Во последниве месеци, односно од минатото лето, неколку пати те имаше во медиумите, но само како гостин. Веќе не си присутен со твојата емисијата. Зошто?
Тоа е мој избор, а тие неколку дозирани појавувања во јавноста беа кога сметав дека треба во одреден момент и на одредено место да го кажам своето мислење. Благодарен сум на колегите, а особено на јавноста, кои многу се интересираат што се случува со мене. А, причини за моето повлекување се две. Прво, имав одредени семејни проблеми, на кои мораше да се фокусирам целосно, и за среќа тие се сега надминати. И второ, го убија македонското новинарство, односно веќе година-две ние немаме простор да ја работиме професијата на вистинскиот начин. Ни ги одзедоа основните услови за работа, што е потполно исто како на фудбалерите да им го одземете фудбалскиот терен. Замислете да дојдат Меси и Роналдо, а ние не ги носиме да играат на стадион, туку на некоја селска полјанка. Токму тоа се случува со нашето новинарство. Она што јас го работев со години - интервјуа и дебати, веќе не постои. Дали сте виделе да се реализира квалитетна дебата на некоја од телевизиите? ВМРО ДПМНЕ со години не доаѓа на реални соочувања, туку оди само кај „своите“ новинари. Дури ни луѓето од американскиот Национален демократски институт не успеаја да ги убедат. Јас не сакам да бидам во улога на водител ако ми се гости четворица истомисленици, кои само ќе се надополнуваат еден со друг. За здраво општество потребни се : здрава дебата и здрави интервјуа, кои ќе ги отворат атрофираните мозочни бразди на публиката, да размислува, да има реален став за нештата, да прифати, односно да одбие понуден концепт или алтернатива, за потоа да има и вистински однос пред гласачките кутии. Не може да добиеме легитимни избори, ако немаме легитимно новинарство.
Каков ти е сега статусот?
Слободен новинар, каков што ми беше одамна, но сега сум ептен слободен (се смее). Тешко се преживува, многу тешко, егзистенцијата е загрозена, меѓутоа решив да паузирам до септември. Покрај немањето амбиент за кој веќе зборував, причина е и тоа што никогаш порано не сум бил во ситуација неактивно да ги следам состојбите на едни избори. Сакам да видам како се информира во Македонија, а кога си директно вклучен во процесот, се фокусираш на работните обврски и не може да анализираш добро, како кога стоиш отстрана. Затоа, ќе оставам да помине се’, од гласањето во вториот круг и прегласувањето, до постизборието, прегрупирањата во опозициските редови, однесувањето на власта... Сакам сето тоа да го оценам од ваква, порелаксирана позиција, а до почетокот на есента ќе ја донесам мојата одлука, што понатаму. Но, мора да кажам, јас навистина не сум сигурен дека нешто ќе се подобри, од аспект на можност да се понуди вистински новинарски производ. Дури се плашам дека ќе биде уште полошо и оти ќе се зголемува притисокот. Оваа власт, освои се’ што можеше да се освои, победи секаде, и е евидентно дека тие немаат желба да овозможат земање здив, да остават барем некој вентил. Јас кога би бил лидер на партија која држи се’ под контрола, би употребил малку логика, да им дадам простор на „нервозните“ да дишат, за да не пукне балонот. А добра можност за тоа беа овие локални избори. Но, тоа е ако сте логичен, а кога сте таков не владеете на сегашниот начин, што значи дека овде ќе се оди до крај. Оспорувањето на Центар, и особено на Струмица, покажува дека „нема бре нигде, освен во Ранковце“. Се чудам како и таму не ги оспорија резултатите. И, што следи по 100:0? Да се уништи и она малку што останало да мисли со своја глава. Се плашам дека работите одат во таа насока. Тука мора сите да се преиспитаме. Една варијанта е хомогенизирање на тие што не мислиме вака и обид со континуиран јавен настап, во Македонија и меѓународно, да се бориме за да ја вратиме професијата. Но, не сум сигурен дека сме подготвени за тоа и оти го имаме обединувачкиот момент. Втората е секој да го бара решението индивидуално, во некои други води. На крајот на краиштата, ако политиките во оваа држава не функционираат, а политиката треба да обезбеди простор и амбиент за демократско општство, можеби некој треба да се активира и политички, да види што може да направи од таа позиција, да го создаде амбиентот, па потоа да и’ се врати на професијата.
Последново звучи како размислување за нова опозиција. Не очекуваш веќе ништо од СДСМ, Сојузот за иднината, Отпорот...?
Нашата опозиција е посебна приказна, за жал, се’ повеќе тажна. Од секој аспект. Ако зборуваме за новинарството, ни неа не и’ се сосема туѓи методите на ВМРО ДПМНЕ, што е најзабележливо на интернет сајтовите, кои се максимално поделени: класично навивачки за власта и класично навивачки за СДСМ. Тоа не е новинарство. Истото важи и ако зборуваме за експертите. Дури проопозициските излегуваат со порадикални ставови. Пред некој ден го читам Љубомир Фрчкоски, кој застапува идеја за две Македонии, за тотална поделба, до ниво на наши и ваши кафеани, продавници, образовни институции... Да сме бојкотирале се’ што има врска со власта. Па, тоа е апсолутна небулоза. Тогаш ајде, и да се иселиме од државата. Напротив, мојот став е дека ние мора да промовираме инклузивност во општеството, без оглед на начинот на кој владее Груевски. Нормалните структури во земјата да сфатат дека треба да има комуникација и да се обидат да ја реализираат по секоја цена, колку и да е тврдокорен неистомисленикот од другата страна. Мора партиите, кои не го прифаќаат начинот на кој власта ја води политиката да се обидат да допрат до секој поединечен граѓанин. Да разговараат со него, да го сослушаат, и потоа да му ги презентираат својот концепт. Народот не може да го смениме. Најлесно е да кажеме: „луѓето се наобразувани, неписмени, подложни на манипулација, генетски предодредени да бидат послушни...“. Но, што сме постигнале со тоа? Апсолутно ништо! Второ, ниту еден народ на светот не може да се дефинира толку едноставно. Режими и авторкратски системи се случувале и се случуваат во многу држави. Зарем Русија немала интелектуалци и храбри луѓе, или Германија пред Втората светска војна, односно цела Источна Европа по Војната? Секако дека имале, и секако дека не биле генетски предодредени за фашизам и диктатури. Секој народ бара решение, а кога му е најтешко тоа решение треба некој да му го понуди, и граѓанинот да го почувствува како понуда. Не може да се извлечете од одговорноста со тоа дека „Груевски владее автократски“. Секако дека владее, и тука нема дилеми. Но, што сега? Ќе се одвоиме и ќе правиме наш уќумат? Не ми е јасна таа политичка филозофија. Токму затоа, и покрај сето ова што го прави ВМРО ДПМНЕ, опозицијата не успева докрај да ја извлече онаа структура на луѓе, во кои со години тлее потребата за нормалност. А тоа е, за почеток, конзистентна и конкретна политика. Ќе бојкотирате или нема да бојкотитрате. Како тоа, два месеци зборувате нешто и тврдите дека сте цврсти како бетон, а потоа, во фотофиниш го менувате ставот? Во таква ситуација логично е дека изборите ќе бидат кланица за вас. Дваесет и четврти декември беше катастрофа. Според мене, тоа не е „црн понеделник“, туку смрт на демократијата во Македонија. Таков упад против пратениците и новинарите не може да се замисли во нормална европска држава. И, ако сте решени да не проголтате такво деградирање на системот, тогаш уште во тој ден излегувате од Собранието, ги враќате мандатите, се повлекувате од сите институции и веќе не ве интересираат никакви избори, кои нема да ги спроведе техничка влада. Или, ако сте решиле да останете, тогаш водете ја борбата институционално, прифатете комисија, учествувајте во расправа и потрудете се што е можно побргу да се расчистат состојбите. Шетајте по улица и демонстрирајте, но не зборувајте за бојкот. Може само едното или само другото. Такви конфузии опозицијата направи во серија, од бланко поддршката за името, па нејзиното повлекување, до небулозната застанување зад Законот за бранители, кој ВМРО го предложи како инат за Слупчане, а СДСМ наивно се „накалеми“. Или, на пример, како тоа коалицираат со „фашистот“ Груевски во Струга и во Кичево? Таква Македонија ли ми ја нудат како алтернатива? Етнички концепт? Па, тоа се коси со сите мои елементарни сфаќања за демократијата. Сето ова зборува дека нешто таму шкрипи темелно. Велат, нема слобода на медиумите, притиснати се или купени со реклами. Точно, но што со тоа? Која е алтернативната понуда на СДСМ? Како тие замислуваат кога ќе дојдат на власт да се справат со таа состојба? Сте слушанеле некаде нивно решение? Како да создадат потреба кај сегашните сопственици да имаат нормални медиуми? Или, зошто пред овие избори не ги повикаа Здружението на новинари и Новинарскиот синдикат, па и тие што не се членови на овие тела, да ги сослушаат, а можеби и да потпишат некој меморандум за разбирање, дека еден ден, кога ќе бидат власт, ќе имаат поинаков однос кон медиумите? Ништо од тоа не се случи, а така е во секоја област. Како тогаш јавноста да ги препознае политиките на СДСМ? Кои политики? Андреј Петров изјави дека Стевчо Јакимовски ги „издал другарите“. Па, што се тие, партија или друштво? Какав врска имам јас, како граѓанин, со нивниот другарски однос? Тоа е фундаментално неразбирање на политиката и на политичките реалции. Сега, пак, се чудат како Угриновски од Титови леви сили, час е за Жерновски, а час за Тодоровиќ. Па нормално, човекот си „брка работа“. Прашањето е како вие прифативте таква личност да ви биде коалициски партнер цело време пред тоа. Или Љубчо Георгиевски, и некој други, за кои е евидентно дека постои лицемерно сојузништво. Тоа е жална слика за опозицијата. Но, во суштина, најмалку е битно дали СДСМ ќе се трансформира или ќе се изроди нова политичка опција. Важното е да се изроди опција со ПОНУДА, односно конкретност, алтернативи на сегашните глупости на власта, која ќе застане зад тие алтернативи и ќе ги спроведе до крај.
Имаш објаснување која е „тајната“ на Груевски?
Пред се’, тоа што кон опстанувањето на власт (а за него политиката е само да се биде на власт), приоѓа со научна аналитичност. Тој направи точна анализа со какви противници си има работа на политичката сцена. Второ, ја води државата како што бизнисмен би водел приватна фирма - ја дефинираше целната група, со што контролира меѓу 400.000 и 450.000 гласачи, и тука му е ориентирано се’. Четирисет и пет милиони евра за земјоделците три дена пред избори, 500 денари плус за секој пензионер, неколку десетини илјади вработени во државната администрација... Исто така, знае да комуницира со оние кои имаат пари и кои вработуваат. Сојузот на стопански комири е зад него, а тоа се бизнисмени од средната генерација, кои самите ги создале своите фирми. Трето, ја користи состојбата дека овој народ не видел никогаш вистинска демократија, па применува методи кои се соодветни на тоа, а прилично „убедителни“ за евентуалните непослушни. Притоа, ги применува бескомпромисно, што сите го видовме повеќе пати. Четврто, кај него нема промена на ставот под притисок на јавното мислење, освен таму каде што популистичките мерки, во еден момент ќе се покажат како контрапродуктивни. Но, и тогаш реагира експресно. Пример е Есма Реџепова и песната за „Евровизија“. Видоа незадоволство кај народот, и веднаш ја повлекоа. Едноставно, цврста тупаница во сите сегменти на општеството и етикетирање на секого кој нема да го прифати таквиот начин. Тој систем, во најмала рака се вика деспотизам или автократија.
Гледаш некаде светла точка?
Не, и тоа најмногу ме плаши. Мислам дека никогаш не сме биле во волку долг и мрачен тунел. Во 1999. ја имавме страшната косовска криза, со 350.000 бегалци, што е сериозен потрес за држава како Македонија. Во 2001. го доживевме воениот конфликт, но и во двата случаја, барем приближно знаевме кои се причините и како би требало да заврши тоа. Значи, имавме каква таква дијагноза, па можеше да се одреди и каква таква терапија. Сега немаме дијагноза. Како тоа овие луѓе, кои се избрани од народот и произлезени од него, почувстуваа потреба вака да го згазат македонското ткиво или да влезат во изведби на небулозни проекти, кои само нивните умови може да ги прифатат како нормални? Најтрагичното е што во моментов никој во Македонија нема идеја кон што води сето ова.
Ја загубивме ли државата, во смисла на институции, полиција, обвинителство, правосудство?
Да, државата е загубена, барем засега. Ова веќе не е држава, туку само територија, која за среќа е меѓународно разграничена со потврдени граници, и во неа имаме два партии на власт, од македонскиот и од албанскиот етникум, кои ја владеат територијата. Кога партија ги презема институциите, и таа те тужи, таа те суди, таа те ослободува, таа спроведува или не спроведува истрага ..., тогаш навистина сме потонати во длабока кал. Истражниот судија си заминал предвреме од местото на трагедијата на нашиот колега Никола Младенов, и тоа поминува без никаква конкретна реакција. Јавното обвинителство требаше барем да праша како е можно тоа, особено кога се знае за кого станува збор и какви се’ сомневања постојат. Или замислете, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски вели во интервју: „Ни на сон не би помислил дека можело да му се случи ова што му се случи“. Тој што ги повикува државните служби да влезат и да интервенираат, само за по секоја цена да ги проектира парите и да ги пушти за предизборни потреби, е најблаго речено невкусно да зборува дека нему „му се случило нешто“. Што требаше да направи Обама во нивната дебата за буџетот? Да ги повика „фоките“, кои го ликвидираа Бин Ладен, за да се пресметаа со Републиканците? Не може тоа така. Затоа велам, државата е загубена. А ти ме прашуваш за светло. Не, јас не го гледам никаде, освен ако самите не се одважиме, не се охрабриме и не се организираме да го запалиме. Никој друг нема да го стори тоа за нас. Странците се заморени од нас. Не се интересираат веќе за Македонија. Оставени сме. Многу пари се истурени, многу нерви се потрошени од нивна страна. Не’ одржаа да бидеме една од државите на мапата на светот и тоа не малку. Но, за опстанокот и напредокот ќе мора сами да се погрижиме, што ќе бара многу напор од сите нас, а и сериозна храброст. Европа, веројатно, ќе поддржи некого ако види дека тој го заслужува тоа, но во основа, на Брисел му е клучно да се одржува стабилност и да нема проблеми со земјите членки. И да е Македонија тотално недемократска држава, ако им помине релаксирање на односите со Грција, ние ќе го добиеме датумот за почеток на преговорите. Од друга страна, да сме најдемократска, без компромис со Атина, не ни ја отвораат вратата. Но, мене не ми треба Македонија членка на ЕУ, а без европски, демократски и човечки вредности. Што ќе ми членство ако дома немам слобода на духот, изразувањето и дискусијата, како што е денес? Што ќе ни се преговори кога имаме урнисано општество, деморализирани граѓани, упропастена економија, закоравено образование, толкава меѓуетничка и интраетничка тензичност...? Што ако добиеме датум за преговори? Нема ефект од тоа. Може да има само за власта доколку го изведе тоа „патриотски“ или за опозицијата, ако успее да му накалеми на Груевски „предавство“ при евентуален компромис со Грција. Но, секојдневието нема да го почувствува тоа. Се’ уште ни заминуваат деца надвор, 100.000 се иселени. Затоа велам, ова не е мојата Македонија. А, за да ја вратиме, прво мора да се избориме за елементарното човечко достоинство, па од таму да тргнеме.
Ако не гледаш светло во тунелот, постои ли барем потенцијал за да се вклучи?
Тоа да. Нема општество или нација без потенцијал, а ние имаме прекрасни луѓе. Народ кои има сила да прави хумор на своја сметка, не може да е неквалитетен. Само треба да сфатиме колку е штетно да се гледа сеирџиски кон пропаста или потиснувањето на значајни проекти, како „К-15“, мојата емисија, „А1“, неделникот „Граѓански“... Тоа е првиот чекор од кој ќе почнеме да ја демонтираме оваа општествена хаварија. Ајде да ги рекомпонираме работите. Секој од нас треба да одлучи како, во рамките на професијата или пошироко. Јас сигурно нема да останам мирен и да станам апатрид во сопствената татковина. Подготвен сум да влезам во таква битка. Имам деца, решен сум да живеам во оваа држава и важно ми е таа да биде квалитетна за своите граѓани и пристојно место за живеење. Како? Што се однесува до мене, ќе се знае во септември.