Што Ви беше главниот мотив да се јавите во јавноста со „Не ми е срам од голотијата на вистината“? Дали е тоа некој вид очајнички крик во ситуација на немоќ?
Сметам дека секој од нас носи одговорност - професионална, етичка, другарска, партнерска, но пред се’ човечка, а за да бидеш човек треба да си чесен, да си вреден, да се бориш и да ја зборуваш вистината. Јас сум воспитана да простувам, јас сум воспитана и да го свртам другиот образ, но исто така сум воспитана да бидам храбра и да не се откажувам кога се борам против неправдината. Навикната сум да бидам детето од одделението за кого наставниците велат дека умно и бистро, ама умее и против нив да се крене. и секогаш е на страната на оние кои се обесправени или послаби. Професорите, пак, ми велеа дека ако сум им дете секој ден наутро би ме буделе со бакнеж и чоколадо, ама веднаш потоа би добивала шлаканица - првото зошто сум била паметна и мила, а шлаканицата зошто секогаш сум имала мислење... Мене притисокот да замолчам само уште посилно ме тера да проговорам. Не се согласувам со оние кои сметаат дека треба да бидеме трпеливи, дека треба да премолчиме, за мене премолчувањето е одобрување. Секој од нас мора да се одважи и да го каже своето. Само така ќе може да им укажеме на оние кои грешат, да размениме видици, да ги потсетиме дека можеби има и други опции... Едноставно, не ги разбирам оние кои и покрај очи и уши остануваат и глуви и слепи. Мене пишувањето ми е дар од раѓање, мене гласот ми е даден за да биде чуен, некогаш со него само за да шепотам, ама знам со него и да рикнам, не од страв, туку за да чујат сите дека доаѓам и немам намера да се повлечам.
Имате 34 години. Се’ уште во институциите Ве третираат како „млада и надежна“? Знаат ли доволно за Вас? Имате ли чувство дека сметаат на Вас за во иднина?
Со оглед на тоа што нашата држава има само 22 години (независна Македонија) сметам дека и за неа важи епитетот млада и надежна. Имајќи предвид дека сум дури и малку постара, јас имам желба со неа да соработувам, да разменувам мислења, да ја разберам, па дури и ако е потребно да и’ помогнам и да ја поучам. Ние сме овде за заедно да растеме, да се развиваме, да се оформуваме и градиме. Јас ја имам и љубовта и вољата и желбата да го дадам најдоброто од себе, а верувам дека на другата страна (институциите) токму тоа и’ е потребно. И не е дека не се знаеме, туку секогаш постои простор за уште подобро да се запознаеме, а кај мене на таа тема има расположение постојано. Што се однесува на сметањето, мислам дека би им било попаметно да сметаат на дигитрон, мене баш и не ме бива за математика. Ама пак, затоа можете да ми верувате на зборот, секогаш му останувам доследна.
Во една реченица велите „Не, јас не сум изгубена генерација“. Верувате во подобра перспектива?
Не може да бидете изгубени, ако знаете што сакате. Да си изгубен значи да не знаеш ни што си, ни кој си, ни каде одиш. Јас не мислам дека мојата генерација е таква, напротив. Па, ние сме современици на толку многу крупни и битни промени, не само за нашата држава, туку на светот како таков. Нас сите емабрга, пресии, притисоци, не не’ уништија. Токму спротивното - само не’ очеличија, ни потврдија дека сме посилни од сета сила на сила употребена. Токму тоа и е нашата предност, што сме се’ уште млади, а вооедно имаме и преживеано колку што некои не доживеале ни за сто животи. Мојата генерација можеби можете некое време да ја залажувате, ама нема да успеете да ја прелажете, таа можеби и ќе ве остави некое време да верувате дека ви поверувала, можеби ќе ви остави впечаток дека е апатична и незаинтерсирана, ама ве молам не бидетете наивни и на тоа немојте да паѓате, бидејќи ние многу точно знаеме и кои сме, и колку сме, и каде одиме и што сакаме. Па затоа, бидете доблесни и не ни ја злоупотребувајте добрината и трпението. И да - верувам во подобра перспектива, и да - знам дека токму ние сме нејзините носители.
Што е според Вас најголемиот проблем на театарот во Македонија мометно? Зошто двете претстави за кои ја направивте драматургијата се одиграни само по трипати? Зошто, воопшто, се прават претстави кои ќе се играат трипати, а се подготвуваат по пет месеци? Како функционираат тие „претстави“, кои се „проект од кој сакаат само да ќарат“? Дали со ова велите дека во театарските кругови владее корупција?
Најголемиот проблем на театарот е и најголемиот наш заеднички проблем, а тоа е што сите чекаме државата да ни заврши се’. Толкави пораснавме, а уште сите на таа цицка се туркаме да цицаме. А проблемот е во исто време и на државата, бидејќи таа навреме не не’ воспитала, кога било време од таа зависност не не’ одвикнала. Сега е времето, кога наместо само главните ликови, ќе го смениме и сижето на приказната. Тоа значи дека наместо досега воспоставената пракса на буџетирање претстави, главно од државата, ќе мора и ние нашиот дел да си го одработиме. Мора да воведеме постудиозен пристап, кога ќе згрешиме да знаеме каде сме згрешиле, за да може следниот пат тоа и да го поправиме. Треба да бидеме инвентивни. Театарот е оној кој треба да не’ замисли, да не’ поучи, да биде дел од културата на живеењето. Тој треба да ја употребува таа своја сила на сите полиња. Да биде најголемата банка на идеи, на проекти, а неговиот социјален ангажман да знае низ спонзорства да го уновчи , па така и тој својот дел од цехот да го исплаќа. Јас сметам дека треба да создадеме ротирачки екипи од луѓе кои ќе конкурираат со проекти за нивната визија за тоа како треба да изгледа и како тој да се управува. Тие ќе имаат рок за својот проект да го исполнат, за потоа повторно да одбереме од мноштвото идеи на некој нов тим. Така ќе создадеме клима во која секој ќе се чувствува корисен и задолжен да даде придонес. Не смееме повеќе да си дозволуваме загуби под неразјаснети околности. Време е да се спротиставиме на корупцијата. Ама на корупцијата на мислата, која само сака евтино да не’ поткупи за да се чувствуваме мали и неспособни за промени.
Пишувате за „беден хонорар, неисплатен цела година“, но и за „огромен буџет за претставата“. Што значи тоа? За какви суми станува збор?
Кога велам беден мислам во многу поширок контекст. Бедни се нашите меѓучовечки комуникации, бедна ни е културата на однесување, бедно е кога оние што се снашле прават се’ за да им одмогнат на другите, бедно е кога немаат сила да признаат дека погрешиле, а се обидуваат да ја заташкаат вистината. Бедно е колку може да бидеме себични, алчни, самобендисани, бедно е на сметка на другите да напредувате, бедно е само за себе да грабате, наместо на сите да им поделите, бедно е на сето тоа уште и скромен и жртва да се правите. Беден е нашиот кукавичлук, еднаш засекогаш да излеземе на мегдан со бедноста. А сумите се многу релативна работа, некому 1.000 денари може животот да му го спасат, а некој со нив носот би го исекнал. Не смееме да си дозволиме едните да се однесуваат како стопани на се’ она што е заедничко како да е нивно, а овие другиве да се чувствуваат кога ќе сработат нешто како првите да им направиле услуга. Вистинската вредност е во тоа се’ соодветно да се цени.
Што се случува со другите четири ваши колеги од класата? Што се случува, воопшто, со младите автори во Македонија?
Истото што се случува и со сите млади, квалификувани луѓе, желни да напредуваат. Ги сотира белата чума. Заминуваат. Си пукаме во главата и така интелектуалната маса ни се растекува, по туѓите трпези. Мозокот ни се одлева, бидејќи за разлика од нашиве сладокусци на кои очигледно им е затнат носот, тие од страна веднаш можат да намирисаат и препознаат добар вкус. Двајца од мојата класа се снајдени новоседелци во Европските и Азиските дворови. Од останататите две, едната нема допирна точка со професијата, другата добро се држи и се обидува да се реализира во овдешниве води, а јас, бидејќи немам можност да се иселам засекогаш или уште поверојатно до таму не ми е дојдено, успевам одвреме навреме да побегнам до Индија на по некој месец, па така по сета таа беда, секогаш ми е полесно да можам да се вратам дома. Онаа генерација пред мене, таму чинам дека дипломираа само двајца, е одамна иселена. Оние по мене. бидејќи државата досега го кочеше носењето на законот за авторски права, немаа многу можности да бидат вработени во медиумите како сценаристи кои ќе создаваат македонски филмови и серии, а во театрите драматурзите се одамна изумрен вид. Најмладите останаа на маргините, да преживуваат, да работат со само минимум од својот потенцијал, и тоа најчесто како копирајтери. Јас, на местото на нашата академија во тој случај би била многу загрижена, бидејќи од толку многу потенцијал сум успеала само по некоја, „демек“ ретка вредност да произведам.
Вие сте „последната генерација која ја кажуваше Титовата заклетва, која отиде на екскурзија пред да се распадне Југославија...“. Чувствувате носталгија затоа време, односно што од тогаш би сакале да го има денес?
Не, не ме фаќа носталгија, но сум благодарна за можноста да искусам од сето тоа. Зашто едно е вие некому да се обидете да му опишете вкус, а сосема нешто друго ако тој има можност и самиот да го вкуси јадењето. За мене е огромна привилегијата што сум меѓу генерациите кои конечно го остварија сонот на оние пред нас за самостојна Македонија. Јас сум горда и осознаена Македонка, а мојата порака е многу подлабока од југоносталгија, а таа гласи: Не сме ние овде од вчера, па да си мислите дека со нас може мајтап да си играте.
Зошто сметате дека Рамковниот договор е лош?
Во овој случај прво ќе мора да ја расчистиме терминологијата. За мене договор значи кога две страни ќе седнат, доброволно на заедничка маса, да разговораат за меѓусебните разлики, и ќе се обидат да ги доближат заемните интереси. При целиот тој процес е подеднакво важен, ако не и клучен начинот на кој ја постигнувате целта. Забранета е сила, забрането е уценување, забранет е притисок. А Рамковниот е токму тоа. Под притисок на меѓународната заедница и разни странски замешатели, нам ни се случи исфингирана војна со „побуњеници“, увезени од соседни држави и тренинг кампови. Дојдоа овде по пат на сила да го земаат она што можеби и без сила ќе им беше дадено. И нема оправдување за војна, и договорот постигнат со војна за мене е неприфатлив. А проблемот кој го имам со математиката овде ми е уште поизразен. Бидејќи не сметам дека опшетество смее да се дели по проценти, уште помалку по обврзни етнички застапености. Ако веќе сакаме да се мериме, тогаш ајде да го мериме квалитетот и трудот на секој поединец енакво, без разлика на верата и националноста, зошто само така ќе работиме за доброто на сите нас.
Велите „јас сум жртва на силување на една нација која е натерана да преговара за она за кое не смее да се помисли, а не пак да се преговара“. Вие би ги прекинале преговорите за името? Односно, кој е Вашиот став како да се излезе од тој ќор-сокак?
Јас од малечка научив дека кој со книгата се дружи, таа верно ќе му служи. И затоа многу читам. Особено сакам бајки и сказни, оти во нив ги наоѓам големите мудрости. Па така, многу точно знам дека змејот во секоја од овие приказни е непобедлив, за да му се спротивстават многу јунаци остануваат обезглавени, понекогаш и цели војски не се доволни за да го совладаат, па сепак и тој има една слаба точка. А таа е да му го дознаете името. Ако гласно го изговорите, сета сила му ја земате. Ако и малите деца и змејовите знаат дека името е светост, тогаш на нас останува тоа да го почитуваме и чуваме. А предлогот на ѓаволот во случајов (читај ОН, ЕУ,НАТО и сите други кратенки) е не само промена, оти тие за разлика од оние со Рамковниот се многу поискусни, па затоа не сакаат тоа на сила да го направат, зашто така нема да се важи. Тие се уште поперверзни, сакаат тоа сами да го сториме, доброволно да се самоодречеме. Јас на тоа оро не би сакала да се фатам. А што се однесува на ќор-сокакот, моето решение е следното, да се навратиме на разликите, а не на преговорите за името, бидејќи тие се невозможни, па не сме малоумни, нели? Да побараме ОН да си се преиспитаат, бидејќи за нашето членство барале дополнителни услови, кои не се во согласност со основните човекови права од кои клучно е правото на самоопределување, и тоа мора да важи за сите. А на нашиот јужен сосед можам да му препорачам да си одбере кое било име со кое ќе биде среќен да не’ нарекува, се подразбира единствено во билатерланата комуникација. Знаејќи ја моќта на секоја буква, магијата која ја крие секој збор, не можам и не сакам да прифатам никаква друга промена.
Се плашите ли за демократијата во Македонија? Ја има ли, воопшто?
Постојат само две основни човечки состојби, а тие се љубов и страв, а сите оние помеѓу се само нивни деривати. Јас одбирам да љубам наместо да се плашам. Јас ја сакам Македонија со сето срце и цела душа. Јас знам дека тоа што сме мали не е мана, но е предност. Јас знам дека мора да престанеме да се делиме (по сите можни линии), знам дека е дојдено времето да се обединиме околу она за кое не смее да сме разединети, знам дека имаме потенцијал чуда да направиме, дека треба да си простиме, да се покаеме во име на младоста, а со неа и лудоста која не’ дотера до ова дереџе. И да тргнеме осознаени и самосвесни, со нови матрици и вредности, подготвени ние на светот да му држиме лекции по почитување на граѓански права, па ако сакате, а зошто да не, и по демократија. Јас верувам, а доволно е со мене да веруваат и само неколкумина, зашто мислата е најсилното семе кое сме должни да го посееме.