АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Анонимно интервју
01.05.2013
МИСИ ЕС - АВТОРКА НА ВИДЕОТО „ХИТЛЕР ДОЗНАВА ЗА ПОБЕДАТА НА ЖЕРНОВСКИ„
Четиринеделната политичка сага, позната како избори во општина Центар, привлече големо внимание во целата македонска јавност. А, беше инспирација и за едно мошне интересно видео, кое исто така привлече големо внимание - „Хитлер дознава за победата на Жерновски“. Станува збор за пародија на познатиот инсерт од филмот „Der Untergang“ („Пад“), зачинет со авторски „превод“. Во потписот стои „Македонец Засекогаш“, но всушност, клипчето го изработи девојка. Иако млада, таа е доволно претпазлива кон евентуалните последици поради нејзиниот хумор, па засега инсистира на анонимност. Ќе ја ословуваме како Миси Ес, пседоним кој ќе го користи во иднина. Патем, фотомонтажата „Масакр со моторна пила на министерката Јанкуловска во Центар“, која веќе се појави на некои портали без да биде наведен авторот, а може да ја видите и на крајот од ова интервју, исто така е дело на Миси Ес...

На почеток, честитки за исклучително духовитото и многу популарно видео. Колку време го правевте, имаше ли повеќе варијатни на сценариото и дали соработувавте со некого или го изработивте сосема самостојно?

Ви благодарам. Искрено, не очекував толку голема, ако смеам да кажам популарност на видеото и толку позитивни критики. Самостојно го изработив, првично заради забава, но и заради актуелноста на темата. Ја искористив првата варијанта на видеото и го направив за околу два часа - со се’ download , upload, а и другите активности кои не се поврзани со клипчето. Јасно ми е дека не се работи за голема инвентивност и креативност, кога веќе знаеме дека тој инсерт од филмот „ Der Untergang “ е употребен веќе неколку пати, но мислам дека креативноста е во „преводот“, кој и тоа како гледав да одговара на она што се случува во позадина.

Кој дел од клипчето Вам лично најмногу Ви се допаѓа?

Мора да признаам дека уште се смеам на видеото, исто толку колку што се смеев кога си го пуштив првиот пат. Има повеќе делови кои навистина ми се допаднаа, но јас ќе ги издвојам следните:

- Ќе се примети, на мајка ти ќе се примети!
- Шефе, не ја мешајте мајка ми во ова.
- Шарлатану еден, ќе мешам кого сакам!

и
- И оваа овде гласала за Жерновски!
- (плаче)
- Не се секирај, и јас гласав!

Дури и сега се смеам додека Ви ги пишувам дијалозите.

Во коментарите на Јутјуб Ви се обраќаат со „а бе“, „друже“, „братче“, мислејќи дека сте машко. Всушност, „Хитлер дознава за победата на Жерновски“ нема автор, туку авторка. Кажете ни нешто за себе: што сте по професија, работите ли, од каде доаѓате (ако тоа не е Центар :)), дали редовно се занимавате со хумор (пишување афоризми, сатира и слично)...

Хахаха, да, најверојатно тоа ќе биде изненадување. Се согласувам дека псевдонимот кој го искористив алудира на личност од посилниот пол, па затоа и коментарите се наменети за некое „братче“ или „друже“. Но, не ми е важно. Важно е дека видеото беше прифатено позитивно и дека им делуваше духовито на голем дел од оние кои го гледаа, без разлика кој е автор. Еве, ќе кажам нешто за себе. Студентка сум, не сум вработена, па затоа и користам псевдоними. за во иднина да можам да се вработам. Хахаха. Не сум од Центар, и искрено, по овие избори - жал ми е што е така. Во однос на тоа од каде доаѓам, не би сакала да откривам, само ќе кажам дека сум од „Дивиот Запад“. Често користам хумор, но, не само на овој начин. Го применувам многу и во секојдневниот живот, затоа што се’ е поинтересно кога си духовита личност или си опкружен со духовити луѓе.
Инаку, политички сум неопределена. Можеби не изгледа така, но јас само свесно размислувам и коментирам за она што се случува во нашата, нели демократска држава.

Инсистирате на анонимност само поради можни последици од оние што ќе се почувстуваат засегнати, или едноставно, поубаво Ви е кога јавноста не знае која сте?

Инсистирам на анонимност делумно поради тоа што можно е да бидам разбрана погрешно. Не секој ќе го сфати хуморот кој сакам да го пренесам, туку нешто сосема друго. А, луѓето знаат да бидат сурови, кога некој не го дели нивното мислење. Секако дека инсистирам на анонимност во поголема мера поради евентуалните последици. Секој се плаши од можни последици, гледајќи каква е состојбата кај нас. Сведоци сме на време во кое медиумите, поради истата причина - страв од последици - се доста субјективни и затоа меѓу народот се познати како „перачи на мозок“. Мене, најмногу како неопределен граѓанин, но исто така и како совесен граѓанин, ми пречи ваквата состојба на замолчување во една демократска држава.

Се’ повеќе млади луѓе во Македонија ја изразуваат својата креативност преку интернет и социјалните мрежи, но нема речиси ништо институционално организирано, што ќе ги собере надарените, ќе ги поддржи и насочи. Ве фрустрира ли можеби тоа што талентот го покажувате ад-хок, на сопствена инцијатива и што веројатно состојбите нема да дозволат негова целосна афирмација?

Апсолутно. Фрустрацијата е присутна кај голем број млади луѓе, вклучувајќи ме и мене. Едно е јасно, а тоа е дека во денешно време најобјективен медиум е интернетот. Би го издвоила твитер. Таму она што се пренесува како информација се пренесува објективно и она што се коментира како актуелна тема, се коментира објективно. И секако, на духовит начин. Јас, како дел од таа „твитер заедница“, можам да увидам дека постојат голем број млади, духовити и креативни луѓе. За жал, делуваме само на твитер и најчесто анонимно.

Кога би имале услови, што би правеле, каков вид хумор и во кој медиум?

Кога би имала можност, би правела хумор за актуелните, но не само за политички теми. Најверојатно тоа би го правела на некој интернет портал, бидејќи не гледам можност за нешто поинакво. Би сакала на тој портал да работам заедно со одредена група од неколку креативни и паметни млади луѓе, на кој освен духовити содржини, би поставувале и објективни секојдневни информации, бидејќи навивам за постоење на што поголем број такви објективни медиуми.

Велите дека сте политички неопределена. Од таа перспектива, како ги гледате власта и опозицијата? Во што се слични, а во што се различни?

Точно е дека сум неопределена, иако тоа поинаку изгледаше поради содржината на видеото. Актуелната власт и опозицијата се различни по своите идеологии.
А, слични се по тоа што „војуваат“ за некоја власт, но откако ќе стигнат до таа власт, најмалку работат за народот. Дури и да го прават тоа, го прават до одредена мера, колку да си обезбедат или зачуваат гласови за наредните избори. На сите ни е јасно дека ако Македонија функционира како што функционира пред избори, животот на луѓето ќе се промени драстично на подобро. Познато ми е дека едните добиваат гласови на сметка на некој лажен патриотизам, кој секако не би бил лажен, доколку не го запоставеа Западот, што конкретно се виде и по овие избори. Не би сакала на Македонија да и’ се случи она што и’ се случи и на Србија - отцепување на дел од територијата. А, лажниот патриотизам не’ води токму кон тоа. Зошто? Затоа што може и да не’ продадат поради лични интереси и удобно столче. Патем, свесно и со бистра глава гледам на овие работи и по се’ изгледа дека баш поради тоа не можам да се определам. Жал ми е што во нашава демократија постојат само две најголеми партии, и нема место за некоја трета политичка опција. Но, се надевам дека благовремено ќе се појави некоја значајна политичка партија, или пак дека актуелните партии ќе го променат својот однос кон народот, па и ние неопределените ќе се определиме.

Што е, според Вас. најголемиот проблем на Македонија?

Голем проблем во Македонија е тоа што луѓето иако се свесни за она што се случува во нашата држава, немаат желба да го променат тоа. Проблемот е што секој се плаши да се спротистави или да го искаже своето мислење. Доколку, секој би можел да го искаже своето мислење, не би се случувало денешното замолчување на „антагонистите“, бидејќи секако би биле мнозинство и веројатно политичарите би се освестиле дека со народот никој не може, а и не смее да манипулира. Друг поголем проблем е тоа што не се трошат парите „домаќински“. Наместо да се вложува во нови работни места, наместо да се вложува во здравството, образованието и слично, нашите пари се трошат за поставување на споменици. Да, се согласувам дека треба да се вложува и во разубавување на градовите (потенцирам - градовите, не само во една општина), но не на сметка на уништување на зеленилото и гладување на народот. Ние сме се’ уште далеку од трошење пари за споменици, бидејќи веќе имаме доволно проблеми кои пред тоа треба да ги решиме. Едни од нив се несомнено и условите за нормален живот. А, како најголем проблем ќе го издвојам влијанието на власта врз полицијата и судството.

Дали сте повеќе оптимистка или повеќе песимистка за годините што доаѓаат?

Би рекла дека сум реалист. Тешко дека доколку продолжиме вака, нешто може да се промени. Но, во некои моменти сум и оптимист, гледајќи како центарци беа истрајни и одлучни да не дозволат некој да им наметне избор. Гледајќи како и по третиот круг, и покрај сите притисоци останаа доследни на својот избор, ми се враќа надежта, дека еден ден и во целата држава ќе има луѓе како центарци, кои ќе размислуваат со своја глава и ќе го казнат секој кој не работи во полза на народот.

Кои случувања на македонската политичка и јавна сцена во овој момент, мислите дека би го разбесниле „Хитлер“?

„Хитлер“ се’ уште не може да се опорави од конечниот избор на новиот градоначалник на Центар, а најмногу поради ревизијата на проектот „Скопје 2014“. Не му е сеедно ни тоа што центарци ќе го вратат зеленилото во својата општина и што по се’ изгледа, актуелниот градоначалник ќе ужива во довербата на граѓаните подолго време.
За крај, последното нешто од мене инспирирано од големата желба на министерката да фотошопира.











































Миодраг Мишолиќ



Loading











 
web design studio: Meduim3