АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Веле Митаноски за Паско Кузман
18.07.2013
АПСЕЊЕТО НЕМА ВРСКА СО ТИТО ПЕТКОВСКИ, НО НЕ ИСКЛУЧУВАМ ДА ИМА СО СУБРАТА РОЈ
Веле Митаноски е една од легендите на македонското новинарство. Со децении близок и до народот, ама и до оние што ја имаат моќта. Во еден мандат беше и пратеник во Собранието, а ги вкуси, како што вели во својата книга „Рани спомени“ - „сјајот и бедата на владините одаи“, како директор на Агенцијата за информации и неформален раководител на Службата за коминикации со јавноста во кабинетот на Бранко Црвенковски. Меѓу оние со кои бил близок низ годините спаѓа и Паско Кузман, директорот на Управата за заштита на културното наследство, кој од понеделникот е притворен. Во врска со Кузман, Митаноски напиша текст во „Утрински весник“ со наслов „Сите контраверзи на идеологот на Антиквизацијата“, а ние го побаравме да ни открие уште некои дополнителни детали...

Вашиот текст во „Утрински“ привлече големо внимание, беше еден од најчитаните на македoнскиот интернет простор...

Претпоставувам дека тоа не е поради авторот, туку поради темата, односно аголот од кој е погледнат овој случај. Ако ги оставиме настрана зајадливите, лични и тенденциозни коментари (демек одмазда - не сум видел дека под џамијата Имарет имало темели на христијанска црква, што буквално стои во истата реченица!), најверојатно е потрефен интересот на јавноста. Да се разбереме, Паско Кузман е јавна личност, настапуваше често во медиумите, а се јавува и како автор на колумни. Но, многу и се пишуваше за него. Подолг период околу неговото име се вртат голем број контраверзи, во Охрид и пошироко. Во Охрид најдолго живееше и работеше, како археолог и директор на Управата за заштита на културното наследство и на Музејот во овој град. Имаше неограничена доверба од владите на ВМРО ДПМНЕ, иако почна како благонадежен кадар на СДСМ, во времето на гошевиот СКМ-ПДП. На првите демократски избори во Македонија, како кандидат на бившите комунисти, Кузман беше избран за советник во локалната самоуправа во Охрид. Од Гошев и Црвенковски јас побарав, листите да ги измешаме со луѓе кои не се наши членови и „мирисаат национално“ , за да парираме на националистичкиот бран на ДПМНЕ меѓу двата круга. Тие го прифатија тоа, и колку што се сеќавам Паско беше, заедно со мене, еден од говорниците на предизборниот митинг, на градскиот плоштад во Охрид. Не знам што се случи, но набрзо премина во ВМРО ДПМНЕ. Сепак, охриѓани не ги заборавиле неговите оди и славопојки за Јосип Броз Тито, „маршалот на Југославија, најголемиот син на југословенските народи и народности“, објавувани во локалните медиуми „Спизалит“ и „Езерски глас“.

Вие сте со него пријател од студентските денови, а го споменувате и во Вашата книга „Рани спомени“.

Нашите животи се вкрстуваа, честопати патеките ни одеа во паралелна насока. Паско студираше археологија во Белград, иако една година помина во Скопје, на Правниот факултет, по барање на неговиот родител, функционер во тогашниот Социјалистички сојуз, кој едно време беше и републички пратеник. Напуштањето на Правниот факултет, неговиот родител го прими многу болно и со недообрување, што доведе до голем раздор меѓу нив двајцата. Но, и покрај тоа, Паско стана археолог. Кога доаѓаше во Скопје престојуваше во мојата студентска соба. А, тоа беа години на студентските демонстрации во Белград, и тој беше човекот преку кого дознававме детали за немирите, за држењето на Јосип Броз Тито, и особено на Вељко Влаховиќ, преку кого Тито најверојатно ги смири протестите. Од Паско дознав дека Влаховиќ, за да им се доближи на студентите, пендреците на полицијата со кои ги тепале, ги нарекувал „медвеѓе говно!“. Во последниве години не контактиравме, односно не се гледавме, иако комунициравме. Како и да е, ние во еден период бевме на два политички, но не и човечки брега. Јас и Паско како студенти, а и доста години подоцна бевме во ист, или сличен интелектуален круг.

Беше ли вака егоцентричен во студентските денови? Носеше тогаш два часовника и ја имаше истата фризура?

Не знам дали тогаш и воопшто носевме часовници, но знам дека имавме сите долги коси. Не би го опишувал како егоцентричен, туку повеќе како посебен. Јас не кријам дека, на некој начин, беше лидер во таа наша група, особено со неговите искуства од студентските демонстрации во Белград, 1968 година.


Од веселите студентски денови: Веле Митаноски лево долу, а Паско Кузман десно, со шише во раката


Дали „Царот е гол“? Паско Кузман, во средина

Вие ја нагласувате професионалноста и стручноста на Кузман, но не мал број експерти од таа област сериозно се судрија со неговите ставови и методи во последниве години. Како го објаснувате тоа? Сметате ли дека тој ги издаде професионалните принципи заради политичка привилегираност?

Не сум квалификуван да ја оценувам неговата стручност од аспект на професијата археолог. Единствено не можам да се согласам со професионалната неконзистентност што ја покажа. Имено, тој копаше на Плаошник за да докаже нешто, потребно на Љубчо Георгиевски, а сега копа уште подлабоко за да докаже нешто потребно на Никола Груевски. Тоа би го коментирал ако сакаме работата да ја разголиме докрај. Е, сега, дали ги издал професионалните принципи заради политичка привилегираност? Не знам. Секој човек има свој сон. Паско ги оствари сите свои сништа од детството. Само тој знае какви средства бирал кон таа цел. Во неговата работливост и професионална посветеност не сум се посомневал и не сум се разочарал, дури ниту во последниот случај. Да почекаме и да видиме што стои зад него. Додека не се докаже, врз Паско не треба да се фрла анатема. За него веќе имаше кривично гонење пред повеќе години, кое не донесе ништо. Надворешно тој остана скромен докрај. Немам детали што и како спечалил во работата, односно дали „мрцнал од медот“. Едноставно, не сакам да размислувам за тоа. Сакам да ја зачувам човечката слика за него од студентските, односно младешките години, кога по сопствено признание, собирал остатоци од пирошки по контејнерите во Белград за да преживее.

Дали Ве изненади неговото апсење и ставање во притвор, макар и куќен?

Да, многу ме изненади. Прв ми се јави еден од моите браќа, со зборовите : „Ти го уапсија Паска“. Му велам: „Тоа не е можно“, тој: „Оди, читај на интернет“. Познато е дека „револуцијата ги јаде своите деца“, меѓутоа еден Паско Кузман да се појави пред истражен судиј а со лисици на рацете , е повеќе од обична вест и повеќе од едноставна постапка.

Уште веднаш се појавија тези дека апсењето е „игра“ за да се одвлече вниманието на јавноста од нешто друго, можеби од пресудата во случајот Никола Груевски против Тито Петковски, или за да се спречи Паско да каже негативно мислење за најавената инвестиција на Субрата Рој. Што мислите Вие за тоа?

Тоа со Тито е „мачкина кашлица“ и не може да влезе во ниту еден контекст со апсењето на Паско. Со Субрата Рој е нешто сосема друго и не може докрај да се исклучи. Владините политики поврзани со наводните големи инвестиции на Индиецот, многу потсетуваат на милијардата на Васил Тупурковски и стануваат некоја линија на разграничување ЗА и ПРОТИВ власта. Оваа приказна ми е позната уште пред јавно да се обелодени. На почетокот беше замислена само како „артилериска поддршка“ за смена на локалната власт во Охрид. Знаев дека Индиецот беше подготвен, ако треба и на митинг да се појави. Меѓутоа, сега доби многу пошироки димензии. Ги слушнав шпекулациите дека Паско подготвувал прес-конференција и да застане во редот на оние што се против. Познавајќи го не можам да го прифатам тоа, но не исклучувам една друга можност - да бил во дослух со владиката Тимотеј, кој застана многу жестоко против плановите за туристичкиот комплекс на Субрата Рој. Паско е човекот што направи многу од аспект на потребите и ориентациите на МПЦ, и тоа токму со владиката Тимотеј.

А, како охриѓанец, каков е Вашиот став за таа инвестиција од Индија? И што мисли мнозинството од граѓаните на Охрид?

Не сум правел анкета, ама за себе знам дека мислам онака како што би размислувало мнозинството од граѓаните на Охрид - премногу е волшебно за да биде реално, остварливо. Во времето на комунизмот тоа го дефиниравме како лесно ветена брзина. Сепак, работите не се такви какви што на прв поглед ни се чинат - дека инвестициите и прогресот ќе дојдат со филмска брзина. Можеби затоа меѓу охриѓани ќе слушнете квалификација дека е ова „филмски проект“. Не треба да се запостават и еколошките аспекти, не само поради фактот што градот и езерото се под патронатот на УНЕСКО, на светската листа на заштитените вредности. Охриѓани пијат вода од Охридското Езеро, а не е далеку денот кога таа ќе мора да се транспортира и до други градови. Да ве потсетам на визијата на Семјуел Филипс Хантингтон дека идните војни ќе бидат за водените ресурси. Премногу е комликувано, за да биде така убаво и волшебно. Засега никој не го зема во вид меѓународниот аспект, што брзо ќе дојде на дневен ред. Езерото не е само наше, тоа е и албанско, а замислените објекти се на самата македонско-албанска граница.

Кога, всушност, започна искачувањето на Кузман по скалилата на власта и моќта?

Неговите звездени мигови настапија со победата на Љупчо Георгиевски во 1998 година, во времето кога со Министерството за култура раководеше Ганка Самоиловска Цветанова. Доби голема доверба и средства да копа во старото градско јадро на Охрид, пред се’, околу Плаошник и Самоиловите крепости. Имаше и такви кои во неговото копање гледаа потрага по некакви докази за нашите, наводни бугарски корени. Меѓу нив беше и еден од академиците со охридско потекло. Сепак, познавачите и авторитетите не сакаа јавно да ги изнесат своите сомнежи. На довербата, Паско одговараше со невиден ентузијазам. Само што не спиеше на Плаошник, додека на министерката и’ месеше глинени статуетки со нејзиното име. Во времето на премиерските денови на Георгиевски, г и реконструира Самуловите крепости, ги заштити од нивно натамошно пропаѓање, и ако имаше забелешки во поглед на автентичноста. Имено, тврдината на горниот завршен дел од бедемите отсегогаш била заоблена, а не со пушкарници, како што тоа го направи Паско. Ја урна џамијата Имарет, изградена на темели на православен христијански објект, на што заработи огромни поени кај десницата и отворените и подзаскриените националисти. На нејзино место, односно на старите темели ја подигна црквата, задужбина на Свети Климент Охридски. Околу неа сега го гради огромниот комплекс од библиотеки, училници и други слични содржини. Го подигна наколното живеалиште во „З аливот на коските“, кај автокампот „Градиште“, кое поранешниот градоначалник Александар Петрески го нарекуваше „Колиби“. Сепак, тоа е една од туристичките атракции на Охрид , велат најпосетуваниот објект од туристите во градот .

До пред некој беше човекот од доверба и на Никола Груевски...

Тоа е интересно прашање, кое говори не само за Паско, туку и за Груевски. Или премиерот е толку широк и толерантен, односно не е злопамтило, или пак добро го разбрал феноменот на големиот грев и јаничарењето. И тоа не само со Паско. Во неговата влада има министри, кои речиси до вчера беа најзаколнати љубчовисти. Или, земете го примерот со директорката на Комисијата за верски прашања. По она писмо, оние квалификации и дисквалификации за Груевски, истиот тој да и’ довери функција, навистина е збунувачко.

Како Кузман ја стекна довербата на премиерот и на министерката за култура?

Претпоставувам со својата работа и со посветеноста. Паско важи за голем работник. Не би сакал да навлегувам во други подробности. Со актуелната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска работата е поедноставна. Тие двајцата беа во ист круг, и кога Георгиевски беше премиер. Сегашната министерка беше шефица на кабинетот на претходната, Ганка Самоиловска. По падот на Георгиевски, Паско уште еднаш брзо се престрои, па од „народен“ стана „изворен“ ВМРО-овец. И, не само што Груевски не му стави забелешка за дружбата со Георгиевски, туку го унапреди во прв човек за заштитата на културното наследство, но и нешто повеќе - Паско Кузман важеше за неформален идеолог на антиквизацијата. Премиерот се воодушевуваше и се сликаше со неговите пронајдоци (летачот Дедал, на пример), како што тоа го правеше шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, со Златната маска откриена на охридското кале. Сепак, остана дилемата зошто таа не беше покажана и се’ уште не е изложена пред очите на јавноста, иако Паско и’ подготви „Златна соба“ во Куќата на Робевци во Охрид. Наводно не бил подготвен каталогот, за што наводно била задолжена неговата сопруга Нада, исто така археолог и негов службен соработник.

Во Вашиот текст во „Утрински“ пишувате дека неговата основна човечка одлика беше релативизаторството?

Паско беше и остана загадочен човек, некаква енигма. Знаеше да ги релативизира работите на свој начин, низ неговата карактеристична, загадочна насмевка. За нешта што нам ни изгледаа нередовни, или збунувачки, тој знаеше да каже како е тоа слатко и убаво, во секој случај интересно. Мислам дека докрај остана таков. Јас го наведов примерот со манастирот Трескавец, кога изјави дека, ајде слободно да го интерпретирам, во несреќата има и нешто добро - отсега надлежните повеќе ќе внимаваат, да не се повтори трагедијата! Или, кога настана проблемот со црквата на Кале - мирно одговори дека ќе се гради, или обновува и муслимански објект. Односно црквата ќе била без крст, а џамијата - без минаре! Тоа е својствено за неговиот карактер.

Што е Вашето тврдење дека низ неговите раце поминале десетици и десетици милиони евра?

Не тврдам јас, тоа се факти, тоа се документи, тоа се реализирани програми. Јас однапред не се сомневам дека и денар завршил неовластено во неговиот џеб. Сакам да го запаметам како скромен и работлив човек, од нашите младешки години. Факт е дека Паско беше човекот од голема доверба, низ чии раце поминаа десетици и десетици милиони евра. За него се велеше дека е директор на најбројното, по човечки души претпријатие во земјата. Илјадници и илјадници лица копаа, работеа, функционираа под диригентска палка на Паско - најголемиот вработувач во Македонија. Неговата агенда беше набиена, можеби затоа му требаа четири часовници по рацете.

Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3