АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт



undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
КОМЕНТАР НА ДЕНОТ
За бојкотот на локалните избори и последиците од тоа
03.01.2013
СВЕСНА ЛИ Е ОПОЗИЦИЈАТА СО КОГО СИ ИМА РАБОТА?
Не би рекол дека е така, зашто да е свесна би се однесувала прилично поинаку, ако не и сосема поинаку. На почетокот од своите вечерни протести, кога се’ уште нема апсолутно никакви сознанија каков ќе биде нивниот краен ефект, еден од потпретседателите на СДСМ, Гордан Георгиев излегува со ставот на партијата - не учествуваме на локалните избори...

Извинете господине Георгиев, а што ќе правите? Како мислите да ја делегитимирате власта? Со „Народниот парламент“? Со „ Bella Ciao “? Со блокирање на сообраќајот? Со по еден микрофон или мегафон? Со „некаа нее ве лаже умот, нее си праавете Бајрам со моозокот...“? Ако навистина мислите дека со овие методи да го постигнете тоа, тогаш дефинитивно, немате контакт со реалноста.

Да можеше така, немаше да се случи „24 декември“ во Парламентот? Тоа нема врска со сцените што доаѓаат понекогаш од Кореја, Тајван, Италија или од Украина. Таму пратеници и официјални лица се пресметуваат физички меѓу себе. Ќе беше слично, ќе го видевме бестрашниот Илија Димовски како со голи гради јуриша на ноктите на Шеќеринска за да го одбрани нападнатиот претседател на Собранието. Или како Зоран Ставрески за момент заборава дека е пацифист, и влетува во СДСМ-овската толпа, не мислејќи на својата безбедност, затоа што донесувањето на буџетот е најважен патриотски чин.

Да го имавте тоа, ќе беше како што се случува понекогаш низ светот. А, ние имавме физичко исфрлање на опозицијата од страна на безбедносни служби. Влечење, тепање, удирање пратеници. Плус, отстранување на новинарите и продолжување на седницата како да не се случило ништо. А сега, и најава на скромниот правник од Дебарца (Трајко Вељаноски) дека ќе ви ја скрати пратеничката плата за две третини и дека ќе бара да ги покриете трошоците за направената штета во собраниската сала...

На сето ова вие одговарате со бојкот на изборите, и тоа два ипол месеца пред да се одржат? Со која цел? За да проработи совеста и демократската свест кај ВМРО ДПМНЕ? Ако ја имаше не ќе ги направеа сцените од 24-ти. За да се трогнат странците, па тие да извршат притисок? Странците ќе помогнат, отприлика колку што ние помагаме во Сирија. Нив ги интересира само да нема пукање и гинење, а тоа би требало нас да не’ интересира многу повеќе. Тие засега имаат дигнато раце од претворање на Македонија во демократска и правна држава.

И баш тука е шансата на опозицијата. Ние сме денес сиромашно, бесперспективно, корумпирано, квазипатриотско..., и поради сето ова - очајно општество. Имаме егзистенцијална потреба од промени, но вистински, не како оние во 1998. Тоа значи нова визија, нов начин на размислување, нови програми. Такво нешто ни треба, а не бојкоти, кои ќе го убијат и оној мал зрак на демократија, што се’ уште постои. Логиката се’ или ништо, во принцип е многу опасна. Добро ако е се’, меѓутоа што ако е ништо? Кој тогаш ќе ја понесе одговорноста? И второ, таа логика зборува за отсуство на демократска свест кај тој што ја застапува. Исто како и тезата: не може да си неутрален, во овој момент мора да се определиш.

Основно правило кај секоја акција на одговорен политички актер е да се има излезна стратегија, односно уште пред почетокот да знае како ќе постапува откако ќе заврши акцијата. Тоа е поврзано со она што го нареков шанса за опозицијата. Таа мора да осмисли излезна стратегија ако сака да добие критична поддршка од народот. Во нашиов случај тоа значи целосна политика, т.е. економија, вработувања, подобро здравство, подобро образование, ефикасна администрација, енергетска сигурност, па дури и тоа што ќе се прави со „Македонската телевизија“. Такви работи не се решаваат на митинзи и со мегафон во раце, но тие се вистинската политика. Сето друго е само борба за власт, тендери, буџети и за милиони евра.

Јасно е дека СДСМ се истрча (со бојокот) и сега е тешко да се повлече со неповредена суета. Но, шансите да направат нешто на сила се минимални. Кај нас е неизводлив „5 октомври“ зашто македонската опозиција нема свои луѓе ниту во високите ешалони на војската и полицијата, ниту кај меѓународната заедница, како што имаше ДОС во Србија. Не може да се трка со власта ниту со пари, ниту со сила, бидејќи во двете дисциплини нема ни приближно толку ресурси како другата страна. Единствено што и’ останува е живиот дијалог директно со луѓето на целата територија на Македонија, но не како раме за плачење, туку како предводник, некој што го знае патот до излезот. Не е лесно и не може за неколку недели, меѓутоа нема друга алтернатива, која ќе значи вистинска промена, а не само да се симне Курто за да се качи Мурто.

Миодраг Мишолиќ
Loading