АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош
12.03.2013
ЌЕ ОСВОЈАМ ГЛАСОВИ КОЛКУ ПЕТРОВ И КУНОВСКА ЗАЕДНО
До пред случувањата од 24 декември, едно од најсигурните предвидувања за претстојните локални избори беше победа во Карпош на актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Но, оттогаш се случија многу непредвидени работи и неколку пресврти, па тој излегува пред гласачите како кандидат на Српската напредна партија, а од неодамна поддржан и од Либералната...

Која е Вашата изборна стратегија за овие избори? Како ќе стигнете до бројка меѓу 15.000 и 17.000 гласови, колку што веројатно ќе бидат потребни за победа?

Мојата изборна стратегија се базира на досега сработеното и на довербата што граѓаните ми ја укажуваат во изминатите четири години за резултатите што ги имам, заедно со целата општинска администрација. Реализиравме огромен број инфраструктурни објекти, изградивме 136 улици, реновиравме десет училишта, ја уредивме канализациската и водоводната мрежа, односно решивме најголем дел од проблемите во Карпош. Вториот столб на нашата стратегија се проектите за наредниот временски период. Ние одиме во секоја месна заедница и им кажуваме на луѓето точно и конкретно што е тоа во инфраструктурата или во другите сегменти од живеење, што ние ќе го направиме за да биде животот на граѓаните поубав и посодржаен. Имаме неколку навистина крупни проекти, како што се гасификација, бесплатен паркинг, бесплатни ужинки и екскурзии за учениците, бесплатни градинки...

Но, наспроти Вас стојат двете најголеми партии, а зад Вас само Драгиша Милетиќ и Ивон Величковски?

Не, зад мене стојат најголемиот дел од граѓаните на Карпош, и тоа е предноста што јас ја имам пред кандидатите на тие, најголеми партии. Мојот пристап во оваа кампања е да немам противници, ниту да собирам противници, туку само сојузници, а тоа е народот. Кога велам народ мислам буквално на сите граѓани на Карпош, без оглед на нивната етничка или верска припадност. Нашиот концепт е стопроцентно граѓански, и според анкетите тој е најприфатлив за мнозинството од нив.

Кого сметате за поголем ривал: Андреј Петров или Јагнула Куновска?

На овие избори граѓанската опција нема ривал во Карпош.

Сепак, на локалните избори во 2009 година, како кандидат на СДСМ, и со имиџ на успешен градоначалник од еден претходен мандат, го победивте противникот од ВМРО ДПМНЕ со разлика од околу 3.000 гласови. Зар сметате дека социјалдемократите немаат ни 3.000 хард-кор гласачи, кои сега ќе бидат помалку на Вашето конто, што во најмала рака ќе Ве изедначи со конкурентката од ВМРО ДММНЕ?

Секако дека имаат верни приврзаници, но во овие четири години јас создавав пријатели. Постојано добивав нови поддржувачи, кои се голем број, и сигурен сум дека ќе победиме уште во првиот круг. Двајцата главни противкандидати ќе немаат заедно повеќе гласови од мене, што значи завршување на изборите уште на 24 март, без потреба од втор круг. Истражувањата на расположението на граѓаните велат дека е тоа сосема реална опција, зашто Петров и Куновска стојат многу ниско на тие анкети.

Вашата самоуверена реторика е разбирлива во предизборен период, меѓутоа верувам и самиот сте свесен дека ќе Ви беше полесно да останевте под закрила на опозицијата. Како можеше да не го предвидите развојот на настаните, односно дека сигурно ќе дојдат некои тројца од Брисел со „хилта“ во рацете и ќе го раздробат „бетонот“, бидејќи локални избори мора да има? Не постои законска основа за подоцна да се поништат, а бојкотот ќе доведеше до ситуација, проблемите да се решаваат само вонинституционално, што е многу опасно за Македонија.

Нам во СДСМ цело време ни беше претставувано дека тројцата од Брисел ќе го принудат Груевски да отстапи. Претседателот Бранко Црвенковски не’ убедуваше оти ДПМНЕ ќе мора под притисок од странците да ги откаже изборите. Баш јас ја направив точната проценка, дека нема Груевски, туку СДСМ ќе биде принуден да се повлече. А впрочем, зошто било кој требаше да има некакво предвидување? Точно се знае дека локалните избори се одржуваат секоја четврта година, во третата недела од март. Уште отсега знаеме дека следните ќе бидат во истиот период, 2017-та. И второ, зошто некој се обидува парламентарна криза да разрешува преку локални избори? Крајно чудно и несфатливо. А, најбитното е дека мојата партија (се’ уште ја сметам СДСМ за своја партија) донесе иста одлука како мене, но две недели подоцна, што воопшто не е исто, бидејќи во актуелната политичка консталација ја прави таа одлука дури полоша и од бојкотот. Поради лицитирањето со учество-неучество, целата опозициска коалиција влезе во кампања потполно неподготвена. Гледате дека немаат спотови, немаат програми, лошо се организирани, поддршката на терен им е скромна... Дури и јас, кој стартував на 16 февруари, загубив драгоцено време. А почнавме многу порано, имавме работно лето, 90 отсто избрани кандидати за градоначалници, и требаше во последниот месец да влеземе топ-подготвени, место како што се тие сега: топ-неподготвени. Евидентно, коалицискиот брод се насука и, според мене некој треба да понесе одговорност заради тоа. Во што е тука мојот грев? Што сум донел иста одлука како мојата партија, но 15 дена порано? И што сум се подготвил за изборите, односно што имам опширна програма, рекламен материјал, спотови и плакати? Како некој мисли во 21. век да добива избори без да направи современа капмања, и без да има визија и проекти за наредниот четиригодишен период? Сосема е погрешна перцепцијата дека главна тема на овие избори треба да бидат демократијата и Парламентот, а локалните проблеми на граѓаните да ги оставиме во втор план. Тоа нема да помине кај гласачите.

Препукувањата во Карпош се моментно поголеми меѓу Вас и СДСМ, отколку во однос на ВМРО ДПМНЕ и на нејзината кандидатка. При исклучувањето од партијата Ве нарекоа „предавник и кукавица“, а пред некој ден Бранко Црвенковски рече за Вас „крупен човек со ситна душа“. Вие, пак, за Андреј Петров изјавивте дека кога беше градоначалник на Карпош „асвалтирал само една улица, која подоцна ја раскопал за направи водовод до својата зграда“, а и во досегашниов разговор ни Вие не сте многу благи кон нив.. Додека соработувавте, не си ги знаевте „мрачните страни“?

Господинот Црвенковски кажува флоскули, а јас кажувам вистини. Во тоа се разликуваме ние двајца. Да бев јас на чело на СДСМ, немаше да измислувам етикети за поранешните соработници, туку ќе ја однесев партијата на избори во топ-форма. А, ако веќе одлучив да бојкотирам, немаше да ме натера никаков Штефан Фуле, ни бриселска тројка. Ако јас носам одлука, таа е цврста и непоколеблива. Претседателот на СДСМ веројатно ќе треба да и’ објасни на јавноста што е тоа што го принуди да попушти пред притисокот од странците.

Вие имате објаснување?

Не. Тој треба да каже. Јас само знам дека 400.000 членови и симпатизери бараа да се учествува на изборите. Зошто инаку играа оро пред седиштето на партијата откако беше донесена одлука да се напушти бојкотот?

Со оглед на Вашето партиско минато, а и од фактот дека сега Ве поддржува Либералната партија, што сте Вие идеолошки: социјалдемократ или либерал?

Човек.

Тоа е биолошки. Јас Ве прашав што сте идеолошки.

Идеолошки сум човек.

Не сте веќе социлајдемократ?

Идеолошки сум човек.

По 16 февруари имате контакт со поранешните сопартијци?

Не. Нема потреба од тоа. Инаку, тие што ми се пријатели и натаму остануваат мои пријатели.

Зар нема да се чувствувате малку глупаво ако „жртвуваната“ и „прежалената“ Јагнула на крајот победи?

Не можам јас во ни една варијанта да се чувствувам глупаво, зашто донесов одлука со која се гордеам, а знам дека се гордеат граѓаните на Карпош и сите следбеници кои доаѓаат со мене.

Што во случај на пораз? Формирање нова партија, приклучување кон некоја од постоечките или политичко пензионирање?

Ни случајно не ми паѓа на крај памет нова партија. А, не може да има случај на пораз, зашто анкетите јасно покажуваат дека јас ќе бидам победникот. За политичко пензионирање ќе размислуваат некои други кандидати.

Имаше навод во медиумите дека буџетот на општина Карпош изнесува 32 милиони евра годишно. Точна е таа информација?

Не. Приходите на општината се движат малку над 20 милиони евра.

Тоа ве вбројува меѓу побогатите единици на локална самоуправа со Скопје?

Не би рекол. Ние сме во средината на таа листа. Поголем буџет од нас имаат Центар, Гази Баба, Чаир... Карпош е на четврто или петто место. Но, ние сме најуспешна општина, која со своите средства успеала да изгради најмногу во градот Скопје и во републиката. Покрај она што го наведов на почетокот од разговорот, имаме поставено 60 километри асвалт, изградено се 45 километри тротоари, 25 километри пешачки патеки, 15 километри водоводи и канализации... Потоа, правиме обуки на кадри во земјата и во светот, нашата администрација технички и софтверски е НАСА во однос на било која друга општина, а и иако немаме ингеренции во делот на социјалната заштита, ги помагаме социјално загрозените семејства, даваме стипендии на ученици и на талентирани спортисти, и ја поддржуваме културата. Нашиот буџет е максимално продуктивно искористен.

Колку е гасификацијата реална опција? Во последно време стана неизбежен дел од сите изборни ветувања, опозициски и владини.

Ако е реалност во Куманово, зошто да не биде во Карпош? Главната гасоводна мрежа веќе дојде до нас, мерната станица е поставена на улица Лондонска и нема причина да чекаме некого за да ја гасифицира општината. Ако градот Скопје и државата немаат таква намера, ние ја имаме. Формиравме претпријатие и се подготвуваме за лиценца, зашто гасот е потреба на граѓаните. Целта ни е да се намалат трошоците за греење и електрична енергија во домовите за 50 насто. Жителите на Карпош знаат дека ако за таа работа се нафати нивниот градоначалник - ќе биде направена.

Миодраг Мишолиќ
Loading