Јурица, твојот текст предизвика големо внимание во македонската јавност, линкот вирално се прошири на социјалните мрежи, и во рок од неколку часови сите зборуваа за него. Но, ние видовме само дел од репортажата, објавен на интернет. Може ли накратко да ни пренесеш што напиша во остатокот, кој излезе во печатеното издание на „Јутарњи лист“?
Жал ми е што македонската публика нема можност да го прочита преостанатиот дел од текстот, бидејќи во него е суштината. Мене, „Скопје 2014“ најпрво ме интересираше како голема лупа, како огледало за зголемување, во кое може да се видат предимензионирани некои тенденции, кои постоеја или дури се’ уште постојат и во хрватската политика. И кај нас е сега предизборен период, па во Сплит - каде што живеам - градоначалникот, кој ја губи власта се обидува да направи пресврт во изборната среќа, со тоа што гради крст на ридот Марјан, само малку помал од тој на Водно. Моите сограѓани баш во овие денови потпишуваат петиција против споменик на Фрањо Туѓман, предвиден да се постави на само 50 метри од Диоклецијановата палата. Значи, и кај нас се обидуваат преку споменички историцизам да ќарат демагошки политички поени. Во рамките на конзервативното крило на хрватската политика се појави тренд на своевидно романтизирање на 90-тите, а шефот на опозицијата зборува за „враќање кон Туѓман“. Затоа, за мене Скопје е совршена лабораторија на вкусот и идеологијата на балканските национализми - може да го покажете Скопје и да речете: „Еве луѓе, ова ќе се случеше и кај нас ако туѓманизмот победеше долгорочно“.
Кога првпат го виде сегашниот центар на Скопје, кое чувство доминираше во тебе: збунетост, чудење, неразбирање зошто тоа, или ти дојде нагон на смеење? Со оглед на твојата репортажа, воодушевување сигурно немало.
Моето прво чувство беше - страв. Скопје ми заличи на град во кој владее некој луд Нерон. Ако некоја власт е кадарна да го презре толку многу 20-тиот век, современата архитектура, урбанизмот, струката, вкусот..., тогаш таа власт не би се стеснувала од ништо: можеби утре да прогласи монархија, или да воведе вербален деликт, или да апси луѓе. Второ чувство беше гнев поради расипништвото во една сиромашна земја. Поминав и низ македонската провинција, и видов дека таму не се живее добро. Бев во прекрасниот Охрид, каде фреските во Света Софија и во Света Богородица Перивлепта гнијат, а тоа е фантастично културно наследство, во рангот на најдоброто што го има Цариград. Арогантната власт, пак, за своите министерства и канцеларии троши милиони, место да го реставрира вистинскиот македонски идентитет и светското културно наследство.
Кога зборуваме за „Скопје 2014“, дали сметаш дека е поголем проблем барок во 21-иот век или квалитетот со кој се изработени спомениците и зградите?
Квалитетот на изведбата не би го земал за најголемо зло, иако тој е грозен. Проблем е стилот, кој е секогаш и идеологија, бидејќи секој стил е идеологија. Од стилот на „Скопје 2014“ може да се исчита презир кон модерноста и провинцијална несигурност на елитата, која се обидува да измисли идентитет, бидејќи мисли дека го нема. Секако дека е тоа грешка. Македонија има свој идентитет, но не оној од бронзените антички статуи и од псевдо-класицизмот. Повторувам: нам во Хрватска тоа не ни е непознато, и ние го поминавме во 90-тите, само во помалку расипничка верзија.
Дали го виде закотвениот кораб во Вардар, кој по завршувањето на изградбата би требало да биде угостителски објект? Како на еден приморец му изгледа таков брод на ваква вода?
Видов нешто, но искрено - воопшто не сфатив дека е тоа брод.
Има ли барем нешто ново во Скопје, што ти се допадна?
Кај вас и натаму го сакам она што го сакав во 80-тите, кога доаѓав многу почесто. Ја сакам Старата чаршија, македонската храна, вината, а со голем респект денес гледам и на она, утописко Скопје, настаното во 60-тите. Кога ќе поминам низ Градскиот трговски центар, сфаќам дека тоа беше шопинг мол, многу долго пред ние да знаеме дека такво нешто воопшто постои. Авангарден урбан потфат, во тоа време единствен од Берлин до Владивосток. Место да се слави таа просветена, меѓународно релевантна урбанистичка традиција, сегашната скопска власт го фингира 19-тиот век.
Кој ти е друг најсилен впечаток од оваа посета, освен проектот „Скопје 2014“?
Главна цел на моето патување беше Охрид, каде поминав краток одмор. Уживав во констатацијата дека и натаму е убав. Особено ми се допадна што е во него избегната гротескната преизграденост, карактеристична за некои делови од црногорскиот и од хрватскиот брег. Исто така, мислам дека се покажа визионерска одлуката на претходните власти да ја заштитат Галичица, со што е заштитен и источниот брег на езерото, кој е рајски. Повторно бев во Свети Наум, а тој е вистинско чудо. Првпат го посетив и Нерези, каде видов фантастични фрески и одлично јадев.
Ти помина во Македонија еден дел од животот, кој е на некој начин овековечен во книгата на Анте Томиќ, „Ништо не смее да не’ изненади“, и во филмот на Рајко Грлиќ, „Караула“. Кога денес ќе се сетиш на тоа време, кои ти се првите асоцијации и првите призори што ти се појавуваат пред очи?
Се сеќавам на караулата Мали Влај на Јабланица и погледот кон езерото од 1.500 метри височина, како од авион. Се сеќавам и на Ратко Младиќ, кој во тоа време беше анонимен полковник, но уште тогаш покажуваше знаци на опасен садист. Се сеќавам и на еден македонски потпоручник, кој во караулата доаѓаше на мотоцикл. Некој ми рече дека во меѓувреме станал важна личност во Генералштабот во Скопје.
Вие наскоро влегувате во Европската унија. Со какви емоции Хрватите го дочекуваат тој момент. Дали ентузијазмот и оптимизмот спласнаа или се зголемија во однос на претходните години?
Хрватска веќе не чувствува ентузијазам кон ЕУ. Процесот траеше предолго, беше премногу болен, а Унијата е и самата преполна со проблеми, особено јужниот, медитерански раб, на кој ние му припаѓаме. Хрватска е во рецесија пет години по ред, а со влегувањето во ЕУ нејзината прехранбена индустрија ги губи пазарите на ЦЕФТА, вклучувајќи го македонскиот. Никој не знае што ќе биде со бродоградбата, која како последен услов за ЕУ, е приватизирана на почетокот од оваа година. Атмосферата најдобро може да се опише како - загрижено исчекување.
Што се случува на политички и социјален план? Од она што го читаме во медиумите, актуелната влада не се снаоѓа баш најдобро со економските проблеми, но колку е сегашниот ХДЗ вистинска алтернатива?
Во сите источни држави (Полска, Унгарија), поранешните комунисти навистина воведоа капитализам, а потоа тоа предизвика револт и свртување кон десницата: погледнете ги Квашњевски и Ѓуршан. Во Хрватска тоа се случува со десет години задоцнување. Сегашната левичарска влада, е всушност, многу про-бизнис, ги форсира инвеститорите, капиталот, приватизацијата. ХДЗ неактивно мирува во опозиција, се расфрла со празни политички фрази и чека власта сама да им падне во раце, што не е исклучено како сценарио. А, што нуди ХДЗ? Се разбира, ништо. И онака, економските правила во рамките на ЕУ се премногу дефинирани, па просторот за солирање е многу мал.
Дали се плашиш дека заради актуелната криза и сето друго што се случува во земјите на ЕУ, особено со најавените референдуми за независност на некои региони, може да се случи идејата за Европа да биде закопана?
Според мене, таа е веќе закопана. ЕУ се претвори со идеолошки полицаец на либерализмот, кој денес ги задушува сопствените членки, и им ги одзема инструментите за самоодбрана, како валутниот курс, царината, субвенциите... ЕУ денес ми наликува на Југославија од 1986-та, една година пред доаѓањето на Милошевиќ. Повторно имате север и југ, односно обвинувања кој кого финансира. Дури им се и речениците аветински идентични. Иронијата е само во тоа, што во 1986. Хрватска беше север, а сега ќе биде југ.
Пред 20 и нешто години, кога Европа почна да се обединува на речиси целиот свој простор, Балканот се разединуваше. Дали сега ќе следи спротивен процес - кога Европа се чини „заморена од заедништвото“, овој дел да почне потесно да соработува, вклучивајќи и некои институционални форми?
Во културата е така. На пример, драго ми е да видам дека весникот во кој пишувам се купува на секој сараевски киоск, дека црногорски писатели ги објавуваат во Загреб своите први изданија, дека се снимаат филмови во копродукција. За жал, во економијата тоа не е случај. А, влегувањето на Хрватска во ЕУ уште ќе одрази дополнително негативно на тоа, бидејќи веќе ќе нема бесцаринска трговија.