АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Ален Хаџи-Стефанов, „Џез ФМ“
27.06.2013
ПОТРЕБНИ СЕ САМО 5.000 ЕВРА ЗА РАДИОТО ДА ЖИВЕЕ И ДА ЈА ПРОДОЛЖИ СВОЈАТА МИСИЈА
Постојат работи, чија вредност не може секогаш да се види низ финансиска призма, бидејќи се поврзани со духовната потреба на човекот. Една од нив е уметноста, а во нејзини рамки музиката. Радиото „Џез ФМ“ 15 години врши многу важна мисија во македонскиот етер, како единствен медиум во државата (и еден од ретките во поширокиот регион), специјализиран за џез, кој го промовира овој жанр од сите негови аспекти. Но, колку и да е духовното важно, материјалната страна понекогаш може да биде пресудна. Во моментов, таа му се заканува на „Џез ФМ“. Како радио од општествен интерес, тоа конкурираше секоја година за грантови во Советот за радиодифузија и добиваше од таму значајна финансиска поддршка. Откако се грантовите укинати, доведена е во прашање иднината на овој медиум. Во обид да се помогне барем малку од материјален аспект, а пред се’ да се испрати апел до пошироката јавност, вечерва (27 јуни) во Младинскиот културен центар од 19 часот ќе се одржи концерт со наслов „Спасете го Џез ФМ“, на кој ќе настапат Тони Китановски со пријателите, Летечки пекинезери, Kabadayas и The Swingers. Сопственик и главен уредник на „Џез ФМ“ е Ален Хаџи-Стефанов, човекот кој на Македонците им овозможува една ипол деценија да слушаат џез и да се едуцираат за него...

Апелот што го испраќате од радиото звучи мошне драматично. Ако не се изнајде некое решение, уште колку време ќе може да ја слушаме вашата програма?

Апелот е последната опција која сакавме да ја употребиме, но стана реална кога сфативме дека најверојатно до есен ќе не’ снема. Претпоставката е дека не само што нам не ни се допаѓа, туку дека и вам не би ви се допаднала таа ситуација, па решивме на овој сосема непопуларен начин да ја информираме пошироката јавност.

За каква сума станува збор? Колку пари му требаат на „Џез ФМ“ за да функционира?

За пари е секогаш неблагодарно да се зборува, но можам да потврдам дека сегашната дупка во која се наоѓаме изнесува 5.000 евра. Тоа е само да бидеме повторно на нула. Многу полесно се постигнуваше таа нула кога функционираа проектите спонзорирани од радиодифузната такса.

Сте се обиделе ли кај некои од невладиите организации, кои се залагаат за промовирање универзални вредности, или кај странските амбасади, на кои би требало џезот да им е близок?

Како и таму да постои глуво уво. Програмите или грантовите за кои сум бил запознаен не опфаќаат ниту еден аспект на нашиот формат на образовна програма. Можеби грешам, и би сакал да бидам корегиран ако не е така.

Вечерва ќе се одржи концерт со наслов „Спасете го Џез ФМ“, за помош на радиото. Реално, колку оваа форма на поддршка може да помогне?

Јас сум скептик за успехот следејќи ја општата економска состојба на просечниот граѓанин, и се’ ќе зависи од тоа колкав број на луѓе ќе дојдат. Но, потенцирам дека сме свесни оти ова всушност не е вистинското решение, туку само брз потег кој треба да ја запали црвената ламбичка дека тоа што го уживате секој ден утре нема да биде таму. А ви гарантирам дека ако го снема, никогаш повеќе нема да го видите во волку чиста форма, ако го видите (слушнете) воопшто. Нормален спас за нашата егзотична програма е сосема логичното решение - со пополнување на постоечкиот и претежно празен маркетиншки простор. Мене не ми се верува дека и покрај сосема искривените вредности на нашиот поширок географски простор, не се почитува фактот дека и покрај релативно помалиот број слушатели (во споредба со навистина комерцијано настроените лидери на етерот), ние имаме екстремно лојална публика, која не егзистира на ниту една друга фреквенција. Зарем тие не користат мобилни телефони или купуваат во истите продавници како и сите други луѓе?

Кога ти почнуваше со овој проект, веруваше дека ќе трае 15 години?

Едно е да сакаш да направиш нешто, а друго е да го направиш. Речиси никој не веруваше дека ќе истераме пет години, дури ни две. Дел од нашата тајна е што не ги поставивме работите - што ако ова или она. Немавме прецизен план „за напад“, но сериозно дефиниран концепт постоеше уште пред да зрачиме во етерот. Таканаречената експериментална програма. која траеше цели шест месеци и беше без ни една реклама или обид да се пофалиме дека дури постоиме, е периодот кога почнавме да собираме информации за теренот и што можеби треба да правиме во кој дел од денот. Се сеќавам, најголемата илузија која ни се скрши беше нашето мислење дека нема потреба од џез рано наутро. Во текот на следните четири години се оформи програмата на радиото, која конечно беше модифицирана од својот оригинален Њујоршки концепт кон нешто што е повеќе „сварливо“ за овие простори. Врвот го постигнавме во периодот 2004-2007, веднаш по ослободувањето од апсурдниот тајм-шеринг концепт. Во тие години „Џез ФМ“ беше платформа на неколку водители со различни, и мислам оргинални концепти, кои на моја радост ги исполнија на сосема личен начин. Оттогаш наваму имав повеќе интересни идеи за унапредување или урбанизирање на програмата, посебно во утринскиот термин, но тоа може да се реализира само со помош од вистински спонзори, кои би го закупиле тој простор и би верувале во успехот на таа идеа.

Колку имаат Македонците потреба од џез?

Колку што имаат потреба од органска храна. Некои се свесни, но повеќето не се. Сосема реална состоба на светот денес, па и било кога. Или самите нека кажат во периодот што следи.

Колкава е архивата на „Џез ФМ“? Што се’ има во твојата аудиотека и што ќе се случи со таа музика ако згасне радиото?

Не знам зошто 15 години подоцна, тоа остана актуелно прашање. Се’ повеќе не е релевантна таа бројка, која всушност апсурдно расте. И самиот не знам за компакт дискови се работи, или пак сега за терабајти на хард-дискот. Побитно е што ќе направиш со музиката. Квалитет над квантитет секогаш! Интересните работи се наоѓаат и на касети (њујоршки радио преноси полни со информации и ретка музика), или пак стотиците концерти што сум ги снимил во изминатите 20 години кои остануваат како уникатен дел од радиото.

Модерната технологија урна многу бариери, но сепак, колку е компликувано (и скапо) да се доаѓа до нови изданија денес?

Модерната технологија е возбудлива и тажна во исто време. Повторно се сведува на тоа како ќе ја користите, и препорачувам да најдете начин да филтрирате, инаку само ќе се загубите во океан на нешта кои се’ потешко ќе ги помните или пак вреднеете. Изданијата доаѓаат речиси секој месец од разни места, без да ги побарам. Некои доаѓаат понудени за симнување за да се забрза и поедностави процесот на достава.

Дека квалитетот е под сериозна закана од напливот на шунд, знаеме практично сите, но ја сметаш ли таа битка за веќе загубена или се’ уште постои барем трага на оптимизам?

Често велам дека почеткот на секој век е матен, па и овој не е исклучок. Скоро и да го уништија концептот на официјално издание. Демек, отсега натаму сите ќе симнуваме музика од интернет. Добро ако мора така, но ми се чини дека музичката индустрија продолжува да ја копа дупката во која е оддамна падната. Можам да ви кажам дека уште во 1995 година додека се’ уште живеев во Њујорк и имав поголем буџет за музика, започнав да бојкотирам купување дискови, или барем драстично да го намалувам купувањето. Едно е да си зависен од музика, а сосема друго е кога ќе се почувствуваш изманипулиран и злоупотребен. Тоа беше оригинално будење на мојата свест околу алчноста на таа индустрија и нејзиното непотребно кревање на цените на компакт дискови. Каде се сега да ги видам. Направија „брза пара“, но денес мака мачат и со поп-музика. Не знам како ќе го направат тоа, но треба да ги убедат новите генерации на консумери дека музиката има посебна вредност, и не е како поголемиот дел од предметите што ги купуваме во животот. Предметот што ја чува музиката е како телото што ти ја чува душата. Треба да се потрудиш за да трае подолго. Но, тоа е сепак зад нас во минатото... Оптимизмот лежи во идејата дека не можеш да ја уништиш музиката, зашто таа секогаш ќе биде таму. Прашајте се дали ќе бидете вие таму за да ја слушнете.

Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3