АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Прашај ме сé
Орце Димитровски (01.11.2011)
БИЉАНА Е МОЈАТА ЉУБОВ НА ПРВ ПОГЛЕД
Орце Димитровски сме го гледале и слушале многу пати, на живи настапи и во телевизиски емисии. Тој и неговата група Арија важат за еден од најдобрите придружни бендови во Македонија, но исто така имаат и одлична сопствена програма, а неодамна го снимија својот нов спот, за песната „Ако сум луд“. Тоа беше повод за интервју со Орце, во кое откриваме и многу други работи...


Како би им ја препорачал новата песна „Ако сум луд“ на слушателите?

Слушајќи ги сите песни понудени од Јован Јованов, со мојата сопруга Биљана, во опуштена домашна атмосфера, кога почна „Ако сум луд“ се погледнавме и знаев дека тоа е тоа. Истото потврдно мислење го добив и од останатите момци од бендот. Јас секогаш повеќе внимание посветувам на музиката, а кога веќе на второто слушање убаво го слушнав и текстот ми беше една весела и среќна приказна за двајца луѓе и кај мене пробуди убави, позитивни чувства. Се надевам дека истите емоции ги имаат и слушателите.

Колку е важно за бенд како Арија да има свои песни?

Било кој бенд треба да има само свои песни и само нив да си ги свири на своите настапи. Така би требало да изгледа приказанта... Е сега, за жал ситуацијата на македонската музичка сцена не е баш таква да дозволува да на тој начин уживаме. Меѓутоа што е, тука е, добро е :) . На живите свирки секогаш ги свириме нашите најголеми хитови, но најбитно е публиката да си отиде насмеана и задоволна. Се надевам дека еден ден ќе го достигнеме тоа ниво да свириме само наши песни зашто така треба. Искрено се стремиме кон тоа.

Дали „Само Господ е сведок“ ќе остане белег на вашата група?

Апсолутно да. Искрено стискаме палци за секоја нова песна да го достигне врвот, како „Само Господ е сведок“, меѓутоа тоа многу тешко ни поаѓа од рака.

Колку песни знаете да отсвирите?

Ух, ние сметам дека важиме за бенд кој што свири и свадбени прослави на кои што освен традиционалните наши, навистина преубави македонски песни, може да се чуе и рок и хард рок, и Red Hot Chili Peppers, и Rage Against The Machine - „Killing In The Name“, потоа концерти со Тереза Кесовија, со Горан Бреговиќ инт. Така, можам да бидам нескромен и да се пофалам со огромен репертоар. Пред неколку години еден наш пријател, менаџер во еден скопски ресторан ни кажа дека ни го запишувал репертоарот и ни го продавал по останатите бендови :) . Мислам дека бројката на отсвирени песни во една вечер беше окулу 65. Поради споредба, на концертите се свират 25 песни, па сега судете сами :) .

Колку ви треба да за увежбате нова песна?

На пробите секогаш доаѓаме однапред подготвени. Со таков принцип не ни е потребно повеќе од 15 минути заедничка проба.

Какав музика најмногу се слуша низ Македонија?

Хмм... Ова е многу тешко прашање. Општата популација, за жал, мислам дека тежнее кон екс-Ју, како и кон музиката која што е популарна кај нашите соседи. Ние се трудиме да се одвоиме од останатите и да им понудиме освен тоа , повеќе ретро, рок и странски поп.

Кои три песни вие најмногу сакате да ги свирите?

Мислам дека секој член од бендот различно би одговорил. Јас ако морам да одберам ќе го кажам лично мојот избор. Еве нека биде, „ Billie Jean“ од Мајкл Џексон, „Can you feel the love tonight“ од Елтон Џон (јас повеќе ја сакам препеаната верзијата од Тоше ) и „Forever More“ од Вајтснејк.

Дали ти се случило да заборавиш текст?

Мнооогу често . Затоа најверен другар на настапите ми е мојот АјПад :) .

Кој момент од настапите со познати музичари ти паѓа прв на памет?

Неблагодарно прашање :) . Може да се пофалиме со фактот дека сме свиреле со речиси сите вистински ѕвезди на сегашните и на екс-Ју просторите и секој од нив бил голем и посебен на свој начин. Некој со својата скромност, некој со својата „моќ“, некој со смислата за хумор... Мора да го издвојам Арсен Дедиќ, односно неговиот настап на емисијата „Некогаш и сега“ на Драган Вучиќ. Господинот Дедиќ дојде во прилично алкохолизирана состојба :) . Пробавме, не’ пофали и се’ беше супер. Но, како што алкохолот му го снемуваше во крвта, така почна да станува нерасположен и нервозен, викајќи на се’ што ќе му се најде на патот, вклучувајќи не’ нас и Драган. Во почетокот бевме збунети, меѓутоа кога сфативме за што станува збор, ситуацијата стана исклучително комична. Тоа не го знаеше Драган, а емисијата, која што беше во живо, буквално продолжи со страшна караница меѓу нив двајцата. Меѓутоа, откако Драган го „провали“, на секоја ЕПП пауза имавме дотур во чашата на Арсен и исчезнаа сите проблеми, освен што одвај стоеше на бината, дури на неколку наврати до толку се занесе што со цела тежина се потпре на мене додека ги свирев солажите на неговите песни :) . Другиот ден се’ беше заборавено, седнавме на ручек, а Арсен воопшто не беше свесен што се случувало претходната вечер. Имавме чест да една толкава ѕвезда ја видиме и во малку поинакво издание, што на крајот секако ќе ни остане во многу пријатно сеќавање, иако на моменти изгледаше непријатно.

Каква музика слушаше како дете?

Имав привилегија да добијам од татко ми како мал стотици плочи и еден убав грамофон. Тука беа Битлси, Стоунси, Пинк флоид, и секако неизбежните Ју-рокери од тоа време, Корни група, Индекси, Дугме, нашите Леб и сол... Татко ми беше огромен фан на рок ен ролот и имав среќа да пораснам со таква музика. Поголемиот дел од плочите се’ уште уредно се чуваат дома, додека грамофонот, за жал, не преживеа во целиот тој процес.

Колку инструменти свириш?

Јас сум виолончелист на кој што му остана дипломската работа за да дипломира. Еве, јавно ветувам дека и тоа ќе го сторам. Во средно училиште свирев и клавир. Гитарата е моја прва и најголема љубов, со неа сум од шест години, кога тргнав во нижото музичко училиште. Знам да седнам на тапани и да го заменам Ставре кога сака да си го слушне новиот „бубањ“ од страна, но не би рекол дека свирам.


Кои настапи ти се омилени?

Концертите ми се омилено нешто, не само на мене, туку на целиот бенд, затоа често луѓето не не’ гледаат во таа улога. Свадбените веселби ни се посебен фах и тука мислам дека ни нема рамни (многу скромен бил Орце, секоја чест :)) затоа што успеваме да направиме сето тоа да биде една урбана журка со невеста и зет. Кафулиња не сакам, зашто нас ни треба прилично голема бина, а ноќните клубови долго време ни беа исто така силна страна, и повторно ќе им се вратиме. Телевизиските настапи се малку напорни, ама неизбежен дел од професијата. Не е лесно да се биде јавна личност, верувајте.

Кои настапи ти се најтешки?

Искрено кажано, не постои тежок настап, бидејќи ние секаде даваме максимум од себе, без разлика каде, како, со кого... Единствено ни е битно да имаме добра публика. Свадбените журки бараа најмногу кондиција заради тоа што се временски најдолги, концертите се тешки оти не смееш да згрешиш ниту еден тон, настапите во дискотеки се тешки од аспект на тоа да навистина го исвириш она што луѓето сакаат да го слушнат, така да се’ си има своја тежина на свој начин. Во секој случај, аплаузот на крај го оправдува трудот!

Кои македонски градови имаат најдобра публика?

Навистина тешки, тешки прашања :) . Охрид е, дефинитивно, местото каде што клубски се едуциравме. Во Гевгелија луѓето се прекрасни и секогаш сме си поминувале незаборавно, а и во Македонски Брод морам да ги пофалам како прекрасна публика. За Струмица мислам дека и не треба да се говори, бидејќи не попусто важи за град со најдобар ноќен живот. Сепак, лично јас го имам ставот, дома си е дома и апсолутно, ако веќе морам да издвојам најдобра, би ја издвоил скопската публика.

Има ли места каде не би сакал да свириш повторно?

Не! Не постои место, град, локал каде што не би сакал да настапуваме повторно!

Кои се најголемите искушенија на професионален музичар во Македонија?

Иако верувам повеќето го мислат спротивното, да се биде музичар во вистинската смисла на зборот е многу тешка, одговорна и пред се’, стресна работа. Пред секој настап имам барем малку трема, без разлика пред колку публика и каде, приватниот живот е сведен на минимум, бара многу многу работа, заглавувања во студио по цели денови, постојани проби... Навистина е многу напорно, меѓутоа прекрасно е чувството да станеш наутро и на некоја од радио станиците да слушнеш своја песна и да знаеш дека позади тебе си оставил нешто што вреди.

Имало ли во твојата кариера непристојни предлози?

Веќе десет минути се обидува да се сетам и за среќа, ништо не успеав да пронајдам :) .

Во кој период беше најисплатливо да се свири?

Секогаш е исплатливо, било и ќе биде. Добрата музика е една од основните работи кои што му се потребни секојдневно на човекот. Затоа, ако си добар „производ“, секој ќе те „купи“. Секако, пред 15-ина години мислам дека било сеопшто подобро време и хонорарите биле повисоки, ама и денеска не е воопшто лошо, со надеж дека ќе биде подобро.

Како најдобро се опушташ?

Најомилениот начин за опуштање ми е слушајќи добар концерт со мојата сопруга Биљана, во друштво на чаша убаво црвено вино. Секако, во истата комбинација знае да влета и добар филм. Исто така, сакам фитнес и од неодамна почнав редовно да трчам. Чувството на опуштеност по добар тренинг или истрчани пет километри е незаменливо.

Кога би можел, што би исфрлил од своето минато?

Минатото секогаш е најдобриот учител, и кога би исфрлил нешто, сигурен сум дека не би бил истата личност како сега.

Дали бракот го менува човекот?

Само начинот на живот, и тоа во позитивна смисла и конотација. Човекот ништо не може и не треба да го смени

Која песна и’ ја пееш на сопругата да ја расположиш кога е нервозна?

„Don’t worry be happy“ :) . Нешто од Тоше секогаш ја орасположува.

Ти се случила ни љубов на прв поглед?

Биљана! Приказната за мојата сопруга и мене е вистински доказ за тоа. Нашите погледи се сретнаа на еден наш настап во „Б2“. И тоа се случуваше на следните неколку настапи кои што беа еднаш неделно, колку ли трпение требаше за тоа. Едвај чекав да дојде четврток за да ја видам. Потоа успеав да се пресрамам, да го најдам нејзиниот мобилен и буквално со забрзано чукање на срцето да и пишам еден многу убав и искрен СМС, кој што гласеше Едвај собрав храброст да ти пишам, без разлика на изразот на твоето лице во моментов, те молам само пиши ми назад и ти “. Ух, се’ беше толку искрено и вистински. Ви благодарам за прашањето, изнудивте насмевка на моето лице.

Што читаш најчесто?

Книги не :) . По многу обиди да станам вљубеник во пишаниот збор , не успеав. Ова е важи се стручната литература, зашто имам прочитано еден тон Cisco и Microsoft книги. На сметка на тоа многу читам магазини од секаков вид - „ Total Guitar“, „Guitar Player“, „Men's Health“, „ Баг“, „Мрежа“... Навлечен сум на списанија.

Колку гитари имаш?

Точно 12 - десет електрични и две акустични. Омилена ми е мојата најнова „Јамаха сг1000“, која што не ја испуштам од раце и ми е фаворит за сите настапи.

Ја чуваш ли првата?

Не, и многу ми е жал поради тоа, но тогаш морав да ја продадам за да имам пари да си ја купам следната.

Ја памтиш ли првата купена плоча?

Плочите ги прескокнав како дете, и во основно училиште имав еден тон касети со хеви метал. Потоа дојдоа цд-њата. Едно од првите ми беше Џорџ Мајкл. Колку да се оправдам , тоа беше пред да се „преобрати“ :) .

Чиј телефонски број би сакал да го имаш?

Ух, па не сум баш некој таков тип на кој што ова ќе му значи многу. Ама колку за да одговорам еве, нека биде Берлускони. Да, нека биде тој... Или Саркози, да се фалам :) . Патем , политика и вести не ме интересираат, ако истиве веќе не се актуелни ќе ми простат читателите.

Се сметаш ли себеси за среќна личност?

Апсолутно ДА. Затоа не се двоумам, на преполн паркинг во сабота во ГТЦ, да влезам оти секогаш имам среќа некој да излезе пред мене и да се паркирам :) . Зар тоа не е среќа ?

Омилен стих?

Ах, и тука го погодивте човекот. Јас функционирам на ноти или бинарно. Значи песна , гитарко соло или омилен Cisco рутер, лаптоп, гитарски процесор, таблет... Добро ајде, синоќа гледав една емисија за, односно против талибанците и го слушнав ова (не знам како ќе звучи на нашки): „Секој оној што нема да ни ја подаде раката ќе добие тупаница и ќе биде поразен“ . Ау, како ова моќно звучи :) .


ФОТО-ГАЛЕРИЈА НА ОРЦЕ И БИЉАНА













Loading







 

web design studio: Meduim3