АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
ОДБЛИСКУ СО...
Елена Лука, модна дизајнерка
21.11.2012
СОПРУГОТ И СИНОТ СЕ МОЈАТА ИНСПИРАЦИЈА, КРЕАТИВНА ЕНЕРГИЈА И ДУХОВНА СРЕЌА
Елена Пандева Китрозоска е движечката креативна сила на најголемиот моден бренд во Македонија , „Елена Лука“. А, што неа и’ ја дава креативната сила да го привлекува вниманието на јавноста и да воодушевува со секоја нова ревија или со креација за некоја позната личност? Како и кај повеќето успешни луѓе, одговорот е едноставен...


По сите ревии, креации, пофалби и задоволни клиентки, како се носите бројните комплименти? Дали го доживувате успехот како оптоварување?

Кога искрено работите и комплетно се вложувате во тоа што го работите, природно е околината да има некакви позитивни реакции или фидбек на целата таа позитивна енергија што сте им ја пренеле, н езависно за кој домен од уметноста станува збор: модата, музиката, филмот, архитектурата.., односно креацијата во целата нејзина сеобразност. Лично сметам дека е многу човечно да сочувствуваме со успехот на другите луѓе и тоа да им го укажеме доволно преку пријателска насмевка. Јас несебично уживам во таквите пријателски насмевки околу мене, искрените комплименти на блиските луѓе, соработниците, конкуренцијата. Секој мој успех го споделувам со таквите луѓе и токму затоа тој станува посебен и безвременски. Многу тежок збор е оптоварување. Успехот е можеби само мотивација и стимул повеќе за надоградба, инспирација која ја креира мојата понатамошна визија.

Модата и убавото облекување се иманентни за речиси секоја жена. Кој момент беше пресуден за Вие да влезете во оваа бранша?

Интимно модата ја сфаќам подлабински и посуштински од „убаво облекување”. Во мојата дефиниција модата е визуелен израз на личниот идентитет и затоа отсекогаш оваа уметност за мене била посебен предизвик. Мојата природна потреба за творење, создавање, креирање... ја поврзав со посебноста на секоја жена, на жените од моето секојдневие, и од таа комбнинација произлезе приказната за Елена Лука - како спој на една посебна љубов, ослободување на креативна енергија и бескрајната инспиративност на жената. Естетското чувство го носам заедно со сите други мои карактерни црти, и како и секој друг човек кој има афинитети кон одредена животна димензија, кај мене очигледно најдоминантна била таа креативната. Едноставно, се пронајдов самата себе во тој свет на различни форми, палета на нијанси и бесконечен избор на материјали како канал преку кој ги реализирам своите идеи.

Колку жртвувате од приватниот живот за да бидете успешни во работата?

Се трудам колку можам да балансирам помеѓу професионалниот и приватниот живот. Меѓутоа, понекогаш поради брзото животно темпо кое го диктира професионалното вложување, се губи таа рамнотежа, што резултира со скратено време за најблиските, кое се обидувам квалитетно да го надополнам, колку и да е во некоја набиена минутажа. Задоволството и духовната исполнетост, кои ги апсорбирам токму од таа другата страна, надвор од дома, ги „конвентирам” во некоја позитивна енергија која ја прелевам во домашната атмосфера.

Како почна вашето дружење со сопругот? Беше тоа љубов на прв поглед или помина некое време додека сфативте дека сте еден за друг?

Со мојот сопруг се запознавме пред 17 години. Тоа беше судбинска ситуација кога не’ запозна заедничка пријателка и оттогаш секојдневно ме следи на емоционалниот и на професионалниот животен пат. Многу ми е важна неговата поддршка во професионалната реализација, која несебично секогаш ја добивам. Тој се пронаоѓа во работата која ја работам, ми верува и ме следи...

Колку се вашите карактери слични, односно различни?

Во нашиот случај, можеби хармонијата на нашата брачна врска се заснова на меѓусебното надополнување и сплотување на различностите на нашите карактери во едно. Секако дека секој од нас си носи некои специфични карактерни црти кои воопшто не се типични за другиот, но токму тоа може да биде предност во одредени ситуации, кога токму таа разноликост во сликата на нашите лични идентитети прави добар и функционален заеднички семеен портрет.

Чиј избор беше името на синот, Лука?

Лука, името на нашиот син беше заеднички пресек од листата на предлози. Не се двоумевме многу околу изборот, бидејќи има навистина длабоко интимно значење што беше основен предуслов.

Кон што покажува Лука најголем афинитет и интерес, кон која област?

Лука е се’ уште многу мал и моментално е преукупиран со своите разнобојни детски фантазии. Секој ден за него е некаква различна приказна во која тој самиот соживува со различни карактери. Како секое дете, и Лука има богата фантазија обоена со многу креативни идеи, прашања и солуции за решнија на некои проблеми од неговата детска перспектива. Мислам дека периодов е доста музички расположен (хехехе...). Развива високи децибели на тапани и тоа е неговиот „сериозен“ ангажман во моментов. Има уште доволно време да се побара и да се дефеинира себе си како карактер и како личност која ќе се реализира на одредено професионално поле. Ние секогаш сме тука да ги следиме и колку може да му помогнеме во развивањето на неговите афинитети.

Кои особини од таткото, а кои од Вас ги има Лука?

Јас како мајка можеби субјективно ќе ви го одговорам ова прашање, меѓутоа сметам дека Лука е комбинација од гротото позитивни мои и особините на мојот сопруг. Тој е некаква апстрактна слика на нас, која се’ уште ги доловува своите нијанси. Голем темперамент кој носи огромна животна енергија со себе. Како и секое дете доста љубопитен за околината околу него, со секогаш спремни прашања за кои понекогаш треба сериозно да се размисли пред да се одговори колку и да се тие наивни. Неколку светлосни години е напред од нас со технологијата. Навистина го интересираат компјутери и се’ што е поврзано со нив. Неговата генерација може да ни држи предавања на нас повозрасните во тој домен. Многу е социјализиран, сака со часови да „заглави“ во детска игра со негови врсници. Има многу љубов во него, како и во сите нас, впрочем.

Патувате ли често, и дали е тоа повеќе службено или седнувате во автомобил и одите некаде на викенд?

Голем дел од времето го поминувам во автомобил, патувајќи најчесто службено во најблискиот круг на градот. Тие моменти ги користам за себе, сама со некое квалитетно парче музика. Кога патувам надвор од Скопје, најчесто крајна дестинација ми се некои драги луѓе, кои за жал, ретко имам можност да ги видам поради низа околности.

Како успевате најлесно да го орасположите другиот?

Бракот е функционална и хармонична целина кога, пред се’, двајцата партнери имаат разбирање еден за друг и тогаш кога се обидуваат да ги надополнат своите недостатоци. Се разбира, постојат и такви моменти кога за да се одржи билансот во брачната заедница едниот партнер треба да ја потхрани духовната среќа на другиот за да може непречено да циркулира таа позитивна енергија помеѓу двајцата. Во такви моменти секогаш се трудам да црпам од своите „акумулирани резерви” на среќа и несебично да ги споделам со сопругот. Се разбира, секогаш тука е и нашиот син Лука кој е најголемата наша заедничка животна инспирација и доволно е неговото присуство за една искрена насмевка.

Кои беа клучните луѓе и настани кои Ве формираа како личност и како креатор?

Основниот фактор при дефинирањето на карактерните црти на една личност покрај другото е мозаик од различни животни ситуации и искуства, влијанието на луѓето од непосредната интимна околина, генетскиот код кој се провлекува од семејните корени, како и личните афинитети. Се разбира, семејството како примарна социјална заедница и моите родители се клучните луѓе кои ми исцртале некаков модул, некаква траекторија по чии линии сум ја градела својата личност, за што сум им бескрајно благодарна. Некаде на тој животен пат, можеби дури и во раното детство и во мојата потсвест отсекогаш постоела потребата за креативно пренесување на моите емоции и чувства, ете на пример, во форма на уметност каква што е модата. Сум се восхитувала на луѓето кои оставале незаменлив печат со своето присуство токму преку уникатниот начин на себеизразување преку облеката, и можеби тоа било доволна причина таа моја потсвесна искра и порив за креирање да излезе на видлива површина.

Што мислите за уличната мода во Македонија? Колку имаат стил овдешните девојки и жени?

Од досегашното искуство можам со сигурност да потврдам дека македонската нација е естетски профилирана со високо изразено чувство за естетика. Ме радува тоа што луѓето знаат да ја почитуваат уникатната мода и знаат со тоа да се носат. Ги охрабрувам нашите млади луѓе да го негуваат својот личен стил, бидејќи тоа е еден од начините да се изразат себе си и преку нивната индивидуалност да ја збогатуваат домашната модна сцена.

Во овој момент што посакувате најмногу?

Природно е човек секогаш да има потреба да посегнува по некоја нова неостварена амбиција или исполнување на некоја желба, тоа го движи напред... го прави покорисен и лично за самиот себе и за околината. Нашите желби во мометов се желби на родители кои пред се’ го посакуваат најдоброто за своето дете, и целосно и посветено сме насочени кон градењето на неговата сигурна иднина. Чекор подалеку од интмниот свет на семејството, во моето секојдневно деловно и социјално опкружување посакувам луѓето малку повеќе да се посветат на суштинските животни вредности, да проработи и секогаш да ја надоградуваме нашата човечност. Верувам и убедена сум дека сите луѓе сме во суштина топли и позитивни, па да се трудиме и покрај сите животни искушенија да ја задржиме таа човечка топлина.

Вашето моминско презиме е Пандева, доаѓате од Струмица, исто како и нашиот познати фудбалер. Дали сте во роднинска врска?

Хаха, еден град, исто презиме, меѓутоа без некакво крвно сродство. Сосема случјано... Инаку, многу го почитувам човекот и како сограѓанин и како вистински спортски амбасадор на нашата земја. Горда сум што токму такви луѓе како Горан Пандев го поврзуваат мојот роден град, а со тоа и нашата држава со светот и ги приближуваат до глобалната култура.

Миодраг Мишолиќ












Loading







 

web design studio: Meduim3