Како почнавте со фотомонтажите, односно која беше
првичната идеја да го искоментирате баш на овој начин тоа што се случува околу
нас?
Фотомонтажите имаат мултимедијален карактер и ефект, и практично претставуваат спој на идеја, слика и текст што може да изрази кратка, концизна, интересна, уметничка и сатирична визуелна содржина. Токму заради тоа се мошне апликативни на социјалните мрежи. Тие се одличен простор за креирање на некаква идеја преку текст и слика. Едноставно, има инспиративна игра на ентузијазам во сето тоа. Јас, почетна стратешка идеја за правење фотомонтажи немав, туку спонтано почнав да си пренесувам некои мои перцепции преку нив, односно се’ започна како инстант идеја, која понатаму продолжив да ја практикувам, пред се’ од лични креативни мотиви и инспирација. Инспирација наоѓам во се’ што сметам дека произведува добра приказна и поента, а што е последица на некои контрадикторности, небулози и социолошко-културолошки мотиви во кои можам да препознаам општествен o- политичка иронија, што се прифаќа како аксиом или тежнее да постане аксиом со сета своја оксморонска сатирична сериозност во себе. Такви состојби, кои едноставно зрачат со својата сервилност кон ироничната општествена аксиоматика и лажни вредности се прекрасно пледоаје за декомпонирање на нивната пофалба на апсурдот.
Имавте ли некој пример, кој Ве насочи да размислувате во оваа насока?
Не, сметам дека хуморот треба да е автентичен, и само оригиналниот може да е препознатлив. Доколку тој е заснован на идеализирање на нечиј талент или духовитост тогаш губи од својата смисла и влијание. Се разбира, хуморот има и карактеристики на еклектичност и не сме имуни на влијанијата од другите, меѓутоа доколку тој како идеја и дух се подложи на грубо преформулирање, ќе изгуби од својата наративност. Тука мислам на тоа дека инсистирањето на хумор и барањето идеи кај другите по цена да се креира нешто смешно е хумуристично и иронично само по себе, иако потсвесно влијанијата на општо прифатениот хумор е невозможно да се игнорираат и тој станува дел од нашето забавно “ воспитание ”. Тука не зборувам за тоа дека кажувањето вицеви е деликт затоа што некој друг го смислил и дека Јавното обвинителство треба да се заинтересира за таа криминогеност, а кривичниот законик да се надополни со нов член - Кажување виц слушнат од друг со потешко битие на делото - Постирање како свој ФБ статус. Зборувам кога тоа се прави од побуди за стратешка лична промоција и негово користење за разни колумнистички текстови, а особено кога тоа се прави за комерцијален бенефит. Кога велам комерцијален бенефит мислам за одлични идеи приложени на Фејсбук, кои како од самопослуга клептомански биле земени за идеи од разни креативни центри за профитабилни маркетиншки цели. За добра порака до јавноста најважна е идејата, а кога таа постои потоа многу е лесно да се преадаптира. Затоа и хумуристичните пораки со издржана поента се оригинални, но многу подложни на преадаптација, колку да се избегне оригинерната асоцијација на нив, што е веќе добро пресметан трик за избегнување на авторското право. Јас, авторски, преку хуморот на едноставен начин се изразувам себеси, и секој што лично ме познава знае дека тие контексти сум ги употребувал отсекогаш како израз, дури и слични колажи и дијалози сум користел за време на образованието, посебно по литературни, уметнички, историски и филозофски дисциплини. Затоа и би го дефинирал како мој дух во психолошка, не во Патрик Свејзи смисла (се смее). Инаку, користам мотиви на литературна интервенција затоа што зборовите се симболизми и често знам да го спојам нивното значење со друга културна конотација, а судирот на историските паралели со постмодернизмот ми е инспиративна тема.
Дали иронијата ја доживувате како некој вид психотерапија? Помага ли да се помине полесно некој лош ден?
Па, подобро е иронијата да се доживува како еден вид психотерапија отколку психотерапијата да се доживува како еден вид иронија. Се шегувам. Попрво би рекол дека иронијата и хуморот се превенција од психотерапија, а превенцијата е основен постулат во медицината иако денес медицината во основа ни е заснована на религиозност - молиш Бога да не се разболиш. Луѓето треба да се смеат, и покрај тоа што во современиот и намуртен модус вивенди, на насмеан човек би му препишале психотерапија и лет над кукавичиното гнездо, за релаксација. Сепак, во време кога иронијата станува начин на живеење, најдобро е на стресот како главен продукт на потрошувачкото општество да му одговориш со насмевка и иронија, ако ништо друго барем ќе го збуниш затоа што нема смисла за хумор.
Останувате со оваа форма на изразување, или имате идеи и за нешто друго, можеби видео записи, колумни, измислени интервјуа...?
Останувам секако, нема враќање назад, да употребам една политичка и сатирична алегорија за истрајноста. Идеи имам многу, ги препознавам на секое ниво, а со оглед на тоа како општествените случувања не изненадуваат секојдневно, не се сомневам дека ќе има многу инспирации и нови концепти на изразување. Инаку, сакам нови предизвици на креативен план и сметам дека мора постојано да се дава ново освежување во сите медиумски контексти. Верувам во креативниот потенцијал на младите луѓе и тој мора соодветно да биде искористен. Посебно од креативните и влијателни центри кои треба да бидат општествено одговорни и да и’ дадат шанса на креативноста како чиста форма на енергија и ентузијзам, лишена од сите умствено корумпирани практики, обичаи и надмоќ на фрустрираните ега. Лажниот елитизам е непријател на креативноста и, практично денес на креативен план не постои нешто почесто од неискористени таленти.
На интернет сте сатиричар, а по професија правник. Колку се надополнуваат едното со другото?
Се надополнуваат одлично. Правото е таква материја што по стереотипски автоматизам е доживувана како нормативна егзактност, иако секој добар правник знае дека конструкцијата на правото е засновано на идеја и оти многу теорија и филозофија на право постојат зад едноставни одредби, во смисла на нивната нормативна рестриктивност, а суштинска експресија во општетвото. Сите идејни определби на правните теории имале и сатирична рефлексија кај авторите и самата средина, бидејќи правната практика, обичаи и наука неминовно се поврзани со изградбата на една држава и однесувањето на нејзините граѓани, а со тоа и на самиот човек. Затоа и познавањето на правото значи сатирична согледба и препознавање на сите законски конфузни и нелогични интенции, кои се насочени кон поединецот. И сатирата и правото се насочени антропоцентрично и се некаков природен спој на општестевена критика, дотолку повеќе што и видни теоретичари на правото користеле сарказам во своите тези и предупредувања за општествените текови.
Меѓу другото, ги имате проучувано византологијата, православната филозофија и кирилометодивистиката. Колку се тие важни денес, односно, колку е човекот како битие променет (т.е. останат ист), во послендите илјада години?
Не треба човек да е многу упатен во етичкиот и образовниот карактер на просветителските учења за да ја воочи разликата. Некои начела што промовираат просветителска скромност се изгубени во сјајот на мамонизмот и сјајот на автомобилските статусни симболи, на пример. Принципите на просветителството се засенети со профитот и хиперпродукцијата на инстант образование, кое пак истовремено е неспоиво со пазарот на трудот и елементарната економска логика. Од аспект на глобализација, тој феномен е сличен и тогаш и денес, а кирилометодивистиката е во функција на културна диференцијација во светскиот културен конгломерат. Затоа и кога се проучува нивниот историски феномен, неминовно е да се проучува и византологијата и православната филозофија. И секогаш ќе бидат актуелни и значајни, бидејќи се дел од европскиот идентитет како историја, но и со личниот идентитет како сегашност и животна филозофија. Во тоа време православната филозофија, византологијата и образованието биле сублимирани вредности, исто онака како што католицизмот претежно бил тло за изградба на западните филзофски правци и системи. Тоа е инерција сама по себе, бидејќи доминантноста на религијата била во колизија со науката, но не само во деструктивна, туку и во позитивна колизија и креација. И најнегативните примери секогаш служеле за нова филозофска критика и создавање нови вредности. Како и да е, православието го карактеризира мистицизмот, а метафизички фил o зофијата ја поставува слободата како централно прашање. Импресионира заложбата на солунските браќа за ново поимање на слободата, а уште поимпресивна е почитта на нивниот ученик Климент спрема нив, кој откажувајќи се од коруптивноста на духот до смртта не прифатил ревизија на нивната идеја препознаена во глаголицата. Токму затоа, и климентовите насоки ја имаат таа исклучителна педагошка и етичка енергија, толку потребна денес. Се разбира, во време на диктатура на либерализмот и сите последици што ги носи со себе постмодерната економска филзофија на вреднувањето на ресурсот - тешко е да се бара доследност во етиката и педагогијата, но тие сфаќања треба вредносно да се минимизираат.
Што е најважното нешто што еден православен христијанин треба да го знае за православната филозофија?
Како што напоменав - за да се проучува македонското просветителство, обичаи и автентично право мора да се познава и православната филозофија. Тие се нераскинливи содржини од иста историска материја. И така треба да се гледаат и проследуваат. Основната нишка на православието е мистицизмот. Имало историски обиди за давање нов импулс во таа теологија преку внесување на рационализам, но историските околности не го дозволиле тоа. Доволно е да се земе само примерот со Акиндин од Македонија, соученик и современик на Петрарка кој сакал да внесе нови рационалистички определби во православната доктрина, засновани на новиот европски хуманизам и ренесанса. И секако тие обиди се филозофски, тука нема ништо еретичко, едноставно секој нов приод кој ги следи рамките на суштината може да се смета за дијалог, најмалку за редефинирање на суштината. Денес таа мистика во православната филзофија може да е предност и да даде пофлексибилен третман на опсервација. Сепак, најважно е да се верува во реалитетот на етиката и исправноста на учењето, отколку да се создава доминантен култ кон метафизиката. Со други зборови, сметам дека за православниот христијанин е најважно да верува во она за што пледираат главните исусови учења, во етичкиот карактер на неговата историска појава и во почитта кон другиот како модел за себеспознание, или како што хегелијански парафразирано се вели - демократијата не е ништо друго освен секуларизирано христијанство.
Ги проучувавте и фолклорот и обичаите. Што од таа материја Ви остави најсилен впечаток? Што е она од традицијата што мора да се сочува, а е доведено во опасност да исчезне?
Обичаите се културна антрополошка карта и историски медиум за дознавање на традициите . Преку нив се препознава животната филзофија на еден народ, народи и регион затоа што фолклорот и обичаите се еклектични и со заеднички цивилизациски влијанија меѓу народите. Но, секој одделно им дава одредени специфики кои ги прават интересни за проучување. Мој особен интерес беше да се лоцирам на правните обичаи, преку кои се преплетуваат и другите обичаи и взаемно прават еден културолошки спектар. Тој културолошки спектар, преку кои фолклорот го пронаоѓа својот израз е универзален јазик, а тој имено е супстратот на цивилизациите. Низ тој уметнички израз може да се препознаат врвни креативни дострели, кои нам може само да ни служат како опомена и инспирација за креативниот код. Тие се историска трансверзала која треба да се негува, не заради традиционализмот, туку заради генијалниот манир на нејзино создавање и постоење. Во таа смисла, ништо не ме асоцира повеќе од губење на традицијата од губењето на нашата грижа за културното наследство. Доволно е само да се погледне како се краде непроценливото богатсво од манастирите. Тоа не е само деликт, тоа е сериозен напад врз својот културен идентитет, но најмногу од апатичноста на оние кои се најодговорни за нивна заштита. Парадоксално е истите тие да зборат за традиции и почитување на идентитетот, додека културното наследство зјае со неподнослива леснотија на отсуството од заштита. И ова е конкретна опасност, за ова не треба ни да се употреби стандардното клише за глобализацијата како закана за наследството, тука веќе се соочуваме со опасност која е меѓу нас, присутна, а не се превзема ништо суштински, ни технички, ни правно. На пример, со кражбата не една икона - се краде генијалниот придонес на творецот во неа, се краде самата историја на иконата, се краде целата енергија внесена преку легендарните школи во творењето на тие ремек дела... Не гледам ништо поапсурдно од тоа да се создава нов културен простор, а паралелно буквално да се брише од лицето на културната мапа вонвременски придонес во културната историја.
На Институтот за македонска литература имате пријавено теза со наслов „Обичајното право во записите на Кузман Шапкарев“, која наскоро ќе ја браните. Кои моменти од неа би ги издвоиле како најважни?
За мене најважни беа моментите на внесувањето правна логика и рацио во обичаите. Тоа ми беше индикација за чувството за правда кај народот и како тоа низ обичајното право го фокусирал и структуирал како практика. Одредени правни иститути во обичаите ги протолкував од современо гледиште и правев споредба на нивното влијание и употреба со денешната нивна артикулација. Всушност, главната теза е да создадам придонес кон правно толкување, симбиоза и правнофилзофско гледиште на правни обичаи, верификувани во литературните извори на Шапкарев, но и пошироко во смисла на обичајното право на светско и на локално ниво. Преку нив може да се поврзат древните правни определби, канонските определби, јустинијановите правнофилзофски определби, влијанието на шеријатското право и формулирањето на автентични обичаи, како тогашен след на народното чувство за правда. Како што познатиот филзоф и проучувач на правото Радбрух, правото го дефинира како идеја за правда, така и обичаите се традиционализам и континуитет на една идеја за правда. Кога во постмодернистички аспект ќе се погледнат сите тие елементи, неминовен е заклучокот дека тогаш постоеле извесни правни содржини, кои и денес се реактуелизираат. За мене особено беше интересно прашањето и за конкретни граѓански права, а кои, на мое изненадување, се сродни и со постмодернистички правни сфаќања и дисциплини, како на пример феминизмот.
Работевте во Собранието на РМ и сте автор на предлог-закони, декларации и анализи. Што е потешко, да се напише добар закон или да се направи успешна фотомонтажа?
Драгоцено искуство во Собранието ми беше што практично можев да се соочам што она што во правната филозофија се нарекува јазик на правото изразено преку номотехника. Подготвив многу амандмани, предлог закони декларации и говори. И тоа е работа за која е потребна многу ентузијазам и чувство за правна естетика, иако можеби на прв поглед не изгледа така. Напротив, за да се создадат зборови засновани на правна логика и номотехника и кои ќе се внесат во законско решение треба особено чувство за филолошка подреденост, и тоа според правилата на јазикот на правото. Тоа е кодиран јазик и треба многу внимание кога се создава, бидејќи еден збор или знак можат да ја изменат суштината. Меѓутоа, во Собранието сфатив дека нештата околу законите не се идеалзирани толку како што Уставот ги промовира или како што се проучуваат. Едноставно, многу од законите од министерствата доаѓаа баш правени според принцип на колажи и некреативни фотомонтажи, кога од повеќе регионални закони, со прост копи пејст превод се правеа франкенштајн решенија, кои и се гласаа, но создаваа проблем во праксата. За да создадеш закон мора да внимаваш на неговата социолошка функција, затоа и се пишуваат цели, последици и образложение на законот. Ако тој е превземен од друга земја, нема никогаш да профункционира затоа што правото е жива материја, адаптибилна на условите, не е копи пејст методологија и фабрикуван извор на законска правда. Веројатно оние што биле вклучени во правање на такви монтажирани копи пејст закони би одговориле дека потешко е да се направи успешна фотомонтажа (се смее).
Како правен консултант, бевте вклучен и во изработката на многу проекти од областа на антидискриминационото законодавство. Со оглед на тоа искуство, колку е Македонија дискриминаторско општество?
Со самото тоа што се наметна потребата од формирање корпус закони со антидискриминациона содржина и закон за антидискриминација, се добива и одговорот дали во Македонија постои дискриминација и дека законите се превенција од нејзино колективизирање под префиксот дискриминаторско општество. Сметам дека прашањето за дискриминацијата е прашање на јавната свест и перцепцијата на различностите, и во тоа е клучниот проблем за функционирање на законите со таква содржина. Не треба да се потцени и педагошкиот елемент во креирањето на личноста, кога најмногу се создава таа перцепција со предрасуди и анимозитет кон другиот. Секако, одредени дискриминациони тенденции се засновани од економски и трудови мотиви, и тие не се тајна, но за нивно сузбивање најосновен е правниот механизам на заштита за кој е потребна мошне функционална институционализирана постапка. За потемелно запознавање на поединците со сите законски решенија кои ги штитат од дискриминација, исто така е потребен поширок медиумски пристап и толување, бидејќи централното место во смислата и филзофијата на антидискриминационото законодавство е личноста и заштитата на неговиот дигнитет, права и достоинство. Во целиот тој процес констатирав дека антидискриминацијата понекогаш намерно беше претставувана и намерно девалвирана како синоним за заштита само на одредени групации иако најдобар пример за тоа дека дискриминацијата е погрешна доктрина и свесна или несвесна практика, се светските спортски успеси на лица со хендикеп, кои сами, низ сите животни ситуации успееја мошне прецизно да го истакнат значењето за еднаквоста, за која е потребна, пред се’ антидискриминација, создавање објективни и субјективни можности за функционирање и формирање јавна и индивидуална свест.
Што работите кога немате стандардна работна обврска?
Слободното време го поминувам со моите ќерки Бјанка и Софија и со сопругата Елена. Тие ми се примарни. Не одрекувам дека сакам да ги користам и социјалните мрежи за лична релаксација, следење на информации и комуникација, но секогаш тоа го правам избалансирано и во разумни временски рамки.