АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
КОМЕНТАРИ ВО ДИКТАФОН
Ѓунер Исмаил, политички аналитичар и контроверзен интелектуалец
19.11.2012
ДА, БИ ГО ОТСТРАНИЛ „ВОИНОТ НА КОЊ“, КАКО ГЕСТ НА ПАТРИОТИЗАМ
Во последниве денови Ѓунер Исмаил е честа тема на разговори и полемики. Најмногу контроверзи предизвика неговата изјава дека кога тој би бил во позиција да решава, споменикот „Воин на коњ“ најверојатно ќе биде препуштен на „металургијата“, односно ќе заврши во топилница. Во, овие „Коментари во диктафон“ Исмаил зборува и за новиот бран лустрација, судирот меѓу СДСМ и Владо Бучковски, како и за моќта на американскиот амбасадор во Македонија...


ЗА „КОРЕКЦИИТЕ“ НА СКОПЈЕ 2014

Навистина би ги отстраниле и препуштиле на „металургијата“ Воинот на коњ, татко му, мајка му и спомениците околу собранието?

Да. Како гест на патриотизам и ослободување на Македонија од тоа да биде предмет за потсмев на сиот цивилизиран свет. Треба ли да ги споменувам статиите по разно-разни релевантни медиуми низ светот? Тоа како прво, та дури и помалку важно. Поважното е тоа што проектот Скопје 2014 е Идеолошки Проект излезен од лаборатотиите на структури кои не и’ го мислат доброто на оваа земја, а според методите на владеењето на нивните пулени/ученици е насочен кон тотален инжинеринг и разнебитување на македонскиот идентитет и, божем, создавање на нов. Диктатурите се карактеристични по тоа што една од нивните омилени теми е Нов Човек, Нова Нација, Нова (поправедна) историја. И на крајот, тоа е проект кој ги има сите елементи на еклатантен криминал кој според димензиите (количината на пари потрошена од џебот на народот и од задолжување) е насочен против темелите на државата. Не се работи за обичен грабеж на банка. Тоа е децениско финансиско заглавување на земјата од кое, не е сигурно како ќе се извлечеме. Впрочем историјата не’ учи дека пресметката со фашизмот и неговите продукти мора да биде безмилосна и неселктивна.

Мислите дека уривање на најголемите споменици е можно и дека ќе помине мирно кај народот?

Хитлер на власт дојде преку избори. Во деновите кога беше на врвот на неговото владеење, само малкумина му се спротивставуваа, а милиони луѓе се туркаа по улиците за да го поздрават. И тие тогаш беа народ. А кога падна? Каде беше Тој Народ да го заштити. Јас денес не се обѕирам на тоа што поединци удобно вгнездени во топлината на толпата зборуваат, или пак што малодушните мислат. Во тоа важно Утре ќе разговараме за тоа каде е Тој фамозен Народ. Милошевиќ изведуваше по еден милион луѓе, а кога го транспортираа во Хаг, по улиците немаше никој!

Од каде Ви е податокот дека Триумфалната капија е дивоградба?

Во намерно создаденото бунило, создадено од диктатурата, било каква и чија одлука која самата себе се крсти како легална, всушност е спротивна, најнапред на Уставот, а и на соодветните закони. Според тоа, елементарно преиспитување на одлуките согласно дури и на законите донесени од ваков систем каков што е насилно воспоставен, ќе не’ донесе до вистината. А тоа е дека одлуките се насилно и спротивно на законите донесувани. Согласно на тоа сето она што е направено, а се потпира на овој систем на владеење е дивоградба, па и таа грда анти-македонска Врата на, досега, седумгодишниот пораз на Македонија.

Не е ли политиката за уривање на Скопје 2014 еднакво недемократска како таа што го спроведува проектот без јавна расправа и без консултација со компетентните страни?

Не. Тоа ако сакате крстете го како процес на Денацификација, а ако сакате како процес кој би произлегол од, овојпат, Вистинска јавна Расправа. Внимавајте, ние зборуваме за проект спроведен од ненародна, недемократска власт. Иднината ќе биде потпрена на демократски избрана власт. која тврдо ќе внимава на демократските потреби и интереси на нацијата.


ЗА НОВИОТ ЛУСТРАЦИСКИ БРАН

Веќе нема нејаснотии. И Вие сте во него.

Воопшто не сум изненаден. Да беше ситуацијата попријатна ќе кажев дека е комплимент, а сега само го игнорирам тоа колку што можам повеќе. Се работи за селективно „отстрелување“ луѓе, преку интерпретација на остатокот од документите до кои успеле да дојдат претседателот на Комисијата и уште неколкумина негови соучесници таму. Целата јавност може да се увери дека е ова крајно несреќен процес, на што предупредувавме уште кога се појавија првите иницијативи за лустрација , и кога ги предвидовме најголемиот дел од работите кои сега се случуваат. Јас, како гест на граѓанска непослушност, одбив да дадам изјава за моја несоработка со тајните служби и сум еден од седуммината потписници на кривичната пријава против иницијаторите и изгласувачите на последната верзија на законот, зашто сметам дека таа го крши Уставот, што е кривично дело. А, што ќе се случува понатаму во земја во која е се’ можно - не знам.

Вие решивте да ја игнорирате Комисијата, но таа има ингеренции. Како може да се докаже дека не сте биле соработник? Тие докажуваат со документи.

Не, тие не докажуваат со документи, туку интерпретираат некакви записи, службени белешки и други материјали од архивите, за кои јас не знам, и потоа, се надгласуваат. Таму не се расправа, бидејќи ниту законот им го овозможува тоа, ниту објективните околности, односно белешките со коишто располагаат. Прво, во најголем број случаи станува збор за фабули на службениците на тогашните тајни служби, кои пишувале сопствена интерпретација на настаните. Второ, ние бевме само еден дел од бившата федерална држава, во која влегуваа неколку тајни служби , и можело да се случи луѓето да бидат ангажирани по разни основи од други служби, чии архиви отсекогаш биле на друго место. Затоа ниедна друга екс-југословенска република не го спроведува овој процес. Никаде немаше лустрација: ни во Хрватска, ни во Словенија, ни во Србија. Од Македонија, во моментите на распадот, а и во првите години на независноста, од Историскиот архив се изнесувани документи и носени со камиони. Дури под покриовителство од угледници од првата плуралистичка влада на Македонија. Уште постојат живи сведоци за тоа. До такви податоци стигнав во 1992-93 година, и тоа добро го знам, бидејќи една од одлуките на тогашната влада беше поставување нов директор на Архивот на Македонија. И трето, можеби најважно, документацијата што остана е темелно „просеана“. Со голема доза на сигурност можам да изјавам дека доколку се побараат документи за некои од сегашните членови на владејачката структура, нема да најдете ништо за нив. Во таа смисла очигледна е нивната намера да изведат нешто друго, а не да ги расчистат темните петна од минатото.


ЗА ПРЕПУКУВАЊАТА СДСМ - ВЛАДО БУЧКОВСКИ

Зошто СДСМ го прави ова, односно поднесува кривична пријава за периодот кога беше партија на власт?

Задача на опозицијата е да ја „раздрма“ власта од секоја позиција од каде што може. Принципелно гледано, тоа им е главниот мотив. Во случајот со кривичната пријава против Непознато лице, а во врска со истрагата на американските власти околу давање мито од „Дојче телеком“, во која беше спомената македонската влада од 2005 година, ВМРО ДПМНЕ реагираше за помалку од еден час. Притоа, нивниот портпарол рече дека „СДСМ прави внатрешна пресметка, што нас не не’ интересира, бидејќи е насочено против тогашниот премиер Владо Бучковски и против Димитар Бузлевски“, кој во тоа време бил претседател на Управниот одбор на Македонски телекомуникации. Но, јас се надевам дека централниот мотив на СДСМ не е тоа, туку да ги разниша позициите на ВМРО ДПМНЕ, кој во таа приказна најверојатно се појавува како учесник, односно примател на тие пари, преку партиската фирма „Аналитико“, каде што работеле најмалку три денешни министри, а и други партиски функционери. Тука се појавува и ДУИ, односно некоја нејзина екстензија (министер или повеќе луѓе), како втор учесник во примањето мито, за кое што зборуваме. И трето, не може да не се спомене и Бучковски, како премиер, т.е. човек кој директно или индиректно би требало да ја управувал таа структура. Дури во третава точка може да се забележи дека СДСМ врши некаква внатрешна прераспределба на силите, или, што би се рекло со стариот речник - диференцијација. ВМРО упаѓа со посочување на имињата на Бучковски и Бузлевски, занемарувајќи го фактот дека во приказната има уште најмалку двајца учесници. Значи, кривичната пријава е, примарно, насочена кон власта и според мене, опозицијата требаше вакви чекори да прави и порано.

Во сегашната политичка консталација малку е веројатно дека пријавата ќе ги допре министрите некогаш вработени во „Аналитико“ или тие од ДУИ, туку евентуално процесуирани може да бидат само поранешните функционери на СДСМ.

Никој нема да биде процесуиран. Ќе се пикне случајот во некоја фиока, за да еден ден повторно биде отворен. Засега ќе остане „незавршен“.

Сепак, оставува фактот дека СДСМ не покажува дека знае како да се однесува кон сопствените „бунтовници“. Што прави Бучковски толку страшно? Не формира фракција, ниту нова партија, а настапите му се доминантно опозициски. Зарем е толкав проблем пишувањето колумни?

Факт е дека Бучковски веќе одреден период се јавува како критичар на состојбите во партијата, во која што е член, па и на нејзината целосна поставеност во оваа ситуација. За жал, СДСМ се’ уште не успеа да изгради доволно капацитети за да било кој тип на критика го разбере како нешто конструктивно. Некои луѓе таму, секој таков став го толкуваат како опозиција на опозицијата. Тоа е многу неточно, а и одзема енергија и произведува лоша атмосфера внатре, во партијата. Сето ова не зборува добро за СДСМ и таа свест треба да ја надминат што побргу. Се разбира, најодговорен за тоа е Црвенковски. Неговите релации со Бучковски од 1997. до денес не ги знам, но гледам дека постоела некаква затегнатост и оти дневната технологија на владеење подразбирала тaa затагнатост долго време да бидe ставанa „под тепих“ или саниранa на друг начин. Тие недоразбирања траат, а ескалираа во последно време, според мене поради кадровската политика. Таа е голем проблем, всушност рак-рана, на секоја партија, зашто внатрепартиските борби најмногу се водат околу тоа кој ќе биде кандидат за градоначалник, кој за пратеник, а кој ќе се најде или нема да се најде на некоја листа. Ние, што сме надвор од внатрепартискиот живот, таквите дискусии не ги гледаме, но тие се постојани и многу жестоки. Бидете уверени дека тука има се’, од клoцање под маса до озборувања и интриги. Бучковски е во последниве години надвор од партиските форуми, и не може таму да го каже својот став, па му остануваат медиумите, а тие се целосно јавни, што на работата и’ дава дополнителна димензија. А таа е лоша во моментов, бидејќи партијата наместо да се занимава со најважниот противник, Никола Груевски, се конфронтира јавно со Бучковски. Тоа е непродуктивно трошење на енергијата.


ЗА МОЌТА НА СТРАНСКИТЕ ДИПЛОМАТИ

Дали американскиот амбасадор е најмоќната политичка фигура во Македонија?

Секако дека не, но американскиот амбасадор претставува држава, која е главна политичка сила во светот, а и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор. Второ, тоа е земја, која јасно и недвосмислено ги демонстрираше своите интереси, признавајќи не’ под уставното име, што ако се имаат во вид нејзините односи со Грција, е голем политички влог. Америка многу и’ помогнала на Македонија: финансиски, преку застапување, лобирање итн. Американците се меѓу нашите најголеми пријатели. Проблемот е што ние очекуваме да бидат само наши пријатели и забораваме дека станува збор за глобална сила, која има широка лепеза на интереси. Во тој контекст, САД се во многу блиски релации со албанскиот фактор на Балканот. Нивната поголема политичка и воена инвестиција се вика Косово. Слично е и со Албанија, а и македонските Албанци не се надвор од таа инвестиција. Заради сето тоа, американскиот амбасадор нам може да ни изгледа како најмоќна политичка фигура, но ако внимателно се анализира, не може да се најде некоја негова активност, барем јавна, која е поголема од активностите на некои други амбасадори, на пример британскиот или тој на Европската унија.

Сите нив народот ги доживува како луѓе од иста матрица, од ист блок. Што е со амбасадорите на Кина или на Русија? Речиси се тотално непознати на пошироката јавност.

Тоа покажува дека во споменатите држави постои целосна свест за меѓународната политичка ситуација. Не заборавајте дека кога тие амбасадори ќе дојдат наутро во својата канцеларија, на работната маса им се доставени инструкции од нивните влади. А, тие инструкции не ги пишуваат некои заталкани луѓе во Министерствата за надворешни работи, туку експерти од политиката на таа дотична држава кон државата каде што е се амбасадорите акредитирани. Кинескиот амбасадор точно си ја знае мерката, исто како и рускиот, францускиот, германскиот, американскиот... Ако тоа не го разбереме, тогаш навистина не знаеме ништо за политиката.

Колку се пристрасни?

Тие го знаат принципот на сврзани садови, во случајов Косово-Македонија-Албанија, и габаритното присуство на албанско население во земјава, и од тоа изведуваат политички заклучоци, односно потези. Дали притоа ние може да се почувствуваме повредени, занемарени или помалку сакани е работа на колективна психологија, која цело време се генерира во Македонија, дека Албанците се американски фаворити на Балканот. Веќе реков дека се тие нивна голема политичка и воена инвестиција, но истото важи и за други, вклучувајќи ја Македонија. САД ги внесе во НАТО своите балкански фаворити: Бугарија, Романија, Хрватска, Словенија... И нас не’ сакаат во тоа друштво. Затоа, не мислам дека Американците имаат ранг-листа на омилени земји и народи на овој простор. Но, ние мора да сфатиме, дека кога станува збор за Македонија, Вашингтон не разговара само со Скопје, туку и со Брисел, Москва, Пекинг, Лондон, Париз... Тоа е логиката на глобалната политика.
Loading







 

web design studio: Meduim3