АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Александар Чомовски, за новиот СДСМ
05.06.2013
ЗАЕВ И ШЕЌЕРИНСКА НЕМААТ ПЕРСПЕКТИВА БЕЗ ДИСТАНЦА ОД ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ЦРВЕНКОВСКИ
Во неделата, на 2 јуни, беше одржан конгрес на најголемата опозициска партија, на кој е избран нов лидер, Зоран Заев, а како негова десна рака уште веднаш е претставена поранешната претседателка Радмила Шеќеринска. Што ќе значи тоа за партијата, опозицискиот блок и за вкупната политичка сцена во Македонија, разговаравме со познатиот новинар и долгогодишен аналитичар на општествените состојби во земјата, Александар Чомовски...

Пред делегатите на конгресот на СДСМ излегоа тројца кандидати. Сметаш ли дека тие го избраа најдобриот?

Не би сакал да бидам дециден околу тоа, бидејќи се работи за внатрешен избор на една политичка партија, а ние кои не сме нејзини членови, може само да го констатираме тој факт и да чекаме што ќе понуди лидерскиот тандем во наредниот период. Позитивно е што првпат во СДСМ беше иницирана и спроведена демократска процедура и борба внатре, во самата партија. Неа, пред се’, ја предизвика кандидатурата на Кире Наумов, но факт е дека се разви формално и фактичко ривалство. Поделбата за едни или за други, покажуваше позиционирање на одредени фракции и групи, но во основа тоа укажува на барем мал зрак на внатрепартиска демократија во СДСМ. Велам мал, зашто во предизборната кампања непотребно се мистифицираше составот на делегатите. Што се однесува до персоналното решение, двоецот Заев-Шеќеринска е компромис, кој се’ уште не гарантира дисконтинуитет од политиката на Бранко Црвенковски. А, без реален дисконтинуитет од политиката на претходното лидерство, СДСМ нема никаква перспектива. На „Бихаќка“ треба да се направи она што го направија германските демохристијани (ЦДУ) со Хелмут Кол. Иако е тој беше своевидна икона на германското обединување, воопшто не беше поштеден од демистификација, кога се открија криминални дејанија со финансиските фондови на неговата партија. Неговите наследници, Ангела Меркел и Волфганг Шојбле, во Демохристијанската Унија направија храбар чекор да ги „замрзнат“ ликот и делото на Хелмут Кол. Петнаесет години наназад, обединителот на Германија, беше никој и ништо. Дури неодамна повторно се сетија на него. Нешто слично е неопходно и за СДСМ. Ако Заев и Шеќеринска не покажат на идеолошки, програмски и на персонален план дека се одвојуваат од мисловната и партиска матрица на политичкиот елитизам на Црвенковски, тогаш немаат шанси да го обноват СДСМ, како вистински моќна партија, која ќе има потенцијал да ги загрози позициите на сегашната власт. Внимателно треба да се следи комбинацијата на популизмот и технократството на бизнисменот Заев, со реторичната агресивност, но и стручност околу европската агенда на Шеќеринска.

Што ти зборува толку високото позиционирање на Радмила Шеќеринска уште веднаш, пред почетокот на финалниот дел од изборниот процес? Поранешна претседателка, двапати кандидатка за премиер, а сега потпретседателка.

Некои европски искуства зборуваат дека раководење на партија во тандем, често се покажува како лош избор. Јас повторно ќе ја посочам германската политичка сцена, бидејќи ја познавам најдобро во последниве две децении. По долго владеење на ЦДУ, тамошните социјалдемократи го понудија рецептот што сега се обидуваат македонските социлајдемократи да го практицираат. Во еден период Оскар Лафонтен и Герхард Шредер заедно ја водеа партијата, во обидот да се вратат на власт. Таа комбинација на персонален и лидерски дуализам, во која Лафонтен беше партиски лидер, а Шредер кандидат за канцелар, не успеа. Дури откако Шредер ја презеде и ја обнови партијата, тие победија на тогашните избори. И второ, за да се види попрецизно што ќе му донесе иднината на СДСМ, треба да се сочека развојот на настаните во сегашната регионална, па и во европската ситуација. Економско-соцјалниот јаз може да предизвика бран на инстант бунтови, како израз на сиромаштијата и отпор кон потценување на демократските слободи. Како сериозна опозиција, која има аспирации да стане власт, тие мора да ја градат својата политика земајќи ги во предвид сите аспекти. За тоа најдобро зборуваат сегашните настани во Турција. Дури и во брзорастечка економија, ако стегите на антидемократските процеси и на медиумскиот мрак, станат пресилни, шавовите пукаат. А, кога ќе пукнат револтот не може да се канализира или контролира со медиумски спинови. Но, тоа може да биде меч со две острици за опозицијата, која мора да има знаење како да се снајде во таква ситуација. Затоа велам дека социјалдемократите се пред искушение, кое не се однесува само на внатрепартиското реформирање, туку и на проценката каде одат Македонија и регионот и што тие имаат намера да направат во тој процес.

За колку време очекуваш дека ќе се знае судбината на Заев како партиски лидер, односно дали им е тој дораснат на овие предизвици за кои зборуваш?

Политичкиот карцином не се лекува брзо. Притоа, терапијата не само што може да биде долготрајна, туку и фатална. Дали ќе траат кусо или долго, ќе зависи од нивната намера да се занимаваат со обновување на идеолошката матрица на програмските приоритети на СДСМ. Не заборавајте, тоа е Социјалдемократски сојуз. Со години, трите атрибути на партиското име се многу сериозно доведени во прашање и девалвирани. Партијата одамна нема јасна социјална агенада, освен што партијата се третираше како персонално гето за згрижување на некои личности со лукаривни мотиви. Не е ниту демократска, и кога беше власт, и во внатрепартиските односи, бидејќи стана султан-партија. Веројатно ќе биде доведено во прашање и концептот на предизборно коалицирање по етнички клуч или со довчерашните сопствени фракционери. Ако тие три постулати не ги променат во својата филозофија на програмско определување, СДСМ ќе остане тоа што е сега - теснопрагматична, закоравена партија, која можеби има добра инфраструктурна мрежа и околу 200.000 постојани приврзаници, но ќе нема моќ да го добие она избирачко тело, кое е сега слободно за изборно таргетирање. Четвртата димензија на партиското позицирање мора да ја вклучува и современата верзија на етничка кохабитација, со искрени намери кон лидерите на Албанците - Ахмети и Тачи.

Долго време важи тезата дека СДСМ страда од премногу ароганција. Не мислиш дека со Заев, може да страда од премалку ароганција, од недостиг на харизма и стил?

Во европската, па и во светската политика, одамна нема харизматични лидери. Нема ниту голема идеја, ниту големи решенија, за да се појават еден Лех Валенса или Часлав Хавел.На сцена се политички технократи, вешти манипулатори, а зад параванот на формална демократија се кријат мали макијевалистички диктатори. Македонија и регионот не се исклучок.. Овде не се победува со персонална харизма, но се губи поради медиумската монополизација врз јавното мислење и критичката мисла.

Поентата на прашањето е дали новиот претседател на СДСМ ќе може да се носи со машинеријата на која сега тој ќе и’ стане главна цел. Воопшто нема да е неочекувано, дури напротив, наскоро да почне медиумска кампања „Заев е крив“. А, човекот досега не се покажа како многу внимателен во јавните настапи. Неколку пати има дадено изјави поради кои потоа по шест месеци требаше да се вади.

Ирелеватно е кој што изјавува, туку што ќе понудат, како ќе го направат, колку брзо ќе ја изведат кадровската обнова. Со добар ПР инжињеринг Заев ќе биде дисциплиниран во своите вербални настапи. Искреноста му е недостиг, но често знае да биде и предност, ако зборуваш тоа што луѓето го мислат. Но политичарите ја немаат таа слобода. Ако зборуваме за непромисленоста во реториките, ќе ви кажам дека само заради медиумската акумулација на моќ оваа власт е заштитена од сопствените глупости. Кога јас би се обидел да регистрирам и да рецензирам какви се контроверзни изјави даваат владните претставници, шефот на државата, тогаш веројатно ќе ми треба цел весник за да сумирам што се’непромислено тие кажале, направиле со арогананција својствена за моќта на власта.

А, како го оценуваш политичкото наследство на Бранко Црвенковски? Две децении неприкосновен лидер на СДСМ, омилен кај мнозинството членови, но мораше да замине, бидејќи е јасно дека не може да го симне сегашниот премиер од власт,

Црвенковски е човекот кој ја формираше и доведе партијата во ќор-сокак. Кога овој зрел и искусен, возрасен и зрел политичар, би требало да го вратиме со времеплов во раните деведесетти веројатно ќе беше успешен. Денес тој признава дека направил грешка во концепирањето и особено во реализацијата на приватизацијата, беше во расчекор меѓу фаворизира бизнис-олигархија и политика на социјална демагогија, беше заробеник на авторитетот на Глигоров, не ги сакаше кртичарите откако ќе ја искористеше нивната мудрост, се затвори, стана непродуктивен во меѓународната комуникација. Црвенковски е виновен за непромисленото и неосмислено тактизирање - дома да се прават инциденти, од надвор да се бара поддршка. Како што ја уништи ТВ А1, така без концепт се однесуваше во предизвикувањето на собраниските настани, па потоа со прекинувањето на бојкотот и враќањето во предизборната трка. Во тие кризни мигови се покажа дека СДСМ нема внатрепартиско критичко мислење. Партиската катастрофа, за која токму тој придонесе најмногу, со неодговорното кокетирање, вклучувајќи ги непромисленостите во реакциите на 24 декември, е можеби и добар мотив за старт на прочистувањето во опозицијата. Секој одговорен политичар е должен да знае дека политика на освојување власт не се води со дерогирање на институциите. Оваа влада тоа, реално, го прави секој ден, но токму затоа одговорот мора да биде поинаков, доколку ја сакаат наклонетоста на граѓаните. Јас ја негирам тезата, која е доста застапена во опозициските кругови, дека Груевски може да биде победен само од „груевизам“. Со демагогија и популизам, СДСМ нема шанси против актуелниот премиер, бидејќи тој простор е освоен. Можност за освојување политички поени, се тоталната ерозија на јавните долгови и неодговорното трошење пари, политиката на европска и регионална изолација во која се повеќе запаѓаме, законски проекти што ја еродирааат индивидуалната слобода на избор, распродажбата на замјата и водите, кои ќе се и ќе бидат главни белези на идниот економски и национален суверинитет. Ова економија не може да го издржи товарот на прекумерната и агресивна администрација која стана Берза на трудот, детски јасли за невработените партиски јуришници. Тоа го има многу и на локално ниво. Ние се’ уште не знаеме колкави се долговите на некои наши општински администрации. Се зборува дека претходниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески, потрошил 50 милиони евра, а во Скопје таа бројка, наводно, достигнува 500 милиони. Тоа се огромни суми, и од едната и од другата локална власт, а никој не зборува за нив. Ќе направам мала дигресија од Заев и од СДСМ, а сепак ќе останам во рамките за сегашниот опозициски блок, па ќе го споменам новиот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Тој влезе во анархистичка идеологија - да го урнеме она што е изградено. Јас во тоа не гледам никаков концепт за влегување во Центар(от) на модерното време. Во ревизијата на проектот „Скопје 2014“ треба да се користат институционални форми. Зошто не го повика МВР да ја направи таа ревизија, како што се најавите во случајот за Охрид? Или репрезентативни меѓународни финансиско-консултантски агенции и институции?

Веруваш дека МВР на Гордана Јанкуловска би направило реална ревизија?

Тандемот Жерновски-Пенов треба да се одважат и да го проверат тоа. Да слушнеме, па да видиме како ќе реагираат. Но, тие не реагираат, што ми создава сомневање дека притаено се обидуваат да се позиционираат за кохабитација со ВМРО ДПМНЕ.

???

Кој и да влезе од МВР, односно од финансиската полиција во истрага, ќе мора да најде барем дел од средствата, што се илегално трансферирани. Кога во „Скопје 2014“ ќе се споредат исплатените суми за одреден ангажман и трошоците на изработката, со некои други слични проекти, веројатно ќе се дојде до интересни заклучоци.Авторитетни стручњаци велат дека тоа е прескапо платено.

Сакаш да кажеш дека ова сега, со Тасева и Малиновски, е ад-хок, необврзувачка постапка?

Сакам да кажам дека нивното ангажирање нема логика, без тестирање на надлежните институции

Очекуваш ли новите партии, штотуку формираните и тие во најава, да однесат значаен број гласови при евентуални предвремени парламентарни избори?

Новите партии ќе можам да ги коментирам откако ќе ги видам нивните програмски цели и приоритети. Нивна шанса е само освојувањето на значаен дел од масата која апстинира во последно време, потоа во окрупнување и охрабрување на граѓанската класа која е замрена, замрзната, интровертна и незаинтересирана. Неопходна е свртеност кон творечките капацитети на младата интелектуална елита, која се’ повеќе гледа кон светот, а е заробеник во последната балканска крчма. Тоа е нивното поле за регрутирање на сопствени кадри и нови ликови, неоптоварени за модерна политичка работа. Во Македонија постојат мислечки луѓе што државата треба да ја извлечат од меѓународната изолација и да не ја вовлечат во нови етничко-конфесионални судири. Доколку новите партии се појават само за да ја ослабнат опозицијата, векот на траење ќе им биде краток.

Миодраг Мишолиќ
Loading







 
web design studio: Meduim3