АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Војо Додевски, Македонец со привремена адреса на Тајван
01.07.2013
ТАЈВАНЦИТЕ СЕ НАШИ „ДВОЈНИЦИ“ НА ДАЛЕЧНИОТ ИСТОК
Тајван е остров во Тихиот океан, малку поголем од Македонија, со околу 24 милиони жители, претежно Кинези. Пред 15 години го запознавме барем површно, поради политички причини, но и тогаш дури и министри во владата го нарекуваа „Тајванд“. Војо Додевски е македонски новинар, кој најголемиот дел од кариерата го помина пишувајќи за црната хроника. Беше првиот од оваа професија на кого пред 20-тина години му дозволија да влезе во затворот „Идризово“, да „живее“ таму неколку недели и потоа да направи фељтон за она што го видел и доживеал. Во последниве две години, адресата на Војо е во градот Тиачунг на Тајван, што е доволна провокација да го прашаме за искуствата од другата страна на планетата...

Тајван беше актуелен во Македонија за време на владејачкиот тандем Георгиевски-Тупурковски, па неколку политички и новинарски „експедиции“ отидоа таму. Но, твојата приказна е поинаква. Како и кога ти стигна на островот ?

Тука сум веќе четврти пат, а две години како пуштам корења. Првпат дојдов пред пред седум-осум години. Само посреден виновник е „Циле“, односно мојата снајка дојде во Скопје како студент-турист, сакаше да ја види земјата „која ќе го признае Тајван“, „го нападна“ син ми, и го довлечка овде. Па, јас дојдов во посета. И така уште трипати. Сега, пред две години, нели, летав преку Истанбул и ги гледам на аеродромот Александар Велики“ Циле со Есма Реџепова. Му пријдов и му ја покажав првата, втората... четвртата виза за Тајван. Тој ме гледа „бело“, а јас го прашувам: „ЖИВА ЛИ Е ВАСКА?“. Не ме разбра. А еве го штосот со фамозната Васка, што ми го прераскаже Емил, скопјанец кој тука е оженет за Тајванка и со неа има петгодишно синче, Лео. Допатувал Циле во посета на скопјаните кои во првата тура дојдоа тука. Во хотелската сала ги прашува што им треба, освен дневниците и платениот шестмесечен престој. Едниот бара компјутер за секого. „Пиши Васке, компјутер за секој Македонец“, наредува Циле, а секретарката Васка запишува. Поеќе леб во исхраната“, бара друг. Пиши Васке поеќе леб за Македонците“, наредува Циле , а Васка запишува. Нема бел грав и бело сирење тука, се жали третиот . „Пиши Васке тетоец грав и беровско сирење за Македонците“. Васка запишува. И така, се наредиле 20-тина барања, а Циле монотоно наредува Пиши Васке“ и Васка запишува ... Ништо Циле не пратил подоцна, оти пукна љубовта со Тајван. Не знам кои се’ новинари долетаа со тој фамозен авион на Циле“, но знам дека ги имаше неколку врвни. Еден од нив беше тогашниот одговорен уредник на Дневник“, кој подоцна ми раскажа како завршила романсата со Тајван: Ручаме во Тајпеј, до мене е седнат нивниот министер за информации , и јас го прашувам дали ја знае најновата вест од Скопје? Не, вели. Е па, за жал, претседателот на РМ , Борис Трајковски , пресекол - Македонија ќе го повлече признавањето на Тајван, му велам лежерно, како да му соопштувам дека во Скопје врне дожд. Залакот му влезе во погрешна дупка, се загрцна, ќе ми умреше на масата. Го изудирав по грбот, па некако куртули и трчајќи излета од хотелската сала. По кусо време не’ клоцнаа за Скопје“. Така, сега немам овде големо друштво од стариот крај, но не знам дали треба многу да жалам заради тоа (ха,ха,ха).

Може ли Македонец да се прилагоди вистински на тајванскиот менталитет и да го живее животот барем приближно како што е навикнат?

Тајван е се’ уште добро место за живеење на млади луѓе. Белците, генерално, се тука прилично популарни, а ние сме прилагодливи. Потребно е добро познавање на англискиот јазик, трпеливост и решеност да се остане на подолго време. Женење за тајванска државјанка е решението кое ќе ве поштеди од постојано (на секои 60 дена) продолжување на визата во полицијата и на секои шест месеци лет до Хонг Конг, каде се вади нова виза. Но, доколку не сте се здобиле со лична карта за странец (обично по десет години престој) или тајвански пасош, по евентуален развод станувате „турист“. Оваа дискриминација, со која државата си го штити својот граѓанин (најчесто жената), а која на разведените мажи , нормално, не им одговара, има своја предисторија: пред десетина години, белците тука беа обожувани . Главно стануваше збор за Американци, Канаѓани и за оние од Јужна Африка, Мегворени “. Но, млади, интересни и полни со пари, со време почнаа да аздисуваат, односно пред нос на Тајванците им ги „грабаат“ најубавите девојки, работни места, а и да се пијанчат , тргуваат со дрога, т.е најкратко кажано - да се однесуваат насилнички. Нашите момчиња тука, „Мачидуни“, се далеку поквалитетни личности од некој селанец кој избегал од американска волкоебина, а во Тајван е пречекан со црвен килим, само затоа што е Мегворен “. Или од еден „Џашуа“, на пример, кој дошол од некоја канадска фарма, до која откако ќе слезе од автобус, има пет часа одење пеш, доколку нема снег. Одбранбената реакција на државата мора да се разбере: затворите се полни со странци кои чекаат на депортација. Меѓу нив немало , ниту има Македонци.

Во што се Тајванците најслични со нас?

Во питомоста. Ние сме питом народ, а тие се наши „двојници“ на Далечниот Исток. На Тајванец не му го задевај џебот и семејството, и тој ќе ти биде верен пријател. Кинезите (континентални) се поинакви, чинам дека странецот би го продале за грош . Дали затоа што се’ уште се сиромашни, без оглед на економскиот бум на Кина, не знам. Сосема поинакви, „чурук“ Кинези се оние од Хонг Конг, кои се во повеќе анкети на престижни организации прогласени за најголеми расисти на планетава! Аеродромот во Хонг Конг е можеби најголем и најубав во светот, но таму на секои шест месеци морам да слетувам и полетувам како да сум под казна. Нељубезноста и дрскоста на персоналот, од чистачката до обезбедувањето е невидена работа. За некој ден треба повторно да патувам таму, каде последниот пат морав со инцидент да се одбранам: пред да ми ја скине половината од билетот, стјуардесата ми го проверуваше пасошот , меркајќи ме одвреме навреме како да сум последно лајно. Очигледно мрази белци, па наоѓа забелешка дека доцнам на бордингот, односно наместо половина час пред полетувањето на авионот, јас еве, се јавувам само 15 минути пред полетувањето. И’ се правдам (иако не морам) дека ме болат нозете и слично , а таа дрско ми вели: "Speak English, please!". Демек и’ се гади од мојот лош англиски. „Да бев под англиско ропство 99 години , како што бевте Вие, мојот англиски ќе беше подобар од твојот. Јас имам теоретска шанса да научам англиски подобро од тебе, ама ти никогаш нема да станеш бела како Англичанка, оти си грд мелез на газдата Англичанец, кој ја натегнал баба ти, кинеска робинка, која му била чистачка“. Да, сега се каам што бев непристоен, ама Хонг Конг е глобално непристојна престолнина на измислена држава, зашто Кина си го смета градот за свој, а на овие луѓе им дозволува да си играат држава.

Кои особини или навики на Тајванците би било добро да се преземат?

Прво, почитаа кон родителите. Најстариот член, односно дедото или бабата, командува“ со семејството. Синот кој во старски дом ќе го отфрли родителот, се соочува со презир на соседите, роднините, пријателите. Второ, свеста за рециклирање на се’ што може да се рециклира. Казните за фрлање нерециклиран отпад се драконски. И бидејќи медиумите постојано трубат “: „ние сме мала, островска земја без суровини “, сум се нагледал призори како дедото и бабата го придружуваат внучето кое во одделни канти фрла хартија, пластика или смет некорисен за рециклажа. Исто така, ми се чини добро тоа што денес не може да се купи нов стан без паркинг место во подземјато на зградата. На тој начин Тајван се брани од хаотичното паркирање на тротоарите. Следна работа е нивната свест за волонтерски ангажман. Неодамна, еден „пријател“ ми направи услуга, односно ми резервира билет за Хонг Конг . Ми ја кажа цената, веднаш му платив, но подоцна разбрав дека ме измамил, т.е. добро ме „одрал“. Одби да ми ги врати парите, па повикав полиција. Таа ме однесе во некоја служба , во која десетици жени, со наметки на кои пишуваше Волонтер полицаец “, разгледуваа случаи за кои не е потребна употреба на физичка сила и оружје од страна на полицијата. Го повикаа мојот измамник, му наложија да ми ги врати парите, плус мојата денгуба , малтретирањето, стресот ... Згора на тоа, плати и за некаков хуманитарен фонд и за таксито кое ме врати дома. Сли чно е и во големите болници: иста слика, исти наметки на кои пишува „Волонтер“, и само да се накашлаш , веќе се тројца волонтери пред тебе, „се тепаат“ кој попрво да те услужи. Велат дека така функционираат повеќе институции - волонтерите работат во три смени, а за работата се наградени со зелен чај на сметка на државата. Него бесплатно можат да го пијат колку сакаат, а јадењето си го носат од дома.


Каков е тамошниот животен стандард? Колкави се платите, какви се цените...?

Кога пред шест години дојдов првпат, најчесто прашање на Тајванците беше - кои се моите први импресии. Имав подготвена фраза, дека сум импресиониран, нели. Денес веќе не ла жам, туку им велам: „Вие сте земја со богата Држава и сиромашен народ . Четврти сте во светот според девизните резерви што ги трупате во трезорот на Народната банка, втори во светот според годишен улов на морски плодови и риба, во светскиот врв сте според извозот на свинско и пилешко месо... Вашата бофл облека, бела техника, ТВ-апарати, мобилната телефонија и компјутерите го преплавуваат светот. Норвешка, Финска, Америка или Јапонија може вода да ви носат! А таму возат најнови автомобили и живеаат како пијани милијардери, додека вие возите раскантани скутери, гнетите тестенини и станот го отплатувате цел живот. Бра чна двојка месечно заработува 1.100 евра, а за пристоен (не расипнички) живот, потребно е двојно повеќе пари. И молчите!? Млад човек си, сакаш убаво да се облечеш, да возиш убаво ауто, да излегуваш во дискотеки, квалитетно да јадеш , кога ќе е..ш ако не сега, а тоа чини пари кои ги немаш . Државата ’во грош’ пресметала кому колку му треба, а да не умре “. Данок не плаќаат илјадниците дуќани за брза храна, доколку имаат (што е најчесто) до седум маси, како и уличните продавачи на се’ и сешто, а банките даваат кредити за ситни бизниси. На прв поглед, тоа е убаво, секому му се дава шанса да преживее , без да биде на грбот на државната каса. Но, сите тие луѓе кои не плаќаат данок на добивка, мораат да платат данок на најниско примање за да имаат здравствено осигурување, што е во склад со нашата поговорка: не по врат, туку по шија. Од друга страна, хаосот од таа „дива“ трговија создава глобална нехигиена. Ова е сепак Азија, а не педантната и чиста Швајцарија. Овде имаше САРС, а се плашам дека пак ќе се појави, зашто има илјадници дуќанчиња за брза храна каде ниту вработените, ниту конзументите „пет пари“ не даваат за хигиената. За тоа се многу полоши и од нас. Од друга страна, мора да се навикнете на тоа дека храната е несолена и најчесто зачинета со благи сосови. Доколку во ресторанот побарате сол, ништо чудно да ви одрќат предавање за тоа колку е солта штетна, а шеќерот користен за вашето здравје. За прекрасно чудо, Тајванците не страдаат повеќе од шеќерна болест отколку останатиот свет. Можеби за тоа придонесува нивната физичка активност до најстара возраст. Во мугрите, низ парковите, но и по улиците, ќе видите илјадници пензионери кои џогираат или вежваат, најчесто во тактовите на некој американски евергрин од 60-тите или 70-тите. Тоа се мали или големи групи, поделени според полот, со „главен играч“, кој ја избира и музиката и вежбите за тој ден. Мене ми е најсимпатична една ситна бабичка , која сигурно има повеќе од 90 години, а помалку од 40 килограма. Таа секое утро дисциплинирано вежба на музиката од "Love Me Tender" од Елвис Присли, а синот ме задева "Еj бе, ти се за љуби, а? “. Еве, веќе неколку дена ми ја нема „Ријана“, како што злобно ја нарече мојот син, кој дополнително ме јаде: „Гарант од две причини ја нема: или полицијата и’ забранила во тоа секси трико да заведува малолетници, или пополнила некое купче“. Притоа алудира на денес општо прифатениот начин на погребување во Тајван - со кремирање. Фамилијата добива мермерна урна („купче“) во која е пепелта од покојникот, а гробиштата се веќе минато. Причината е хронична - Тајван нема доволно простор ниту за живите, па покојните мораат да простат. Од друга страна, Духовден има далеку поголемо значење отколку кај нас: тротоарите се окупирани со маси на кои се изложуваат јадењата кои покојните (до кој знае кое колено) ги сакале, а тука се и специјални ќумбиња за горење пари. Додуша, лажни пари, или пари за мртовците, како сакате, кои се продаваат на тони и тони, зашто Тајванците се убедени дека и на оној свет парите се во оптек, или, како што вели еден мој овдешен пријател: „И на оној свет, мажот без пари и жената без ’онаа работа’ Господ не ги сака“ .

Што не ти се допаѓа таму?

Колку и да се Тајванците питоми, секогаш насмеани во контактите со белците, една работа, како белец, не можам да им ја простам: од минатата година, на сила е Закон, според кој, секој странец заболен од СИДА, или носител на нејзиниот вирус, експресно ќе се протера во неговата земја. Дури и да е во брак за тајвански граѓанин и со него има десет деца, па дури „и доколку со овој вирус е заразен со акт на насилство “. Со други зборови, ако ве силуваат и така ви пренесат СИДА, овие ќе ви ја удрат клоцата . Од лани започна ловот на „Сидоманите“ (мој црн хумор) меѓу странците , па и за банална настинка, во болниците ќе ви земат крв, не за друго, туку за да ви направат СИДА-тест. Тајванците овој де факто расисти чки закон го правдаат со се’ поголем иот број странци кои доаѓаат тука заразени со СИДА, иако се свесни дека „го бркаат погрешниот зајак “. Тие добро знаат оти илјадници тајвански бизнисмени се главните преносители на оваа болест , бидејќи таму, во Кина, тие не ја користат само безобразно евтината работна рака, туку и уште побезобразно евтините услуги на проститутки те. Од ден на ден се зголемува бројот на најтешки зависници од хероин, а геј-популацијата веќе стана армија. Во таа грмушка лежи вистинскиот зајак, ама, како и секаде во светот, најлесно е за секое зло да се обвини странецот. Барем јас, според мојот син, во тој поглед сум безгрижен: „Го остави алкохолот, уште да ги баралиш цигарите и ќе си супер , зашто не се дрогира ш, „не возиш во рикверц “, значи не може да закачиш СИДА, па Тајванците моќат под пенџере да ти плукнат“.

Како новинар ти се занимава ше со, условно речено, темната страна на Македонија. Каков е криминалот на Тајван? Може ли да се спореди со македонскиот? Има ли организиран криминал поврзан со државата?

Тајван е земја со 24- 25 милиони жители, кои живеаат во најголемите градови : Тајпеј, Као шунг Тај чунг, Тајнан ... Тоа значи дека се соочува со урбан криминал. Луѓето живеат во куќи и станови кои ги претвориле во сопствени затвор и. Дури и на 24 . кат ќе видите решетки на прозирците и на терасите. Вратите се блиндирани, но ниту тоа не помага да се намали бројот на кражби по становите. Слушнав дека неретка пракса е во станот да се остави на видно место солидна сума пари , за провалникот , а зашто, доколку ви провали, а не најде ништо интересно за крадење од одмазда го запалува станот . Влезовите на сите полицијски станици се излепени со фотографии на исчезнати и грабнати деца. Поранешниот претседател на Тајван е осуден на 15 години затвор , бидејќи накрал не милиони, туку стотици милиони долари. За жал, додека го пишувам ова, медиумска бомба е момче од Турција кое е осудено на 30 години затвор (по оваа казна, повисока е само смртната), со што лошиот имиџ на белците забрзано ќе тргне надолу. За само една година, во неговата соба имал секс со повеќе од 500 Тајванки. Се разбира, сексот не е кривично дело ниту според овдешниот закон, но е доколку сите тие „средби“ тајно ги снимаш со камера, а потоа ги уценуваш жртвите.


Тајван е меѓународно непризната земја (освен од неколку држави), но е под заштита на Америка. Дали Тајванците се плашат дека растечката Кина еден ден ќе се почувствува доволно моќна да ги окупира, бидејќи островот го смета за своја територија? Како, воопшто, гледаат тие на економската и политичката експанзија на Пекинг во последниве две децении?

Секој Тајванец ќе ви ја раскаже приказната за тоа како настанала нивната држава: поразени од Мао, оние кои биле со Чанг Кај Шек избегале од Кина на четири бродови натоварени со злато , и побарале помош од Америка. Со тоа злато ја платиле инфраструктурата, орижјето за одбрана, новите домови итн... Пред неколку години, Бил Клинтон одржа во овдешниот Парламент предавање во кое јасно им порача на домаќините: независноста нема да ја поддржиме, зашто не сакаме војна со Кина заради вас, а статус -квото ќе ви го браниме - Кина да не стапне на островот, а вие да си живеете мирно. Па , што ако сте непризнаени од ОН? “. Во Тајван веќе подолго време на власт се сменуваат две партии . „Сината“, која е сега владејачка, се приклонува кон настојбата на Пекинг „Една дрќжава (Кина), две територии “. Опозициските „зелени“ гласачи сметаат дека е тоа велепредавство . Оваа партија нема ништо против присоединувањето на Тајван кон Кина, „ама не сега, туку во иднина, кога ќе се создадат подобри услови “. А дека работите се двиѓат во насоката на „сините“, покажува и последната „тивка“ војна околу некои ненаселени, мали островчиња во Пацификот , лоцирани меѓу Јапонија, Кина и Тајван . „Мечката прво ја чепнаа Јапонците “, кои островите ги прогласија за свои, па нивни „истражувачи“, со јапонски знамиња ги посетија првпат по Втората светска војна, од кога таму не стапнала човечка нога. Како одговор на тоа, веќе утредента заедничка кинеско-тајванска делегација на сите острови истакна кинески и тајвански знамиња! Тоа значи дека „заедничкиот непријател“ ги сплоти Пекинг и Тајпеј, иако првите тврдат дека островите се кинески, а вторите тајвански . Но, „важно не се јапонски “. А од она што го прочитав, не се работи само за каприц, бидејќи морето околу островите обилува со риба и морски плодови, а се претпоставува, и со големи резерви на замен гас. И во други сегменти од животот се гледа затопливањето на односите меѓу Пекинг и Тајпеј . На пример, Кина дозволи туристички тури на оваа релација, па семејствата кои беа разделени поради граѓанската војна, сега се посетуваат по толку децении . Исто така, тајванските бизнисмени имаат илјадници фирми во Кина, оти таму им е работната рака далеку поевтина, а Кина е најголемиот увозник на се’ што може да понуди Тајван. Со други зборови, „парата врти каде политиката толку долго не сакаше“. Генерално, Кина се однесува кон Тајван како трома , голема мечка, која е свесна за својата сила, се движи самоуверено, бавно и не сака своето одметнато мече да го удри со шепата и да го убие. „Точно е дека Кина и со едно мало атомско бомбиче’ може да не’ уништи“, ми вели соседот Герет Ченг, „но, која будала фрла атомска бомба врз себе? Па, ние сме Кинези, ништо помалку од оние во Пекинг, само што сакаме да живееме поинаку, како што живеат во Хонг Конг, Макао, па и во Шангај. Зошто тие да имаат каква таква независност, а ние не ?“.

Ќе биде ли Азија континент кој ќе го преземе приматот во 21. век?

Да. Тоа е веќе завршена приказна , напишана уште во Библијата.


Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3