АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
КОМЕНТАРИ ВО ДИКТАФОН
Ерол Ризаов, политички коментатор
08.11.2012
БЕЗ ЕУ И НАТО, СЕГАШНАТА БЕЛА ЧУМА ВО МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА СЕ ПРЕТВОРИ ВО ИСЧЕЗНУВАЊЕ
Неодамна, еминентната српска историчарка, интелектуалка и поранешна политичарка Латинка Перовиќ оцени дека Србија е осудена на исчезнување доколку ја прокоцка шансата за влез во Европската унија. Ако таа опасност и’ се заканува на држава со такви ресурси, која е многу блиску до лидерска позиција на Балканот, тогаш што да кажеме за Македонија?


ЗА ПОБЕДАТА НА БАРАК ОБАМА И ШТО ЗНАЧИ НЕГОВИОТ ПОВТОРЕН ИЗБОР ЗА МАКЕДОНИЈА?

Неизвесноста околу тоа кој ќе победи постоеше заради голема економска криза, која Барак Обама ја ублажи, но не успеа да ја совлада, и заради високата стапка на невработеност во САД, што разбирливо го подгрева незадоволството на американските граѓани. Но, таму веќе стана некој вид традиција претходниот претседател да добие втор мандат, па така се случи и сега. За мене поголем настан беше првиот избор на Обама, во 2008 година, бидејќи донесе нешто ново - црнец во Белата куќа, а пред се’ покажа колку е високо нивото на американската демократија. Во овие четири години се навикнавме на таа „нова“ ситуација, па веќе бојата на кожата и потеклото на кандидатот не претставуваше пресуден позитивен или негативен фактор за конечниот исход на изборите. Повторниот успех на актуелниот претседател е потврда дека нацијата што ја предводи е задоволна од неговиот курс.

Интересно кај нас е што поголем процент од Македонците навиваа за Мит Ромни. Не затоа што повеќе го сакаат од Обама, туку зашто веруваат дека историската неправда која и’ се прави на Македонија ќе биде исправена доколку на чело на САД биде републиканец. Наводно, тој ќе удри со тупаница на маса и ќе го реши нашиот тежок проблем, односно спорот за името и членството во НАТО и во ЕУ. За жал, работите се многу покомпликувани и проблемите не се надминуваат на тој начин. Тоа го видовме со републиканецот Џорџ Буш, кој ни беше многу наклонет, но доби силна шлаканица во Букурешт, Америка мораше да ја голтне грчката кнедла, а ние останавме во ситуација статус-кво.

Во Македонија мора да сфатиме, и да не дозволуваме да не’ лажат разни шарлатани, па макар биле и поранешни дипломати - ниту Обама, ниту Ромни, ниту Оланд, Камерон или Путин, нема да го решат македонското прашање кога ќе треба да избираат помеѓу Македонија и Грција. Никој од нив нема да дозволи Грците да се почувствуваат поразени, исто така не затоа што премногу ја сакаат Грција или грчката политика, туку зашто во донесувањето на сите светски одлуки, главни и доминантни се нивните национални интереси. Интересите на САД, Франција, Германија, Русија итн, се поголеми и позначајни спрема Грција, отколку спрема Македонија. Затоа нашите политичари треба да пораснат во својство на државници, а тоа значи да бидат свесни за реалните позиции на светската политичка сцена, и да ја водат политиката така што ќе го обезбедат можниот максимум за Македонија. А, максимумот ќе биде да се помрдне сегашното статус-кво, и преку компромис да се дојде во ситуација двете страни да бидат еднакво задоволни, односно еднакво незадоволни, но без еден кој е еклатантно поразен.

А кога ќе влеземе во „Премиерлигата“ (НАТО и ЕУ), тогаш може да бараме модуси за да ги исправиме болните историски неправди, повторно во зависност од интересите на големите сили. Тој процес е долг, можеби ќе трае со децении, но јас верувам дека е можно да се добие. Меѓутоа, првиот чекор и предуслов да тргнеме кон целта што ја посакуваме, е членство во евро-атланските структури. Тоа дури би рекол дека ни е предуслов и за опстанок.

Неодамна, еминентната српска историчарка, интелектуалка и поранешна политичарка Латинка Перовиќ оцени дека Србија е осудена на исчезнување доколку ја прокоцка шансата за влез во Европската унија. Ако таа опасност и’ се заканува на држава со такви ресурси, која е многу блиску до лидерска позиција на Балканот, тогаш што да кажеме за Македонија? Нашата единствена шанса за нормална иднина и за просперитет е европското семејство. Колку и да зборуваат дека тој клуб не чини, досега не видов ниту една членка да излегла до таму. Значи, сепак, повеќе е добар и корисен, отколку што е некоректен и бесперспективен.


КОЈА Е СМИСЛАТА НА КАМПАЊИТЕ ЗА ПОВЕЌЕ ДЕЦА?

Нам ни се случува таканаречената бела чума, но таа не е примарно поврзана со нискиот наталитет, туку пред се’ со иселувањето на народот, особено со заминувањето на младите луѓе. Таа појава не е непозната овде и не е нова. Трае најмалку еден век и зафаќала разни структури од населението. Во кралството Југославија се иселувале Македонците, во 50-тите години од минатиот век заминаа десетици илјади Турци, потоа повторно се селеа Македонци во прекуокеанските земји, па подоцна Албанци во Европа... Тоа не може да остане без последици, бидејќи значи деградација на човечките ресурси, и премиерот Никола Груевски е сосема во право кога го нарекува „рецесија на нацијата“.

Меѓутоа, има тука еден аспект од неговата политичка опција со која не се согласувам, а тој вели: „сегашните генерации се многу посебични и повеќе мислат на својот комодитет, па затоа не прават повеќе деца“. И втор неприфатлив момент е навредата кон жените, дека се тие некој вид „фабрика за раѓање деца“. Во суштина, таквиот став е само израз на немоќта да се остварат вистинските приоритети на земјата. А тоа е отворање фабрики, не за раѓање деца, туку за вработување на луѓето, создавање услови за подобар живот и градење држава во која ќе живеат среќни луѓе.

Во Обединетите нации постои ресор, кој се занимава со истражување на квалитетот на живот во земјите низ светот. Тоа не се обични анкети, какви што прават агенциите за мерење на јавното мислење, туку се работи за исклучително сериозни студии. Според научни методи се анализираат финансиските приходи, можноста за образование и за здравствена заштита, должината на животот, инфрастуктурната изграденост на државата, демократските права и слободи, функционирањето на правосудниот систем итн итн. Од сето тоа прават прилично реална ранг листа, која западните медиуми ја нарекуваат „листа на среќни нации“.

Македонија е ниско на таа скала, мислам на 78-то место според последната анализа, и на самото дно во Европа. Е тука, во таа „среќа на нацијата“, односно несреќа, треба да се бараат причините за нашата бела чума. Тоа не се решава со кампањи и патриотски извици ура, туку со подобрување на оние категории, кои ОН ги смета важни за квалитетот на животот. Така се развива чувството за припадност кон својата нација и се добива желба за создавање поголеми семејства.

Инаку, наталитетот е тема која има политичка тежина и не е првпат да биде инструмент за политички пресметки. Во 80-тите години, кога бев уредник во весникот „Нова Македонија“ ми донесоа текст од наш познат демограф, кој тврдеше дека за 20 години Македонците ќе бидат малцинство во Македонија, односно дека Албанците со својот наталитет, „рамен на тој од Багладеш“, ќе станат најбројни во државата. Бидејќи се работеше за теза на научник, тоа предизвика голема полемика, во која учествуваа повеќе професори, демографи, социолози, политичари, а дебатата дури стигна до Централниот комитет на Сојузот на комунисти, кој отвори седница на таа тема и ги прифати оценките за опасноста.

Јас бев убеден дека е тоа точно, се’ до моментот кога еден друг професор, математичар, ми рече: „престанете да го плашите народот со неточни теории“. Тогаш ги извади од џебот своите цигари и на кутијата ми направи кратка статистичка калкулација, со претпоставките за натамошниот наталитет, ставајќи го доминантно во интерес на Албанците. Резултатот беше дека за 25 години тие никако не би можеле да бидат повеќе од 25 отсто од населението во Македонија. Бев вџашен од таа пресметка, а особено од сознанието колку лесно дозволуваме да бидеме изманипулирани, што потоа произведува чувство на нетрпеливост.

Тој случај има допирни точки со сегашните повици од власта, бидејќи кога актуелните политичари повикуваат на наталитет, мислат само на Македонците, односно дека само тие ќе раѓаат, а другите не. Таквите поделби зборуваат за фашизоиден карактер на самата замисла, и од тој аспект таа е многу погрешна, иако на прв поглед благородна.

Нема ништо поубаво од зголемување на благосостојбата, степенот на општата култура, образованието, соживотот..., па во тој контекст и на поголемиот број деца. Семејствата треба да се среќни за да посакаат таа среќа да ја пренесат на што пошироко поколение, а не за да исполнат партиска задача. Како што гледаме, и од врвните ешалони на власта, не се исполнува задачата во висок процент.

Нам ни се заканува исчезнување, но тоа се спречува на поинаков начин, а не со повици „раѓајте деца“.
Loading







 

web design studio: Meduim3