Како што наседнале 50-тина други јавни личности. На пример, нашата Тијана Дапчевиќ доживеа шок кога во станот кој штотуку го имаше уплатено затекна непознати луѓе, со „документ“ дека се тие сопственици на тој стан. За Борис Новковиќ беше одглумено дека автомобилот со кој го возеа од аеродром до хотел, прегази човек, а возачот не застана, туку избега заедно со Борис, без да му пружат помош на „настраданиот“. Политичарот Ненад Чанак се најде во ситуација „изневерана жена“ да влезе со бомба во ресторанот каде што седеа тој и нејзиниот, наводно неверен сопруг, и да се заканува дека ќе ја активира бомбата, и сите ќе одлетаат во воздух. А пак, пејачката Неда Украден ја доведоа до солзи во нејзиното кафуле, убедувајќи ја дека извршители се дојдени да и’ го испразнат локалот поради неплатен данок... И така се редеа „жртвите“ на оваа вешта, духовита и екстремно успешна телевизиска измама. Последен на тој список беше премиерот Дачиќ.
Стапицата за него вклучуваше една убава девојка, кобајаги новинарка, и доволно камери за да го снимат секое движење на неговите очи и изразот на лицето. А тие две (очите и изразот) требаше да бидат предзивикани од тоа што девојката ги соблече своите гаќички пред снимањето и во еден момент требаше да ги рашири нозете, односно да го постигне таканаречениот „Шерон Стоун ефект“. А, дека го постигнала зборува фактот што иако прво се согласил емисијата да се емитува, српскиот премиер подоцна ја повлекол согласноста, па останува да се види дали спорното интервју некогаш ќе дојде пред публиката во целост (засега е достапна на интернет само најавата од околу една ипол минута). Глупава и погрешна одлука на Дачиќ, бидејќи кога веќе дозволил да биде наместен, мора да стисне заби и да се носи со тоа. Ваќа излегува - ем изигран, ем суетен, ем без смисла за хумор. Ако треба да се лути некому тоа сигурно не се луѓето од „Невозможна мисија“, туку неговите советници за јавни настапи, кои го донеле во телевизија за која никогаш претходно не слушнале, во студио каде што никогаш претходно не биле и пред водителка која никогаш порано не ја виделе. А внимавајте, човекот е премиер на држава. Тие се за отказ под итно, а на другиве - да им се симне капа.
Но, тоа за нас не е многу важно и немаше да предзивика ништо повеќе од сериџиски коментари, ако поврзано со ова не го добиевме „случајот Вест“. Имено, нашиот најтиражен дневен весник сакајќи да направи парафраза на спомнатата телевизиска емисија, ги повика своите читатели да гласаат на анкета со наслов „Која водителка без гаќи пред Груевски?“. Како можни опции беа наведени Маријана Станојковска, Татјана Стојановска, Маја Поцевска, Лила Стојановска, Ивона Талевска, Драгана Чуприна, Наталија Грубовиќ, Хелена Роза и Оливера Трајковска. Весникот и претходно правел слични анкети: на кого личи „Воинот на коњ“ (победи Љубомир Фрчкоски), на која наша женска јавна личност личи Олимпија, мајката на Александар, од новиот споменик (Ермира Мехмети), која е нашата најсекси пратеничка (втора победа на Ермира). Трите поминаа со многу коментари - за и против - но, беа спроведени до крај, до моментот што го наведе редакцијата како тајминг за завршување. Е, овој пат е поинаку. Поради реакции и притисоци, гласањето беше прекинато, а „Вест“ ја повлече анкетата. Од она што го јавуваа медиумите во текот на целиот вчерашен ден, главна причина за тоа била Ивона Талевска од „Сител“ и од „Вечер“, која не можела да се замисли себеси во таков контекст. Демек, она без гаќички. Бог да чува. Па, тоа е навреда, лична и полова деградација, а да не збориме за професионалната. Се работи за сериозна новинарка, која толку пати го угостила премиерот во студио и секогаш го решетала со жестоки прашања, доведувајќи го во ситуација да одговара пред целата јавност за најнепријатните теми од неговото владеење. А, има и заедничка слика со катарскиот шеик, и тоа во црна тоалета до земја. И за таква новинарка, вие - без гаќи. Shame on You. Таа можеби и по два-три пара носи, од што е професионална. Сега, кога премиерот повторно ќе и’ биде гостин во „Сител“, гледачите неизбежно ќе се потсетуваат на овој момент (со или без гаќички), што неминовно ќе ја девалвира тежината на разговорот и на нејзиниот професионален новинарски ангажман. Затоа, има потполно право да биде навредена и жестоко да реагира.
Но, ај да се спуштиме пак на сериозното ниво (тоа кај нас стана спуштање). Како може, во услови кога имаме катаклизмични проблеми во државата, волку бенигна ситуација да стане главна тема? Кој нормален можеше да го сфати ова сериозно? Особено ако се има во вид карактерот на „Вест“. Да се појавеше ваква анкета во „Утрински“, ќе имаше причина за, што би рекле Англичаните, подигање веѓи. Меѓутоа, „Вест“ провоцира со сексуалноста на јавните личности веќе 15 години, односно откако постои. Затоа, некои го читаат и им е омилен, а други не го читаат и го сметаат за таблоид. Само така се изразува односот кон некој медиум - читаш или не читаш, купуваш или не купуваш. Поврзувањето на ова со достоинството на жената, заради што реагирале организации за заштитата на женските права, е дискутабилно, иако легитимно. Навредата е лична категорија, целосно субјективна, и никој нема право да ја наметнува, како став, на друг. Ако некоја личност се чувствува навредена, никој не може да и’ рече: „не би требало“ или “јас на твое место не би се навредил“, ниту пак, таа има право да ги прогласи за навредени сите од нејзината група. Но, постојат некои критериуми од кои може да се извлече, колку-толку, објективен став. Во случајов, тоа се главниот повод - шеговитата емисија од Србија - и прашањето од анкетата, кое е толку нереално, што сосема јасно зборува само за обид да се направи шега. Дека тоа така го сфатила Оливера Трајковска, единствената вистински сериозна новинарка во друштвото што го избрал „Вест“, зборува нејзината реакција на анкетата: „Иако имам над 40 години, сигурно би била барем трета“. Значи, без потресувања, шокови и возбуди.
Она што е навистина непристојно во целиов случај е реакцијата на „Вечер“, односно статијата „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите?“, во која се наведени имињата на тројца (за почеток), вклучувајќи го и главниот уредник на „Вест“. Во суштина, и за „Вечер“ важи критериумот како за „Вест“. Ни двата весника не се некои „Њујорк тајмси“, па да се очекува од нив строго почитување на новинарските стандарди, особено во односот кон луѓето што ги ставаат на своите страници. Но, сепак, овој пат постои битна разлика. Во анкетата на „Вест“ доминира тинејџерска зајадливост. т.е. бенигна провокација (ај да се зезаме малку), додека кај „Вечер“ се работи за злобен реваншизам, односно намера да се навреди. Ако сакале да се одмаздат соодветно за нанесената „душевна болка“, можеле да направат контраанкета, со прашање од типот: „Долна облека со каква боја е најзастапена во плакарот на Горан Михајловски? Бела, црна, окер, резеда, розева, грао, пембе, трула вишња или циклама“ Ете им и нив девет опции, па нека се зезаат. Бидејќи и самиот сака да се закача на вакви теми, Михајловски ќе биде принуден да одговори што е точно, па и да согласи на некоја фотосесија на содржината од плакарот. Ако не го направи тоа, ќе покаже дека не е ништо подобар од Ивона Талевска. Ама, да беше доведен во таква ситуација. Вака, се покажа само дека навредената уредничка на „Вечер“, е одмаздољубивива, а и неконтролирана во лутината. За новинарски стандари овде нема место, и наивен е тој што ги очекувал, па сега да се згрозува поради тоа колку се ниско паднати. Тоа е многу поширок проблем отколку „Вест„ и „Вечер“, а особено отколку тотално невините гаќички.