АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Сашо Тасевски, актер
18.03.2013
НИЕ ГЛАСАМЕ, НО ВИСТИНСКИТЕ „ГАЗДИ“ НА МАКЕДОНИЈА ИЗБИРААТ КОЈ ЌЕ ВЛАДЕЕ
Сашо Тасевски не е само одличен актер. Тоа особено го покажува откако неговата матична куќа, Драмскиот театар, го стави некој вид неформално ембарго во последниве години. Оттогаш тој пишува книги и драмски текстови, настапува со стенд-ап точки, и многу често ги изнесува своите политички ставови, кои исто толку често се прилично радикални и контроверзи. Тоа може да се види и во ова интервју...

Во ек сме на предизборна кампања. Колку ги следиш случувањата поврзани со изборите?

Ако човек барем малку ги гледа нашиве телевизии, нема шанси да промаши некој од кандидатите, па сакал или не сакал, морам и јас да ги следам.

И? Каков ти е впечатокот?

Во еден статус на Фејсбук напишав дека поголема возбуда има во кујната на Алачки отколку во говорите на идните градоначалници, нивните противкандидати и на партиските лидери. Никој веќе и не крие дека кампањата е обична естрада, потполно испразнета од секаква мисла, идеја или креативност. Борбата се сведува на лични навреди, а премиерот Груевски се обидува да ни демонстрира класичен стенд-ап, во кој дури очекува публиката да му возврати со смеење и со аплаузи на неговиот „хумор“. За жал, естрадизацијата на кампањите дојде во преден план, место она што треба да биде нивната суштина - борба на ставови и презентирање проекти, со примарен акцент на интегритетот на кандидатите. Меѓутоа, мене ништо од ова не ме чуди, зашто сум свесен дека народот не е тој што ги избира политичарите кои доаѓаат на власт кај нас.

Кој ги избира?

Па, видовме каква е моќта на оние кои се, реално, газди на Македонија. Во раните години од осамостојување, веројатно условот да се одржи каква-таква стабилност и да се дојде до каква-таква државност е платен со сервилност. Оценето е дека во државата нужно мора да постои биполарна партиска структура: две македонски и две албански партии, кои ќе се менуваат на „престолот“. Тоа е добро менаџирано од оние на кои им одговара таква Македонија, во духот на глобализацијата и поништувањето на сите разлики, за сметка на еден, унифициран свет. Во него има неколку големи играчи, и многу измеќари, кои ќе мора само да се задолжуваат во банките на моќните, а преку тоа задожување да ја губат својата сувереност. Тоа сме го виделе повеќе пати во Македонија, кога доаѓале тројки, четворки, петорки, шесторки, седморки..., кои за кратко време ги „решавале“ нашите проблеми, покажувајќи и’ го местото на секоја скарана страна. Последно такво нешто беше „отпорот“ на СДСМ и на Бранко Црвенкоски. Едноставно, дојдоа од Брисел и експресно го одбојкотираа бојкотот. Тоа покажа, како и многу слични ситуации во минатото, дека двете „спротивставени“ страни, имаат ист газда. Таа е вистината за нашава земја и затоа велам дека народот не ги избира тие што седат во највисоките фотелји. Поради тоа, убеден сум дека, можеби не сега, но на наредните парламентарни избори, ќе му дојде крајот на ВМРО ДПМНЕ, без разлика дали СДСМ или некој друг ќе им биде дораснат со проекти, луѓе и идеи. Таква е логиката на газдата, односно такви се правилата на игра, што тој ги има поставено.

Мислиш дека Македонија е потполно немоќна да решава за себе?

Во овие околности ние сме ставени во машината, која не’ меле, и нема излегување од неа. Дали може да се оттргнеме од рацете на тој газда, односно на тие газди? Верувам да, бидејќи никој на овој свет нема баш тотална контрола врз се’, но за таква работа е потребен радикален исчекор, кој ќе биде толку силен што ќе го смени односот на газдите кон Македонците. Мислам на етничките Македонци. Тоа сигурно ќе биде болно и тешко, веројатно и трауматично, но доколку покажеме истрајност, ќе ги принудиме шефовите да го променат ставот кон нас и ќе ни дозволат да добиеме држава каква што ни треба, а исто така и луѓе на власт, какви што заслужуваме. За жал, тоа ќе биде многу тешко, бидејќи уште во стартот ќе наиде на многу проблеми. Меѓутоа, ако се потрудиме да успееме, тогаш ќе може да се зборува за поинаква Македонија, која ќе застане на стабилни нозе. Во таа Македонија, во која јас би сакал да живеам, многу работи кои сега ги има и луѓе кои сега ги гледаме, сигурен сум дека нема да бидат тука. Првите сериозни власти што би дошле, ќе треба да побараат отчет за заемите, земани од странство, т.е. каде се одлевале тие пари. Овде се слеани релативно големи суми, чии патишта се потоа многу сомнителни, а ќе ги враќа целиот народ. Воопшто нема фер однос во тој поглед, што им е добро познато на главните газди. Всушност, на тој начин тие ги држат под контрола нашите политичари и секогаш кога не се послушни им испраќаат по некоја „тројка“. Аргентинците беа во слична ситуација пред нешто повеќе од една деценија. Милијарди долари од кредити отидоа во приватни џебови, додека народот запаѓаше во се’ поголема сиромаштија, а мораше да ги враќа тие милијарди. Во 2001. се случија бунтови, во кои граѓаните рекое „доста е“, и од новите власти побара да не го признаат долгот направен во нивно име. Тоа треба да се случи и во Македонија, да се види колку од тие пари навистина се искористени за доброто на заедницата.

Според тебе, каква државата треба да биде Македонија: граѓанска или национална?

Апсолутно, национална. Вистински стабилна граѓанска држава подразбира национална матрица. Ние ги мешаме тие две работи, па поставуваме дилема - или едната или другата. Европската унија, кога-тогаш, ќе доживее крах, а големите играчи во неа, кои ја создадоа за да живеат подобро, се во суштина земји со национална матрица. Затоа, кога утре ќе пропадне проектот ЕУ, ним нема да им биде проблем да се вратат на своето. А, каде ќе се врати Македонија, со оваа безлична, хермафродитска политика? Тогаш повторно ќе се создадат услови за некаква радикалка ситуација. Тоа најмногу ќе зависи од трпението на Македонците. Ние сме тие што се тренирани со векови да бидат трпеливи. Меѓутоа, апетитите на Албанците стануваат се’ поголеми, така што еден ден ќе дојдеме до ѕидот, кога Македонците ќе речат: „Не може понатаму“. Потоа, само среќата и околностите ќе решаваат. Затоа мислам дека за 10-15 години оваа држава нема да постои во овие граници или под ова име.

Зар тоа не те плаши?

Секако дека ме плаши, но на тој начин ние ќе го платиме цехот за нашата недоследност, неорганизираноста и кукавичлукот да преземеме ризик тогаш кога требаше.

Зборуваш за „апетити“ од едната страна и за „трпеливост“ од другата. Ти би сакал да си Албанец во Македонија? Да ги имаш правата и перспективите што ги има припадник на таа етничка заедница? Си се обидел некогаш да се ставиш во нивната кожа?

Во моментов многу Албанци остваруваат поголеми права и поголем бенефит од оваа државата, отколку што е случај со мене, на пример. Јас лично познавам Албанци, на кои не им е проблем да добијат сериозна финансиска поддршка за уметнички проект: претстава, книга, перформанс или некакво филмско дело. Познавам Албанци на кои не им е проблем ниту да се вработат на добро место, само заради рамноправната етничка застапеност, без оглед на квалитетот.

Не си свесен дека покрај сите Албанци, кои добиле пари за претстава, книга, краток филм, или се вработиле во државата администрација, остануваат повеќе од 400.000 без ниту една од тие можности?

Секако дека сум свесен, меѓутоа ако се денес некои Албанци диксриминирани и ускратени за можноста да работат, односно да живеат поквалитетно, таа дискриминација им ја прават нивните етнички браќа, кои се во власта. Пред неколку години имаше отпуштање на мои колеги, актери, од Албанскиот театар во Скопје. Тоа не го направи раководство составено од Македонци. Тие беа отпуштени од директор Албанец. Кога зборуваме на таа тема се работи за поделба на моќта, што е веќе друго прашање. Не може ни сите меѓу нив да бидат богати и да добиваат привилегии од државата. Меѓутоа, голема слика, нивниот национален сон, тие си го туркаат. За разлика од нас, Албанците научија како да се борат за своите права, и нивниот сон за Голема Албанија е пред остварување. Од тоа ги дели само оваа фракенштајн-творба, наречена Република Македонија, која е како надуена анеуризма. Првиот момент кога ќе почувстуваат дека таа е подготвена да пукне, ќе ја стават иглата. Пред неколку дена, градоначалникот на Чаир и кандидатот за градоначалник на Кичево, отворено зборуваа за Голема Албанија и за македонските територии што треба да влезат во неа. И сите поминуваме мирно преку тоа. А, не смееме. Кога боксер во рингот прима удари, без да возврати, нормално дека порано или подоцна ќе биде нокаутиран. Мора да ги разменуваме ударите, но ние немаме капацитет за нешто такво, а тоа зборува дека немаме ниту витална потреба од своја држава. Затоа ние денес и ја немаме, бидејќи ова е се’ само не држава на Македонците. Провокациите од типот на тие изјави, или поставување на Талат Џафери за министер за одбрана испраќа порака: „Еве ти Европо доказ, еве ви Македонци доказ, дека овде правиме што сакаме. А, вие ќе прифаќате, зашто ние победивме“. Човек не може многу долго да биде скромен кога има успех во тоа што го прави, а тие имаат голем успех во политиката за Голема Албанија. Се сеќавате каде беа во 1981 година, кога почнаа протестите на Косово? А, видете каде се денес. Македонија, пак, се’ уште ги пее романтичарските песни за Солунско поле, и нема мрднато ни милиметар за тоа прашање.

Ти би мрднал за тоа прашање, какво што е Солунско поле?

Не, не. Само сакав да дадам пример дека национал-романтичарските соништа на Албанците стигнаа пред остварување, додека национал-романтичарските соништа на Македонците останаа на ниво на навивачки песни.

Да си политичар, би преземал одговорност за чекор, каков што сугерираш?

Кога си на власт, и ќе ти се случи нешто како конфликтот во 2001 година или постојано провоцирање за менување на границите, ти мора да се спротивставиш. Македонија да покажеше заби пред 12 години, за што рака на срце, Европа ни даде можност од неколку месеци да се справиме со „терористите“, како што и таа ги нарекуваше, денес ќе имавме поинаква ситуација. Но, кога Европејците и Американците видоа дека ние немаме супстрат од храброст и решителност, тогаш се вмешаа. Тоа беше последниот тест Македонците да покажат дека размислуваат со своја глава и оти навистина имаат потреба од своја држава. На некоја од овие маси (бифето на Драмски театар) седев со тогашниот амбасадор на Хрватска, господинот Александар Милошевиќ, по една моја претстава „Филоктет“, и тој ми рече: „Сашо, поради мојата дипломатска функција не можам да зборувам отворено во јавноста, но тебе ќе ти кажам дека вашите политичари немаат ниту сила, ниту желба да изградат сопствена држава“. И, апсолутно беше во право. Нешто слично кажа на еден коктел во тоа време, и иранскиот конзул: „Не можам да разберам каков народ сте. Државата ви е загрозена, а единствено за што размислуваат вашите луѓе е како да отидат на одмор во Грција“. Значи, светот ја разбира ситуацијата, но изгледа дека ние не ја разбираме доволно.

 

Ги сметаш Албанците закана за Македонија?

За унитарноста на земјава, апсолутно да. Она за што тие се залагаат е федерализирана држава, која подоцна лесно би се распаднала.

Зар не мислиш ли дека токму со оваа теза, односно со постојаното потенцирање на наводната „нелојалност“, всушност посилно се туркаат во таа насока? Како би се чувствувал ти да си ти роден некаде, и неколку генерации од твоите предци, како што се овде огромното мнозинство Албанци, а некој редовно да ја доведува во прашање твојата лојалност и да ти вели: „добиваш се’ од мене, а ми работиш зад грб“?

Не е важна реториката, туку делата. Поради некои постапки, јас извлекувам заклучок за тоа што го зборувам - дека нивата лојалност кон оваа земја е многу проблематична.

Каде си видел пример на структурна нелојалност на Албанците? Знаеш за случај некој да одбил да влезе во власта, во институциите, или да настапи како претставник на Македонија во некоја област?

А зошто да не влезат во власта или во институциите, кога е тоа многу исплатливо од финансиски аспект? Таму се парите, таму е моќта, од таму полесно се постигнува се’ што имаш намера да оствариш. Или, зошто некој фудбалер да не игра за македонската репрезентација? За која ќе игра? За Косово? Па, ако сака да постигне повисока цена за себе, од суштински личен интерес му е да настапува за репрезентацијата, и тоа по можност што подобро. Игра затоа што го викнале и зашто му е тоа отскочна штица за поуспешна меѓународна кариера. Јас не ги мешам тие работи. Тоа е сосема друга приказна. Јас гледам каков е ставот на водачите на таа заедница, на политичките партии, кон државноста, државата, нејзините симболи и институции. Ако Државната изборна комисија каже дека може да настапат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во коалиција во Кичево и Струга, а локалната комисија вели не може, што е тоа ако не непочитување на институциите? Значи, се’ она што се коси со нашата идеја да бидеме главни на овие простори, ние не го признаваме. Така ќе биде почесто во иднина. За секоја одлука која нема да им се допадне, ќе прават отпор. Слична е приказната со пописот. Зошто се прекина и покрај толку голема помпа пред да почне? Затоа што сфатија дека ќе се покажа оти се помалку од 20 проценти, што ќе го проблематизираше Охридскиот рамковен договор. Па, го повикаа „чичо газда“ да дојде, за да ја реши ситуацијата, и како што гледате за пописи веќе воопшто не се ни зборува.

Љубчо Георгиевски изјави дека пописот е прекинат за да не се дознае дека Албанците се 30 отсто од населението.

Јас верувам дека причината е сосема спротивна.

Што е со професијата? Колку си актер во последно време?

Мојот театар сега има нов директор, Роберт Вељановски, кого го познавам од студентските денови, и верувам дека има намера да му го врати сјајот на Драмски, кој во последниве десетина години беше прилично затемнет. Веројатно смислил идеи како да го направи тоа, па ги очекуваме неговите први потези. Театарот заслужува многу повеќе од она што го има денес, и поради уметничкиот кадар и поради традицијата. Се дозволи премногу да падне и да се искомпромитира во однос на она што значеше некогаш за македонската култура.

Ти си доста време, најблаго речено, игнориран.

Не најблаго речено, туку навистина. Тоа го знаат сите, од новинарите до публиката. Забележително е дека правам по една претстава во две години, и тоа со дискутабилни улоги, кои не се атрактивни за играње. Во споредба со она што порано сум го покажувал на сцената и со потенцијалот кој докажав дека го имам, тие ангажмани се многу помал предизвик за мене. Но, јас се навикнав да живеам со тоа. Затоа и се случија сите мои „испади“ надвор од институцијата, со пишување книги и занимавање со стенд-ап комедија. За среќа најдов модус да ја канализирам креативноста во вистинска насока, а не како што некои мои колеги во минатото знаеле својата нереализираност да ја манифестираат на самодеструктивен начин. Јас ја имав таа среќа, а веројатно и малку повеќе разум, игнорирањето на институциите да ме инспирира во позитивна смисла. Во меѓувреме создадов петчлено семејство, со три деца, па затоа не мислам дека ова време, кога не ме покануваат да настапувам во театарот, ми поминало залудно. Напротив, го искористив максимално креативно од она што ми беше дозволено.

Миодраг Мишолиќ
Loading