Гасоводот „Јужен тек“ („ЈТ“) предизвикува доста контроверзи, пред се’ заради тоа што голем број аналитичари го сметаат за повеќе политички отколку економски проект. Го делите ли Вие тоа мислење, дали е политичкиот аспект во преден план?
Секој трансконтинентален енергетски проект секогаш има и многу значајна политичка димензија, а во случајот на „Јужен тек“ таа е, барем засега, доминантна. Да потсетам дека и самата иницијатива за негова изградба беше мотивирана од неколку крупни политички интереси. Прво, за дополнително да се намали значењето на „несигурната“ Украина во трансферот на природен гас од Русија кон Европа, и второ, што со „Јужен тек“ се деградира американскиот проект за гасовод, „Набуко“, од Каспискиот регион и од Иран. Не е беззначаен ни интересот на Москва да го ревитализира своето влијание врз Бугарија, Србија и Унгарија, како и да го зголеми врз земјите од Западниот Балкан, кои ќе се прикачат на основната траса на „Јужен тек“. Меѓутоа, поминаа тие времиња кога од Русија се инвестираше огромен реален капитал само заради некоја политичка цел, па гледаме дека на некој начин се тактизира со стартот на сериозната работа на „Јужен тек“, што не е предизвикано само од несовладувањето на сите политички проблеми во земјите низ кои тој ќе поминува, туку и од економски недоумици. Пред се’, тука е проблемот на долгоречен пласман на гасот, кој ќе тече низ „Јужниот тек“, бидејќи европските барања за гас се во перманентен пад веќе неколку години.
Има ставови дека на Русија и’ е многу поважен „Северниот тек“, бидејќи потрошувачката на гас е поголема во Северна Европа, меѓутоа според најавениот капацитет „Јужниот“ е поголем - 63 милијарди кубни метри гас годишно, додека „Северниот“ има 55 милијарди. Сметате дека е „ЈТ“ рационално димензиониран и оти ќе ги оправда очекувањата на инвеститорите, имајќи во вид колку гас можат да купат земјите од Јужна Европа?
Тешко ми е да одговорам конкретно на ова прашање, бидејќи колку што ми е мене познато, не е објавена целосна студија за оправданоста од изградбата на „Јужен тек“. Можам само да проценам дека годишниот капацитет на овој проект е „надуван“ за да се покријат реалните амбиции на руските партнери во различни држави на неговата траса, а и некако да се оправдаат високите трошоци за изградба. Според моето мислење ниту моментно се гледа како „Гаспром“ ќе собере толку гас за да го пушти низ така калибриран гасовод, ниут можам да видам купувачи во Европа за толкаво количество. Посебен проблем за инвеститорите беше тоа што Турција, во замена за согласност да се положат цевките од гасоводот во нејзината економска зона од Црното море, бараше значајни количества гас од идниот гасовод, повеќе заради препородажба, отколку за домашна потрошувачка. Руските инвеститори мораа тие барања да ги „припојат“ на оние количества со кои нивните трошоци во изградбата би можело профитабилно да се „испеглаат“.
Зошто другите слични проекти, како „Амбо“ и „Набуко“, пропаднаа?
Нивниот основен проблем е што без воведување на иранскиот гас во проекцијата за напојување на било кој гасовод во јужноевропскиот коридор, не може да се изведе пресметка за исплатливост. А Иран е се’ уште многу далеку од нормализација на политичките односи со Западот, па и со Западна Европа.
Во последно време многу често може да слушнеме, особено од политичарите, дека рускиот гас е долгорочно решение за енергетската стабилност на нашиот регион. Но, колку дополнителни инвестиции се потребни за тој да ги замени сегашните традиционални енергенси?
Во моментов е исклучително тешко да се каже што е воопшто „долгорочно решение за енергетска стабилност“, зашто таквите решенија мора да се поврзат со одреден механизам за формирање на цените на сите енергенси, па и на гасот, за да се види дали, во нашиот случај, рускиот гас е поисплатлив од другите енергенси - на долг рок. Како што слушаме, заради експанзијата на понуда на гас од нафтени шкрилци во САД, дојде до глобално нарушување на светските пазари на енергија. Прво, паднаа цените на американскиот јаглен, кој повторно ги затрупува светските берзи по багателни цени. Потоа, се’ повеќе се бара цените на природниот гас да се врзат со движењата на пазарот на утечнет гас (претворен во течен), а не да бидат врзувани со берзанската цена на нафтата. Заради тоа, „Гаспром“ е приниден да ги напушта поранешните „долгорочни договори“ за испораки и да дава значајни попусти на цените. Во нашиот регион дополнителен проблем е и тоа што се работи за прилично „испарцијализиран“ пазар, односно има многу држави - „мали потрошувачи“, кои спрема Русија имаат слаба преговарачка позиција - и како мали купувачи, и како, понекогаш, политички слаби државни субјекти.
Пред неколку дена македонска владина делегација потпиша договор со руската влада за приклучување на Македонија кон „Јужен тек“. Договорот не е јавно објавен, па се појавија доста дилеми што, всушност, е потпишано. Премиерот рече дека е тоа официјален договор, но некои коментатори нагласуваат оти финалниот договор се потпипшува со „Гаспром“, а не со руската влада. Со оглед на фазата во која се наоѓа „Јужен тек“, и на она што досега го потпишувала Србија со Русите, може ли да претпоставите каков договор потпиша македонската влада?
Во принцип, на секоја држава и’ одговара да трасата на некој континентален инфраструктурен проект поминува преку неа, доколку и за себе може да извлече некој бенефит од него. За „Јужниот крак на Јужниот тек“ зборуваше претседателот на Руската федерација, Владимир Путин, уште пред повеќе од една година во Загреб, споменувајќи ги Косово и Македонија, а мислам и Грција. Неодамна, и српскиот копретседател на руско-српскиот меѓудржавен комитет, министерот Милан Баќевиќ, изјави дека „Јужниот тек“ ќе има јужен крак кон Косово и кон Македонија. Но, збунува тоа што „Гаспром“ во оваа пролет се повлече од тендерот за купување на гасоводната мрежа во Грција, иако беше практично единствениот кандидат за стратешки партнер таму. Инаку, искуството на Србија покажува дека кога нешто потпишувате со Русите, само тие се тие што го даваат толкувањето дали е тоа обичен меморандум или нешто што ги обврзува двете страни.
Дали е добро за некоја земја низ неа да поминува гасовод, имајќи ги во вид сите фактори, од економскиот до еколошкиот? Колку, на пример, Србија ќе потроши за „Јужниот тек“, а колку ќе заработи од него? Какви ризици и предности донесува тој? И, не е ли можеби подобро решение варијантата со крак? Или е полошо?
Пред малку споменав дека сметам оти е добро за секоја земја, под одредени економски и правни услови, преку неа да поминува некој меѓународен инфраструктурен објект. Тоа уште повеќе важи за гасовод, бидејќи еколошките ризици кај таков проект се далеку помали отколку да се работи за нафта или други индустриски продуктоводи. Србија, наводно, ќе потроши неколку десетини милиони евра за откуп на земјиштето каде ќе се положуваат цевките и ќе се градат потисните станици. А, за се’ друго, што ќе ја „чини“ околу 1,7 милијарди евра, „Гаспром“, повторно наводно, обезбедил долгорочни кредити, кои ќе се исплатуваат од транзитната такса, одобрена за Србија. Но, ние не ја знаеме баш точната пресметка и пропозициите за „книжење“ на таа такса, па не знаеме ни колку децении по неговата изградба, Србија ќе нема никаков реален приход од „Јужен тек“.
Во последно време многу се зборува за технолошкиот, но и комерцијален продор, кој го направија Американците, со добивањето големи количества гас од нафтени шкрилци, и негово утечнување. Не е ли за малите потрошувачи, какви што сме ние, подобра опција да купуваат таков гас, од танкери, и да го складираат во резервоари, особено ако е поевтин.
Како што напоменав, моментно владее извесна конфузија на пазарите со гас, па и со другите енергенси. Заради тоа не можам експлицитно да се изјаснам во врска со ова. Повторувам - ако некој може да добие гасовод „на туѓ трошок“, а притоа да издејствува поволна „формула“ за негово преземање и добра цена, тогаш не му пречи гасовод. Важно е, засега, да се остават отворени можности за „конкуренција“ на енергенси на домашниот пазар, па макар колку и да бидат милозвучни понудите на долгорочните снабдувачи со гас.
Надвор од оваа тема, моментно е актуелно земјоделското производство, односно жетвата на пченицата, а Вие сте токму од големата житница, Војводина. Што е поголем проблем, кога ќе се случи рекорден принос, како оваа година, или кога е тој просечен, односно потпросечен? И, дали очекувате дека најавеното ограничување на увоз на српска пченица во Македонија ќе предизвика посериозни економски проблеми меѓу двете земји?
Точно е дека сум од војводинската житница, но не знам баш многу за земјоделието. Знам дека селаните постојано „гунџаат“, но знам и дека кога е родна година, цените паѓаат. Во принцип, го сметам за опасно „штитењето“ од странска конкуренција на домашните производители на било кој производ, бидејќи на крајот, сметката секогаш ќе ја платат некои други „домашни производители“.
Какво е, генерално, Вашето предвидување за економската состојба на Балканот во наредните години? Дали не’ очекувата подобри или полоши времиња?
Не сум голем оптимист. Во секој случај, уште долго ќе бидеме европска сиромаштија.
Во последнава година, Србија направи крупни чекори кон почетокот на евроинтеграциите. Што ќе значи тоа на економски план, и не се ли очекувањата од Европската унија малку преголеми?
Добро го рековте ова. И во Србија премногу се очекува од Европа, па потоа, противниците на европскиот пат звучат рационално со своите критики. Јас го делам мислењето дека нашата влада и не можеше да избира, односно дека свртувањето кон европските интеграции е „без алтернатива“. Тоа е единствениот можен начин за спасување на населението на Србија од уште поголема голгота, бидејќи политичката елита на земјата не е мотивирана да реформира било што. Таа се реши за ЕУ, спротивно на своите поранешни програми, зашто се плаши од социјална катастрофа. И фала му на Бога што се плаши.
Гледате ли некаде во светот, а особено во опкружувањето, некој добар пример за успешен и одржлив економски развој, кој може да се следи, на кој и ние би можеле да се угледаме?
Не би се осмелил да препорачувам „угледување“ на Словачка или на Полска, иако се работи за досега најуспешни земји во транзиција. Успешни беа и Унгарија и Словенија, но гледаме дека западнаа во проблеми. Секоја земја е посебен случај, иако постојат некои начелни правила. На пример, важи правилото дека колку е земјата помала, мора да биде поотворена кон светот. Или, ако сте сиромашна држава, не очекувајте дека по скратен пат ќе стигнете до шведската благосостојба. И не се плашете од ситни и скромни работи. Норвежаните почнале со извоз на мраз во Лондон, а денес извезуваат сто милијарди кубни метри гас, речиси колку и големата Русија.
Миодраг Мишолиќ
Фото: „Медија центар Београд“ и „ Stock “