АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Прашај ме сé
Дарко Панчев, стручен коментатор на ЕП
29.06.2012
ЛУЃЕТО СО СМИСЛА ЗА ХУМОР ГИ РАЗБИРААТ ПРАВИЛНО МОИТЕ КОМЕНТАРИ
Дарко Панчев го знаеме како најголемата македонска фудбалска легенда, човекот кој ја предводеше најдобрата генерација на Вардар, стана европски и светски клупски шампион со Црвена звезда, и играше за репрезентациите на поранешна Југославија и на самостојна Македонија. Во последниве недели е актуелен како стручен коментатор на „МТВ“ на некои од натпреварите на Европското првенство во Полска и во Украина...


Ти се допаѓа ли да си со слушалки и микрофон додека гледаш фудбал?
Сигурно дека за мене тоа беше нешто ново, но и интересно искуство. А, секако дека гледањето во друштво ми е порелаксирано.

Колку се твоите коментари поинакви кога си со блиските и не те слуша широка публика?
Коментарите тогаш ми се поразлични, што е и нормално, бидејќи во друштво си поопуштен.

Од кој свој коментар досега си најзадоволен, а од кој најнезадоволен?
Јас не ги коментирам натпреварите, туку Златко Калински, и тоа го прави одлично. Моја задача е да помагам со некои стручни објаснувања, но и со коментари во кои има доза на хумор. Е сега, тие што го милуваат хуморот, сигурен сум дека ги разбираат моите забелешки, додека оние кои се скарани со него, тешко да разберат било кого.

Дали ќе те слушаме и натаму на некои големи натпреварувања или на финале во Лигата на шампионите?
Зависи од хонорарот што го добивам од МТВ (кој, искрено, не беше мал). Ако во иднина биде поголем сигурно лесно ќе се договориме за мое следно ангажирање.

Да си денес активен, во која од репрезентациите на првенството ти би сакал да играш?
Да сум денес активен би играл во онаа репрезентација на поранешната држава во која што и играв, а која според мислењето на многу светски стручњаци сигурно ќе освоеше барем една голема титула - европска или светска. Гледано фудбалски, жал ми е што не се случи тоа, зашто таа генерација имаше и тројца Македонци во своите редови: Најдовски, Станојковиќ и јас.

Кого го сметаше за твој идеален соиграч во текот на кариерата?
Во Вардар, тоа беа Васил Рингов, Тони Савевски и Драган Канатларовски, а во Црвена звезда - Драган Стојковиќ, Дејан Савичевиќ и Роберт Просинечки. Ги издвојувам овие имиња затоа што со сите одлично се разбирав на теренот.

Кој ти беше најнезгоден чувар?
Имало доста добри обранбени играчи што ме чувале, но едни од подобрите во поранешната држава беа Илија Најдоски, Чеде Јаневски и Миодраг Белодедиќ, а од Европа - Колер, Боли и неколку други.

Три најдраги голови?
Многу е тешко кога ќе постигнете во кариерата речиси 300 голови на официјални натпревари да издвоите само три. Мислам дека ќе разберете.

Најголем кикс во кариерата?
Ако во времето кога играте одлично, се наоѓате на врвот и ве бараат Реал, Барса, Милан и Манчестер, а вие отидете во неквалитетна екипа, со нестабилен клуб, каков што во тоа време беше Интер, поголем кикс, не може да направите, дури и да сакате.

Роналдо или Меси?
Меси.

Дрогба или Руни?
Дрогба.

Мурињо или Фергусон?
Апсолутно Фергусон.

Денешната Барселона или Црвена звезда од 1991 година?
Немаше подобар комплимент од тој кога пред неколку месеци Алекс Фергусон за познат спортски таблоид во Англија изјави дека својот прв трофеј, суперкупот на Европа што го освои против Звезда, бил освоен со многу среќа, и оти ние сме биле доминантни и сме заслужиле да победиме. Понатаму вели дека тој голем тим на Црвена Звезда е многу сличен и го потсетува на овој голем тим на Барцелона.



Во 1992 година ти го откажа учеството за Југославија на Европското првенство во Шведска, уште пред да и’ биде на репрезентацијата забранет настапот. Имаше ли голема дилема да постапиш така?
Тоа веќе не беше истата репрезентација која требаше да патува, но и многумина од нас во тие моменти знаеја дека Југославија ќе биде исклучена. Затоа и се одлучив за тој потег.

Дали е подобро фудбалерите да одат во странски кубови од рана возраст или првиот професионален договор да мора да го потпишат во Македонија?
Најдобро за фудбалерите е да играат во силна домашна лига, каде што би биле и добро платени. Впрочем, колку малку италијански, англиски и шпански играчи одат да играат во странство.

Да имаш денес 14 или 16 години, дали би му се посветил на фудбалот професионално?
Тоа што го сакате ќе го работите секаде и во секое време, без разлика што денешната лига и денешните фудбалски времиња во Македонија не се за фалење.

Ќе донесе ли смената во Фудбалската федерација промени на подобро, и колку време ќе треба за да се види какви се вистинските намери на новото раководство, кога ќе биде избрано?
Секако дека се потребни промени во Фудбалската федерација. Јас бев еден од ретките што тоа го зборува со години наназад и денес се покажува дека веќе за никого не е спорен таквиот став. Но, најважно од се’ е дали ќе дојдат спортски и квалитетни луѓе. Ако повторно се случи да добиеме сомнителни личности со големи „опашки“ зад себе, подобро е и да не се прави промена, зашто тој сериски филм го гледаме веќе 20 години. Мора да признаеме дека е подолг и од „Династија“.

Дали е повеќе пријатно или повеќе напорно да се биде фудбалска легенда?
И двете. Секако дека е пријатно, но е и напорно, бидејќи сите ве гледаат со „четири очи“ и мора секогаш да внимавате на се’.

Кој период од кариерата ти беше најубав?
Најубаво за мене, за сите нас од клубот, а и за целиот македонски народ, беше кога изворедната генерација на Вардар ги направи сите Македонци да се чувствуваат гордо. Тука е сигурно и прекрасниот период, кој го поминав во Црвена звезда, кога освоив еден куп трофеи.

Колку често одиш во градовите каде што си играл своевремено?
Се случува да се прошетам и да се видам со многу пријатели, но семејните обврски и семејството се на прво место, па така и се однесувам.

Ќерките покажуваат повеќе интерес за спорт или за музика?
За музика, и драго ми е што е така. Од друга страна, тие се спортски градени, па можно е некоја од нив да изненади и да стане спортистка.


Миодраг Мишолиќ
Loading







 

web design studio: Meduim3