ДРАГАН: Не поради тоа што првпат бев сведок во живо на фудбалски и спортски спектакл од ваков ранг или што во професионална смисла ова ми беше пренос од најважен настан и воопшто врв на кариерата, чувството да се осознае и во буквална смисла да се доживее „Вембли“ е неповторливо. Иако ова не беше натпревар на англиската репрезентација, која своите мечеви го игра исклучиво таму, не можете да не ги забележите неговата аура, моќта со која значи како храм на фудбалот во колевката на овој спорт, или пак да не бидете свесен за неговото значење акумулирано низ годините. Иако станува збор за нов објект од пред неколку години, како фудбалски зависник не може да ја прескокнете традицијата што е вградена во секој негов дел... Фактот што немаше домашен претставник во финалето воопшто не го расипа неговиот сјај, напротив, му даде посебен белег, досега непознат случај две германски екипи на англиски мегдан да се борат за превласт во европски фудбалски рамки и тоа со огромна навивачка поддршка од нивната земја. Инаку, и претходно немав дилеми. Само се уверив дека ТВ-коментаторите на ова здание имаат извонредни услови за работа. Беспрекорни позиции, функционални во секоја смисла, поставени на соодветна височина поради која имате чувство дека големиот настан се одигрува тука, непосредно пред вас, на не повеќе од 30-тина метри оддалеченост, а не како да сте во облаците, оддалечени стотина метри од теренот, како што е, на пример, чувството од коментаторските редови на нашата Национална Арена „Филип Втори“.
ТОНИ: „Вембли“ е единствен, можеби има и поубави, пофункционални стадиони, но фактот што важи за еден од највпечатливите стадиони во светот не е случаен. Во првиот момент кога очите ќе се сооединат со неговите највисоки врвови, од неколку километри дистанца, уште тогаш знаете дека сте вљубени. Во тој дел од секундата станувате дел од нешто неповторливо и тоа го знаете со секој здив. А како чекорите кон него чувствувате дека во телото се случуваат некакви чудни, дотогаш непознати биолошки процеси. Како што објектот зазема се’ поголем простор во видното поле - растете и вие. Ја гледате „мајката“ на фудбалот, сфаќате колку сте блиску до вистинското, до исконското. А за условите, нема потреба да се зборува. Настанот е грандиозен, од највисок ранг и се’ е беспрекорно. Оние што работат во наши услови, не можат да не бидат фасцинирани од она што го нудат ваквите фудбалски храмови.
Претставуваше ли изненадување за вас и за другите коментатори на стадионот, што видовме толку квалитетен натпревар, со напаѓачки фудбал, иако имаше големо значење и беа можност за поправка некоја друга вечер?
ДРАГАН: Последните неколку финалиња со квалитетот на играта што го понудија беа можеби најава дека ќе продолжи серијата натпревари во која екипите, или барем една од нив, ќе калкулира и повеќе ќе внимава да не прими, отколку да постигне гол. Затоа, како да подзаборавивме дека, сепак, и не беше толку одамна, пред само осум години оној незаборавен меч во Истанбул, кога Ливерпул направи чудесен пресврт против Милан и ја освои круната. Во таа смисла, можеби очекувањата беа дека ќе гледаме претпазлив фудбал, меч без убавина, во кој се’ ќе биде подредено на резултатот. Но ете, имавме среќа Баерн и Борусија да му покажат на светот дека во вакви инфаркт-натпревари може да се оди на успех и да се заслужи славата, и со прекрасен и со атрактивен фудбал. Секако, тоа воопшто и не требаше да ни биде изненадување, само ако се потсетиме на начинот на кој Баерн газеше во текот на сезоната на патот кон Лондон, со посебен акцент на тоа како ја демолираше Барселона во полуфиналето, а секако и на стилот на игра со кој Борусија ги плени срцата на многу неутрани љубители на фудбалот, и со кој првиот пораз во ЛШ го доживеа дури во полуфиналниот реванш кај Реал Мадрид. Во секој случај, токму квалитетот што го понудија двете екипи беше причина за возбудата што ја доживеаја сите, и преку ТВ-екраните, а можете да замислите какво беше чувството да се присуствува во живо. Мислам дека адреналинот што го почувствувавме поради сево ова можеше и да се почувствува низ преносот.
ТОНИ: Ако се знае каква фудбалска филозофија имаат Хејкенс и Клоп, пристапот за мене воопшто не беше изненадување. Едноставно, Баерн и Борусија не знаат да играат поинаку, тоа го покажаа во сите натпревари сезонава. Не се бранеа и кога имаше резултатска оправданост за спроведување таква тактика. Баварскиот гигант важеше за фаворит и се обиде да ја контролира ситуацијата, да ја има топката, но тоа беше можност за Борусија, чии фудбалери се исклучително брзи и чекаа шанса. Впрочем, „милионерите“ први создадоа шанси за гол, заслужија да водат, не погодија, но го отворија натпреварот. Потоа, се’ беше според вкусовите на неутралните. Имало и поефиканси финални натпревари, но убеден сум дека овој е еден од највпечатливите во последно време.
Дали целиот Лондон живееше со финалето? Како изгледа кога во некој град ќе дојдат 100.000 навивачи отстрана?
ДРАГАН: Не може да се рече дека целата престолнина живееше со и за финалето, што е и разбирливо со оглед на отсуството на англиска екипа. Лондон е често домаќин на големи спортски збиднувања, пред неполна година го собра светот на Летните олимписки игри, пред две недели таму беше промовиран и европскиот кошаркарски првак Олимпијакос, така што за неговите жители спектаклите се на некој начин и вообичаени настани. Сепак, забележливо беше дека во ритамот на финалето пулсира целиот дел од метрополата во кој е „Вембли“, преплавен од реки навивачи на двете екипи облечени во дресови и наоружани со клупски обележја. За лондонци можеби и не е ништо ново присуството на над стотина илјади странски, во случајов германски фанови од кои половина беа без влезни билети, туку присутни во Лондон само за одблиску да го почувствуваат трепетот на победата (или болката од поразот), но за луѓе како нас, од овие простори, сигурно ваквата глетка будеше впечаток на нешто несекојдневно.
ТОНИ: Лондон е толку голем што и 100.000 луѓе во него можат да останат незабележани. Но, Германците оставија свој белег, најмногу во непосредна околина на стадионот. Со исклучок на еден изолиран инцидент, се’ мина во најдобар ред. Навивачите на двете екипи беа извонредни. Го обоија градот, нивните тонови ја диктираа атмосферата, предизвикуваа ведар лик и кај оние кои не се најдиректни фудбалски зависници. Да играше англиска екипа можеби амбиентот на стадионот ќе беше уште подобар, но и вака 25 мај 2013 за мене е незаборавен ден.
Имаше ли некаква карактеристика што сите фанови беа Германци? Колку нивното однесување се разликува од она што сте го виделе од Англичани, Италијанци, Балканци...?
ДРАГАН: Токму фактот што сите навивачи беа од иста држава беше најспецифичен во тој однос. Иако имаше информации за спорадични инциденти кои се случиле меѓу симпатизери на Баерн и на Борусија, многу топли човечки чувства будеше глетката кога во текот на денот, уште од пладневните часови, помали групи фанови на Борусија и на Баерн заеднички со кригли пиво на штандовите во близина на „Вембли“ ги минуваа бескрајно долгите часови и минути до моментот којшто сите го очекуваа, со различни надежи, се разбира. И на таков начин Германците покажаа дека ривалството на спортскиот терен, па и нетрпеливоста меѓу тифо-групите, сепак не мора да подразбира тепачки, физички пресметки, инциденти од поголеми размери, нешто што за наши (па, и не само за наши сфаќања) можеби е чудно и невистинито. Сепак, ете и тоа му даде дополнителен шарм на амбиентот што му претходеше на вечерниот спектакл.
ТОНИ: Германците беа мирни затоа што знаеја дека на „Вембли“ ќе слави нивната нација. Се забележуваше нивната препознатлива горделивост, заедништвото знаеја да го манифестираат, во исто време прикривајќи ја сета нетрпеливост којашто произлегува од спортското ривалство. За нас е неверојатно, но се дружеа навивачи на двата табора, ги исполнија кафулињата околу стадионот, немаше вулгарности, дури и кога еден или двајца навивачи на еден тим ќе се измешаа со противничка толпа. Кога тоа ќе се види, срцето е полно. Не може да не им се восхитите, можеби и да се почувствувате љубоморен затоа што знаат, имаат и можат да си дозволат вакво задоволство.
Дали Англичаните, како домаќини и организатори, жалеа за Реал и Барселона во финалето?
ДРАГАН: Искрено, не добив таков впечаток. Дури и не ни ми падна на ум дека би можеле да имаат став по тоа прашање. Сепак, Англичаните се премногу фудбалски горделиви за да жалат што некој друг неанглиски тим не е дел од финалето. А дали жалеше УЕФА што нема „Ел Класико“ на „Вембли“? Можеби, но по 90-те минути за фудбалскиот незаборав сигурно и на челниците на европската „куќа на фудбалот“ им беше драго што актери на спектакуларната вечер беа Баерн и Борусија, а не Реал и Барселона.
ТОНИ: Не верувам, ако не учествуваат тие, за нив е сеедно. И да имаше „Ел Класико“ на „Вембли“, екипите ќе добиеја ист број влезници, а англиските навивачи немаше да бидат побројни отколку на бундеслигашкото дерби. Лондон и Англија воопшто, досега многупати биле домаќини на спектакуларни настани, не дека се рамнодушни, но со исклучително квалитетниот спорт што го консумираат секојдневно, не верувам дека забележуваат нијанси меѓу Реал и Барселона од една и Баерн и Борусија од друга страна. На крајот на краиштата, германските претставници ја убедија Европа дека нивниот меѓусебен дуел во финалето е најубав и заслужен крај на извонредната сезона во Лигата на шампионите.
Како беше по натпреварот? На кој начин прославуваа навивачите на Баерн, а како тагуваа тие на Борусија?
ДРАГАН: Со многу пиво и со громогласни навивачки песни приврзаниците на Баерн ја прославија ја победата. Искрено му се израдуваа на успехот што го чекаа 12 години, откако во претходните три сезони двапати останаа со празни раце. Спротивно, натажени беа лицата на оние облечени во жолто, разочарани што нивните миленици беа толку блиску до целта, а сепак... Во литрите пиво ја бараа утехата за пропуштената можност, ги топеа тагата и спортската болка.
ТОНИ: Се пиеше, се пееше, се плачеше. Крици кај едните, молк кај другите. Кога ние го напуштавме стадионот, навивачите на Баерн се’ уште беа на трибините, и во неформална атмосфера славеа со своите миленици. Оние во жолто-црно ги испразнија трибините веднаш откако заврши церемонијата на доделување на признанијата. Затоа додека на „Вембли“ имаше песна, надвор од него редици луѓе чекореа молчешкум. За нас Македонците тоа беше препознатлива слика - напуштајќи ја спортската арена да се прашувате, а да не можете одговорите што ќе беше доколку...?
Во деновите пред мечот се зборуваше за големиот сообраќаен метеж во Лондон, па и дека фудбалерите на Борусија не стигнале навреме на последниот тренинг на „Вембли“. Тренерот Јирген Клоп дури изјави дека не знае дали ќе дојдат на финалето во закажаниот термин. Забележавте вие некаков проблем од таква природа?
ДРАГАН: Не почувствувавме некаков посебен метеж во сообраќајот можеби затоа што внимававме да не навлеземе во временски цајтнот, особено што во Лондон пристигнавме на самиот ден на натпреварот. Без оглед на тоа што и метроата и автобусите беа поисполнети отколку што веројатно се вообичаено, без проблем стигнавме до „Вембли“ уште во пладневните часови, а и потоа, кога попладнето се упативме кон местото на настанот.
ТОНИ: Добро е да се слушне дека, конечно, еднаш и Германците задоцниле. Ние бевме точни, без оглед што немавме многу време во саботата, а и двајцата првпат бевме во Лондон, значи не го познаваме. Сепак, се движевме брзо. Заслугата за тоа е на Драган кој напамет ги знае броевите на лондонските автобуси и на метроата и нивната маршрута (ха,ха, ха).
Колку е финалето голем бизнис? Дали се исплати да се организира финале на ЛШ?
ДРАГАН: Елитниот спорт е голем бизнис сам по себе, а фудбалската Лига на шампионите е кремот на европските случувања во најпопуларниот спорт. За организирањето на финалните натпревари нема официјално поднесување кандидатури, апликации и слично, па евентуални елиминации на кандидатите, туку УЕФА ги одредува градовите, година или две однапред. Повеќе е работа на престиж и на значење во тој свет, отколку што некој во тоа гледа шанса за профит или за економска исплатливост. Еве, токму деновиве УЕФА одреди финалето во 2015-та да се одигра на „Олимпискиот стадион“ во Берлин, а уште од лани се знае дека в година промоцијата ќе биде на „Луж“ во Лисабон. Куриозитет е што „Вембли“ беше мегдан на ова финале само две години по претходното, кога во 2011 Барселона тука ја освои последната европска титула. Годинава УЕФА пак му ја укажа честа, во знак на почит кон Фудбалската Асоцијација на Англија, која одбележува 150 години од формирањето.
ТОНИ: Ова што го раскажа Драган можам да го надополнам со еден податок, интересен особено за телевизиските работници. Преносот беше реализиран со 35 камери, сите со таков квалитет што можат да го покажат мускулното влакно на фудбалерите. Кога некој толку вложува, а живее во општествено-економска формација во којашто профитот е единствено мерило, тогаш сликата е целосна. Затоа секогаш има толку кандидатури за организација на големите настани, а битката се вжештува до тој степен што во процесот на донесување одлуки се’ почесто слушаме за неморални понуди, подмитувања, лобирања на највисоко ниво...
Своевремено, кога поранешниот претседател на УЕФА Ленард Јохансон престојуваше во Македонија, еден новинар го праша: дали некогаш ќе му биде на Скопје доделена организацијата на некое европско финале. Тој одговори: „Ништо не е невозможно, но за тоа треба да се исполнат некои услови“. Што мислите, дали сегашниот стадион во Скопје ги задоволува критериумите за таков голем настан?
ДРАГАН: Подобро да не се занесуваме со вакви идеи, кои се од доменот на научната фантастика и невозможни за остварување. Секако, не само поради условите што (не) ги нуди „Филип Втори“. Ние многу си го сакаме и замижуваме за неговите бројни фалинки и нефункционалности, но објективноста е поинаква. А и да не се залажуваме, за да добие Македонија некакво европско финале, треба да име фудбалско педигре и некаква традиција во меѓународни рамки. Тешко дека нешто би се променило во тој поглед во наредните 50-на години, што значи оваа наша генерација речиси сигурно нема да дочека таков настан. А за изјавата на Јохансон од пред 15 години, на која и не се сеќавам, високите гости однадвор секогаш бираат зборови кога за нешто сакаат да ви кажат „не“. И тоа не само во спортот. Како држава ние тоа досега стотици пати сме го осознале.
ТОНИ: Сега треба да продолжам со одговорот на претходното прашање. Дури и да понудиме најубав стадион, дури и да имаме совршена инфраструктура, ние ќе бидеме далеку од можноста да организираме финале. За жал, на нас светот гледа со недоверба. Според мене, не можеме да ги промениме околностите во блиска иднина.
Кога ќе се подвлече линија под целот престој во Лондон, што ќе паметите најмногу?
ДРАГАН: Дури откако завршивме со преносот, ја сфатив сериозноста на предизвикот со кој се соочив. Тогаш станав свесен дека ова ми е врв, кулминација на 18-годишната професионална коментаторска кариера. Требаше да мине дејството на адреналинот и да почнам да се пакувам за заминување од „Вембли“ за смирено да согледам дека ваквите можности да се доловат спектакуларните спортски настани преку микрофонот од самото место, не им се укажуваат секојдневно на спортските коментатори кај нас, иако тоа е нешто вообичаено за моќните ТВ куќи. Среќа што еве и „МРТВ“ во овој период, иако со оловни нозе, ги прави првите и најтешки чекори во тој правец, па се надевам дека мојот и гласовите на колегите од спортската програма и во иднина многу често ќе се слушаат од стадионите, арените и воопшто од објектите на кои ќе се одржуваат големите случувања од светот на спортот.
ТОНИ: Секако професионалниот предизвик. Финале на Лига на шампиони не се работи секој ден, а за мене ова беше специфично според многу параметри. Ми беше прво во кариерата, па уште на „Вембли“, па уште со спектакуларен фудбал. Нема да ми забележите за нескромноста, но мислам дека работата ја завршивме коректно. По подолго време „МРТВ“ прати свои новинари на фудбалско шампионско финале, тренд што се надевам ќе продолжи. Целта е јавниот сервис да биде секаде каде што има телевизиско шоу, да им понуди на гледачите вистинска перцепција, а тоа е можно само доколку коментаторот е на местото на настанот. Затоа, некои мои редовни слушатели или гледачи ме цитираат подобро отколку самиот себе. Се’ што се случуваше на „Вембли“ беше занес, беше транс, беше сон што стана јаве.