Како се организирате со толку деца и професионални обврски?
ЕЛИ: Не се трудиме многу околу класична организација, туку оставаме деновите да ни течат спонтано. Секој си има свои задолженија, почнувајќи од најстариот (покажува со насмевка кон Сашо), па до најмалата ќерка. Кај нас нема остри граници, во стилот: досега го правиме ова, а од овој момент ќе се префрлиме на тоа. Нашето работно време е флексибилно, што значи дека не може да планираме враќање дома во 16.30, туку многу често се случува да се остане до 18 или 19 часот, па и подоцна. Се прилагодуваме едни на други. Синовите на Сашо од првиот брак се веќе големи и доаѓаат кога мислат дека имаат време за нас.
САШО: Бидејќи работата ми е таква што бара голема посветеност, преку неделата тешко наоѓам време за фамилијата и за децата. Ели рече дека сме во канцеларија до 18 часот, но не е ретко потоа да следува уште некоја активност, како деловна вечера, презентација или коктел со партнерите, така што сме принудени да се снаоѓаме со помош од родители, бебиситерки, помошнички итн. Затоа, се трудам во викендите да немам никакви професионални обврски и барем во тие два дена да сум што е можно повеќе со децата. Мое правило е дека не е важен квантитетот, туку квалитетот на времето поминато заедно: да играме, разговараме, правиме нешто, пишуваме домашно... Никогаш не се случило да сме сите во иста просторија, а секој да има некаква посебна занимација - на компјутер или на друго.
Децата се на прилично различна возраст.
ЕЛИ: Да, Никола има 26 години, со завршен факултет во Благоевград, и работи на дигиталните медиуми во „Њу момент“. Горјан во февруари ќе наполни 18 и е четврта година во гимназијата „Никола Карев“, со се’ уште нерасчистени амбиции меѓу правото и маркетинг менаџментот. Ена има осум ипол години, и е трето одделение во “Нова“, а Лана четири ипол и ги врти сите.
Ена, Никола, Горјан и Лана
Дали е предност или хендикеп тоа што работите заедно, во иста фирма?
ЕЛИ: Факт е дека речиси сите разлики во мислењата, односно расправии што ги имаме меѓу нас се поврзани со работата. Од друга страна, приличен комодитет е кога брачниот партнер ти ја знае професијата и целосно ја разбира. Тоа ни ја овозможува флексибилноста што ја имаме во нашиот однос, поврзано со обврските. Кај нас е можеби добро тоа што иако сме во иста компанија, не работиме во иста зграда, па не налетуваме по цел ден еден на друг, и кога ќе се вратиме дома имаме мал милиони теми и ситуации, кои може да си ги раскажуваме и коментираме.
САШО: Во тоа работење заедно, јас гледам многу повеќе плусеви отколку минуси. Од професионален аспект, важно ми е што знам дека имам во фирмата целосно посветен човек, кој ја чувствува како своја и знае кои и’ се целите. Истото важи и за синот Никола. Знате, ако се бара повод за кавга, секогаш ќе се најде, без оглед колку време поминувате заедно. Ако, пак, сакате секоја ситуација да ја решите мирно и без нервоза, тогаш многу полесно се наоѓа такво решение.
Што најчесто сакате да правите кога ќе најдете малку повеќе слободно време?
ЕЛИ: Ние не сме од оние семејства кои се пакуваат веднаш и одат во Солун. Повеќе сакаме да сме дома и да се организираме со пријателите или со нашите родители, браќа и сестри на ручек, вечера, гледање телевизија заедно. Патувањата надвор од Скопје обично ни се испланирани, а доколку нема нешто такво, во слободните викенди или продолжените празници одиме во Соње, поточно во нашата „летна резиденција“, која е со голем двор и прилагодена за дружење со скара. Мислам дека рекордот ни е друштво од 28 луѓе. Инаку, не живееме бурен живот, со дискотеки и ноќни излегувања. Најубаво ни е во домашен амбиент.
Имате поделба на машки и женски работи?
САШО: Не, и покрај тоа што јас уживам повремено да влезам во кујната. На пример, правењето салати ми е големо задоволство. Но, не се случува толку често за да речам дека сум голем мајстор за тоа.
ЕЛИ: Јас би рекла дека е мајстор. Кога ќе реши да направи нешто за јадење, тогаш не му е важен само вкусот, туку инстистира и на естетскиот впечаток, па се труди тоа да изгледа како од некој професионален готвач.
САШО: Факт е дека кога би имал повеќе време, би го трошел покрај кујнската маса и шпоретот (се смее).
Да се вратиме на почетокот. Како се запознавте вие двајца? Знаевте еден за друг претходно?
ЕЛИ: Тој за мене да, а јас за него не.
САШО: Јас се занимавав со новинарство до 1997 година, кога ја напуштив таа професија и поминав во маркетингот. Заради моето искуство со медиумите, ме ангажираа во 2000 година газдите на грчката телевизија „Алфа“, кои тогаш сакаа да отворат ТВ-куќа и во Македонија, со задача да составам тим. Знаев за Ели Цветанова од „Македонската телевизија“ и оценив дека таква новинарка ни е потребна во нашата екипа, да биде водител и презентер на вестите. Но, таа престојуваше во Америка во тој период, така што комуникацијата ни почна преку и-меил. Тоа траеше неколку месеци и пораките се’ помалку имаа врска со работата, а повеќе со нашите лични карактеристики, така што мене ми стануваше интересно дружењето, иако виртуелно.
ЕЛИ: Имајте во вид дека во она време не постоеја фејсбук, скајп и слични начини на комуницирање, преку кои ќе го видите соговорникот. Ние се допишувавме со месеци за се’ и сешто, а јас не знаев како изгледа Сашо. Претставата ми беше многу поинаква од реалната слика. Го замислував како дебел, многу крупен, ќелав, плус свежо разведен и десет години постар од мене, така што иако разговорите ми беа многу забавни, не верував дека тука има потенцијал за врска, а камоли за брак. Но, кога се вратив во Скопје и се сретнавме во живо, доживеав пријатно изненадување. Тоа беше во 2001 година. „Алфа“ не почна со работа тогаш, но ние станавме неразделни.
Освен пријатното изненадување од физичкиот изглед, што друго придонесе да станеш госпоѓа Пешева?
ЕЛИ: Неговата зрелост и стабилноста, каква што дотогаш немав сретнато кај човек којшто би требало да ми биде близок. Тоа е оној момент кога ќе најдеш некого на кого може да се потпреш, и тој ти станува вистински партнер, за се’ во животот. Јас многу од работите се обидував да ги направам сама. Моите родители не беа во можност да ми го овозможат она што се нарекува привилегиран статус во општеството, каков што имаат некои млади луѓе. И на факултетот и во работата морав оценките, односно позицијата да си ги заслужам со свој труд. Добро е да се биде самостоен, но има моменти кога тоа заморува и ти треба некој на кого ќе се навалиш, покрај кого ќе здивнеш малку, кому ќе му дозволиш со целосна доверба да се грижи за тебе, зашто знаеш дека и тој сака да ти биде таа потпора. Тоа беше Сашо, и тука ни се споија патиштата.
Колку време сте во брак?
ЕЛИ: Девет години. Сега сме во јубилејната десетта. Две ипол бевме во она што се нарекува врска, а некое време живеевме заедно и пред венчавката.
Спомнавте дека ретко ви се случуваат недоразбирања, но кога сепак ќе се случат, како ги решавате? Кој попушта почесто?
ЕЛИ: Според мене, јас (се смее).
САШО: Не, баш напротив - јас сум тој што попушта. Ели е императивна личност, која мора да ги доведе работите на нејзино. Дури и ако попушти, тоа не го прави од срце, туку за да биде мир во куќа. Никогаш не прифаќа дека можеби не е во право, што мене понекогаш ми се допаѓа, бидејќи знам дека е израз на искреност. Секој човек е специфичен, и ако сакате да бидете со него, мора да го прифатите, така што поради мојот карактер, наклонет кон компромиси, не ми е голем проблем.
Славите годишнини, јубилеи и важни датуми од почетокот на вашето познанство?
ЕЛИ: Јас ја славам годишнината од бракот, односно потпишувањето во матично, а Сашо го одбележува моментот од кога сме заедно. Во такви ситуации не одиме во ресторани, ниту организираме големи журки, туку си правиме забава за себе. Обично купуваме нешто симболично, што го содржи бројот на годините кои ги прославуваме, и кој и по некое време ќе ни асоцира на тој момент. Најчесто подарокот завршува за мене, иако е замислен да биде заеднички. Сега и ќерките ги вклучуваме. Веќе знаат кога мама и тато слават некој датум.
САШО: Сега сме во потарага по нешто што ја содржи бројката девет, па не е баш лесно да се најде.
ЕЛИ: Можеби ќе завршиме со сет од тањири (се смее).
Ели, некогаш му избираш на Сашо вратоврска или му сугерираш околу стајлингот?
ЕЛИ: За првото сум спасена, бидејќи воопшто не носи вратоврски. А за другиот дел од облеката, кажувам мислење, но не му правам комбинации. Самиот знае што му одговара најмногу. Инаку, мора да кажам дека немам подобар шопинг партнер од маж ми. Тој никогаш нема да приговара во продавница: „ајде, здодевно ми е, да си одиме“. Секогаш чека стрпливо да пробам се’ и да види како ми стои. И обратно. Затоа, најчесто сме заедно кога купуваме облека, па нема потреба подоцна да си даваме сугестии еден на друг.
Што паметиш посебно од она што ти го кажал? Некоја мисла, ситуација...
ЕЛИ: Паметам многу работи, речиси се’, ама ако треба да издвојам една, тоа ќе биде од она време кога се’ уште имавме само и-меил коресподенција. Се движев низ различни градови во Америка, и требаше да одам за Њујорк, од каде што тој беше неодамна вратен. Ми напиша: „Кога е во Њујорк, човек треба да ги заборави сите стереотипи, зашто којзнае дали ќе му се укаже повторна шанса да се најде таму. Не мисли на работата, не мисли на ’Алфа’, не мисли на дома... Само оди во Њујорк и заборави на целиот свет“. Го послушав и се уверив дека бил потполно во право.
Сашо, денес си еден од најуспешните луѓе во маркетинг-бизнисот кај нас, но кариерата ја почна како новинар во земјоделска емисија...
САШО: Да, јас завршив агрономија, на убедување на моите блиски, зашто се сметаше дека е тоа перспективна област за вработување. Инаку, немав голема љубов кон факултетот. Но, му се посветив максимално и дипломирав со втор највисок просек во генерацијата. Во 1990 година, на еден случаен состанок за сосема друга тема со Сталин Лозановски, тогашниот главен уредник во „МТВ“, добив понуда да се вработам во документарната редакција. Иако веќе имав свој бизнис со уметничка галерија и печатница, ми се виде интересно да се појавувам на телевизија, па прифатив. Покрај земјоделската емисија, работев на некои документарни програми, на тогашниот Канал 3, правев прилози за Младински канал, подготвував емисии за американските спортови, кои се моја голема пасија, итн. Тоа беше одлична млада екипа во „МТВ“ од која излегоа Роберт Поповски, Горан Величковски, Маја Петрушевска и уште неколку значајни имиња на македонското новинарство. Таму ме забележа Гордана Стошиќ, па кога ја основаа „А1“ ме повика да дојдам со нив. Од 1992 до 1997 бев уредник на вестите, на дескот и на економската редакација во „А1“. И таму имав среќа да работам со многу талентирани колеги: Борјан Јовановски, Атанас Кировски, Љубомир Николовски..., а подоцна Снежана Лупевска, Герман Филков, Сабина Факиќ... Одличен тим од млади новинари, кои ја подигнавме телевизијата да стане водечка. Во 1997 ме повлекоа во секторот за маркетинг, а работев и продукција и финансии. Во периодот додека бев директор ги зголемив приходите за 50 отсто. Тоа ми отвори нови видици, како и нови контакти. Тогашната најголема светска маркетинг агенција „Сачи и Сачи“ ми даде понуда која беше толку добра финансиски, што едноставно не можеше да се одбие. Со текот на времето станав партнер, па регионален партнер и денес сум на чело на „Њу момент“.
Што е пресудно за една реклама да ја оцените за успешна?
САШО: Најважно е да „работи“ на пазарот, односно да ја пренесе пораката и да придонесе за поголема продажба. Добро е да добивате награди на фестивали, но клучно е на клиентот да му се исплати инвестицијата во таа конкретна маркетинг кампања.
Што се случува кога клиентот не е задоволен од рекламата?
САШО: Тогаш не ни е баш пријатно (се смее). Доколку се големи буџетите, водиме сметка да се тестира кампањата во сите фази, од идеја, преку продукција, до моментот кога ќе биде пуштена во етер. Обично таквите проекти се обемни, траат одредено време, па клиентот е вклучен во целиот процес, знае што се работи и не може да биде непријатно изненаден од некое решение. Се случувало во текот на работата да забележиме дека нешто не функционира најдобро и тогаш бараме начин да го подобриме навреме.
Од кои кампањи досега сте најзадоволни?
САШО: Тешко е да се издвои од толку многу, но мислам дека луѓето се’ уште ги паметат рекламите за „Космофон“: со руската подморница покрај Струга, Јапонците во вселената, Турчинот, калуѓерките... На некој начин, тие и нас не’ промовираа како најкреативна агенција на овие простори, а и ни донесоа многу меѓународни награди.
ЕЛИ: Јас го водам секторот за односи со јавност (ПР), а тоа е поинаква работа од класичниот маркетинг. За нас најголем предзивик беше работата со „ТАВ“, турскиот инвеститор, која управува со скопскиот и со охридскиот аеродром. Мислам дека почнувајќи од нула, изградивме многу квалитетен имиџ на компанијата. Развивме цел начин на комуницирање внатре, а и кон медиумите, со внимателен избор на луѓето кои ќе се појават во име на брендот, и на пораките што тие ќе ги упатат. Исто така, голем предизвик беше работата со „Флај Дубаи“, многу значаен и угледен клиент, кој точно знаеше што сака да добие. Имавме листа од пет страници на барања и детали кои мораше да се почитуваат.
Покрај „Њу момонет“ имате уште бренд кој го раководите професионално. Тоа е елитната слаткарница „О ла ла“ во Градскиот трговски центар.
ЕЛИ: Се работи за моја поодамнешна идеја и за желба да се испробам во нешто надвор од новинарството и од маркетингот. Имав потреба да проверам дали може да развијам бизнис од почеток. Се покажа дека ова не е инвестиција од која ќе остварите голем профит, но дефинитивно има потенцијал, а притоа правиме нешто ново. Амбиентот е во розево, и кога почнавме доаѓаа само девојки, кои ни беа главната целна група. Но, набрзо, тие почнаа да ги носат своите момчиња и другари, така што сега „О ла ла“ е место за цело друштво, кое ужива во нашите колачи.
Нудите слатки кои се прилично специфични за овие простори. Што би препорачале како свој специјалитет?
ЕЛИ:
На прво место би го ставила браунот со
вишна. Тоа е класичен американски колач, кој најчесто се прави со ореви или
само со чоколадо. Ние експериметнираме многу со рецептите и во речиси секој
вметнуваме нешто свое, бидејќи вкусот на нашите луѓе не е ист како тој на
Американците или Французите. Браунот го правиме со вишна, која како и малината,
секогаш ме асоција на Македонија. Веројатно затоа што му дава домашен шмек.
Исто така, го препорачувам чиз-кејкот, кој мислам дека никој друг во државава
не го прави со оригинална рикота. И трета препорака - американски палачинки со
јаворов сируп. Инаку, палачинките ги прилагодивме на сите вкусови, па ги имаме
во повеќе варијанти, но сирупот е единствено кај нас. Ние не правиме компромис
за квалитетот, односно не ставаме супститут за ништо. Сите намирници се
оригинални и донесени од земјата каде што најдобро се произведуваат. Не
случајно работилницата ни е во самиот дуќан, и отворена, за да видат муштетиите
дека се’ се прави на вистински, старински начин. Тие што дошле се увериле во тоа.
Миодраг Мишолиќ
Од семејниот албум на Пешеви