Всушност, токму политичките противници му овозможија да се опушти и да помине мирни празници, а потоа самиот да избира кои од барањата на СДСМ ќе ги прифати, а кои ќе ги одбие. Така, го гледаме деновиве како самоуверено отвора нови спортски сали, игра пинг понг, ветува бањски лекувања, субвенции и квадратни метри за едно евро.
По срамната епизода од „црниот понеделник“ и скандалозното донесување на буџетот, неговите позиции беа сериозно компромитирани. Да се исфрлаат парламентарци од страна на полицијата, без оглед колку микрофончиња оштетиле, е неприфатливо за секоја европска институција и одбивно за секој нормален граѓанин. Дека не им беше сеедно во ВМРО ДПМНЕ зборува фактот што се растрчаа по медиуми да објаснуваат колку опасно бил нападнат претседателот на Собранието од разбеснетата глутница пратенички, а без него државата ќе престанела да функционира (баш без авторитативниот Трајко Вељаноски), па тие морале да ги употребат сите средства, зашто ете, државата била во прашање. Но, опозицијата не знаеше да ја капитализира оваа небулоза, туку влезе во отворен клинч со противник, кој реално има симпатизери со повисок праг на толеранција кога е насилството во прашање, а ги има и сите други ресурси во поголема количина, од пари до пендреци.
Место да настапат разумно, домаќински, соодветно на тежината на моментот, лидерите на опозицијата доживеаја револуционерно просветлување. Па, ветуваат „борба до крај“, „отпор додека не се собори диктаторот“, „заборавање нема, простување нема“, „герила“ (без текила)...
Алооооо, разбудете се. Ова е Македонија, ова е 21. век. Каква црна герила? Дури и да е зборот употребен во преносно значење, тој е апсолутно контрапродуктивен. Кој ве советува да тресете такви зелени? Кои се тие ПР „гении“ кои со апсурдната милитаризација во реториката, ви ја закопуваат единствената реална шанса да создадете успешно граѓанско движење по импулсот што го добивте на 24 декември? Имате ли вие контакт со реалноста или се’ што знаете дознавате од „вашите“ новинари? Разбира ли некој таму колку се штетни за вас навредите врз луѓе, само затоа што имаат резерва кон вашите револуционерни бизарности?
Целата групација околу СДСМ, а особено некои новинари, најотровните стрели ги насочуваат кои таканаречените неутрални. Притоа, добар дел од тие „славни пера“ до вчера (или завчера, кој како) не’ убедуваа дека Бранко Црвенковски е големо зло за Македонија. Има и такви што биле во изборни штабови на ВМРО ДПМНЕ низ минатите години. И сега мнозинството од народот треба да верува во нивната конечна катарза - можеби грешеле порано, но денес се борат за повисока и праведна цел, и со вистинските луѓе. А, тоа што ни кажуваат дека сме „мрзеливи“, „конформисти“, „идиоти“, „папучари“, „недоволно свесни“, „неодговорни“, „фрустрирани“, „поддржувачи на фашизмот“, „пријатели на Миленко“... е за наше добро. Принудени се да бидат груби со нас, бидејќи сме ние премногу заспани, а пораката „или си со нас или си со нив“ е апсолутно слободарска и зборува за нивната висока демократска свест.
Се’ додека опозицијата оди по паметот на ваквите „мудреци“, за Груевски нема зима - ни во јануари, ни во февруари, ни во март. Место да настапат конструктивно, и пред се’ со програма, кај нив надвладеа синдромот на оставена швалерка. Ако забележувате ВМРО ДПМНЕ молчи за неутралните. Ни ги фали, ни ги навредува. Дрвјата и камењата доаѓаат од другата страна, бидејќи таа се чувствува изневерана и напуштена („зар и вие браќа Брутовци и сестри Брутовки?“). Таму веруваат дека по автоматизам треба да се со нив сите што ја сметаат за штетно однесувањето на сегашната власт. Тоа покажува колку не разбираат политика и колку ќе ја променат состојбата откако ќе го наследат Груевски.
Се разбира, и јас звучам смешно кога од било кој македонски политичар барам програма. Суштина на нивните програми отсекогаш била во евроатланските интеграции, односно дека странците ќе не’ направат нас богата и сред e на држава, со нивните критериуми, стандарди, инвестиции, закони, правила... Ама што кога и тие ќе станат „неутрални“? „Е, тогаш можеме и без нив“.
Камо среќа ова да стане нов спиритус мовенс на партиите здружени во опозицијата, па конечно и самите да ги напрегнат малку мозочните бразди, и да смислат нешто на планот на економијата, демократијата, медиумите, образованието, здравството... Многу барам, а?