АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Дејан Анастасијевиќ, дописник од Брисел
18.06.2013
БАЛКАНОТ МОЖЕ БЕЗ ЕУ, НО НЕ КАКО НОРВЕШКА И ИСЛАНД, ТУКУ КАКО МОЛДАВИЈА И ГРУЗИЈА
Минатонеделната информација дека неодамна избраната влада на Исланд ја повлекла кандидатурата за членство во Европската унија предизвика изненадување, особено кај оние што не ги следат најтемелно случувањата во и околу Брисел. Никој досега не изразил официјално желба да биде дел од ЕУ, а подоцна да се откаже од тоа. Што ќе значи овој нов момент за останатите земји-кандидатки, вклучувајќи ја Македонија, како и за некои од перспективите на самата Унија, разговаравме со постојаниот дописник од Брисел на српски „Танјуг“, Дејан Анастасијевиќ...

Дали за официјален Брисел, а и за вас кои ги следите случувањата околу Европската Унија, решението на Исланд да ја повлече кандидатурата беше изненадување или нешто такво можеше да се очекува?

Овој потег не е преголемо изненадување, бидејќи двете главни исландски партии во текот на предизборната кампања ветија повлекување на кандидатурата. Она што може да се смета за делумно изенандувачко е брзината со која е спроведена таа одлука. Важното е дека Исланд, како мала и богата земја, чии закони одамна се усогласени со ЕУ може да си го дозволи себеси овој луксуз, што не е случај со останатите кандидати. А и не е невозможно односот на Исланѓаните кон ЕУ да се промени за неколку години, па преговорите за придружување да почнат повторно.

Што ќе значи овој случај за проширувањето на Унијата? Дали предвидувате дека е можно укинување на Директоријатот во следниов период од една година, да речеме, бидејќи по отпаѓањето на Исланд и на Турција (практично), останува само малата Црна Гора, како кандидат кој е на добар пат? Србија напредува, но има проблеми во тоа, а Македонија се чини долгорочно заглавена.

Јас не гледам трајни последици за процесот на проширување, зашто Исланд од самиот почеток беше во посебна позиција кон ЕУ, бидејќи помалку или повеќе ги исполнува Копенхашките критериуми. Меѓутоа, за балканските земји тој процес е помалку работа на политичко определување, а повеќе мотор кој ги придвижува внатрешните реформи, преку чие спроведување тие држави би се уредиле со согласност со европските стандарди, и трајно би се смириле етничките напнатости во регионот. Србија, веројатно, кон крајот на оваа или почетокот на следната година ќе ги отвори првите поглавја во преговорите за придружување, така што има добри шанси наскоро да ја стигне Црна Гора. Значи, процесот продолжува, со или без Исланд.

Како од таа, бриселска, дистанца на која сте Вие, изгледа македонската политика во последниве неколку години? Овде често се вели дека сме ги загубиле европските пријатели заради непотребното провоцирање на Грција. Го делите тоа мислење?

Да ви кажам искрено, Македонија многу слабо се гледа од Брисел, па затоа не би се осмелил да ги коментирам политичките состојби во вашата земја. Точно е дека сите овде би сакале да се реши спорот за името со Грција и оти многумина во Брисел сметаат дека Македонија не прави доволно за да придонесе за тоа.

Според мои информации сите активности околу проширувањето ќе бидат префрлени на Европската служба за надворешно дејствување ( EEAS ), каде познатиот шведски политичар Карл Билт лобира свое место за наследник на сегашната Висока комесарка Кетрин Ештон. Велат, ако дојде Билт ќе биде и супер за Балканот, но ако е некој друг ќе биде многу лошо. Што ќе значи тоа персонално решение, и зошто некој друг би бил полош од Билт (ако е така)?

Мене ми се чини дека е тој зајак се’ уште во шумата. Пред се’, треба да видиме како ќе завршат европските избори, кои се закажани за летото следната година, а дури потоа ќе следи расправа за ревизија на Лисабонскиот договор. Во меѓувреме, циркулираат разни идеи, вклучувајќи ја и оваа што Вие ја споменавте, но засега ништо не е одлучено. Мислам дека укинување на Директоријатот за проширување или негово спуштање на ниво на секција во рамките на EEAS би било прилично драстично решение и оти би испратило многу лоша порака до земјите аспирантки за членство. Кога станува збор за Билт, тој секако би бил силен кандидат доколку реши да конкурира, но не е единствениот. За тоа кој ќе ја наследи Ештон ќе решат, како и порано, земјите членки со консензус, а допрва ќе видиме кој ќе влезе во таа трка.

Дали на Европската унија навистина и’ е важен приемот на останатите земји, особено овие од Западниот Балкан, или се работи за кариерата на неколкумина политичари таму и за работните места на неколку стотини вработени во тие институции?

Јас имам впечаток дека Европската комисија, а особено Штефан Фуле, искрено сакаат процесот на проширување да се одржи. Отпорот доаѓа од земјите членки, особено од Германија, каде од дневнополитички причини се подгрева стравот дека проширувањето ќе доведе до наезда на просјаци и криминалци од Балканот. Меѓутоа, сите студии кои ги имам прочитано укажуваат дека таквите стравувања се неоправдани, или во најдобар случај, надувани. Освен тоа, би потсетил, дека актуелната финансиско-политичка криза не ја предизвикаа новите членки, туку старите: Грција и Шпанија, како и неодговорните западни банки, кои шпекулираа со недвижностите. Од друга страна, некои релативно нови членки, како Полска и балтичките земји, може да бидат пример за добра деловна политика, и секако не може да се рече дека не требало да станат дел од ЕУ.

Сепак, Исланд побара прием кога му беше најтешко, по пропаѓањето на неговите банки и по државниот банкрот, а сега, кога „бурата“ помина, не сака во Унијата. Не е голема тајна дека ни балканските земји не се толкави ЕУ-ентузијасти заради европските стандарди, туку заради европските фондови. Како гледаат на тоа оние што ги полнат тие фондови?

Не се согласувам дека се парите единствениот, па дури ни главниот мотив на гласачите во нашиот регион, кои и покрај кризата, се’ уште во големо мнозинство сакаат влегување во ЕУ, бидејќи веруваат дека тоа ќе ја намали корупцијата и ќе ги поттикне реформите. Освен тоа, мислам оти нема ништо лошо во желбата да се живее поквалитетно. Помалку сум уверен во искреноста на политичарите, кои од една страна, би сакале да седат рамноправо на иста маса со европските лидери, а истовремено да продолжат со „крадуцкањето“ од државните фондови и со вработувањето членови на семејството во министерствата.

Хрватска наскоро станува полноправна членка. Што ќе значи тоа за нејзините граѓани? Постојат и надежи и стравувања.

Мислам дека е добро што Хрватска влегува во ЕУ со доза на здрава скепса. Од далеку Унијата изгледа многу попривлечна отколку одвнатре, а колку што сте поблиску подобро ги забележувате проблемите. Верувам дека квалитетот на живеењето постепено ќе се покачува, но треба да се биде реален и да се очекуваат повремени удари и застои на тој пат. Ќе ви дадам еден пример: штотуку излезе економска студија која вели дека Грција, епицентарот на кризата, во економска смисла се вратила пет години назад и оти сега животниот стандард е на нивото од 2008 година. Но, истата таа студија истакнува дека тој стандард од 2008. е патпати повисок од оној што Грците го имале пред влегувањето во ЕУ, за време на воената хунта. Секој што во последните неколку години повремено патувал во Романија можел лично да се увери колку напредувале тие земји, од економски и од секој друг аспект. Знам, во Бугарија имаше протести, Романија се соочува со огромни проблеми, но не би рекол дека било кој од нив се кае што влегоа во Европската унија, па мислам оти нема да се покае ни Хрватска. Покрај тоа, секогаш кога некој од нашиот, балкански конвој ќе вплови во европското пристаниште, и другите се малку поблиску. Тука не постои директна врска, но има доволно индиректни за да се создаде одредена влечна сила.

За ЕУ се вели дека никогаш во историјата на човештвото толку голем број луѓе не живееле така добро. Но, со оглед на економската криза, колку е можно Европа да го задржи сегашниот стандард и начинот на живот? Дали без постојано финансиско задолжување, европските земји ќе можат да се „богати и среќни“, каква што слика создадоа за себе? И второ, што ќе биде со еврото? Дали е загрозена неговата иднина?

Примерот со Грција, кој го наведов пред малку е одговор на овие прашања. А, што се однесува до еврото, минатогодишните прогнози за негов неизбежен слом, за среќа, не се остварија, како ни прогнозите за распаѓање и раслојување на ЕУ. Слично на банката „Лимен брадерс“, со која започна кризата, ЕУ е „премногу голема за да пропадне“. Но, тоа не значи дека сега се’ ќе биде во ред и оти ќе се врати на старото. Дури и кога кризата ќе помине (што се’ уште не се случило), нејзините последици ќе се чувствуваат со години. Ќе биде многу интересно да се следат полемиките околу ревизијата на Лисабонскиот договор, кога ќе дојде ред за тоа. Засега тие дискусии не се вистински почнати, но очекувам дека ќе земат замав по изборите во 2014. Исто така, ќе биде многу интересно да се види кои луѓе ќе ги заменат Ван Ромпуј, Барозо, Шулц и Ештон, бидејќи од составот на новата екипа ќе може да се насети во која насока ќе тргнат работите.

Може ли Западниот Балкан без Европската унија?

Секако дека може, но не како Норвешка, Швајцарија и Исланд, туку како Молдавија, Белорусија и Грузија. Не верувам дека било кој се стреми кон тој модел.

А, може ли Европа без ЕУ?

Длабоко не се согласувам со мојот пријател Иван Крастев, инаку извонреден аналитичар, кој во еден неодамнешен есеј напиша дека ЕУ остана без своите три најважни причини за постоењето и оти сосема го загубила легитимитетот. Прифаќам дека е тој легитимитет значајно нарушен, но се работи за проект во создавање, кој трае веќе половина век, од Комисијата за јаглен и челик, и постојано се менувал, меѓутоа секогаш на подобро. Речиси целото време имало такви кои на тој проект му предвидување брзо пропаѓање, но такво нешто се’ уште не се случи. Во текот на својата еволуција, ЕУ може низ системските реформи да стекне нови извори на легитимитет, како што може и да се распадне, што во текот на оваа криза, првпат стана замисливо. Меѓутоа, замисливо не е исто што и веројатно, а ни сме далеку од критичната точка. Ниедна човекова институција не трае вечно, но некои можат да траат многу долго.

Миодраг Мишолиќ

фото: ФоНет
Loading







 
web design studio: Meduim3