АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Прашај ме сé
Елена Ристеска (29.07.2011)
НАЈСЕКСИ СЕ ЧУВСТВУВАМ ВО ЦРН КОРСЕТ
Нашата популарна пејачка зборува за дуетот со Ламбе, интересите во животот, љубовта со свршеникот Бојан, местата каде што би сакала да оди, облеката во која се чувствува најсекси…


Елена Ристеска на 13 август ќе учествува на десетото, јубилејно издание на фестивалот „Балкански музички плоштад“ во Античкиот театар во Охрид. Пејачката која досега е позната по нејзините хитови во поп и аренби жанрот, овојпат публиката ќе може да ја види и слушне во ново издание. Ќе настапи со тамбурашкиот оркестар Гезме, со кои ќе ги отпее нејзините најголеми хитови во нов аранжман, специјално преработени за овој концерт, како и стари македонски традиционални песни.

Пред нејзиниот концерт на 13 август ќе настапи гитарскиот виртуоз Дамјан Пејчиновски, а ден претходно (12-ти) фестивалот ќе го отворат групата Бесидос од Германија и европската атракција Имам Баилди од Грција. Организаторот на фестивалот, продуцентската кука „Трето уво“, најавува одлични концерти, особено тој на Елена, кој ќе отвори нова димензија во нејзината кариера.

Неодамна беше пуштена песната „Најдобро досега“, која е првиот дует на Ристеска со колегата од „М2“, Ламбе Алабаковски, и нивна музичка понуда за публиката во летните месеци…

Кои три работи ги сметаш за најдоброто досега во твојата кариера?

Прво, 2002 година - победата на „Потрагата по ѕвезда“, која е пресврт во мојот живот и најубав период во кариерата. Потоа, 2006. - Евровизија, најубавите 12 дена во мојот живот и професија, по кои ми се подели кариерата на пред и по Евросонг. И трето, учеството на концертот на Ролингстоунси, како предгрупа. Најубаво чувство е да се пее на нивната сцена, а секако и голем успех.

Го прифатија ли луѓето дуетот со Ламбе онака како што очекувавте?

Со оглед на тоа што летниот период, особено јули и август не е време за промоции и нови синглови, задоволна сум од реакциите за дуетот. Најмногу им се допаѓа самата песна, а тоа е големо задоволство за мене и Ламбе, всушност тоа е најважно - песната.

Дали го живееш животот за кој сонуваше како девојче?

Да, можам да кажам дека ова е тоа што го посакував отсекогаш. Иако кога сме деца сонуваме и многу понеостварливи соништа, сметам дека со голема желба и стремејќи се кон целта се’ може да стане реалност.

Имало ли денови кога си се разбудила со страв од тоа што можеби го напишале некои весници за тебе?

Страв? Па, не би рекла дека се работи за некаков страв, затоа што јас немам некој бурен таен живот, па да се плашам дека ќе се обелодени. А измислиците не ме повредуваат толку, впрочем секое чудо за три дена... Кога се будам секој ден, се молам на Бога да ме лиши од непотребни нервози и негативни ликови низ текот на денот… И ми успева. :))))

Кога ти почнува и кога ти завршува денот, и што се случува најчесто меѓу тие два момента?

Секој ден ми е приказна за себе, но најчесто станувам во 11-12 часот, а легнувам зависно од обврските низ текот на денот, некогаш во 01 часот, некогаш и подоцна, а кога се враќам од настапите низ Македонија тогаш дефинитивно, пред 5 или 6 часот наутро не сум го кревет.

Дали ти помага во кариерата тоа што го имаш научено на студиите?

Секако. Сето она што може да се научи на студиите ни користи низ животот и професијата. Мене лично факултетот ми помогна околу пишувањето текстови, со оглед на тоа што сум на Филолошкиот факултет.

Има ли посебна причина зошто го избра италијанскиот јазик?

Причината е мојата страст кон јазиците, а италијанскиот е мојот избор поради мелозвучноста која ја содржи. И секако, затоа што не постои поубав јазик во светот. :)

Во која област се гледаш себеси по десет години?

Музиката е она што ќе ме придружува целиот живот, тоа е сигурно. Но, дали само како автор или и пејачка и автор, не би можела да предвидам. Во блиска или далечна иднина се гледам себе си како дизајнерка, сликарка (цртањето како хоби), а како дел од музиката - вечно.

Која е најбитната промена во секојдневниот живот што ти се случува по свршувачката?

Се’ уште нема никаква промена. Кога ќе почнеме да живееме заедно ќе започнат и промените.

Дали тоа беше љубов на прв поглед или вљубувањето траеше одредено време?

Вистинските љубови започнуваат со поглед и пеперутки. :) Доколку тоа не постои на почетокот нема да постои ни по одредено време, но ако се работи за љубов на прв поглед и пеперутки во стомак, голема е веројатноста долго да трае љубовта.

Кои ти биле најромантичните моменти во животот?

Имаме многу такви моменти поминато со Бојан, иако и двајцата не сме некои романтични души.

Цвеќе или парфем?

Цветен парфем. :)

Дискотека или интимна вечера?

Интимна вечера со Бојан, а дискотека со другарките.

Париз или егозотична плажа?

Париз не се споредува со ниеден друг град или место, но сепак ќе изберам егзотична плажа, по можност на Бора Бора, Јамајка...

„Порше“ или глисер?

Јахта:))) каков глисер...хахаха.

Во каква облека се чувстуваш најсекси?

Црна облека, да речеме црн корсет.

Дали ти е важно да си секси на сцената?

Мислам дека секому му е важно тоа. Дури и оние кои не се секси се трудат да бидат...

Кој е најнеобичниот подарок што си го добила?

Не знам колку е необичен, ама како мали сите добивавме молив и тетратка за роденден. :)

Што би исфрлила од своето минато?

Минатото во глобала го исфрлам од размислувањата. Поважно е што ќе биде отколку што било. Било, па поминало... Ги паметам и ги задржувам само убавите спомени.

Кои пејачи најмногу ги слушаш?

Црните пејачи, зашто имаат гласна жица повеќе од белците...:)

Чиј телефонски број би сакала да го имаш?

Пред да го сретнам Бојан, сакав да го имам бројот на Џош Хартнет, ама веќе не ми треба. :)))))

Кој настап ти донесе најголемо искуство?

Дефинитивно, евровизискиот.

Кое е најлошото место каде што си настапила?

Уххх, за жал има повеќе такви низ Македонија. Всушност, најлошо место за мене е она кое има очајно озвучување. Тоа, отприлика, изгледа и звучи како да сум си земала транзистор од дома за на настап.

Кои македонски градови имаат најдобра публика?

Искрено, досега не сум сретнала лоша публика и мислам дека не постои лоша публика, туку само лош забавувач. Но, признавам дека има само едно до две места во Македонија каде што публиката е толку индиферентна и незаинтересирана за било кого, што дури таму и избегнувам настапи. А ако почнам да набројувам градови и дискотеки каде што има добра публика во Македонија, мислам дека нема да ми стигнат сто страници...

Каде не би настапила повторно?

Не ми се настапува на приватни забави и свадби, а такви понуди стигнуваат безброј. Исклучок - кога се работи за блиски луѓе.

Кој лик од „Сексот и градот“ е најблизок до тебе?

Не се пронаоѓам себеси во ниедна улога од нивните.

Која е главната црта на твојот карактер?

Посветеност. На приватен план - кон драгите луѓе, а на професионален план - кон работата.

Дали сте суеверна?

Не.

Имаш ли некоја фобија?

Од инсекти и од високо.

Омилен стих?

“What goes around, comes all the way back around…”.
Loading







 

web design studio: Meduim3