале некоја цел и си ја оствариле амбицијата. Тоа обично значи и заработување пари, а со парите може да се завршат многу работи. Затоа оние кои имаат мака најчесто одат кај тие што имаат пари. Во такви ситуации понекогаш станува премачно, секојдневно да се среќаваш со голем број луѓе, кои те молат за услуга. Колку и да имаш пари, не можеш да му помогнеш на целиот свет, па некого мора и да го одбиеш, иако е тоа непријатно. Притоа, во таа плејада на баратели има и „лажњаци“, кои немаат потреба од тоа што ти го кажуваат, но знаат дека си човекољубец или дарежлив, па ќе тропнат на врата. Сите што помагаат, како на пример и Трифун Костовски, го почувствувале тоа. Повторно ќе кажам, верувам дека речиси не сум одбил никого на кого вистински му требала помош, а јас сум бил во можност да помогнам. Пред малку ме праша за луѓето кои сега ми даваат поддршка. Некои од нив ми кажуваат дека некогаш сум им излегол во пресрет кога им требало, а јас веќе сум го заборавил тоа. Таквите ситуации посебно ме исполнуваат.
Дали те изненади тоа што одеднаш дојдоа многу пари, слава, статус на медиумска ѕвезда? Беше ли ти неподготвен, односно незрел, за толкав успех?
Ха ха, такви работи обично им се случуваат на талентираните спортисти, кои ќе станат популарни на 17-18 години, па ќе „изгорат“, бидејќи не знаеле како да се носат со славата. Тој синдром мене ме погоди во моите 30-ти години. Јас на 35. бев премиер на Град Скопје, со моќен угостителски бизнис, кој правеше дневен промет од 10.000 до 15.000 марки, и сите ме знаеја. Сето тоа го постигнав без татко и мајка директори, без никаква политичка поддршка и без криминална приватизација. Кога го достигнав зенитот, за мене се зборуваше како за „американска приказна“. Нашиот познат режисер Љубиша Георгиевски во едно интервју токму тоа го рече за мене: „Фуфо е пример како во Македонија се остварува американскиот сон“. Дали бев подготвен? Па, турбуленциите што ги доживеав подоцна покажаа дека веројатно и мене ме фатил вирусот што ги фаќа некои од младите спортисти. Како би реагирал да ја имав сегашната памет? Луѓето се учат од грешките, а најкатастофално е кога учиш од своите грешки. Јас го поминав тоа школо. Верувам дека доволно се испеков за да не го повторам.
Се чувствуваше недопирлив? Мислеше дека ништо не може да ти се случи? Беше премногу самоуверен?
Да, тогаш верував дека сум супермен, човек кој може се’. Навистина мислев оти никој и ништо не може да ме удри, освен евентуално, здравјето. Се покажа дека здравјето не беше проблем, туку она каде што мислев дека сум најсигурен.
Кога е направена клучната грешка? Од кој момент работите тргнаа, дефинитивно, надолу?
Јас не сум бил никогаш безгрешен, ниту некаков светец. Имам правено грешки, и во бизнисот и во животното функционирање. Но, ме „покриваа“ успесите, кои беа многу повеќе отколку пропустите, па преживував без поголеми последици. Мојата опасна црвена линија, мојот мрачен Рубикон, беше коцкањето. Кога ги поминав нив, и влегов во тој свет, веќе никаков резултат во работата не можеше да ме спаси.
Колку време требаше за да се навлечеш, за тоа да ти стане пасија, односно вистински порок? Претходно, се имаше коцкано, или барем играше лото, бинго, спортска прогноза...?
Не, никогаш порано никаква комарџиска работа или игра на среќа. Денес велам, за жал, бидејќи веројатно ќе бев поотпорен на искушението кога се појави. Јас веднаш влегов во ГОЛЕМАТА ИГРА. Еден мој драг пријател вели: „За да ти се случат добри работи треба време и дебела мака, а лошите доаѓаат преку ноќ“. Комарот е нешто што те погодува одеднаш, речиси како сообраќајка или срцев удар. Може да влезеш во казино со стан, а кога ќе излезеш веќе да го немаш станот. Тоа се толку силни удари, од кои е тешко да се опоравиш и целиот живот.
За какви суми станува збор?
Износите, ударите и болките се релативни. За некого е „погребување“ ако загуби 5.000 евра, а за друг не е трагедија и ако остане без милион евра. Најголемата опасност е зависноста. Доколку се навлечеш, тогаш спиралата нема крај, и на пат си да загубиш се’. Не верувам дека има толку богат човек, кој може неограничено да остане зависник од коцкањето. Кога-тогаш мора да се најде сила, и помош од блиските да се извлечеш. Инаку, крајот е многу неславен.
За нас, кои не спаѓаме во тој круг, може ли да ни откриеш како се одвива коцкарскиот живот на богатите Македонци? Дали е тоа собирање во станови, со многу тутунски чад и скапи пијалоци додека трае играта, или претежно се работи за коцкање во казино?
Прво ќе кажам дека ви завидувам на вас кои не спаѓате во тој круг, и бидете среќни што сте надвор од него. Тоа е погребувачки, лош, катастрофален круг. Што се однесува до прашањето, имало неколку домови во Македонија, каде познати и моќни бизнисмени играле покер, но мојот удар беше 99 отсто во казина. И таму одев со пријатели и познаници, меѓутоа другите имаа сила да не забраздат. За нив тоа беше она што треба да биде - забава и играчка, а за мене стана плачка (се смее).
Кои игри ти беа најчести?
Само Блек Џек и покер. Покер со луѓе, а Блек Џек со машина.
Во неколку интервјуа и изјави што ги даде во последно време, истакна дека најсилно нож во грб ти удриле луѓе кои ти биле блиски и во кои си верувал. Дали тие немале баш никаква причина за тоа? Неколку пати во разговоров напомена дека си им помагал на сите кога си можел, но има ли и такви кои може да те сметаат за виновен за нешто кон нив? И, ако се толку лоши, како се случи да не го препознаеш нивниот карактер и да дозволиш да ти станат блиски?
Дали имало причина да ми се одмаздува некој од мојот поранешен круг? Јас тврдам дека немало или била многу мала. Но, треба да сме свесни оти нема таков, кој ќе ти зарие нож во грб или ќе ти направи било каква штета, а да нема и тој своја приказна. Притоа, таа приказна не му треба толку заради другите, колку заради себе, заради неговата совест. Тие што ќе заријат нож во грб - зборувам генерално, не само за „моите“, односно за „мојот“ - можеби нема да имаат проблем со финасии, но ќе имаат проблем со совеста до крајот на животот. Како што јас сега легнувам и станувам со мислата како да се вратам, над нивната глава постојано ќе виси свест за тоа дека го уништиле, или во најблага форма кажано, не му помогнале, на човекот кој им дал се’ и ги обезбедил. Тоа ќе ги тишти до крај. А, животот не е мед и млеко. Се случуваат и лоши работи, и на секој таков момент ќе помислуваат: „можеби е поради тоа“. А, како можело такви луѓе да ми станат блиски, да не ги препознаам навреме? Уште еден доказ дека не бев совршен. Но, и не сум единствениот. Постојат милиони во светот, кои се нашле во ситуација на некого да му речат: „Зар и ти сине Бруте?“.
Си влегол во „Дал Мет Фу“ откако се вика „Пелистер“?
Не само во „Дал Мет Фу“, туку воопшто не сум бил во центарот на Скопје од моментот кога заминав од таму, а тоа значи четири години. Не поминувам низ Центар за да не го видам „Дал Мет Фу“. Премногу ме боли.
Дали е тој ресторан „златен рудник“, како што обични се мисли?
Апсолутно. Во моето време, дневниот промет изнесуваше најмалку 5.000-6.000 евра. Би требало да е толку и денес, а можеби е и повеќе, поради „Скопје 2014“. Што се однесува до профитот, тој е релативна категорија, и врз него влијаат многу непредвидени трошоци, надвор од стандардната пресметка на купени артикли и продадени готови јадења. Бидејќи се работи со храна, често има таканаречено кало, односно растур. Доста се троши и на репрезентација, т.е честење на редовни гости или луѓе кои ги сметаш за важни - некого кафе, некого виски, а некого ручек. Трето, бројот на вработени во угостителството се одредува според шпицовите на постетност, кога мора да се услужат сите посетители еднакво, па се случува дел од персоналот да работи два-три часа ефективно, а сите се платени за осум часа. И има уште неколку такви моменти, па лаичко око не може прецизно да ја процени чистата заработувачка на газдите. Но, со домаќинско работење, сосема е можна печалба од најмалку 20 проценти од вкупниот промет, откако ќе се платат и обврските кон државата. Има добри менаџери, кои знаат да отидат и значајно над тој процент.
Би се вратил некогаш во „Дал Мет Фу“ професионално, како сопственик косопственик или на друг сличен начин?
Како сопственик - да. Како ништо друго.
Веруваш во тоа?
Животот е непредвидлив. Пред пет-шест години не помислував дека ќе бидам таму каде што сум денес, како што многу други не знаат што ќе биде со нив во иднина. Како сопственик би се вратил, со големо задоволство.
Кога те прашуваат за твоето четиригодишно отсуство од јавноста, велиш дека се обиде да направиш бизнис во Белград. За што станувало збор?
Сакав „Дал Мет Фуд“ да го пренесам таму, со истата програма, истото мени, сличен ентериер... Но, не можев материјално да го издржам тоа, бидејќи бев финансиски паднат, а помошта што ја очекував од некои луѓе, за кои гарантирам дека сум ги задолжил во минатото, не стигна. Кога сфатив дека верувам во „Дедо Мраз“, морав да се откажам од проектот.
Ова значи дека и на Фуфо му се случуваше да слушне „Не ме барај ти мене, јас ќе ти се јавам“ или некој воопшто да не ти одговори на телефон?
И тоа како, многу пати. Видете, никој нема обврска некому да му дава пари на заем, и за тоа не може да се обвини. Но, нечовечно е кога се злоупотребува туѓата мака. Тој што бара заем, прво се препотува и се срами самиот од себе, уште пред да отиде кај доверителот, а потоа се срами и се препотува кога ќе се најде пред него. Во голем број случаи се виновни самите баратели, но сметам за грев некој да ти рече: „во ред, ќе ти позајмам“, за потоа една недела да слушаш различни изговори зошто не може во моментот, и на крај да престане да одговара на твоите телефонски повици. Тоа е злоупотреба на нечија мака. Човечки е искрено да се каже на почетокот: „не можам„, „немам„ или „не сакам“. Тогаш никој нема право тогаш да се лути. Но ако ветиш, грев е да не го исполниш ветувањето, зашто човекот верувајќи ти тебе, не си го барал чарето на друга страна.
Во ова време, додека беше повлечен од јавноста, се зборуваа различни приказни: Фуфо избеган, Фуфо сокриен,Фуфо во долгови до гуша... Имаше ли момент кога се почувствува и физички загрозен?
Голем процент од луѓето кои се коцкаат подолг период, во првата фаза го трошат тоа што го имаат, а потоа и тоа што го немаат. Тука се појавуваат лихварите, кои денес ти даваат 10, а утре ти земаат 11. Наплаќаат дебело, некои пет, некои десет, а некои и 110 отсто месечно. Тарифата е различна во зависност од маката и од причината заради која ги бараш парите. Но, јас најотворено кажувам дека не се виновни тие, туку сме виновни ние, кои сме барале од нив. Што се однесува до нивниот однос кон „клиентите“, речиси секој лихвар во одреден момент станува немилосрден, иако и кај нив има коректни, но се малку. А, немилосрдни се до онаа точка додека гледаат дека се’ уште имаш нешто. Кога ќе почувстуваат оти си тотално шворц, за што имаат извонреден талент, нивниот притисок попушта. Сега ја објаснувам психологијата на таа појава, бидејќи верувам ќе ги интересира луѓето, без оглед дали некогаш имале таков проблем или не. Јас лично, физички не сум бил загрозен, освен еден обид, за кој пишуваа медиумите, но често бев мета на закани: телефонски, со СМС пораки, преку луѓе... А, едно го гаратирам и тврдам: сите тие земале од мене минимум пет пати повеќе пари отколку што ми позајмиле, односно на секого од нив сум им го преплатил долгот.
Имаш ли денес поинакво животно мото отколку пред десет години?
Ако постои некој бенефит од ова што ми се случи, односно што самиот си го направив, тоа е што сега знам да ги ценам и вреднувам парите. Денес знам што се сто евра, а што се 1.000 евра. Претходно го немав тој однос, веројатно поради фактот што дојдоа толку изненадувачки брзо и многу. Но, уште поголема корист е што ќе знам да ги анализирам и вреднувам луѓето - кои се со мене заради интерес, а кои заради почит. Вториов дел ми е многу побитен од првиот.
Кое чувство доминираше кај тебе во овие години додека те немаше во јавноста и се обидуваше да решиш своите проблеми: разочараност, лутина, гнев, рамнодушност, депресија...?
Факт е дека имав големи кризи, но во ниту еден момент не ми се случи депресија. Затоа денес и можам да се шегувам на тема „враќање на Отпишаниот“. Луѓето ме сметаа за отпишан, но јас бев сигурен дека ќе се вратам. И во оваа пригода им најавувам на сите дека сум подготвен повторно да направам пари, бидејќи верувам оти имам дарба за правење пари, без криминал, туку со идеја и со работа, како што беше случај кога почнував пред 30 години. Се обидувам се’ што беше лошо да го заборавам, да не се вратам назад и да гледам само напред.