Брзо се согласија сите (сите нормални) дека е тотална небулоза предлогот за данок на неженети и немажени. Тоа го сфати и предлагачот Ванчо Шехански, па го повлече предлогот. Но, дури откако доби цела канонада критики и навреди.
Меѓутоа, во сите тие критики беше пропушен еден многу важен момент од неговото објаснување. Шехтански рече, односно напиша, дека бара воведување на данокот за да и’ се врати на ДРЖАВАТА барем дел од она што таа го инвестирала во луѓето, т.е. во нас. Значи, тој мисли дека ДРЖАВАТА вредно работела, заработувала, се мачела, штедела, одвојувала од уста... за нас да не’ подигне, одгледа, школува и упати на вистинскиот пат. Не сме го полнеле ние буџетот на државата, туку таа ни давала нам свои пари.
Ова сфаќање е многу поопасно од предлогот за данок, зашто тезата дека народот и’ должи на државата и треба да и’ враќа е основа за диктатура. Држава не е апстрактна категорија, туку пред се’ инструмент на власта. Во нашиот случај, за овие 20 години, на Киро, Бранко, Љубчо и Грујо.
Во никој случај не сум анархист и не мислам дека може да се живее нормално без државни институции, но да и’ се даваат божествени преференци, како нешто безгрешно и недопирливо, е многу опасно. А тоа лесно ни поминува незабележано.
Миодраг Мишолиќ