Кое ти беше доминантно чувство кога по три ипол месеци го зеде во раце новиот број на „Фокус“?
Тоа е возбуда од која се тресат рацете и трепери гласот. Со колегите од овој тим на неделникот формиравме интерна група на Фејсбук, и ја нарековме „Борба за опстанок“. Еден месец комунициравме меѓу себе, разменувајќи размислувања, емоции и возбуди. Сето тоа, а и она што се случи претходно, придонесе сите да имаме едвај издржлива трема. Сигурна сум дека вака не се чувствував ни кога како млада новинарка првпат влегов во телевизиско студио и застанав пред камера. Во последниве недели работите се одвиваа со неверојатна брзина. За само десетина дена формиравме нова фирма, најдовме канцеларии, се преселивме, почнавме со работа и го подготвивме новиот број. Може да замислите колку измешани чувства има сега кај нас: возбуда, ентузијазам, желба, енергија..., се’ во 15-тина луѓе, за толку кратко време. Сите ние поминавме исцрпувачки период од една ипол година, кога мал тим работеше и дневен и неделен весник. Потоа се случи оној шокантен ден, 27 март, по кој три месеци бевме во неверица, депресија, и над се’ во огромна тага. Кога една вечер, после еден разговор со сопругата на Никола Младенов, Билјана, им јавив на колегите дека наскоро почнуваме повторно, сите беа во шок. Но, за нешто сум сигурна - во овие простории има многу позитивна енергија, максимално се разбираме со луѓето и тоа ми влева оптимизам дека ќе успееме.
Спомена основање нова фирма. Каков ви е сега правниот статус?
Тоа е во договор со Билјана Младенова, која ми го отстапи брендот „Фокус“ на неколку месеци, период за кој се надевам дека ќе го оправдаме духот на списанието, градено 15 години. Јас формирав фирма, со назив „Медиа плус Фокус“, во која за директор е поставен колегата Младен Чадиковски. Мој заменик на уредничкото место е Владо Апостолов, а тука се и најголем дел од новинарите, кои во последниве неколку години беа во редакцијата. Сметам дека требаше да продолжи истата екипа, бидејќи таа е целосно соживеана со „Фокус“.
Но, секако ќе биде многу поинаку без човекот кој не беше само основач на списанието , туку и негов спиритус мовенс, па дури би рекол и персонификација...
Во тоа нема никаква дилема. Ова е многу поинаква ситуација од онаа што беше пред трагедијата. Меѓутоа, јас лично верувам дека можеме и мораме. Убедена сум оти Никола би сакал да продолжиме. Неговиот пристап беше таков да остава целосна слобода на луѓето во кои има доверба. Ние не функциониравме од центарот надолу, туку препуштавме инцијативноста да дојде од новинарите, да разменуваме мислења, да се консултираме и договараме. Тој не даваше директиви за пишување, ниту ни менуваше текстови. Првпат ќе видеше што има новиот број во среда навечер, кога го затворавме, односно го подготвувавме за испраќање во печатница. Беше ненадминат мајстор за насловната страна, така што тој дел секогаш му го оставав нему, но не пропушташе да ме праша и мене, што мислам за неговото решение. Инаку, „Фокус“ доживувал промени. Од првиот број се менувал, и визуелно и кадровски... Во последниот период со него, ние веќе и разговараме за нови освежувања на весникот.
Екипата се покажа многу лојална кон брендот „Фокус“. Дури во некои коментари јавно кажуваа „ако ова не успее, веќе нема да се занимавам со новинарство“.
Апсолутно. Сите овие луѓе се најдоа на работ на егзистеницијата, зашто се новинари, фоторепортери или графички дизајнери, и ништо друго. Треба да се живее, а повеќето имаат и семејства. Сепак, без исклучот беа подготвени да истрпат само за да го оживееме „Фокус“. Некои од нив доживеаја слична судбина на „Перо Наков“, кога работеа во „А1„, „Време“ и во „Шпиц“. Сега им се случи вторпат. Затоа се уште порешителни да успееме во оваа борба, потполно свесни колку ќе биде тешка. Тоа е и нашата порака до целото општество: слободата не се добива на подарок, слободата се освојува. Нема да е лесно, но алтернативата е, како што велеше Никола - да бидеме без’рбетници. А, ние докажавме дека не сме такви, иако владејачката гарнитура покажува секојдневно дека може да ви го скрши ’рбетот доколку не се согласите да го свиткате. Нас, во редакцијата, не’ поврзуваше и не’ поврзува професионалниот став дека новинарството треба да биде коректив на секоја власт, затоа што власта расипува, а апсолутната власт расипува апсолутно. Денес во Македонија имаме состојба апсолутната моќ да е во рацете на една мала партиска врхушка. Ние не тргнуваме во пишување теми со намера на некого да му нанесеме душевна болка, како што стои во тужбите против нас, туку да посочиме дека контролните механизми не функционираат. Наместо контролните тела да ја контролираат извршната власт, нам ни се случува извршната власт да ги контролира сите. Не сум наивна и не очекувам некоја институција да преземе нешто ако ние детектираме конкретен проблем кај слободата на медиумите, корупцијата, независното судство..., или дури ако откриеме вистинска афера, со конкретни имиња. Апсолутно ниту една. Тогаш зошто продолжуваме? Бидејќи ни е битно да го крепиме духот на граѓаните, на нашите читатели, кои кога ќе го прочитаат „Фокус“, ќе знаат дека се нормални, дека не ни е на сите испран мозокот. Не сум оптимист оти нешто ќе промениме кај власта, зашто таа покажа дека нема слух за критичката јавност, но сакам да ги споделиме нашите вредности и опсервации со оние, кои имаат демократски дух. Вообичаено, она за што Фокус пишувал, се ефектуирало преку институциите откако ќе дојде нова власт. Така било, така веројатно ќе биде и со темите што сега се анализираат и истражуваат!
Се’ уште сте на удар на неколку тужби, при што сите се со барање за најголемото обештетување предвидено со законот. Се промени ли нешто на тој план по 27 март?
Сега има четири реобновени тужби, а не знам дали некои од другите ќе преминат во граѓански. Видете, не е проблемот во тужбите, и јас не го негирам правото секому да бара и таква сатисфакција преку суд. Проблемот е што нас не’ тужат луѓе кои се блиски до власта или се во неа. За жал, се покажа дека не постои судија во Македонија кој нема да „удоволи“ на таква тужба. А, дека е тоа најчесто свесен атак врз слободата на новинарството ќе ви илустрирам со еден пример. Нас тројца не’ тужи директорот на УБК, Сашо Мијалков: новинарот кој го пишувал текстот, мене како главен уредник, и Билјана Младенова, како директорка. Дадени сме на суд заради пренесена изјава на екс-амбасадорот во Чешка, Игор Илиевски. Обвинети сме што сме дозволиле некој да каже нешто јавно. А, се работи за човек кој до кратко пред тоа бил на важни функции. И сега, ова споредете го со случајот на Љубомир Магаш. Владејачката партија повеќе од 20 дена направи кампања со изјави на тој човек, кој има најблаго речено проблематична биографија. Неговите изјави беа пренеси од сите провладини медиуми, стотици пати. Зарем сега треба оние што ги споменуваше Магаш да ги тужат медиумите и да бараат максимални суми? И зошто еден припадник на балканското подземје, како Љубомир Магаш е релевантен субјект за да пренесеш негова изјава, а еден поранешен амбасадор и државен секретар во МНР, не треба да е релевантен? Зборувам принципиелно, бидејќи ние не зедовме човек од улица да го прашуваме за директорот на УБК. Значи, било кој сегашен министер, откако ќе замине од функцијата, не ќе смее да даде изјава ако таа не се совпаѓа со мислењето на врвот? Така ги доживувам овие тужби - ништо што е критичко кон поединци од врвот не смее ни да се објави. Доколку, пак, ги анализирате спротивните случаи, кога поединци од опозицијата или обични граѓани, тужат новинари или политичари од власта, имате сосема друга постапка. Нема шанси ни да ги видите на суд.
Премиерот се појави лично во судската сала против Тито Петковски за изјава дадена на „Фокус“.
Да, и во овој случај ќе мора да го пофалам господинот Груевски. Точно е дека тој не го тужеше „Фокус“, новинарот или главниот уредник, како што постапи господинот Мијалков. Неговиот адвокат достави демант до нас околу изјавата на Петковски, кој ние го објавивме, и толку. Но сепак, повторно е карактеристична експедитивноста на судот кога тужи власта, а обвинета е опозицијата. Се’ се завршува експресно, додека за другите случаи поминуваат години, додека предметот не застари.
Според тебе, како се случи новинарството да стане толку слабо?
Се соочи со многу моќен и решителен противник на слободата, а и некои од нашата професија се согласија да се откажат од професионалните принципи. Прво, оваа власт спроведе проект на редизајнирање на медиумската сцена. Во текот на неколку години, постапно, чекор по чекор, успеа целосно да ја освои таа, таканаречена четврта власт. Тој период опозицијата, буквално, го преспа. Пред изборите во 2008-ма во коалицијата на ВМРО ДПМНЕ влезе и Борис Стојменов, со што се случи целосен пресврт во уредувачката политика на телевизија „Канал 5“. Потоа, дојде промена на сопственоста во „Алфа“ и во трите најголеми дневни весници, со нивната печатница и дистрибуцијата. Од друга страна, медиумите на „Перо Наков“ згаснаа, иако не мораше да биде така. Нивното затворање докажа дека тие биле примарната цел на таа акција, а не криминалот заради кој наводно беше покрената и сега се некои луѓе во затвор. Понатаму, го проширија Советот за радиодифузија од девет на 15 членови, со што добија мнозинство и во тоа тело, по што СРД најревносно работи на „случајот“ да нема во етер ништо што може да размислува критички кон постапките и решенијата на Владата. Пазарот со ДУИ се виде што една од точките на дневниот ред на истата седница беше амнестија на осомичените за воени злосторства. Двата закона беа донесени непосредно пред изборот на новата влада после изборите во 2011-та, што би требало да биде крајно невообичаено, зашто во тој меѓупериод Парламентот решава само за исклучително итни и значајни точки. Весниците кои не добиваат владини реклами - згаснуваат, а за оние што добиваат не дознаваме колкави се тие суми. На тој начин владата го гуши медиумскиот пазар, наградувајќи ги само лојалните. Кај тие пак, лојалните, не може да слушнете дека нешто им е соминително во разните државни зделки и набавки, и не ги интересира колку троши Владата народни пари, но затоа ги бројат до денар „соросовите“ пари во другите медиуми. Се самопрогласија себеси за „патриоти“, и претежно се занимаваат со „заштита на идентитетот, името“ и слично. Интересно е што дел од истите тие беа до 1998-ма со СДСМ и со Бранко Црвенковски. Тогаш Бранко им беше „патриотот, бранителот на името“, и “не гледаа“ дека се случуваат корупциски афери, валкана приватизација, кршење на ембаргото... За тие работи проговорија во сегашниот период. Очекувам, еден ден, кога и актуелната власт ќе замине, наеднаш да „прогледаат“ што се’ се случувало во овие години, покрај „одбраната на името“. Таквиот „патриотизам“ е само параван, за една власт да прави што сака.
Јадранка, власта е најмоќниот фактор во нашето општсетство , но не е единствениот. Постојат опозиција, невладини организации, граѓански сектор... Зарем нема одговорност и кај нив?
Секако дека има, тие воопшто не се снајдоа. Затоа и реков дека опозицијата го преспа периодот кога овој систем се трансформираше во режим. Дури ми беше смешно на моменти како реагираат. Тие го прифатија стилот на ВМРО ДПМНЕ: ако овие одржат прес и прочитаат кусо соопштение, по еден час од „Бихаќка“ ќе стигне реплика, па реплика на репликата, па нов одговор итн. И што со тоа? Нам ни треба акција, иницијатива, конкретни предлози...
Реално, очекуваш од нив нешто?
Повеќе надеж имам во јавноста, колку и да е таа тивка моментно. На крајот на краиштата, и секој од нас, како граѓанин, не смее да се вади дека некој друг треба да му ја уреди државата. Точно, политичките партии се тие што водат и предводат, но сите поединечно мора да се запрашаме: што сме направиле и што правиме за да го постигнеме тоа? Според мојата филозофија не е прифатлив принципот на стадо: некој треба да не’ поведе. Сите ја знаеме приказната на германскиот свештеник Мартин Нимелер: „кога дојдоа по комунистите, молчев, зашто не бев комунист, кога дојдоа по синдикалците, пак молчев, не бев синдикалец, кога дојдоа по Евреите, молчев, не бев Евреин, и кога дојдоа по мене, не остана никој за да го крене гласот“. Од тој аспект, мојата совест е чиста. Јас повеќе од две децении го кревам гласот против секоја власт за сите работи за кои длабоко верувам дека не се во ред. Сум пишувала, но и лично сум излегувала на улица на протестирам, како индивидуалец и граѓанин, без да припаѓам на ниту една политичка групација. Секако дека опозицијата е многу важен, и суштински дел од сите политички движења, но кога е таа заспана и анемична, во тие општества еруптира граѓанската енергија. Во тоа се надевам.
Имаше ли момент, особено во последниве месеци, кога зажали што се занимаваш со новинарство?
Да, признавам дека имаше, но тоа се само моменти на слабост. Не сум карактер на човек, кој дига раце и се предава зашто пред него се појавила голема пречка. Меѓутоа да, ме фаќаше и малодушност. Таков ни беше и последниот разговор со Никола, кога му реков: „на моменти се чувствувам како овца“. Работите, се борите, а ништо не менувате, ништо. Тој ми рече: „а што мислиш, како се чувствувам јас?“. Ја делевме истата фрустрација. Сепак, на овие години не можам да си ги променам ниту карактерот, ниту табиетот, ниту принципите, ниту она за што се борам. Материјалното е многу важно за нормално живеење, но да станеш нечиј роб поради тоа, е апсолутно неприфатливо за мене.
Неодамна почина и Роберто Беличанец, уште еден од големите борци за слободата на изразувањето. Што ќе биде сега со новиот, контроверзен закон за медиуми?
Имав можност во овој период да се среќавам со Роберто на трибините за овој закон, но и околу судските процеси за клевета и навреда. Јас уште на почетокот им реков дека власта ќе го донесе законот како што испланирала. Едноставно, тоа е нејзиниот ментален профил - колку повеќе ние се буниме, толку повеќе тие се решени да го спроведат она што наумиле. Им се чини дека ако корегираат нешто по реакција од одредена структура луѓе, тоа ќе претставува пораз на нивните политики. Значи, иако го одложија за малку, сепак, ќе го донесат законот како што сакаат.
И што ќе биде потоа?
Ќе имаме една агенција за сите медиуми, што ме потсетува на орвеловото Министерство за вистината од „1984“. Кога го велам ова имам во вид како функционираат другите агенции и комисии: лустрациска, антикорупциска...
Знам дека одбиваш да зборуваш јавно за истрагата околу загинувањето на Никола, но пред неколку дена беше одржана прес-конфренција на обвинителството, кое случајот го прогласи за класична сообраќајна несреќа, па морам да те прашам за коментар околу тоа.
Договорени сме со семејството, додека не видиме нешто на писмено, да не излегуваме со ставови, информации и сомнежи. Но, искрено да ви кажам, можеби сега и ќе подразмислиме за тоа, па некои работи полека и ќе почнеме да ги споделуваме со јавноста. И мене ме изненадија со чудната прес-конференција. Се собра правосудниот крем на државата, од министер за внатрешни работи, преку претседател на суд, до јавен обвинител, за да ни кажат дека сите тие не можеле да откријат каде бил Никола Младенов, со кого бил и зошто бил на тој пат. А, јас имам чувство дека оваа власт знае за секој од нас каде е и со кого е во секој момент. Телефонот воопшто не им е релевантен!? Во истрага брзината на „мерцедесот“ беше 160 километри на час, а сега 142. Па, просечен новинар ако почне да истражува, би можел да дојде до некакви информации, а не пак, институции кои ги имаат сите алатки и механизми за да дознаат. На известувачот на ОН за слобода на изразувањето, Франк Ла Ру, му рекле дека и во овој случај постапуваат како во случај на било кој граѓанин. Значи, не им е важно што се работи за познат новинар, кој оставил најдлабоки траги во медиумската сфера во последните две децении. Но, иако го третираа како „секој граѓанин“ наеднаш на прес-конференцијата се појави врвот на македонското правосудство. Евидентно е дека за некои работи ќе мора да излеземе со наши сознанија, зашто мислам дека тоа и Никола ќе сакаше да го направиме.
Значи, не го прифаќате ова како завршен чин?
Не се работи за нас, туку важно е и дали јавноста, домашна и меѓународна, ќе го прифати. Сепак, колку и да сакаат да го прикажат случајот како обична сообраќајка на „обичен“ граѓанин, не можат да го сведат само на тоа. Секогаш кога имате личности кои се познати во јавноста, и дејствувале со својата работа врз политиката, интересот ќе биде посилен. Затоа велам дека не зависи од еден човек или една редакција. За јавноста случајот не е затворен. Јас сум убедена дека секој граѓанин што ја видел прес конференцијата, создал свое мислење за неа. Луѓето реагираат логично на одредени наводи, поставуваат сосема нормални прашања, кои ги поставуваме и ние. Мислам дека народот има разумен компас кога ги споредува работите, и гледам дека реагира на сличен начин. А, обврска на институциите е да ги расчистат сите сомнежи, за да биде прифатено тоа што го тврдат.