АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Антонио Димитриевски, омаж за Никола Младенов
01.04.2013
БЕШЕ НАЈЛУДО ГЕНИЈАЛЕН И НАЈГЕНИЈАЛНО „ЛУД“
Во 1995 година почна да излегува првиот приватен неделник во Македонија, „Фокус“, кој во изминатите 18 години прерасна во вистинска медиумска институција. Во таа прва екипа се најде и тогашниот новинар, а денес естраден менаџер, Антонио Димитриевски. Во знак на сеќавање на трагично починатиот сопственик на „Фокус“, Никола Младенов, Антонио се присетува на тие времиња...

Како почна вашата соработка, како се најдовте заедно во новинарството?

Јас знаев за Никола од Детската радиодрама и од ТВ-сериите, кои ги гледав во тоа време. Подоцна, кога станавме средношколци и студенти, тој почна да соработува во некои весници, односно да навлегува во новинарството, а јас да свирам тапани во рок-бенд. Така, ни се сретнаа патиштата, бидејќи доаѓав во „Млад борец“ за да напишат нешто за мојата група. Таму се запознавме лично, си откривме еден на друг дека посредно се знаеме, и кога кон крајот на 80-тите решив да ја ставам музиката во втор план, сфаќајќи дека имам поголем порив за новинарска работа, прв човек на кого се обратив беше Никола Младенов. Ме праша: „За што би пишувал?“, му одговорив: „Музика, естрада, шоу-бизнис“, и така тргна нашата соработка. Тоа траеше речиси две години, во кои пишував и посериозни теми од културата, на што сум многу горд, зашто под неговото водство „Млад борец“ прерасна во вистински предвесник на македонската политичка пролет. Таму и се вработив, односно Никола е човекот кој ми го даде моето прво решение во еден медиум.

Таа соработка беше основа подоцна да се најдеш во почетната екипа на „Фокус““...

Во „Млад борец“ бевме мал број луѓе, па многу често работата се претвораше во другарување, што не’ направи, и приватно блиски. По заминувањето од редакцијата знаевме да седиме со часови по кафеани и да дискутиравме за сите можни теми. За жал, кога дојде плурализмот сите заборавија на тоа што претставуваше списанието за демократијата во оваа земја, како и што направи за кариерата на многумина од нив. А, некои од соработниците подоцна станаа министри - Јане Миљовски, Љубомир Фрчкоски, покојниот Лазар Китановски, Павле Трајанов... Поради таквиот однос и општата медиумска клима мораше да се стави точка на таа приказна, па секој замина на своја страна. Јас се префрлив во „Македонската телевизија“, каде што и Никола имаше обид, заедно со мене, Оливера Трајковска и со Зоран Костов, во првата гарнитура на култната емисија „Пулсирања“. Но, нему не му се допадна телевизискиот медиум, и го основа радиото „Либертас“, со кое се трудеше да влијае врз тогашната нова, плуралистичка сцена. Набрзо сфати дека тоа не може да се оствари, зашто публиката се навикна на радио да слуша песни, а не сериозни политички теми со вистинска тежина. Бидејќи нашата комуникација продолжи, во еден момент ми рече: „Имам намера да правам приватен весник, формирам тим и сметам на тебе“. Така почнавме со „Фокус“ во 1995. Јас бев дел од таа прва редакција, иако веќе работев многу сериозно во „МТВ“. Почнав со четири страници за забава, кои до крајот на мојот ангажман во весникот прераснаа во десет. Покрај актуелни теми за музика, спорт, мода, интервјуа со познати и непознати естрадни личности, разни скандали и се’ друго поврзано со забавата, многу читани од тој сегмент беа колумната на Велибор Џаровски, „Џароплац“ и мојата - „Рамбо поручуе“. Јас бев во редакцијата три години, а потоа кариерите ни тргнаа во различна насока, зашто обврските веќе не ми дозволуваа да работам на две места. Но, дружењето ни остана, а кога Никола реши да формира семејство, и му требаше простор за градење куќа, јас му посочив на една барака недалеку од мојата, па така станавме и соседи, и се’ уште сум на 50-тина метри од неговите најблиски.

Како изгледаа првите недели и месеци на „Фокус“?

Стопроцентно партизански. Македонија беше во тотален хаос, се распаѓаа цели комбинати и фабрики, луѓе остануваа на улица, многу работи излегоа од контрола... Време на тотално лудило. Често доаѓаа нови соработници, но кога ќе го почувстуваа притисокот, се откажуваа.

Во тоа време доста се зборуваше за притисоците и “убедувањата“ за весникот да објави, односно да не објави нешто. Како го доживувавте тоа во редакцијата?

Доаѓаа рекетари да го „кршат Фокус“, да го бараат Никола или некого од нас, другите. И мене ме бараа неколку пати. Памтам случај кога една фолк-пејачка го прекина интервјуто што и’ го правев, зашто не и’ се допаѓаа прашањата, па откако го објавивме тоа, дошол во редакција нејзиниот тогашен маж, инаку таксист, со цела „свита“ таксисти за да се пресмета со мене. За среќа, не бев таму во тој момент и се извлеков без последици. Познат е и случајот кога Никола беше сочекан и брутално претепан во влезот од зградата каде што живееше. А, за закани и подмитувања од типот: „Ова подобро да го заборавиш“ или „Што треба за да го заборавиш“, да не зборувам. Тој малку зборуваше за тие работи, веројатно само со уредниците на чија рубрика се однесуваше „сугестијата“, но сите знаевме дека живее под силен притисок. Беше максимално храбар, подготвен да оди „по жица“ и да чепне каде што другите не се осмелуваат.

Дали тоа создаваше тензична атмосфера во редакцијата, страв, непријатност?

Не, напротив. Атмосферата во „Фокус“ беше една од најрекалсираните каде што сум работел. Никола имаше неверојатна смисла за хумор, а и голем актерски талент, па знаеше да го поправи расположението на секого, свесен колку е тоа важно за работата. Се случуваше да се развика, но ако претерал, и да го сфати тоа, па да се јави: „Ајде дојди, те чекам во кафеана“. Никогаш не ми рекол „извини“ со збор, меѓутоа многу пати ми го покажал тоа со постапки.

Евидентно е дека имаше смисла и за маркетинг. Тој е првиот кој почна да прави телевизиски реклами за весник, со читање на најатрактивните наслови со свој глас.

Никола не беше само многу добар новинар, татко на истражувачкото новинарство во Македонија, туку и одличен менаџер. Мислам дека го измисли и колпортерството кај нас. Уште во „Млад борец“ ние новинари сами го продававме весникот, бидејќи тогашните дистрибутери одбија да не’ дистрибуираат, заради „закачувањето“ со некои од моќниците. Едноставно, не се предаваше во ни една ситуација и реши ние да излеземе на улица и лично да им го понудиме на читателите. Доаѓаа луѓе од цела Македонија на нашите тезги, или порачуваа да им купи некој што патува за Скопје. Подоцна стана првиот новинар во Македонија, кој инвестирал сопствени пари во голем медиумски проект. Го продаде својот стан и живееше под кирија одредено време, за тие пари да ги вложи во радиото „Либертас“ и во „Фокус“. Но, веруваше во себе, за што евидентно, имаше аргументи. Во таа почетна фаза се’ се случуваше со неверојатна брзина. Веќе до крајот на првата година „Фокус“ го достигна зенитот, а потоа го одржуваше уште доста долго, практично до денешен ден. Тоа е така, зашто никогаш не дозволи да се наруши кредибилитетот на независен и непоткуплив медиум. Во 1998. се промени владејачката гарнитура, и оние што дотогаш го сметаа за близок станаа власт, па почна ним да им пречи. Тогаш тие не го сакаа, а срамежливо се јавија другите, кои одеднаш ја сфатија неговата принципиелност. Успехот на Никола е вистински феномен на македонската медиумска сцена, бидејќи покажа дека е можно и против сите ветришта, кога се има наклонетоста на читателот. Тие од горе си мислеа: „Ќе ’лаат’ пет-шест месеци, а бидејќи никој не ги финансира, ќе мора да стават клуч на брава за кратко време“. Но, публиката го прифати весникот уште веднаш, и тоа беше темел кој овозможи да се опстане, а да се остане независен. Со тираж од 10.000 примероци, на моменти и повеќе, редакцијата можеше да продолжи со работа и постепено да станува посакувано место, иако сите знаеја дека има притисоци. За многумина беше престиж да пишуваат во таков весник, а рака на срце, и сосема солидно се заработуваше. На пример, јас примав во „Фокус“ 40 до 70 отсто повисок хонорар отколку платата во „МТВ“, и од него ја купив мојата прва нова кола. Тоа ми беа златните години на професионален план.

Кога ја имаше ти последната средба со Никола?

Три недели пред трагичниот настан, кога му предложив моите стари колумни, „Рамбо поручуе“ да се соберат на едно место и да се издадат во книга. Веднаш се согласи и требаше да се видиме откако ќе ги прелистам, проверам и средам уште еднаш, односно откако ќе поминат изборите. За жал, веќе не се сретнавме. Затоа, сега имам уште повеќе желба и мотив да ја објавам таа книга за да остане како сведоштво на едно време и сеќавање за него.

Кога би требало да го опишеш со еден збор, кој би бил тој?

Гениј.

Со една реченица?

Најбистриот ум што сум го сретнал, најхрабриот и „најлудиот“ што се занимавал со оваа професија, а и најчесниот, барем кон мене.

А, со неколку реченици?

Страшен играч, кој не се плаши од никого, што често се граничеше и со лудост, но тоа зборуваше и за неговата сигурност. Имаше чиста душа, а како секој што отскокнува од просекот, не му беа туѓи ни каприците. Дефинитивно, не беше безгрешен, но такво нешто и не може да се очекува од толку генијален ум. Никој не размислувал така брзо, рационално и прецизно како него. За секоја ситуација што го интересираше, имаше најточна проценка од сите. Веројатно затоа им пречеше на многумина. Се занимаваше со истражувачко новинарство, и секако дека допираше многу интереси, вклучувајќи ги и тие на моќни луѓе. Секој би сакал да го придобие таквиот човек, а не успеваа. Што се однесува до шпекулациите за неговата смрт, сакам да верувам дека се во прашање судбина и несреќен случај, особено затоа што остави зад себе семејство и две прекрасни дечиња. Приказни има и ќе има, како што е случај со Тоше Проески, Борис Трајковски, атентатот на Киро Глигоров... Мене нешто друго ме мачи. Има една тенка линија, која ги врзува сите луѓе, што малку повеќе ќе излезат над просечноста на ова поднебје. Почнувајќи од старите времиња и од Александар Македонски, преку цар Самоил и повеќето од оние кои денес ги славиме како наши познати револуционери, па до современите трагични фигури, голем број завршиле под околност, кои во најмала рака оставаат простор за да се плетат приказни. Не знам дали е тоа проклетството на Олимпија, за кое ми зборуваше еден експерт за антиката, односно за тоа дека таа го проколнала Филип што го носи Александар во битка на 14 години и го ризикува неговиот живот, но навистина ме загрижува што вака пребрзо и неочекувано ни заминуваат најдобрите.

Миодраг Мишолиќ
Loading