АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Александар Писарев, новинар
27.05.2013
ДА ИМАМЕ СЕРИОЗНИ ИНСТИТУЦИИ, ПОЛОВИНА ОД ФУНКЦИОНЕРИТЕ БИ ОДГОВАРАЛЕ ЗА ВАЛКАН БИЗНИС
Кога станува збор за случувањата од онаа страна на политиката, која обичниот граѓанин обично не ја гледа, еден од најдобрите соговорници во Македонија е Александар Писарев. Тој со децении се занимава со вистинско истражувачко новинарство, за што е добиник на бројни награди. Најчесто негови теми се безбедносните во регионот, организираниот криминал и неговата врска со државните структури...

Деновиве се појави информација во медиумите дека „син на наш познат политичар е уапсен во Грција поради поседување кокаин и нож“. На почетокот, беше спомнувано и името на политичарот, што потоа престана, за пак да се појави , по статија на еден грчки блог. Како човек, кој долго време ги следи и пишува за случувањата од двете страни на законот во Македонија, а е со децении присутен и во новинарството, ваквите написи ги сметате за истражувачко или за сензационалистичко новинарство?

Вестите од полициски билтени, доколку во нив се спомнува името на некоја јавна личност, особено политичар, бргу потоа прераснуваат во сензационалистички текстови , исполнети со многу интриги, детали од приватниот живот на политичатрите и нивните семејства, и немаат никаква врска со истражувачко новинарство. Никогаш не сум бил наклонет кон тоа, поради лошите дела на татковците да се идентификуваат и децата, или обратно, што кај нас често се случува, пред се’ ако станува збор за деца на политичари. Не дека родителите не сносат вина за постапките на своите деца, особено малолетните, но тоа не треба да биде форма за нивна политичка, морална и секаква друга деградација, без оглед дали се работи за политичар од позиција или од опозиција. Но, вистинскиот проблем е во нешто друго, а тоа е феноменот „татин син“, кој неретко се јавува кај актуелните политичари со висока функција. Тоа се најчесто машки деца, на преамбициозни родители , кои не се метнале на татковците, а таковците се секогаш некој и нешто и зад себе имаат силен грб, кој овозможува заштита на синовите, за тие да се однесуваат неодговорно. Тие деца се „шармери“, секогаш имаат доволно пари, плаќаат сметки во кафулиња, возат престижни автомобили, омилени се во женскиот свет, често и многу лажат, а кога се без контрола тогаш се на раб на криминалот. Знаат да подивеат, да бидат насилни, често кога се виновни покажуваат агресивност и кон органите за безбедност, возат без дозвола, носат оружје на јавни места, употребуваат или дилуват дрога... Лично сум присуствувал на таква ситуација, кога татин син се однесува агресивно кон полицаец, а овој го моли да се смири и да не го вика татко му. Не почитуваат и кршат норми на однесување, бидејќи татковците одат зад нив и им ги бришат „дамките„. Сите се прашуваме до кога. Е до кога? Додека со целиот овој багаж не ја преминат границата кај Куманово или Гевгелија. Таму има некои други „татини синови“, а за овие важат други правила, правилата кои важат за секој криминалец фатен на дело. Меѓутоа, луѓето кои се определиле за носители или извршуваат некоја јавна функција мора да бидат подготвени дека се под постојана опсервација на медиумите. Значи, ако сте јавна личност мора да знаете да се соочите со ситуации кога медиумите ќе бараат некоја сензација поврзана со вашата личност. Не е исто ако го фатат малиот Трајче на браварот Митре со кокаин во џепот. Тоа ќе биде периферна вест на црна хроника или ќе остане забележано само во полицискиот билтен. Но, ако на граница со кокаин во џепот и нож-скаквец го фатат Митре, син на високиот функционер, и ако уште веднаш потоа на границата се стрча татко му, стрико му, вујко му, високи полициски функционери..., и сите до еден почнат да вртат телефони за да го спасат, а секогаш ќе се најде некој обичен полициски службеник кој целата случка навечер ќе ја прераскаже во кафеана, ете ви сензација која дошла и до медиумите.

Ваквите случаи се пример за тоа дека примената на законот има различни аршини, во зависност од моментната политичка функција на инволвираниот или на негов близок...

Откако кај нас завладеа „еднопартиски систем“ и корпоративно управување со државата, во услови кога не постои поделба на власта, кога владее медиумски мрак, кога институциите на политичкиот систем не функционираат како што треба, лесно е да инсталирате „стаклено ѕвоно“ под кое ќе го сокриете и заштитите владеачкиот политички естаблишмент - од месна заедница, преку локалните власти, до врвот на пирамидата. Тие се над законот, законите им се подредени заедно со сите механизми и комплетната оператива, почнувајќи од безбедносните структури до судската власт, која е далеку од независна. Нивото на недопирливост почнува од општинските функционери, да не кажам и од месните заеднци, кои се експонетни на владеачката партија, па до владините институции. Затоа со месеци не знаеме што се случува и дали ќе одговара таму некој си градоначалник на селската општина, кој со автомобил прегазил човек, а седи на слобода. Или имате ситуација некој си „недопирлив“ маргиналец, кој е сервис на власта во валкани работи да згази пензионер на пешачки премин, а виновник да излезе пензионерот, зашто баш во тој миг преминувал улица. Тоа се банални случаи, кои зборуваат за недопирливост на одредени категории на луѓето блиски до власта, и за нееднаквост на граѓаните пред законот. Од друга страна, имате високи функцинери, актуелни и поранешни, кои се занимаваат со многу пософистициран криминал, од перење пари до сомнителни зделки во земјата и во странство, а се „умрежени“ со белосветски пробисвети и неретко својот, на почеток скромен (иако и тој на сомнителен начин собран капитал), подоцна го оплодуваат со народни пари и го кријат во поблиското или подалечно соседство и во странски банки. Кај нас, речиси четвртина век функционира чудна симбиоза на политичарите и бизнис-заедницата, во која со децении владее меѓусебна зависност. Тектонските нарушувања во тој систем настануваат само кога некој од македонскиот позиционо-опозиционен политички, бизнис и медиумски естаблишмент, по многу години на меѓусебна политичка и бизнис зависност, и финасирање од разни Холдинзи, ќе „застрани“, ќе се обиде да се осамостали и - ќе настрада. Секако, од своите, а не од функционирањето на правниот систем. Така, повремено се појавуваат разни случаи и афери, како „Керозин“ и слични. Тоа се бизниси на пајакова мрежа, од која не излегувате, туку ве исфрлаат. Како на друг начин да протолкувате дека еден висок полициски функционер од тајните служби две децении се занимава со разни градежни шпекулации и бизниси со недвижнини, а вие го апсите дури пред две недели? Демек, не сте знаеле што прави. Тоа се тие заштитени групи и моќни поединци, кои имаат империи во европските или во соседните земји, сметки во странски банки, оф шор компании... И за сето тоа се зборува само „пред коперација седејќи на празна гајба од пиво“. А, се сеќавам како млад новинар дека пишувавме за афера во винарската визба „Тиквеш“, кога неколку раководители беа осудени на по 15 години затвор поради некакви 50.000 марки, кои некаде се загубиле поради нивното несовесно работење. Државната комисија за спречување корупција е во овој момент смешна, нетранспарента и немоќна институција, која и покрај предупредувањата на европските институции, молчи како да не се однесува на неа. Кога би имале сериозни институции кои се борат против организираниот криминал најмалку половина од актуелните функционери, почнувајќи од локалната до централната власт, од јавните претпријатија до државните установи, комисии, министретсва..., би одговарале за многу валкани бизниси, перење пари, трансфер на пари во странство, сомнителни финансики услуги, банкраски шпекулации... За да се добие впечаток на борба против организираниот криминал се апсат маргиналци, се обвинуваат за многу „тешки злодела“: од „загрозување на безбедност на државата“ до најчестото обвинение - „злосторничко здружување“. Колекционери кај кои се пронајдени безвредни предмети и копии на антиквитети се обвинети за злосторничко здружување.


Колкава е моќта на организираниот криминал во регионот?

Почетоците на организираниот криминал во цела Источна Европа, вклучително и во Западниот Балкан, се во раните 90-ти години, со падот на комунизмот. Без идеи, без пари, без никакви шанси да влезе во рамноправна трка со технолошки супериорниот Запад, комунизмот падна за неколку дена. Тоа беше монументален настан, кој во наредните години ќе придвижи некои позитивни, но и серија негативни случувања, чии последици и недовршени процеси ги следиме и денес. На Запад, падот на комунизмот се сметаше за голема победа на демократијата над комунистичката диктаура. Бившиот социјалистички блок, вклучително и новосоздадените држави на просторот на поранешна Југославије влегоа во т.н. транзиција - израз лансиран од западната алијанса, која и самата беше збунета, па мораше да импровизира многу политички чекори, бидејќи не ги разбираше до крај импликациите на новосоздадената ситуација. Но, една група луѓе во тој галиматијас, во таа запрепастувачка мешавина на потреси, преврати, надежи, разочарувања и несигурност ја здогледа својата шанса. Тие нагонски насетија дека либерализираната трговија, продорот на западниот стандард, новите миграции и исклучително нискиот капацитет на владите и на безбедносните структури во новосоздадените „демократии“, за нив претставуваат златен рудник. Тоа беа криминалци, организирани и неорганизирани, но исклучително инвентивни, со капиталистички чип во размислувањето за претприемаштво, решителни да ги следат законите на понудата и побарувачката, и да се однесуваат во склад со нив. Почнаа меѓусебно да се поврзуваат, како што тоа го прават мултинационалните економии, и да бараат партнери. Која стока беше интересна? За Запад тоа беа жените, па почна масовна трговија со бело робје. Во поранешните комунистички земји, пак, се носеше се’ со предзнак на капитализам - од „Кока кола“ до „Мекдоналдс“. Меѓу редовите на овие процеси, на просторот на екс-Југославија се случуваа војните. Воениот плен и заработката во военото профитерство во Србија, Хрватска и во Босна им овозможија на шефовите на паравоените формации и на гангстерските сојузи да создадат свое царство. Политичарите, безбедносните структури и тајните служби, неможејќи да им ги фатат сите конци, во добар дел им се придружија во злосторничкото царство, па се создаде пајакова мрежа поврзана со сите проблематични региони во светот, како што е Авганистан, од каде почна трансфер на луѓе, наркотици, платеници, убици... Како се создадени „големите бизниси“ во Македонија? Во првите денови на таканаречената транзиција, кога стана јасно дека општествениот имот ќе доживее трансформација, во многу фирми на луѓето со претприемачки дух им беше најважно да дојдат до „тетратката на секретарката“. Всушност, најважно беше кој прв ќе дојде до сите адреси и контакти на бизнис партнерите, и кој ќе стави свој катанец на магацините со готови производи. Потоа, веднаш се формираа некакви приватни компании, кои преку обновените врски со подалечни странски и со регионални партнери почнаа со некогашниот државен капитал да си тераат приватен бизнис, а заработката да ја ставаат во својот џеп, „незабележувајќи“ дека збунетите работници не примаат плата и штрајкуваат. Не е никаква тајна кражбата на стока и трансфер на продукти од магацините на „Центро“ и „Славија“ во приватни маркети, кражба на текстил од „Македонка“ Штип, стока од „Македонија спорт“. Веднаш е воспоставена, и до денес, трае симбиозата меѓу политиката, односно политичките партии и бизнис елита. Тоа е разбирливо, бидејќи политичките партии имаат потреба од пари за да можат успешно да настапуваат на избори, да победат и да освојат власт. Така е создадена нераскинлива меѓузависност со бизнисот, која претставува опасна врска токму во оној момент кога партијата ќе победи и ќе ја има власта. Тогаш, противуслугите се во форма на посебен третман кон одредини бизнис-центри, односно им се замижува на едно око кога се во прашање противзаконити бизниси, што е своевидна корупција, благословена од државата и која го разјадува општественото ткиво. Затоа никогаш немаме вистински увид во финансиската моќ на политичките партии, ниту знаеме која партија колку пари потрошила на избори, и од каде и’ се дојдени. Ние, граѓаните тоа би требале да го знаеме, и би го знале кога надлежните институции би ги исполнувале своите обврски. Вака имате некакви смешни и маргинални институции, како Антикорупциската комисија или некаква комисија за спречување на перење на пари, кои се буквално исмеани, и од домашната и од меѓународната експертска јавност.

Слушаме за српска, црногорска и албанска мафија. Што е со македонската? Дали таа постои во форма како споменатите?

Македонската мафија, па дури и оној дел кој е под контрола на нарко-босовите од албанските кланови во Македонија и соседството, е маргинална во однос на регионалните, пред се’ на српската, албанската, и бугарската мафија. Всушност, македонската секогаш била нивен сервис или логистика. Таа не може да се спореди, на пример, со она што се случуваше во Бугарија, Србија или во Црна Гора. Да речеме, додека мнозинството Бугари буквално доживуваа колапс и немаа што да јадат, Илија Павлов стана мултимилионер и беше на пат да стане мултимилијардер, префрлувајќи на мафијашки начин државен капитал во својот приватен џеп, отворајќи преку „Мултигруп“ фирми низ Европа, Америка и во Парагвај. Отвораше медимски куќи, а како најуспешниот бизнисмен во земјата неговите потфати беа славени на сите медиуми. Вработуваше очајни Бугари во своите мегакорпорации, кои никнуваа како печурки по дожд. Имаше и јавни куќи во западните демократии. Во тој полусвет, на почетокот на создавањето пазарна економија беше невозможно да се направи граница меѓу она што е според законот, и криминалните дејанија. Истите услови важеа и во Македонија, но со оглед на габаритот на земјата и капацитетот на нашите „бизнисмени“, тоа не остави регионални траги и тектонски пореметувања во регионот. За нив Скопје и Македонија беа некаква логистика, каде повремено се состануваа со регионалните мафијаши. На нашите безбедносни органи им се познати ситуации кога бугарски кабадахии во придружба на дебелите вратови на своите телохранители, слободно влегуваа наоружани во скопски кафеани и ги празнеа од домашните гости поради важните состаноци на нивните шефови. Таквите состаноци често завршуваа со оргии во кои учествуваа наши макроа и домашни „бизнисмени“, а се со благослов на полицијата. Во време на ембаргото кон Србија повторно бевме периферни играчи, бидејќи главните актери во неговото кршењето беа Грците и српската мафија, помогната од КОС, кој имаше силно инсталирани ќелии во регионот. Албанците во Македонија имаа посериозен бизнис и тие заедно со Албанците од регионот, со српката, хрватската и црногорската мафија соработуваа и соработуваат во кримумчарењето наркотици и жени, често под закрила и со „одобрување“ на своите влади и безбедносните служби. Кога веќе зборуваме за регионалните мафии најинтересен е можеби случајот со Црна Гора и нејзиниот шеф, Мило Ѓукановиќ. Тоа е земја, која заедно со нејзиното криминогено раководство пред крајот на 90-тите уживаше голема поддршка од САД, до одреден момент. По распаѓањето на СФРЈ, Црна Гора како помала сестра на Србија остана во составот на „Југославија“, и ги трпеше сите несреќи на санкциите. Милошевиќ постоја но му се закануваше на Ѓукановиќ, но сразмерно на тие закани Ѓукановиќ покажуваше неверојатна храброст и приврзаност кон Западот. Поради тоа му беше овозможен состанок во Љубљана со најважните личности на САД. Ѓукановиќ стана миленик на Клинтон, кој беше одушевен од историјата и храброста на Црногорците, но го предупреди дека „цигарите се порок и не се добри за здравјето“. Црна Гора со популација од само 600.000 жители беше централна точка на криумчарењето цигари од Америка преку Средниот Исток, Централна Азија, Балканот до Западна Европа. Преку Отранската врата, јато на мали глисери секоја ноќ превезуваа цигари до сестринското пристаниште Бари, каде италијанската мафија чекаше на истовар. За секоја кутија цигари мораше да се плати „данок на транспорт“ за Ѓукановиќ. Ова беше единствениот начин оваа мала земја да оп стане во времето на притисокот од Слободан Милошевиќ. Годишната заработка од илегалната трговија со цигари се движеше околу 20 милиони фунти, што беше доволно да се покријат значаен дел од режиските трошоци на државата. Меѓутоа, поради овој „бизнис“, ЕУ имаше годишна загуба од 4-6 милијарди фунти, од неплатени даноци. Италијанското обвинителство имаше голема желба да го осуди Ѓукановиќ, но САД испраќаа дискретни пораки до владата во Рим, барајќи да го остават на мир, бидејки им беше потребен во битката против Милошевиќ. Оваа поддршка траше се’ до победата на Косово, кога на Ѓукановиќ од страна на Американците јасно му беше речено дека доколку сака поддршка од НАТО и ЕУ мора да преста не со криумчарење цигари, да ги прекине врските со мафијата и да облече „чисто одело“. Во почетокот на 2002 година, во еден извештај на британската разузнавачка служба е забележено дека Црна Гора ги прекинала „државните“ контакти со мафијата и оти Ѓукановиќ веќе нема врска со глисерите, па може да отпочне доближувањето до ЕУ. Причина за амнестија на Ѓукановиќ, за разлика од другите државни мафијаши во регионот, е во тоа што неговиот бизнис беше „во полза на државата“.

Колку пари годишно „завртува“ подземјето во Македонија?
Како што веќе реков, македонското подземје е дел од регионалната мафијашка структура. Таа годишно, главно, од шверцот на наркотици и акцизна стока, заработува околу десет милијарди долари. Оваа цифра им е позната и на безбедносните с труктури на ЕУ и на ОБСЕ. Ако оваа сума ја поделите меѓу регионалните кланови заработката во Македонија ќе биде околу две милијарди евра. Мафијата многу успешно, преку градежни и слични активности успева да ги испере овие пари, и да го продолжи бизнисот. Тука зборуваме, пред се’, за пари „заработени“ од шверцот на нароктици во регионот. Меѓутоа, има и подземје во кое се вмешани и актуелни и бивши политички и државни функционери со разни градежни и слични мафии, каде сигурно се во оптек, ако не поголеми, тогаш барем приближно исти суми. Тие пари, за жал, не се во македонските банки. Дел е инвестиран во Македонија, но голем дел се одлева надвор границите на земјата.

Колку се регионалните мафии поврзани со светските?

На Западен Балкан постои сериозна и многу добро организирана конспиративна Балканска конфедерација на организираниот криминал, чие седиште е во Црна Гора , а во неа покрај црногорските , членуваат криминалните босови од Македонија , Србија , БиХ , Косово и од Албанија . Босовите на таа Конфедерација кон крајот на август минатата година одржале на Свети Стефан конспиративен состанок, на кој е донесена одлука по секоја цена да се спречи понатамошната интеграција на Западен Балкан во ЕУ. Ова веќе не е никаква тајна, а оваа одлука ја потврдија и безбедносните служби во регионот и од ЕУ. На состанокот се анализирани се’ поголемите проблеми кои организираната мафија во наведените земји ги има поради европската агенда и соработката на полициите од овие држави со европските безбедносни структури . Поради таква соработка и доближувањето на Западниот Балкан кон ЕУ драматично се загрозени интересите и бизнисите на организираниот криминал . Затоа на Свети Стефан е донесена одлука , регионалните водачи на мафијата веднаш да ги искористат сите спреги со политичарите и со медиумите, кои имаат политичко влијание во овие земји , и не жалејќи пари , да се сопрат сите обиди и движења кон евроинтеграциите . Тие констатирале дека во некои од овие земји веќе се видливи резултати на пресврт во политиките на владите и нивното оддалечување од европската агенда, што е оценето како позитивен тренд , па во тие процеси треба и понатаму да се вложува . Направени се планови во соработка со водачите на организираниот криминал да се формираат нови политички партии , да се поддржуваат или отвораат нови медиуми, кои се против европските интеграции и да се предизвикуваат инциденти до ниво на повторна радикализација на политичката и безбедносна ситуација . Тоа би требало да го сврти вниманието на граѓаните и да ги дефокусира од проблемите кои ги имаат , а во меѓувреме мафијата да продолжи во спрега со политиката да ги испумпава ресурсите и капиталот, и да ги блокира интегративните процеси потенцирајќи ја наводната загрозеност на националните и идентитеските прашања од интерес на државите . Набљудувајќи од овој агол, многу случувања во регионот и во Македонија добиваат нова димензија и не се случајни во последните години . А нивниот резултат е очигледен застој во евроинтеграциите , затоа што од некој центар е повлечена „рачна кочница“. Бидејќи добивање датум за почеток на преговорите за полноправно членство, во земјите од регионот и самиот почеток на преговори подразбира во истиот ден инсталирање сериозни структури и инсталации на ЕУ, кои ќе ги стават под надзор , контрола и проверка многу одлуки , закони , тендери , трошење на парите на граѓаните... , а тоа нема да им се допадне на политичко - криминалните структури, кои две децении уживаат во хаосот и во кризните ситуации . Официјалните безбедносни структури и тајните служби, разузнувачки центри од регионот и од ЕУ, се во постојана координација да се спречат ваквите намери на организираните криминални кланови. Нашата министерка за внатрешни работи во неколку наврати е иницијатор и организатор на средби со колегите од региониот, свесна за постоењето ваква опасност.

Зошто толку често се случува кај нас обвиненија во големи процеси да паднат на суд? Кај кого е пропустот: полицијата, обвинителството или се работи за политички пазар, кој подоцна резултира со притисок врз судовите?


ПРОДОЛЖУВА
Loading







 
web design studio: Meduim3