АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Роберт Атанасовски, фоторепортер
12.07.2013
ДОБРАТА ФОТОГРАФИЈА Е ВО СОВРШЕНА КОМБИНАЦИЈА СО АДРЕНАЛИНОТ
Роберт Атанасовски е фоторепортер кој досегашниот работен век го поминал во медиуми кои се занимаваат со информативно новинарство - „Дневник“, „Време“, „Нова Македонија“, МКД.мк. Тоа значи дека најчеста професионална обврска му е да ги фотографира актуелните настани. Но, тој не се задржува само на тоа. Речиси постојано со својот апарат, секаде каде што се случува нешто, а честопати самиот прави обичните ситуации да изгледаат многу интересно. Голем број од неговите фотографии се познати во македонската јавност, а не е мал бројот и на оние што биле објавувани во најреномираните светски медиуми...

Твоите фотографии, во најголем дел прикажуваат ситуации од таканаречениот јавен простор. Колку време поминуваш просечно на улица со фотоапаратот?

Најмалку по три-четири часови дневно, и тоа кога немам конкретна задача или настан кој мора да со работам професионално. По толку години, барањето добра ситуација за сликање, кај мене стана условен рефлекс. Каде и да сум, што и да правам, јас постојано се вртам лево-десни и гледам дали има нешто што може да се претвори во фото-приказна. Таа може да биде тажна, радосна, смешна или страшна..., важно е само да ги допре луѓето на некој начин. Ако се случи тоа, тогаш сум ја постигнал целта. Инаку, најмногу време поминувам во центарот на Скопје, бидејќи како професионалец многу ми е интересна неговата нова естетика, со сите овие споменици и градби што ги добивме речиси преку ноќ. Тоа не значи дека ми се допаѓаат, мојот однос кон нив е прилично амбивалентен, но веројатно затоа што се нови, ме предизвикуваат да ги сликам.

Дали е за тебе поинспиративна урбаната средина или природата?

Јас сум градско дете од глава до петици (се смее). Природата е многу фотогенична, и секако дека ја сакам. Таа самата „се мести“ за сликање. Најчесто ние фотографите само треба да го најдеме вистинскиот агол и соодветното светло, и добрата фотка е тука. Но, за мене во преден план се човекот и градот. Тоа значи, луѓе во различни ситуации, во контрасти меѓу себе или со околинта, а понекогаш и самиот момент ја прави фотографијата. Едноставно, треба да се најдеш на вистинско место во вистинско време и да го забележиш тоа.

Се случува ли често да замолиш некој минувач да се врати за повторно да го сликаш, зашто не е фотографијата како што си сакал?

Многу ретко, речиси никогаш. Новинарската фотографија не трпи било какво местење, бидејќи ќе го загуби моментот на документарност, и веќе нема да биде новинарска. Спонтаните фотки се најубави. Нешто што ќе ти го понуди моментот не може да се надомести со „режирање ситуации“. Само треба да се чека и да се начека (се смее).

Што една фотка ја прави врвна?

Ако ги надживее ситуацијата и контекстот во кои е направена, односно ако си живее надвор од приказната и да почне да создава своја приказна која секој си ја толкува како што сака. Врвните фотографии се во исто време и многу едноставни и повеќеслојни. Кога ќе се постигне тоа, постигната е поентата.

Си видел ли досега совршена фотографија?

Да, секако. Сум видел многу совршени фотографии, кај кои нема што да додадеш или да одземеш: композиција, светло, естетика, боја, фатен моментот... И јас секојдневно се стремам да направам совршена фотографија, во рамките на моите можности, на местото каде се наоѓам и на ситуацијата што ја фотографирам. Во новинарската фотографија се „лови“ совршениот момент, кој понекогаш трае само неколку секунди, но и тоа е доволно одвреме-навреме да се создаваат мали уметнички дела.

Што е попривлечно на слика: страв и ужас или убавина?

Тоа е индивидуален став. За некого можеби да фотографира Мис на светот или Мис на Македонија е најголем предизвик. За мене не е, јас ги барам драматичните елементи: болката, несигурноста, сиромаштијата... Тие ми се „пофотогенични“ отколку ова првото. Драмата која се чита на лицата на луѓето е многу возбудлива. Речиси сите новинарски награди, вклучувајќи ја и најпрестижната, Ворлд прес фото, се добиваат со такви фотографии. Драматичен момент, сместен во некоја специфична естетика, силно комуницира со читателите, затоа што знаат дека тоа е вистина, а не е филм.

Кога би имал можности, каде во светот би отишол сега да сликаш?

Во моментов голем предизвик ми се Турција и Египет. Видов многу прекрасни фотографии од Истанбул и од другите турски градови во изминативе денови, па би сакал да бидам дел од таа приказна. Адреналинот и добрата фотографија се совршена комбинација. Од друга страна, не сум толку „изгорен“ за екстремно опасни места, како Сирија ии Авганистан, каде животот ти виси на конец и во секој момент може да загинеш од некоја граната. Сум бил во ситуација куршуми да летаат околу мене, па знам колку е тоа непријатно. А којзнае, можеби кога доволно би ме платиле... (се смее)

Ти си редовен соработник на една од најголемите новински агенции во светот, „Франс прес“. Колку е Македонија интересна за странците?

Најголемиот интерес е кога се случува нешто што го привлекува вниманието на целиот свет, а тоа се најчесто лошите работи. Така беше за време на бегалската криза во 1999. или за конфликтот во 2001 година. Што се однесува до некои нормални времиња, како денес, секоја добра, но навистина добра фотографија, од Македонија може да помине во странските медиуми: Кокино, Галичката свадба, Вевчанскиот карневал, Супер-Месечината, Охридското езеро, црквите, православното христијанство..., но и некоја голема поплава, пожар или борбата на човекот со секојдневието. Се’ што во моментот е соодветна конкуренција на илјадниците фотографии од целиот свет, кои пристигнуваат во нивната редакција.

Колку технологијата ја промени вашата професија?

Денес, сите големи светски весници имаат свои интернет изданија, каде е овозможено повеќе простор да се објави некоја фотографија од Македонија. Порано постоеја специјализирани списанија за новинарска-фотографија, како магазинот „Лајф“, кој за жал, престана да излегува. Сега борбата се пренесува на тоа кој медиум ќе направи подобра галерија од светски фотографии, каде што е чест и привилегија да ти објават фотка. Такви се „Вашингтон пост“, „Атлантик“, „Биг Пикчер-Бостон“, „Гардијан“, „Тајм-лајфбокс“, „Фрејмворкс-Лос Анџелес тајмс“... Но, секако возбудата е најголема кога ќе се објави фотографија во печатено издание. Се’ уште, тоа е она вистинското. Ако пак, зборуваме за фото-апаратите, ќе кажам дека возбудата од фотографирање на филм е поголема отколку со новата, дигитална технологија. Тогаш требаше да се биде поголем мајстор за да се слика добра фотографија отколку денес, кога гледаш во моментот што си направил, и ако имаш време, можеш да корегираш.

Често се вели дека една слика може да каже повеќе од 1.000 зборови, но кој е за тебе најсилниот збор, како фотограф и како човек?

Фотографиите коресподираат со визуелната страна на човечката перцепција, меѓутоа зборовите ја носат суштинска страна на човечкото живеење и преставуваат симболи за многу подлабоки чувства. Такви зборови се Љубов или Слобода, на пример. Фотографијата е уметност, но за да ја доживее човекот, и да ја твори, прво мора да биде слободен, и општествено и во духот, а секако и да има љубов во себе. Дури имав една галерија објавена со наслов „Слобода“. Човек скока од карпите на Матка во езерото. Тоа е слобода. Има уште илјада начини како да се визуелизира, но зборот е еден и многу силен. За Љубовта важи истото.

Колку е ова скапа професија? Дали е точно дека секој ден носиш околу вратот едно „тико“, односно некој друг мал автомобил?

Дефинитивно, фотографијата не е евтина играчка. Луѓето на кои им е таа хоби може да користат и поевтини апарати, но за она што го работиме јас и моите колеги, неопходна е поскапа опрема. Мора да биде поиздржлива и да одговара, технички и технолошки, на стандардите за добра новинарска фотографија. Јас, на пример, правам од 100 до 500 фотографии дневно, понекогаш и повеќе, во секакви временски услови, Затоа неопходно е да се има квалитетна, што значи скапа опрема, за да сето тоа функционира. Сигурно дека сите ние имаме по еден добар автомобил, само со таа разлика што го носиме на грб. Тоа ни го овозможуваат редакциите, бидејќи е прескапо, барем кај нас човек да си дозволи камера од 5.000 евра и неколку објективи од по 2.000 евра и уште неколку парчиња на дополнителна опрема од по 1.000 евра. Па, и не е баш „тико“, попрво би рекол нов „голф“.

Од кои твои фотки си најзадоволен?

Многу ми е тешко да ги објаснувам моите фотографии. Секој си ги доживува на свој начин, а јас на свој. Ако сум успеал да ја пренесам импресијата и емоцијата, во пакет со добар естетски производ, значи сум ја погодил суштината. Како што ми рече еден пријател на Фејсбук: „светот низ твоите очи изгледа поубаво“. Јас сум линкот, кој ги лови и замрзнува моментите, а потоа ги споделува со другите луѓе. Му благодарам на ФБ за ова. Барем за мене е одличен медиум за споделување, директен контакт со луѓето и фидбек за она што го работам. Фотографииве подолу се направени во последните две-три години (со исклучок на број 2), и имале добар одѕив во странските медиуми...


Македонија во 21. век: коњска приколка и „ламборџини“ со скопска регистрација во позадината. Трчав од „МТВ“ до „Мавровка“ за да го фатам овој момент. Објавена во „Форбс“.


Битола, термоценталата во позадина, со губриште и свињи во преден план. Објавена во „Њујорк тајмс“, во текст за глобалното затоплување на планетата.


Карневалот во Вевчани, 2012 година. Една од најексплоатираните теми од Македонија, а во последно време доаѓаат се’ повеќе странски фотографи, поведени од нашите фотографиии и амбиентот на Вевчани. Објавена во „Ен-би-си Њуз“.


Полна месецина со Гемиџии на скопскиот плоштад. Објавена на „Си-ен-ен“ (по временската прогноза), и фотка на денот во многу сајтови низ светот.


Владиката Партение во Бигорски на Велигден. Феноменално доживување, вистински христијански Велигден. Објавена во „Хафингтон пост“ и во многу галерии низ светот.


Поплави во Свети Николе и низ делови од Македонија. Една од поголемите приказни во оваа година, барем за нас. Ако сакаш добра фотка и амбиент наоколу, понекогаш треба да загазиш каде што се и другите. Во ситуацијава сум до половина во вода. Објавена во „Лос Анџелес тајмс“.


Галичка свадба, 2012 година. Ова го фотографирам доста долго, но дури во последниве две-три години почнаа сајтовите да објавуваат фотографии од Галичник. Веќе нема битна галерија каде нема слики од Галичката свадба. Оваа е објавена во фотогалерија Dark-room на „Балтимор сан“.


Девојки скокаат во Охридско езеро на зајдисонце - 12 јули 2012 година, пред отварањето на Охридско лето. Возејќи од плажите кон градот Охрид ги видов девојчињата како скокаат во вода на плажата во Лагадин. Застанав до оградата и си реков: „ајде, ваљда ќе скокнат уште еднаш“. Излегоа од водата, се договараа две-три секунди и скокнаа. Бев наместен и го фатив моментот. Веднаш знаев дека ќе биде одлична фотка. Понекогаш тоа се знае уште пред да шкрапнеш. Објавена во „Вашингтон пост“ и во многу други галерии за летото 2012.


Девојка се лади на фонтаната на плоштад. Скопје, 40 степени, шетам низ плоштад, кога доаѓа девојката, застанува до фонтаната и почнува да се прска со вода. Излезе феноменална фотографија, како од филм.


Зима 2013 година, нема ништо во Скопје, а убав сончев ден, па решив да се качам на жичарницата и да одам до врвот на Водно, за некоја фотографија. Имаше група деца и родители кои се спуштаа со санки покрај Крстот. Објавена во „Лос Анџелес тајмс“.


Кокино, една од моите најомилени теми за фотографирање, ден на летна долгодневница, 2012 година. Објавена во „Гардијан“ и во уште многу светски галерии. Во 2010. моја фотографија од Кокино објави и магазинот „Нешенел џеографик“.


Обичен ден во Скопје, на кејот на Вардар, шетајќи се со камерата, го видов мостот на зајдисонце и луѓе како поминуваат преку него. Боите и силуетите даваат прекрасна фотографија. Објавена во „Ју-ес-еј Тудеј“, во галеријата Best of news.


Велигден 2012 година, црква Свети Димитрија во Скопје. Објавена во „Гардијан“.




Еве и една политичка, од кампањата за преседател на Македонија во 2009 година, со сегашниот преседател Ѓорѓе Иванов. Доказ дека може и од политичка кампања да се направи добра фотографија.. Објавена во „Финеншел тајмс“.


Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3