Таканаречената политичка борба во Македонија од осамостојувањето е сведена на „дворски интриги“ меѓу двете најголеми партии. Поточно, беше сведена до доаѓање на Груевски на власт. Тој сфати што е, всушност, политика, и затоа победува на избори, комотно владее шест ипол години и сосема мирно може да го очекува и следното изјаснување на граѓаните.
Опозицијата, пак, се’ уште мисли дека може да се врати таму каде што сака, само со ламетирање над тешката социјална положба во земјава и со критика на премиерот, министрите и на нивните проекти, односно со „уверлива“ реторика. Е, не може. Односно, веќе не може.
Повод за овој коментар ми е прес-конфренцијата на Зоран Поповски, претседател на Советот за образование и наука на СДСМ, кој повторно го истакна проблемот со неквалитетните учебници, објавени од актуелното Министерство. Уште кога се појави „аферата“ со Нора Шаќири во некој од учебниците, и поголем број луѓе погледнаа малку повнимателно што се’ им се нуди како наставна содржина на децата, стана јасно дека напишаното таму е блиску до дилетантизам, а понекогаш и ја поминува таа граница. Материјални грешки, небулозни дефиниции за некои општествени појави, стереотипи кои се косат со здравиот разум... На пример, во учебникот по Општество за петто одделение стои дека „Грција излегува на Јадранското море“. И се’ е тоа така, што и самото Министерство не го негира.
Меѓутоа, каде е поентата? Како еден родител да обезбеди ситуација, во која неговите деца ќе добијат квалитетни ученици? Поповски и опозицијата велат: „гласајте за нас и ќе го имате тоа“. А, како тој (родителот) да ви верува по 20 години изневерувани очекувања? Како ние да сме сигурни дека вие знаете? Ајде докажете. Напишете вие учебник по Општество за петто одделение. Не цел комплет, туку само еден учебник. И не да се објави, туку само да му покажете на народот (преку ставање на ракописот на интернет или потврда од експерти, кои јавно ќе ја објават својата рецензија) дека вие можете. Да им покажете на овие незналици, некомпетентни, нестручни, партиски војници на власта. заталкани во образованието, дека вие сте зналици, компетентни, стручни и оти не го барате гласот на граѓаните за да се ухлебите некаде, туку навистина имате знаење кое ќе ни биде корисно на сите. Тоа е вистинска опозициска борба, а не бара големи пари. Бара само голем човечки ангажман и труд.
Е, ама тоа е тешко. И тука завршува приказната.
Затоа сме вака зацементирани во сегашната состојба. На нашите политичари, без исклучок, цел им се само привилегиите, пред се’ материјални, што ги носи позицијата, и по можност да дојдат до нив со што помалку напор. Тоа беше остварливо до 2006 година, зашто сите се потпираа исклучиво на својата реторичка увеливост. Денес тоа не игра. Веќе никој не гледа преноси од Собрание, па да падне на теме од елоквентноста на некој пратеник, и да рече: „ух, како го му кажа, ова е мојот човек (или жена), гласам за него“. Силните зборови паѓаат како крушки пред двете ипол милијарди евра што Груевски си ги има во џебче секоја година, и може мирно да ја купува љубовта на 450.000 гласачи, колку што му требаат. Затоа, нему не му се одразува на рејтингот што има аналфабети околу себе. Но, другата страна нема 2,5 милијарди евра во џебче, и не може да си дозволи аналфабети. Таа мора да покаже дека знае нешто. Ама, конкретно да покаже. Во спротивно, ќе си таворите во опозиција и ќе се прашува: „како народот не гледа колку сме ние подобри?“. Гледа, почитувани социјалдемократи, меѓутоа нема што да види, ништо не сте покажале.
Миодраг Мишолиќ