Отприлика, нешто како „Златна буба мара на популарноста“, но повеќе класично, а со помалку стенд-ап содржина. Во секој случај, прилично почитувана и посакувана награда. Тоа предизвикуваше да има доста емоции на доделувањето, особено кај оние што ќе останеа со празни раце.
Мал скандал се случи во 1999., кога дел од номинираните за Пејачка на годината си заминаа пред да биде прогласена победничката, откако некој им шепнал дека нема да биде прочитано нивното име. Не рекоа веднаш оти се работи за протест и непочитување на колешката што победила, туку дека баш во тој момент морале итно да се видат со некои луѓе, на некое место, заради некоја работа. А, на сите им беше сосема јасно за што станува збор.
Истата вечер се случи уште нешто на сцената во „Универзална“. Калиопи беше штотуку вратена од Швајцарија, немаше албум во претходната година, за да може да биде во конкуренција за награди, па организаторот ја покани како гостинка. На крајот на програмата сите зборуваа само за неа. Уште пред да се испразни салата веќе на никого од публиката не му беше важно кој победил, а кој си заминал налутено. Убедливо, неприкосновено најсилен впечаток остави „ммм Бато, хтијела сам вољети...“.
Во тоа време јас работев во „Дневник“, како уредник на прилогот „Антена“ и напишав коментар во врска со „Вечеровото лице“. На оние што излегоа предвреме им порачав дека ако се сомневале во регуларноста на гласањето требало да се откажат од номинацијата уште на почетокот, кога биле предложени. Но, штом прифатиле да учествуваат, тогаш мораа да останат до крај, и да го поднесат резултатот, без оглед дали им се допаѓа или не. А, колку е целото тоа лутење и возбудување бесмислено покажа примерот со Калиопи, која дојде како гостинка, да отпее две песни, и им го украде шоуто. Додека тие ја покажуваа својата суета, таа им ја „однесе“ публиката.
Тој момент го најави нејзиното големо враќање, додека трите фантастични албуми „Обои ме“, „Ако денот ми е ноќ“ и „Не ми го земај времето“ ја етаблираа во најголема женска поп-ѕвезда во земјава. Заради авторските квалитети, единствениот вокал, минатиот труд, но и заради често пати декларираниот патриотизам, таа стекна статус на македонска музичка дива. Тоа не го засени целосно ни евидентната креативна осека во последниве шест-седум години, како ни неколкуте контроверзни моменти при изборот на наш претставник за „Евросонг“. Ќе прокоментираше некој дека песната не му се допаднала или изјавата на Калиопи поради нешто, но генералното мислење остана дека е таа музичарка од национална вредност.
Е, тоа може да се промени сега. Вчера Капиопи пееше на таканаречената конвенција на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Скопје. Поточно, ја изведе државната химна при промовирањето на Коце Трајановски за уште еден градоначалнички мандат. Таа и порано учествувала во политички кампањи, но не на двете најголеми партии, иако повремено и’ припишуваа блискост со нив. Обично тоа беа независни кандидати или проекти, кои барем навидум имаат пошироко општествено, односно национално значење. Овој пат е директно, отворено, експлицитно, до коска ВМРО-овски. Настап на партиска конвенција не може да се протолкува како „гостување“, во стилот на она од пред 14 години кај „Вечер“. Ова е јасна политичка определба.
Се разбира, Калиопи има целосно право на тоа. Секој може да биде политички определен. Дури може и да ги менува таборите. Затоа, пак, јавноста има целосно право да ги оценува тие постапки. Дали причината лежи во убедувањето дека се баш тие политички платформи најдобрите, или се работи за личниот авторитет на луѓето таму, или за тоа што се тие на власт во моментов...? Секој ќе се присетува на тоа што било порано, кој што изјавувал и со кого се дружел, ќе си анализира, па ќе извлече заклучок сам за себе.
Суштината е дека ако влезеш во политиката на ова ниво, ти веќе не може да останеш чист. Да бидеш за една или за друга партија не е исто како да си за Вардар или Пелистер, односно Работнички или МЗТ. Политиката има сосема поинаква специфична тежина, со многу големи последици од направениот избор, па ангажманот во неа те прави и тебе барем делумно одговорен за тие последици. Изведувањето химна на промоција на кандидат за градоначалник на една партија не е обично пеење. И затоа никој не го доживеа така вчерашното појавување на Калиопи во салонот на „МОБ“.
Статусот обврзува. Таа што има амбиција да биде и да остане вистинска музичка дива, мора да внимава и на својата морална вертикала. Политиката можеби обезбедува некои лукративни привилегии, но компромитира како ништо друго. Овој пат Калиопи се компромитираше. Дефинитивно! И сериозно го доведе во прашање својот имиџ во јавноста, па не сум сигурен дека и натаму може да се нарекува дива.