АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Билјана Василева, сликарка
24.03.2013
ЕРОТИКАТА Е ДЕЛ ОД СИТЕ НАС, А ОВОЈ ПАТ ЈАС РЕШИВ ДА ОДАМ ДО КРАЈ СО НЕА
Еротизмот и сексуалноста се секогаш интригантна тема, а кога тие ќе бидат претставени како што тоа направи академската сликарка Билјана Василева, со својата нова изложба "Keep calm and have a vagina", тогаш дури навлегуваат во сферата на контроверзите. Делата се поставени во Младинскиот културен центар во Скопје и публиката ќе може да ги види до средината на април...

Еротизмот е вечна тема во сликарството, но Вие подготвивте изложба која оди до крај, кога се работи за директноста. Зошто решивте да бидете целосно експлицитни?

Додека сликам или цртам, немам дилема околу искреноста и директноста во пристапот. Ме мотивираше еротиката, моќта која таа ја има во спојувањето на луѓето. Зборувам за овој циклус дела, исто како што во претходниот ме мотивираше тагата по загубениот родител, и и во двата случаи не се штедев, отидов до крај. Значи, не постоеа дилеми додека траеше процесот на творење, дилемите се појавија кога почнав да размислувам за претставување на моите дела во јавноста. Се’ што е искрено и што допира до чувствителните точки, односно оние што ги криеме и од јавноста и од себеси, знае да биде тешко за разоткривање. Искрено, се прашував како тоа ќе го доживеат луѓето од моето секојдневно опкружување, колегите, семејството... Од друга страна, решив да одам до крај, како што му доликува на секој кој себеси се доживува како уметник. Ако во уметноста не сме слободни во изразот, тогаш каде? Еротиката е дел од нас од кој не можеме да избегаме, иако некогаш го ставаме во позадина. Дополнителен мотив да бидам експлицитна беше двојниот морал на современото општество - од една страна поттикнување на порнографскиот консумеризам, кој е омаловажен од елитистичките кругови, а е истовремено широко распространет и е голем извор на профит на истите тие, а и генерално, а од друга страна, моментот што еротското е длабоко во сите нас, иако е потиснувано. Колку и да сакаме да избегаме и да го игнорираме, факт е дека ни го збогатува животот и оти сите тежнееме кон тоа да најдеме партнер со кој ќе можеме да ги споделиме радостите, кои ги пружа еротиката.

Дали модерната уметност може да се црпи инспирација од порнографијата? Дали е тоа денес легитимен уметнички пристап?

Уметноста има право да црпи инспирација од се'. Не само денес, отсекогаш уметноста била таа чија задача, меѓу другото, е да ги урива табуата и предрасудите. А посебно денес, во времето на самоцензурата и на тоталната контрола од страна на центрите на моќ („Сегледачкото око“, цртеж од оваа серија, е мала дигресија и тивок крик на темава за која зборувам). Јас лично барем во уметноста си давам целосна слобода. Што се однесува до порнографијата, таа за мене значи крајност, не само во сексуална смисла, туку доведување на нештата до степен на краен невкус и вулгарност, изобличување на вистинското доживување, сведување на животински инстинкти. Не ја поднесувам нејзината плиткост и сведувањето на површен физикус на некои од најубавите моменти од животот, ама во случајов свесно играв на неа. Моите дела се еротски, суптилни, ама се користам со средствата на другата крајност, порнографијата, за да удрам што е можно посилно по лажниот морал, затоа што порнографијата е добар потенцијал за користење кога нешто се сака да се каже во денешново вулгарно општество. Зарем не ни е целото опкружување и наметнатиот начин на живот чиста порнографија? Тргнувајќи од политиката, локална и глобална, и евтините и површни методи со кои таа се промовира, соодвеетен пандан на порнографските, односно удирање по најплиткото во човекот. Да заокружам, порнографијата е ресурс со кој сите се служат за да бидат слушнати во денешново време на ниски критериуми и инстант-вредности и консумеризам, па и јас го злоупотребив за да испратам порака сосема спротивна од нејзината, а тоа е дека има премногу површност, и премалку квалитет, а еротиката е на висок степен на скалата на вистинските, исконски вредности.

Колку мажите го разбираат женскиот аспект на сексуалноста?

Тоа е индивидуално, и тука не би правела поделби во однос на полот. Кога се тежнее кон вистинско спојување со партнерот, мажите забораваат дека се мажи, жените забораваат дека се жени. Ама тоа е во случај кога партнерите се ослободени од предрасуди. За жал, предрасудите денес и кај нас се’ уште постојат и тоа во голема мера. Би сакала да мислам дека повеќето размислуваат како мене, но, за жал, се' уште се широко застапени мачоистичките ставови, и мора да констатирам дека женската сексуалност не е разбрана. Ајде, ќе бидам до крај отворена во ова интервју, бидејќи сум „’рчната“ на вистинските места... Не ја разбираат, се' уште е сведена на квантитет, времетраење и на сантиметри. А тоа е со цел да се одржи наметнатиот имиџ на маж, успешен во сите аспекти. А на нас освестените жени ни е преку глава од тоа, бараме некој ослободен од тие предрасуди!


Насловот на изложбата е "Keep calm and have a vagina" („Биди спокојна и имај вагина“). Колку е вагината, како симбол на женската посебност, предност, а колку е хендикеп?

Тука во старт мора да расчистиме, насловот на изложбата е ироноја, порнографија. Суштината е дека треба да се биде трпелив, културен, да се сочуваат сите одлики на типична жена. Кога споменав „вагина“, мислев на сите атрибути на женственоста, на тоа да се биде одмерен, културен, неагресивен..., сите типично женски модели на однесување. Го употребив тој термин и симпатичниот слоган затоа што ми беа наједноставни за да ја испратам пораката , која ја носев во себе. Со други зборови кажано, мислам дека жените не мора да се претворат во мажи за да го најдат своето место во општеството. Предност е да се биде професионалец, а жена, затоа што секогаш полесно се соработува со некој пријатен за гледање и комуникација. Тој пристап го сметам за типично женски, иако би им препорачала и на мажите почесто да го користат - носи успех на долги патеки. Мислам дека времето на агресивноста, каде и да е, ќе заврши, а жените тука ќе одиграат водечка улога. Јас досега се имам водено по принципот да се работи, а да не се прави голема врева околу тоа. Свесна сум дека на кратки патеки тоа ретко поминува, но вистинските работници и професионалци фаќаат „на кондиција“ и по некое време се' си доаѓа на своето место.

Оние што Ве познаваат, речиси без исклучок, ќе речат дека сте тивка, скромна, ненаметлива, дури би се рекло - срамежлива личност. Имавте дилеми, односно некаква внатрешна борба да излезете во јавност со ваков вид слики?

Како што кажав претходно, имав одредени дилеми. Верувам дека овој циклус дела е изненадување за тие што ме знаат, а тие што не ме познаваат може да ги наведе да стекнат погрешно мислење за мене. Од друга страна, како што се изборив со тоа повлеченоста и ненаметливоста да не си ги доживувам како хендикеп, така сега решив да ја покажам и мојата друга страна. Дилемите беа лесно надминати кога видов, од првичните реакции, дека тие што треба и чие мислење го почитувам сфаќаат за што станува збор, а за останатите - нивен проблем, треба да поработат на сопствената површност.

Во Вашата биографија пишува дека се приближувате до 40-тата година. Дали возраста влијае врз сексалноста, односно колку е таа (сексуалноста) поинаква на 20, 30 и на 40 години?

Да, наскоро ќе наполнам 40, и дотолку повеќе му се радувам на животот. Сега сум посреќна и поисполнета отколку на помлада возраст. Возраста не игра голема улога, секој период од животот си има свои убавини. Не треба да се плашиме од стареењето, бидејќи тоа значи себеспознавање, изградени критериуми за себе си, за луѓето со кои одбираме да се опкружиме (кругот е стеснет, но квалитетен), за нештата што не' интересираат и не' прават среќни... Но, тоа не значи дека не треба да водиме сметка за својата физичка состојба. Напротив. Топло препорачувам вежбање, секогаш кога се има можност (јас, за жал го запоставив во последниов период, токму поради изложбата немав доволно време и енергија, меѓутоа уште во текот на оваа недела ќе му се вратам), и водење сметка за линијата. Тоа се за мене две клучни работи кои не' одржуваат физички „млади“ и во добра форма. А духовната младост, тоа е нешто навистина скапоцено. Цел живот треба да го негуваме детето во себе, љубопитноста, експериментирањето и доживување на животот како голема игра.

Насловите на некои од делата се прилично интригантни, речиси како и самите слики - „Користете еколошко гориво“, „Лебдечки вагини“, „Нозе широко отворени“, „Нозе во воздух“, „Самозадоволување“... Дали насловот го одредувате на почеток, кога ги правите првите потези, или е тоа нешто што Ви доаѓа како финале на завршената работа?

Насловите и потпишувањето ми се најмачниот дел од целиот тој процес, почнувајќи од соочувањето со празно платно, преку сликање и цртање, па до каталогизирање на делата , и на крај оддалечување од нив преку тоа што ги препуштам на публиката. Насловот за мене доаѓа на крај, откако малку ќе се дистанцирам од делото. Во случајов тоа ми овозможи да отидам во иронија и свесно да ги направам насловите интригантни, во согласност со името на целиот циклус. За разлика од процесот на творење, кој навистина ме обзеде и ме стави во мелница, ставањето на насловите беше игра и кокетирање со јавноста.

Во "Keep calm and... ", користите повеќе техники и подлоги: масло, акрил, платно, дрво, туш, молив, јаглен, хартија... Тоа беше свесно решение или дојде спонтано?

Паралелно, во ист период се работени и сликите (масло и акрил на платно) и цртежите во овој циклус, од есента 2012 . до сега. Првите бараа сериозен ангажман и физичка подготвеност (не е лесно да се справиш со платно, особено од голем формат, кога штотуку си се вратил од работа која те исцрпела), а цртежите беа еден вид релаксирање во меѓувреме. Никогаш не ги планирам циклусите однапред, оставам насобраните искуства кои ме мотивирале сами да си ги најдат изразот. Што се однесува до техниките, тука цел живот експериментирам. Цртеж, графика, масло на платно, компјутерска  графика, видеоарт, мултимедија... Не знам што е следно, и во тоа е убавината да се биде уметник.

Миодраг Мишолиќ


ДЕЛА ОД ИЗЛОЖБАТА
"KEEP CALM AND HAVE A VAGINA"
Фото: ЈАНУС Т.














 
Loading