АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Исмет Кочан, долгогодишен дописник од Истанбул
08.06.2013
ЗАПАДОТ И` ПОСАКУВА ЈУГОСЛАВИЗАЦИЈА НА ТУРЦИЈА
Веќе неколку дена една од главните теми во светските и во домашните медиуми се случувањата во Турција. Десетици илјади луѓе излегуваат на улиците во најголемите турски градови, при што доаѓа до судири со полицијата, па дури се забележани и човечки жртви. Поради близината, а и важноста што таа земја ја има за нас, демонстрациите во Истанбул, Измир, Анкара..., се следат внимателно и во Македонија. Притоа многу е важно да се разбере суштината на проблемите, кои моментно ескалираат. Еден од најупатените во турската политичка и општествена сцена е скопјанецот Исмет Кочан, кој 15 години (1995-2010) беше дописник од Истанбул на белградските весници „Вечерње новости“ и „Политика“, на агенцијата „Танјуг“, на македонскиот сервис на радиото „Дојче веле“, на „Македонска телевизија“ и на дневните весници „Утрински весник“ и „Време“. Магистер е по балканска историја, а межу друготи и автор на книгата „Битка за Македонија/Турската историографија за балканските војни 1912-1913. со посебен осврт за Македонија“...

Демонстрации и улични протести не се непозната појава во Турција. Ги има редовно на 1 мај, а по разни поводи се случуваат и во други ситуации. Но, овој пат невообичаен е интензитетот. Дали Вас лично Ве изненади енергијата и упорноста со која настапуваат протестантите?

Секако, ова е одредено изненадување, но за нас кои сме живееле таму, не е толку голем шок, како за другите. Генерална карактеристика за јавните протести во Турција е да бидат интензивни. Се’ што во Македонија сме доживеале како демонстрации не е ни одблиску на тоа што може да се случи во Истанбул.

Зошто и како дојде до вакво нешто?

Тоа е клучното прашање. Би било многу наивно човек да се поведе по агенциските вести и да поверува дека се’ почна поради преуредување на некој мал парк. Работите во Турција се многу покомплексни од тоа. Дефинитивно, овој пат не се работи за еколошки проблем, и демонстрациите се најмалку заради неколку исечени дрвја. Ова е, пред се’, политичко прашање, кое има и религиозно-политички предзнак. Имено, владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган уште кога дојде на власт, пред десет години, најави дека ќе гради џамија на Таксим. И тоа не е ништо чудно, ако знаеме дека тој себеси се декларира како поборник на таканаречената конзервативна демократија, која почива на турската историја, традиција и на исламот. А, Таксим е, условно речено, централен градски плоштад. Воедно тој е и најевропскиот дел од градот, срцето на неговиот економски и културен живот. Таа идеја за џамија, за цело ова време беше одлагана, но никогаш откажана. И што се случува сега? Одеднаш, без посебна најава, се сечат дрвја, со објаснување дека ќе се обновуваат некакви бараки од отоманскиот период и дека таму ќе се гради голем трговски центар. Кај еден дел на граѓани кои не се на линијата на владеачката Партија на правда и просперитет (АКП) тоа предизвика сомнежи дека на мала врата се протуркува старата идеја. Тоа предизвика ерупција од револт. На улиците излегоа луѓе од различна возраст, иако претежно млади, со слики на Кемал Ататурк...

Може ли да се дефинира структурата на демонстрантите?

Евидентно, тие не се симпатизери на владејачката партија, бидејќи кон неа се претежно наклонети луѓето со исламска ориентација. Спротивно од тоа, идејата за градење џамија на Таксим е одамна трн во око за турската левица. А, што е левица во Турција? Таа може да се дефинира така само условно, зашто не се работи за класична левица, односно за социјалистичка или социјалдемократска опција во европска смисла на зборот. Таа голем дел од членството и симпатизерите ги црпи од редовите на турските алевити. Алевити се голема групација, етнички Турци - муслимани, кои се но во долгогодишен анимозитет со мнозинските сунити (сунитите се најбројна религиозна група во целиот ислам и во Турција, нешто како католиците во христијанството, з.н.). Официјалниот сунитски ислам, нив практично не ги признава, односно ги смета за секта и за отпадници. Тие не се молат во џамии, туку имаат свои домови, кои ги викаат „џем-еви“, а нивниот религиозен обред се одвива низ песна, игра и дружење. Тие се прилично либерални, и не се придржуваат строго до исламските прописи. На пример, не се молат пет пати на ден, не се премногу рестриктивни кон алкохолот, по малку веруваат во оган, по малку во богот на небото, што се елементи кои владееле во Анадолија во предисламскиот период. Кога ќе се затвори тој круг, прават една целина, и функционираат, но главно, надвор од државната верска управа и мнозинскиот сунитски систем. Проблемот е што во Турција ги има 22 милиона. Во пролетта 1995 година, во Турција се случија големи демонстрации, а во прв план беа Алевитите и нивниот историски проблем со сунитите. Тоа беа толку сериозни нереди, што за нивно сузбивање мораше и војската да излезе со тенкови на улиците. Меѓу оние, кои последните денови демонстрираат на улиците на Истанбул и другите турски градови, препознавам голем број алевити. Секако, ним им се придружија и други слободоумни луѓе, особено млади, но јадрото се овие за кои зборувам.

Каква е опозицијата во Турција?

Ако ја гледаме според бројноста, таа е прилично голема, но и многу хетерогена, па поради тоа целосно разводнета. Има и партии од курдска провиниенција, со исклучиво етнички предзнак, кои сега не би ги вклучувал во оваа анализа, бидејќи тие не се дел од актуелните протести. Во суштина, опозицијата ја сочинуваат две значајни партии: Републиканската народна партија (ЏХП) и Демократската социјалистичка партија, на покојниот поранешен премиер Булент Еџевит. По смртта на Еџевит левицата во Турција, практично, се распадна, и во последнава деценија таму се случува нешто слично како во Македонија: позицијата редовно освојува власт, што на опозицијата никако не и успева. Меѓутоа, таа не смее да се потцени, бидејќи во секој момент може да изнесе на улица неколку десетици или стотици илјади граѓани. Сепак, како што реков, еден голем дел од левичарското гласачко тело во Турција се алевити, а не класични левичари.

Премиерот Ердоган го обинуваат за воведување диктатура и ограничување на демократските слободи во Турција. Колку се тие обвинувања објективни?

Диктатура е претежок збор. Јас би рекол дека тој води политика на цврста рака. Но, да бидеме реални, економскиот раст на Турција, кој е евидентен под неговото владеење, делумно може да се објасни токму и со таа „диктаторска“ политика. Второ, иако Турција е секуларна држава, таа е истовремено и муслиманска земја. На Истокот и во исламскиот свет владењето со цврста рака има длабоки корени и не се доживува така ригидно како на Запад.. Напротив, тоа е дел од нивната историја, традиција, па и од навиките. Но, десет години владеење е доволно долг период за човек да се подзаборави. Мислам дека Ердоган се однесуваше прекомотно и наместо да ги ефектуира придобивките од економскиот успех, тој на прагот на наредните претседателски избори, вгодина, на кои има намера да се кандидира за претседател, се почувствува доволно сигурен на власт, па направи грешка во чекори. Не случајно, за него се вели дека е човек кој не знае да се однесува дипломатски и да зборува во „ракавици“. Му се префрла за преголема ароганција, која многумина ја препознаа и во неговото однесување во текот на овие демонстрации, кога обвинуваше социјални мрежи, разни „елементи“ и сите други, освен себеси. Јас не би ги негирал целосно неговите тези, бидејќи не верувам многу во спонтани работи, но секако не се соодветни за еден премиер и политички лидер во ваква ситуација. Исто така, претпоставувам дека поради големата моќ што ја има помислил дека нема потреба да го почитува мислењето на опозицијата, бидејќи сите три последни избори ги добива убедливо, а претпоставувам ќе ги добие и следните, зашто има силно, стабилно и компактно гласачко тело. И сега, да се изразам со спортски речник, кој и тој често го користи како поранешен активен фудбалер: му се случи дел од народот да му покаже жолт катрон. Прашање е на кој начин тој ќе успее да ја амортизира оваа состојба. Секако, од сега па натаму, ќе мора многу повеќе да внимава, и ако се покаже точна мојата проценка дека зад протестите стои и незадоволството на алевитите, неопходно е да излезе со конкретна идеја за решавање на тие многу важни турско-турски проблеми, односно недоразбирања во самата турска нација.

Што е со тој фамозен економски успех на Турција? Дали се базира на реални основи, или е привремен меур од сапуница, кој може да пукне некој ден, како во грчкиот, шпанскиот или во ирскиот случај?

Тоа што се случува во нивната економија е апсолутно реално, бидејќи се заснова на истенчено чувство за ред и дисциплина. За Ердоган може да речеме се’, но факт е дека тоа што го ветува, тој и го исполнува. Вети тунел под Босфор, и го изгради. Сега прави нов мост преку Босфор. Ветува дека ќе прокопа канал западно од Истанбул, меѓу Црното и Мраморното Море, паралелен до Босфор, за да го растерети поморскиот сообраќај таму, и јас не се сомневам оти ќе го направи тоа. Дури успеа да направи нешто што никој пред него не успеа да направи. Кога го избраа за градоначалник на Истанбул, во средината на 90-тите, сообраќајниот хаос во градот беше неподнослив. Никој не почитуваше знаци, сигнализации и правила: Наместо со трепкачи, даваа знак со рака каде ќе свртат. Ердоган рече: „сакам да го средам сообраќајот во Истанбул“, за што повика јапонски експерти. Јапонците дојдоа и еден месец снимаа, бележеа, регистрираа, анализираа, на разни пунктови, во сите временски термини. На крајот, кога требаше да го предадат својот елаборат и да предложат како да се реши сообраќајниот хаос во Истанбул, тие рекоа: „подобро од ова не може, ништо не менувајте“. Реакцијата на Ердоган беше: „не го прифаќам тоа, подобро сигурно може“. И во свои решенија го направи она што за најголемите светски стручњаци се чинеше невозможно. Денес е Истанбул град со беспрекорен сообраќаен ред. Каде што се можело отишле под земја, на други места над земја, некаде е направена метро-линија, некаде трамвајска... Важно, целта е постигната. Има работи, кои не може да му се оспорат, особено дека е политичар со визија и авторитет. Но, како што реков, не може да се пофали со преголема тактичност и дипломатски манири.

Во што е суштината на неговата економска програма?

Прво, тој и’ порача на ЕУ дека останува силно заинтересиран за влегување во Унијата, но не по секоја цена. Јасно стави до знаење дека Турција има и други опции. Брисел бараше од него да се откаже од соработката со туркофонските републики во Централна Азија и со Блискиот Исток и да се придружи кон сатанизирањето на Иран. Од тој аспект, ЕУ играше двојна, па би рекол и дволична улога. Од една страна, ја залажуваше Турција дека е сериозен кандидат за прием, а всушност таа и’ е потребна само како тампон зона со Блискиот и со Средниот Исток. Значи, вечно да седи во „чекалната“ и да ја одработува таа улога. Унијата не сака да се граничи со Сирија, Ирак и другите проблематични земји, и само затоа и’ треба Турција. Исто така, кога се проектираат стратешки патишта, гасоводи и нафтоводи, ЕУ го бара исклучиво она што неа и’ одговара. На тоа, Еродган рече: „ние сакаме соработка со Европа, но тоа го сакаме и со Арапите и со Русите и сите други од нашиот поширок регион“. Се сврте кон тој пазар, кој е прилично голем, а и не беше толку зафатен од глобалната криза. И ако на ова го додадеме воведувањето финансиска дисциплина, пред се’ фискална, ете ја формулата за економскиот успех на Турција во последниве десет години. Пред дест години економијата на Турција се проценуваше на 200 милијарди долари, а сега на 800 милијарди. Пред Ердоган, во периодот на анемични и безидејни влади и премиери, инфлацијата беше 68 проценти, а сега е 6,6 отсто. За ист период извозот од 31 милијарда долари е зголемен на 153 милијарди, бруто националниот приход од 3.000 на 10.000 долари... По 52-годишен период на голема задолженост, Турција деновиве му ја врати на ММФ последната рата од долгот кој изнесуваше 47 милијарди долари. Ердоган соопшти дека неговата земја не сака повеќе кредити и отиде чекор потаму: најави дека на ММФ ќе му отстапи пет милијарди долари како помош за земјите што се во криза! Зад сите овие несомнено импозантни бројки стои политиката на премиерот Ердоган и неговото владеење со „цврста рака“, која не оди секогаш во ист чекор со западните сфаќања за демократија..

Дали животниот стандард на луѓето е значајно зголемен?

Апсолутно. Тоа е видливо и со голо око. Се гради на секој чекор, се работи, се се’ развива. Притоа, не станува збор са доминантно непродуктивни инвестиции, туку за вистински развој и освојување и на најсофистицирани технологии. На пример, до пред неколку години, своите воени авиони Турција мораше да ги сервисира и модернизира во Израел. Таму беше единственото место во целиот регион, каде што имаше експерти, оспособени за такви зафати. Денес, Турција веќе ја има освоено таа технологија, и самата ги сервисира и модернизира своите „Фантоми“. Ова доволно кажува колку темелно се работи. Тоа е жилава економија, која не може така лесно да падне . Ако зборуваме за просечна плата, во поразвиените делови од земјата, во и околу големите градски центри, таа убедливо надминува 1.000 евра. Во Истанбул се доближува и до 2.000. Секако, сосема е поинаква сликата во руралните средини на истокот, и таа нерамномерна развиеност на земјата е еден од најголемите предизвици со коишто и владата на премиерот Ердоган ќе треба да се справи во наредниот период.

Затвора ли медиуми турскиот премиер? Во колкава мерка е загрозена слободната работа на новинарите?

Дефинитивно, не е нежен со нив. Практика на Ердоган е да не му простува на ниту еден новинар, кој ќе објави нешто што макар мириса на клевета. Буквално секого го дава на суд, каде редовно ги добива случаите, и овој, односно неговата редакција, се должни да плаќаат прилично високи отштети. Има и затворени новинари. Но, и тука не се работите така едноставни. Тука е дежурното курдското прашање и проблемите сврзани со него. Без оглед што Турција по теркот на законите на ЕУ се откажа од таканаречениот вербален деликт, има многу членови на закони, кои лесно може некоја новинарска дејност да ја подведат под „помагање терористичка активност“. Исто така, факт е дека некои од големите медиуми се на „убав“ начин ставени под контрола. На пример, порано едни од најрелевантни и најквалитетни дневни весници во Турција беа „Хуриет“ и „Милиет“. Како дописник од Истанбул, секогаш кога ќе ми требаше компетентна и објективна анализа за внатрешната политика во Турција, ги читав нив. Двата се во сопственост на еден човек, Ајдин Доган, кој толку се приклони кон Ердоган, што неговите весници ја загубија својата релевантност. Денес тие не наликуваат на она што беа некогаш, иако го носат истото име. Голем дел од медиумите се „скротени“, во тоа нема дилеми, но би рекол и во голем дел поради нивните газди, кои самите си воведоа автоцензура. Но, тука е левичарскиот „Џумхуриет“, кој е жестоко опозициски. Функционират и телевизискиот канал „Си-ен-ен“ на турски јазик, независен и според западњачките проценки објективен. Истото може да се рече и за приватна телевизија „Ен-ти-ви“ и низа други.

Каква е улогата на војската? Често се зборуваше дека само таа е гарант за секуларниот карактер на државата.

Со уставните измени од пред неколку години, армијата е во голема мерка ставена онаму каде што и’ е местото во секоја демократска држава - во касарните. Клучното е дека генералите веќе немаат политичко влијание. Во минатото тие го коментираа секој дневнополитички проблем, и секогаш правеа „корекција“ на политичарите. Не мораше ни да се заканат со воен удар или со примена на сила. Доволно беше да речат дека нешто не им се допаѓа и дека „нема да го дозволат“, за политичарите веднаш да ретерираат. Во последно време не е така. Но, и покрај тоа, нејзината улога не смее да се потцени, бидејќи станува збор за моќна армија која е втора по сила во НАТО пактот.

Какво политичко лето ја очекува Турција, жешко или само топло?

Јас очекувам дека состојбата ќе почне да се смирува. Знаете, не може да се стави знак на еднаквост меѓу Арапската пролет и Турција. Секако дека нема да се случат толку драматични настани. Турција не е земја од типот на Тунис, Мароко, Либија, па дури ни на Египет. Таа е силно етаблирана држава, со цврсти темели во минатото, а би рекол и со доволен демократски капацитет за да може да се справи со овие предизвици и проблеми.

Колкава е вмешаноста на странски служби во сегашните турбулентни настани?

Америка и нејзините западни сојузници ја сметаат Турција за свој многу важен стратешки партнер, но јас немам големи сомневање дека тој ист Запад, не би пропуштил шанса да ја „раздроби“ на неколку дела, доколку може. Зошто, инаку, Американците заговараат создавање независен Курдистан во Ирак, наспроти својот стартешки партнер, кој жестоко се противи на тоа? Или, зошто Франција постојано го актуелизира ерменското прашење? Ерменската дијаспора од Запад е погласна отколку самата Ерменија. Не навлегувам што се случувало таму пред еден век, и кој кого убивал, бидејќи тоа е работа на историчарите. Но, факт е дека не се прави ништо за да се реши трајно тоа прашање, и тоа се чува како дежурен проблем, за кога ќе има згодна шанса, некој да го актуелизира. Стои таа опасност, од условно речено, југославизација на Турција. Таа е премногу геостратешки важна за некој да не искористи евентуална шанса за да го зголеми своето влијание таму. Но сепак, не верувам дека и покрај целата своја поделеност, турскиот народ, а и политичарите, ќе дозволат такво нешто.

Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3