Конечно, најголемиот фестивал на светот го дочека своето „задоволството“ (Satisfaction). Како Вие го видовте настапот на Ролингстоунси на „Гластонбери“? Дали се разликуваше од другите концерти на бендот?
Секако дека има разлика, пред се’ бидејќи беше во прашање фестивалски настап, што најчесто значи пократок концерт од обично. На новата, така да ја наречам мини-турнеја , Стоунси свират по два ипол часа, додека овде беа „само“ два часа. Второ, бината е поинаква... Во принцип, за многумина е потешко да свират на туѓа сцена, отколку на својата, зашто тогаш не се „како дома“, туку како „на гости“. Но, тоа се технички елементи, и ако или кога се’ ќе биде како што треба, таквите нешта се забораваат, а концертот станува настан, што всушност се случи на „Гласто“. Во последниве 30 години многу пати имам присуствувано на овој славен фестивал. Гледав големи концерти, од Пол Макартни, преку Којдплеј, до Оејзис, Рејдиохед и Блур. Меѓутоа, настапот на Стоунси беше нешто друго. Најважно од се’, пред Пирамидата (главната сцена на „Гластонбери“) никогаш немало толку народ. Самиот фестивал прима околу 170.000 луѓе, а велат дека во саботата само пред подиумот имало 100.000, што е речиси физички невозможно. Организаторите потврдија дека такво нешто не е видено во 43-годишната историја на фестивалот. Со други зборови, Стоунси станаа поголеми и од самиот „Гластонбери“.
Во англиските весници пишуваше дека Мик Џегер и останите толку сериозно ја сфатиле оваа свирка, што целото шоу било осмислено до последниот детаљ, анализирани се десетици ДВД-ја, а пробите траеле по осум часа на ден. Како овие 70-годишни „момчиња“ успеваат да го издржат сето тоа и да ја одржат тензијата во публиката два часа?
Јас знаев дека сето ова беше сфатено многу сериозно од страна на бендот. Иако мојата улога е само да овековечам што се случува, првпат има мал брифинг, на кој ми беше речено што да правам, односно што им треба. Обично имам одврзани раце и работам како што сакам. И сега беше така, меѓутоа добив и задачи да покријам некои моменти, што можеби и самиот ќе го направев, но фактот дека тоа конкретно се бараше, покажува оти се внимавало и на најситните детали. Конечно, ова беше прв и последен настап на Стоунси на легендарниот фестивал, па мораше се’ да биде испланирано за да се остави незаборавен впечаток. Можеби звучи неверојатно, но мислам дека Стоунси никогаш не биле подобри отколку што се на оваа турнеја. Во Лондон, на бината им се придружи Бил Вајмен (поранешниот басист), како и Мик Тејлор, кој со нив ја продолжува турнејата низ Америка, и по стартот, кога ја свиреше само "Midnight Rambler", сега има по три песни во сетот. Тој момент, дека се свртеа и кон минатото во својата прослава на половина век од постоењето на групата, исто така покажува колку станаа сериозни во се’, но и опуштени во исто време. Што се однесува до возраста, Стоунси секако ги поместуваат параметрите за тоа колку долго може да се издржи. Дури мене, а верувам и на никого кој доаѓа на нивен коцнерт, не ни паѓа на крај памет било што во врска со годините. Едноставно, Стоунси растураат и ние уживаме. Тоа е почеток и крај на приказната - дека се феноменални. Јас сум убеден оти не би ни излегле на сцена ако нивниот настап е било каков, освен најдобар. Во текот на моите 30 и нешто години живот во Лондон, сум ги видел сите свирки на групата во овој град. И во текот на сите тие години, секогаш било „нормално“ да се „плука“ по Стоунси во концертните рецензии. Весниците би испратиле некој „клинец“ на концертот, кој се’ би видел во стилот: „кои се овие старци и што бараат овде?“. Првпат се случи во ноември минатата година, по двете свирки во Арената О2, сите да пишуваат само славопојки за концертите. И навистина, би било срамно да напишеа нешто поинаку. Но, со децении пишуваа така, а сите знаеме дека се Стоунси секогаш добри или подобри од секого! Секако оти ним им беше јасно дека критичарите ќе ги дочекаат „на нож“, и затоа се подготвија да поминат кај сите со највисока оценка. Но, тоа се Стоунси, и мене не ми е чудно. Работат чесно, што публиката знае да го цени.
Кој момент од саботниот концерт Ви остави најсилен впечаток?
Самиот почеток беше неверојатен со "Jumping Jack Flash" ... Веќе на четвртата песна "Gimme Shelter", моја задача беше да се качам на бината и да направам фотки од таму. Тој филинг е секогаш супер - малку да се почувствуваш како да си во бендот. Барем малку (се смее). Деловите со Мик Тејлор и со "Midnight Rambler", односно "Can’t You Hear me Knocking" беа феноменални. "You Got The Silver" со Кит и со Рони - супер, како и "Happy", со солото на Кит, па "2000 Light Years from Home"... Навистина е тешко да се издвојува кога се’ беше супер. Вистина е дека Мик Тејлор внесе со својата свирка екстра вибрација, и тоа е најголемата разлика на овие концерти, кога е тој на бината. Сето друго се Стоунси и песните кои ги сакаме, а ги имаше 20.
Во Вашата фотографска кариера ги имате сликано практично сите големи светски ѕвезди, но сепак, како најзначајна фотографија ја издвојувате онаа со Кит Ричардс. Зошто? Што ве врзува толку силно?
Стоунси отсекогаш биле мој омилен бенд. Секако, ги сакам јас и Битлси, но Стоунси се жива група и се’ уште работат. Кит е синоним за сето она што претставува рокенролот. Поточно, Кит е рокенрол. Како таков, предизвикува восхит. Човекот ги живеел и преживеал (за разлика од многумина) и сексот и дрогата и рокенролот. А всушност, и не е како било кој друг. Посебен е, тотално поинаков, и никогаш не се менувал. Можеби се менуваат некои навики, чисто за да се преживее, но во принцип - Кит е Кит. Еден и единствен. Ја имам среќата да се познавам со тој човек, да работам со него, и тоа е мојот бонус, на кој сум горд. Знаете, кога растев во Белград, кон крајот на 60-тите и во 70-тите, секако дека не можев ни да сонувам дека ќе бидам близок со групата, чии плочи ги шетав гордо низ градот, за да ме видат! Ова што ми се случува мене, е повеќе од сон. Првпат ги гледав во 1973. во Швајцарија, па во Загреб три години подоцна, а кога кон крајот на 70-тите дојдов во Лондон, не смеев веќе ништо да пропуштам. Мојата љубов кон бендот и желбата да ги фотографирам, полека но сигурно ја препознаа луѓето кои работат со нив, и кои ми го овозможија тој пристап. Потоа работите се развиваа самите од себе. Јас станав фотограф на Кит, бидејќи неговата менаџерка ме зеде „под свое“, откако ја препозна мојата силна воља да работам со него. Сега, на „Гластонбери“ имав задача во првата песна да го фоткам само Кит. И најмногу имам негови супер фотографии. Навистина сум среќен што е така.
Како се стекнува довербата на тие луѓе? Колку е среќата важен фактор за да се дојде во ситуација да се работи она што Вие го работите во последниве 30 години?
Секако дека среќата е важен дел од се’ во животот. Не дека јас ја препознавам, но убеден сум оти ја има околу мене секогаш кога ми треба. Довербата е, исто така, голема работа. Како се стекнува, не знам, бидејќи тоа е прашање за другата страна, односно за тие што ме ангажираат, но јас сум онаков каков што сум, и така ме доживуваат сите, па можеби нешто сум заслужил и баш заради тоа. Си ја знам својата работа и работам со срце. Никогаш не сум премногу самоуверен, чувстувам „пеперутки“ во стомакот при секој важен ангажман, но тоа ми дава енергија и не дозволува да погрешам. Се разбира, имало и грешки, луѓе сме од крв и од месо, но во принцип, се’ се сведува на тоа дали имаш или немаш квалитетна фотка. Сето друго никого не го интересира.
Со оваа работа се занимавате три ипол децении. Вие фотографите спаѓате меѓу оние среќници кои од своето хоби направиле професија. Како беше во она време, во 70-тите, да се биде музички фотограф?
Јас сум „стара школа“ и тоа не само според аналогната фотографија. Видете, денес сите сме фотографи и сите знаеме се’. Некогаш тоа беше вештина достапна само на некои. Јас ја сакав фотографијата, а музиката ми беше љубов. И тогаш сфатив дека би било убаво да ги спојам тие две работи, односно да ги фотографирам луѓето што ги сакам. Така почна. Ќе се угаснеа светлата, а јас со мојот „Киев“ ќе отрчав пред бината и ќе ги сликав Џетро тал или Дип парпл. Никој ништо не ме прашуваше. Замислуваш дека си невидлив, молчиш и работиш. Така беше во Белград некогаш. Кога се преселив во Лондон, многу бргу сфатив дека овде не може на тој начин. Па, се снајдов. Почнав да работам за музичкиот магазин „Џубокс“, подоцна за „Рок“, и кога ќе ти објават весниците некои фотки, ти ќе им ги покажеш на луѓето, тие ти даваат шанса, и ако ја искористиш, стануваш дел од системот, кој секако, беше многу поинтересен некогаш отколку денес. Пред се’, имаше повеќе пари. Воопшто не се штедеше, одевме на најдобрите свирки и на најдобрите журки во градот. И се’ што оди со тоа. Големо зезање, но и доста работа патем. Секогаш работев, што не го чувстував како напор, туку како задоволство. И така, се’ тргнува по својот пат, а ти само невесно го следиш, додека еден ден не се свртиш зад себе, и не сфатиш дека децениите летнале.
Поранешна Југославија имаше силна рок-сцена, со големи ѕвезди, астрономски тиражи и мега-концерти со по 100.000 посетители. Може ли настапот на Бијело дигме на Ајдучка чешма или на белградскиот Хиподром, да се компарира според енергијата и емоциите на публиката, со open-air концертите на големите светски ѕвезди?
Јас бев на Ајдучка чешма. Како аматер, но на крајот се најдов на самата сцена и ги фоткав сите по ред. Не знаев за никого, освен за групата, па кобајаги само се „мував“ околу нив. Мислам дека тој концерт е легенда според која се мери сето она што следуваше подоцна. Во тоа време се’ уште го немаше таканареченото „понашање“ на публиката, што не значи дека не ни беше убаво. На пример, се сеќавам на концертот на Ролингстоунси во Загреб, една година порано: тие свират, на сите им е убаво, на крајот заминуваат од сцената, се палат светлата, а ние стануваме и си одиме надвор... (се смее). Некоја деценија подоцна, концертот на Стоунси во Белград, според многумина беше еден од најдобрите во целата турнеја. А, зошто? Токму заради публиката. Публиката е таа која може од еден концерт да направи НАСТАН, како на „Гластонбери“ или во Белград. Тоа значи дека денес сме на ниво, а порано беше важно да се биде таму, и толку. Мора да постои искуство за да се сфатат некои работи.
Дали имате фотографирано во Македонија?
За жал, не. Во Македонија последен пат бев како ученик од седмо одделение, на екскурзија, Но, се’ уште ги паметам Скопје, Струга и Охрид. Охрид е многу убав. На тоа се сеќавам и имам желба да дојдам повторно. Знам дека е Македонија убава. Го паметам и Влатко Стефановски на Ајдучка чешма. Тогаш првпат Леб и сол свиреа во Белград. Влатко ми е пријател со години и многу со сакам и почитувам. Во минатото лето се дружевме на море, во Пакленица, каде јас бев член на жирито на тамошниот филмски фестивал "SPFF", а тој одржа незаборавен солистички коцнерт во неверојатниот амбиент на планината Велебит.
Некаде прочитав дека својот прв фотоапарат сте го прошверцувале од Трст под алиштата. Дали е тоа вистина?
Ха,ха,ха... Да, вистина е. До тогаш ги користев руските „Киев“ и „Зенит“, а мојот прв „Никон ФЕ“ го купив во Трст, кога одевме на некој излет со агенцијата „Југотурс“, каде работев преку студентска задруга... и преку врски (се смее). Само куќиштето го сокрив под маицата, го „испумпав“ стомакот и пеш ја поминав границата, додека цариниците го прегледуваа автобусот. Објективот ми го пренесе некој друг. Старите добри времиња.
Сретнавте многу познати личности. Кои Ви оставија најсилен впечаток? (освен Кит Ричардс)
Чарли Вотс, Рони Вуд, Дејвид Гилмор, Пол Макартни, Дејвид Боуви... Остварив контакт со моите херои, и точно е дека колку што се поголеми ѕвезди, толку е поубаво и полесно дружењето со нив. Секако, тука е и Џегер, но со него секогаш има некој деловен трип (се смее). Баш оваа вечер поминав доста време со Дерил Џонс, басистот на Стоунси. Бевме заедно на приватна забава кај пријателка од „фамилијата Стоунси“. Човекот е феноменален. Зборува со неверојатна возбуда дека во мај се навршиле 30 години од телефонскиот повик кај него дома, во Чикаго, од Мајлс Дејвис. Се сеќава на Белград со Мајлс, и со Стоунси. Раскажува како Мик Тејлор бил фантастичен на концертот во Вашингтон пред некој ден и вели оти мора да му каже дека се чувствува привилегиран што е со него на иста сцена. Дерил е легенда, и кога Мик ќе каже на концерт во текот на песната "Miss You" : „понекогаш би сакал да свирам бас како Дерил“ и овој ќе го одработи своето соло... се’ е јасно. Во исто време, заедно им се восхитувавме на Мајлс Дејвис и на Мик Тејлор.
Со својот омилен рокер, Кит Ричардс
Постои ли некој со кого би се менувале, кога тоа би било можно?
Не знам. Премногу сум возрасен за да би сакал да бидам некој друг. Предоцна е за мене.
Најдобриот концерт на кој сте присуствувале?
Бев на "Live Aid" , кога верувавме дека многу нешта се можни. Потоа на "Live 8" ... Тоа беа баш големи концерти. Ги фотографирав Стоунси на Копакабана во Рио де Жаниеро, кога свиреа пред 1,5 милиони луѓе. Потоа, Стоунси во Милано, на почетокот од турнејата "Bigger Bang" , откако Кит се врати по паѓањето од палмата... Стоунси на „Гласто“ е исто така историски настан. Го гледав Макартни кога првпат свиреше во Ливерпул по Битлси, а и многу пати во Лондон. Секогаш супер. Концертите "Serious Moonlight" на Боуви во 1983, Стоунси во Берн на 25 септември 1973, Блад, свит анд тиарс во Белград 20 јуни 1970, Рокси мјузик 1973, Ајк и Тина Тарнер во Белград 1974, АЦ/ДЦ во 1977, Боб Марли 1980, Тин Лизи 1980, Лед цепелин 20 јуни 1980... Не е лесно ни да се сетам, а ова е само мал дел што прво ми паѓа на памет. Имам гледано околу 6.000 концерти, па ќе ми простите (се смее).
Старите момци се’ уште се држат добро, но што ќе биде со рокенролот кога Џегер, Макартни, Елтон Џон и другите од таа генерација веќе не ќе можат физички да настапуваат? Дали е денешната музичка индустрија способна да произведе ѕвезди од таков формат?
Лично мислам дека тоа не можно. Се’ што е важно веќе се случило и сега само имаме рециклирање. Денес работите одат многу побргу и траат многу пократко.
На 6. и на 13. јули, Ролингстоунси повторно ќе свират во Лондон, и Вие ќе бидете таму. Што очекувате од тие два концерта?
Токму на денот кога го правиме ова интервју, 3. јули, во 1969 година не’ напушти Брајан Џонс. Два дена подоцна, на 5 јули 1969. Ролингстоунси го одржаа легендарниот концерт во Хајд паркот, каде го претставија новиот гитарист, Мик Тејлор. Кога во сабота ќе излезат на бината повторно со Мик, ќе се пишува историјата. Инаку, ова нема да биде бесплатен концерт пред половина милион луѓе, туку многу скапа свирка за 65.000 посетители, но историска. Изградена е специјална сцена, се прави нова сет листа, односно народот ќе може да ги избира песните. Секако ќе биде феноменално, бидејќи Лондон е домот на групата, а двата концерти се најголемите и единствените на отворено досега на оваа турнеја. А велат и дека ќе биде убаво времето. Јас сум подготвен да бидам таму и да го овековечам, „мојот бенд“ уште еднаш. Ќе биде незаборавно, меѓу другото и затоа што во Хајд парк се враќаат првпат по 44 години и еден ден, така што сето тоа носи нешто посебно во себе.