ИЗБОРИТЕ НА 24 МАРТ. Во основа, се случи сосема очекуван исход. Зборувам за победниците и поразените. СДСМ и опозицијата немаа апсолутно никаква шанси да освојат повеќе градоначалници и советници од владејачката коалиција. И самото нивото барање за предвремени парламентарни избори доколку добијат на советничките листи еден глас повеќе е несериозна гротеска. Каква е таа победа од еден глас при запишани 1,8 милиони гласачи? Тоа е нерешен резултат, а не победа, и не гарантира никаква особено сигурна перспектива на избори за Собранието. Сосема на исто ниво беше и блесавата игра со бојкотот и прекиот партиски суд за непослушните, односно губењето драгоцено време и неколку значајни луѓе.
Изборните резултати, навистина побудуваат сомнеж. Толку голема излезност (70-80 проценти), пред се’ во македонските етнички средини, а особено во девастираната Источна Македонија, каде речиси половина од населението не е дома, туку работи на италијанските овошни плантажи, е секако малку чудно. Притоа, во најголемиот дел од тие општини владејачката структура забележа убедлива победа. ВМРО ДПМНЕ е единствејата партија, која овој пат освои значително повеќе гласови отколку на парламентарните избори во 2011-та. Сите други од клучните играчи се на приближно истото ниво или подолу. Дали до тоа навистина дојде заради волјата на гласачите, е тема која би требало сериозно да се проанализира. Но, додека не се направи тоа и не се докаже дека сомневањата за класична изборна кражба имаат основа, успехот на ВМРО ДПМНЕ е легитимен.
СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКИОТ СОЈУЗ. На „Болниот од Бихаќка“ му треба многу силна терапија, вклучувајќи и оперативни зафати. Еднаш напишав, а сега ќе повторам дека тие луѓе таму, се’ уште не се свесни со кого си имаат работа. Тие мислат дека е ова некогашното ВМРО на Љубчо Георгиевски, па им се чини оти може да го победат со истите методи. Но, што би рекле Србите - шипак!
Сегашната „Жолта куќа“ е светлосни години далеку од она што беше во 90-тите. Тогаш, Бранко и Љубчо играа „шах“, односно се надмудруваа во стилот на двајца маалски мангупи, па врв на нивната политичка борба беше едниот да му рече на другиот: „ти пиеш по шише виски на ден, а потоа се трезниш со кокаин“, а другиот да врати, и тоа една година подоцна: „ти па, се затвораш во кабинет и го кршиш инвентарот, а потоа мора да те смируваат во душевни болници или со бајачки и гатачки“.
Е, Груевски не игра „шах“. Груевски игра „покер“. Тоа е нешто сосема поинакво, сосема друга игра. Многу порискантна, и веројатно со потешки последици за Македонија, но попривлечна додека трае. Затоа, тука има за нив две опции: да станат подобри покераши од Груевски или да измислат нова игра. Првото е речиси невозможно. Политичари со менталитет на шахист, немаат шанси во партија покер. Второ, не само што не се кадарни да се носат со тимот на Груевски, туку тој ги има во своите раце сите значајни ресурси (читај: буџет, кредити, пари) и може да блефира бесконечно. Тие никогаш нема да бидат способни да го платат неговиот „влог“ за да му ги видат картите. И така, ќе ги „вози“ колку сака.
За втората опција, измислувањето нова игра, треба добро да се проучи успехот на денешното ВМРО ДПМНЕ. Тој не е случаен. Во таа партија се работи темелно, осмислено и планирано. Тоа е фуриозна машинерија, каква што Македонија не видела досега. И нормално дека не видела, бидејќи не е осмислена овде. Уште од 2002 година, значи цела деценија, германската фондација „Конрад Аденауер“ работи на политичко, партиско и медиумско профилирање на ВМРО ДПМНЕ. Резултатите од таа работа се евидентни.
Променет е комплетно ликот на партијата. Додека во 90-тите некој вид синоними за ДПМНЕ беа Кољо Бикчето и Димитар Црномаров, денес се тоа Ивица Коневски, Никола Попоски и цела плејада слични, релативно млади луѓе. Се’ уште има по некоја неандерталска физиономија (како Коце Трајановски и уште неколку), но генерално, денешните вмровци се многу поблиски до лондонските и њујоршките јапии, отколку до квази-војводите од пред 20 години.
Исто така, некој му ја објасни на Груевски суштината на политиката, односно дека таа не е само полемика, борба на мислења, па дури ни само идеологија. Политика е и да им дадеш бесплатен автобус на пензионерите, да пратиш некој од нив на бања, да делиш субвенции кога ти треба (нема врска што се тоа туѓи пари), да направиш некој кружен тек, да прошириш некоја улица, ..., и конечно, да го преуредиш цел град, па макар и со контроверзни проекти. Народот сака акција и да гледа дека нешто се случува, и кога е тоа со многу дискутабилен квалитет. Во човековата природа е повеќе да го привлекува шаренило и кич, отколку жабокречина.
А, СДСМ е баш жабокречина. Ако сака да излезе од таа состојба мора да се промени целосно. Примарно е да најдат некој свој „Конрад Аденауер“. Ако е тоа „Фридрих Еберт“, тогаш треба да побараат друг, зашто евидентно дека таа фондација не е толку ефикасна како оваа, десничарската. Тој нивен „партиски гуру“ ќе мора да направи целосна кадровска промена. На Макрадули, Петров, Савова, Минчев, Емилијан, Игор Шема, Шеќеринска, Гордан... да им се стави машничка во косичката (кој нема коса да му се залепи на глава), да се фатат за раче и да се однесат на домашна адреса. Доволна награда за чесниот наоѓач е што се ослободил од нив. Обичен рефреш, не помага. На „Бихаќка“ е потребна целосна дезинфекција, дезинсексија и дератизација. Еден од ретките што таму го заслужил своето место е Зоран Заев. И Бранко Црвенковски мора да остане, не затоа што е многу паметен, туку зашто од некоја ирационална причина, се’ уште врзува за себе голем број симпатизери. И потоа да се почне скроз од ново. Не со Владо Бучковски или евентуално со Стевчо Јакимовски (кога ќе признаат дека погрешиле за него), туку со сосема нови луѓе. Ако тие сфатат дека со дебатирањето, полемиките, идеологијата, ситните пензионерски привилегии, предизборните земјоделски субвенции, кружните текови, новите згради и спомениците, Бранко, Љубчо и Грујо им ја оставија целата вистинска политиката за водење, тогаш ќе имаат голема шанса за успех. А, вистинската политика се развивање на реалната економија со сопствени сили, а не само бескорисното броење странски инвестиции, квалитетен здравствен и образовен систем, подигнување на меѓуетничката доверба, енергетика сигурност, водење сметка за екологијата, инфраструктурата и за уште многу работи, кои не се ни допрени на вистинскиот начин во изминатите 20 и кусур години. Можеби токму тоа е играта што ќе има шанси да го победи „покерот“ на Никола Груевски. А за таа да се осмисли ќе треба време, и што помалку радикализација на општата состојба. Ако нешто му треба на СДСМ во овој момент, тоа е мир и стрпливост, па евентуално до изборите во 2015. да направи нешто кај себе, што потоа би се одразило и на општата политичка слика. Со брзање и „жестока непоколебливост“ ќе продолжат поразите. Можеби тоа е добро, меѓутоа не е добро за Македонија да биде и натаму со волку мизерна опозиција.