АМСМ услуги - помош на пат

почеток
за нас
маркетинг
контакт



undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
АКО НЕ МОЖЕТЕ ДА ЖИВЕЕТЕ ЕДЕН БЕЗ ДРУГ - ВЕНЧАЈТЕ СЕ... ПА ЌЕ МОЖЕТЕ
Прашај ме сé
Зоран Василевски, најтаблоидниот новинар во Македонија
23.12.2011
ГИ УЧАМ ПЕЈАЧКИТЕ ДА БИДАТ СКАНДАЛОЗНИ
Зоран Василевски вели дека добро ја научил лекцијата за тоа како да се биде успешен во шоу-бизнисот. Неговиот рецепт е релативно едноставен, но сепак во Македонија се’ уште е мал бројот на оние кои се подготвени да ги прифатат целосно неговите препораки. А, најважната е - направете скандал, да сум на ваше место јас би го правел тоа...


Што работиш во моментов?

Од телевизиските емисии, веќе неколку недели ја снимам „Ексклузив“ за “Jungle TV” , а го подготвувам и враќањето на „Фаци“, која ќе оди на истата телевизија. По три сезони, четвртата на „Фаци“ ќе биде со поинаков концепт, односно место повеќе гости и соговорници, овој пат ќе имаме само еден и нему ќе му ги посветиме сите 45 минути. Всушност, тоа ќе биде вид на документарец за нашите јавни личности, во кој ги следиме во текот на целата недела: ќе одиме заедно на шопинг, кај фризер, на местото каде што живееле како деца, каде што завршиле училиште, каде што денес поминуваат најмногу време... Целта е да сме што поавтентични. Нема да бидат гости само пејачите, туку и актери, модели, водители, па дури и политичари. Што се однесува до „Ексклузив“ и списанието „Крема“ тие продолжија со истиот концепт.

Како се случи од сите медиумски проекти на „Перо Наков“, телевизиски и печатени, да преживеат само твоите?

Прво ќе кажам дека е навистина жално што веќе ги нема „А1“, „Време“, „Шпиц“ и „1Е“. Мислам дека им недостасуваат на многу луѓе. Кога почнаа упадите во фирмата и стана јасно каков ќе биде епилогот, јас ги замолив сопствениците, односно семејството Рамковски, да ми ја подарат „Крема“. И тие се согласија, така што брендот го добив бесплатно. До последниот момент, до затворањето, го печатев списанието во „Мисирков“, а денес во печатницата на „МПМ“, односно кај поранешниот конкурент. „Фаци“ е мој проект, така што не морав да барам од никого лиценца, додека правото за „Ексклузив“ го имаат луѓето од продукцијата „3Д“ , кои се вклучени во “Jungle TV” , така што ни околу тоа немаше никаков правен спор. Проблемот беше како да се продолжи самостојно, но еве полека, но сигурно застанувам на нозе.

Како е да се биде сопственик на медиум? Денес е „Крема“ твое издание.

Многу тешко. Во сите претходни осум години од мојата новинарска работа, си ја завршував професионалната обврска и чекав плата на 1-ви. Сега, покрај тие работи, морам да мислам и на сметководство, даноци, фактури, плаќања, хонорари... Тоа е нешто сосема ново за мене и воопшто не уживам во тој дел, но ете, животот ќе те научи на се’. Се навикнувам. Има убавина и кога се работи за себе, бидејќи секој број на „Крема“ го доживувам како мое бебе.

Дали имаше поддршка од некого кога се префрли на самостојно издавање?

Не, буквално од никого. Затоа, прво ме фати паника, зашто одеднаш останав без плата и се почувствував како исфрлен на улица. „Крема“ беше единственото сидро со кое можев да се стабилизирам и таа ми помогна да испливам од незавидната ситуација со која бев соочен.

Точно ли е дека ти си бил еден од оние со највисока плата на „Перо Наков“?

Не знам колку земаа моите колеги, но факт е дека имав убави приходи. Тука не се вбројува само платата, зашто јас носев доста реклами во фирмата, па добивав процент и од тоа - дискотеки, кафулиња, бутици, модни агенции... Многу од нив првпат дојдоа да се рекламираат токму во моите емисии и на моја иницијатива. Мислам дека го заслужив секој денар што го зедов од „А1“ затоа што работев 24/7.

Колку е македонската естрада изворно скандалозна, а колку ги местите работите за да изгледаат скандалозни?

Воопшто не е скандалозна. Ако во текот на една година или две се појави некој естраден мега-скандал или афера, јас сум среќен. Деведесет отсто од приказните мора да ги смислуваме и режираме сами. Од петни жили се трудиме да создадеме од нашите пејачи ѕвезди или таканаречени селебрити, кои ќе изгледаат барем како балканските. Имаме многу квалитетни вокали, со одличен глас, но тие луѓе не го разбираат шоу-бизнисот. Сосема и поинаку во Србија, Хрватска или во Бугарија, каде функционира вистинска естрада. Ние ги немаме Цеца, Карлеуша, Азис, Северина, Жељко Јоксимовиќ... За новинар како мене таму би било уживање да работи. Единствениот кај нас, кој го разбра шоу-бизнисот е Боки 13. И тој замина од земјава за да направи кариера во Србија, со своето скандалозно однесување. Секоја чест за Слаткар, Тони Зен, Каролина или Маја Вукиќевиќ, меѓутоа навистина немаме вистински таблоидна естрадна личност.

Како ти, воопшто, влезе во таблодното новинарство? Почна со написи за заштита на животните.

Мој сосед, пријател и животен гуру е Ацо Кабранов. Живееме во иста зграда и јас израснав покрај него. Пред осум години, набрзо откако дипломирав ветеринарство, се појави оглас во „Вест“ за ветеринар кој би пишувал за животни. Го замолив Ацо да го праша уредникот на „Вест“, Горан Михајловски, дали може јас да бидам тој што ќе го прави тоа. Отидов на разговор, веднаш ме примија и цела една година пишував за кучињата скитници, домашните миленичиња, но и за убиените срни во Зоолошка градина, за починатиот нилски коњ, кого по грешка го кастрираа и за мајмунот Коко, за кого покренавме кампања да не живее сам. Кога Горан сфати дека добро пишувам, дојде едно утро и ми предложи да се префрлам во рубриката „Живот“. Така почна моето дружење со естрадата и таблоидното новинарство, во кое се покажав како талент - набрзо следуваа скандал по скандал, насловна по насловна...

Во кој музички жанр се порасположени да „наместат“ скандал за во таблоид, односно да се разголат, да кажат нешто провокативно...?

Дефинивитно, фолкерките. Сузана Гавазова со соблекува без проблем за фотосесија, а исто така Елена Велевска и Татјана Стефановска. Се разбира, не целосно, туку само за да го покажат својот сексипил. Тоа се девојки кои изгледаат одлично, но и вложуваат во себе. Не се срамат да кажат дека имаат силиконски гради, ботокс ваму, ботокс таму... Единствена поп-пејачка, која ме изненади позитивно годинава е Дани Димитровска. Таа прифати да се слика за „Крема“ во мокра маичка, без ништо под неа. И изгледаше многу, многу секси. Во минатото ја критикувавме дека не си посветува доволно внимание себеси, дека е полничка и несредена, а денес таа вежба, оди на фитнес, држи диета..., и тоа се гледа од нејзиниот нов имиџ.

Има ли многу силикони на македонската естрада?

Не премногу, ама почнаа да се појавуваат. Повторно, убедливо водат фолкерките. Како што реков, тие се послободни, а и повеќе заработуваат од поп-пејачките благодарение на изгледот. Тоа може да им биде и препорака на вториве. На пример, Каролина. Прекрасна девојка. Зошто да не си стави силикони? Ќе биде бомба.

Побарала ли некоја пари за да се слика провокативно или да даде изјава?

Кај мене, не. А, и не знам зошто би барале. Треба тие мене да ми платат. Откако ќе се појави некоја скокотлива приказна за нив, газдите на ресторани и кафеани се тркаат кој попрво ќе им понуди тезга, бидејќи секој добар кафеански гостин сака да се увери со свои очи дали е точно тоа што го прочитал во весникот.

Кој почесто се јавува: ти ним, или тие тебе?

Тоа зависи од потребата. Кога промовираат нова песна или спот, ќе те најдат и во два часот по полноќ. Ако, пак, мене ни требаат за изјава или проверка на информација, знаат и да се кријат. Но, секогаш ги наоѓам. Сакам фер-плеј и ги барам пред да напишам нешто за нив. А, тие реагираат различно. На пример, кога еден бизнисмен изјави неодамна дека Гавазова за малку ќе го развела, таа не ми одговараше на повиците и на смс пораките. Но, откако сфати дека јас тоа секако ќе го објавам, се јави и рече: „Чекај, застани, ќе се договориме“. Уште не се целосно научени на скандали, но верувајте, ќе ги научам.

Дали си скаран со некого од естрадата и имаш ли непријатели?

Скаран не сум со никого, а непријатели не би требало да имам, зашто се однесувам коректно со сите. Имало случаи да се јават на телефон по некој напис и да се расправаат со мене 15 минути, но им поминува, па повторно сме соработници. Многу малку има таблоидни новинари во Македонија, и знаат дека и требам.

А, колку се луѓето од естрадата во лоши меѓусебни односи?

Мислам дека се, иако тоа не го кажуваат јавно. Знам за повеќе кои не комуницираат, а главна причина е љубомората - зошто некоја има два спота и на кој начин ги нашла спонзорите?

Кои се најсуетни?

Практично сите. Елена Ристеска, Каролина, Тони Зен, Владо Јаневски...

Кој е најтежок за соработка?

Владо Јаневски. Лани беше достапен кога од „Пежо“ му подарија автомобил, па мораше да го рекламира и да дава изјави. Инаку, со него не може да направиш муабет каков што сакаш.

Што би работел да не си новинар?

Одгледувач на коњи. Тоа ми е животна желба.

Кои биле најголемите трачеви за тебе?

Ух, ги има многу. На пример, дека сум учествувал во оргија на Водно. А јас целиот ден спиев, преморен од работа. Или дека некој, од неговата картичка ми ја плаќа облеката што ја носам. Во почетокот се нервирав на таквите написи, но денес се радувам да зборуваат за мене, па макар и лажно. Да ти посветат луѓето 15 минути на ден е голема работа. Затоа велам, дај Боже да оговараат што повеќе. Тоа носи пари.

Што ти е животен сон?

Ми беше сон да ја видам Мадона во живо. И тој ми се оствари на нејзиниот концерт во Будва, пред три години. Имав можност да влезам зад сцената и да го ставам микрофонот пред неа. Ја сакам цел живот и сосема ми беше доволно што кажа само “Hi Macedonia”. Сега голема желба ми е да и’ направам интервју на Леди Гага. Многу ме интересира да дознаам од прва рака како таа девојка успеа да направи таква кариера за толку кратко време. Ќе дојде догодина во Виена и сигурно ќе одам таму со екипа. А, дали ќе стигнам до неа, ќе видиме. Големо признание за мене беше и кога ме поканија од „Балканските музички награди“ во Софија да доделам една од статуетките. Таму го почитуваат моето новинарство.

Кој ти е идол?

Опра Винфри и Ацо Кабранов. Како што реков, покрај Ацо израснав и му должам многу. Иако е политички новинар, знае да даде совет и за таблоиден текст. Тој ме научи како да бидам провокативен, а да не го навредам човекот за кого пишувам, и со тоа да ја избегнам можноста некој да ме тужи.

А, те тужеле ли досега?

Да. Брејк ме тужеше кога објавивме дека се оженил со манекенката Драгана Клопчевска. А, денес работам во неговата “Jungle TV” и тој е оженет со Драгана Клопчевска. Благица Павловска само се закануваше дека ќе ме даде на суд зашто напишавме дека се развела, но и тоа се покажа како точно.

Чиј телефонски број би сакал да имаш?

На Мадона. Да ја прашам како е.

А, кој талент?

Штета што не знам да пеам. И како новинар сум ѕвезда, но тогаш ќе бев мега-ѕвезда. Ќе се сликав гол за насловни страници, ќе шетав со црнец низ град, ќе менував имиџ многу често и ќе правев уште милион глупости. Всушност, ќе се однесував како машка Леди Гага во Македонија. Се’ за кариера и за пари.
Loading

web design studio: Meduim3