АМСМ услуги - помош на пат

почеток
импресум
маркетинг
контакт




undefined undefined
undefined undefined
undefined undefined
Разговори
Миле Стојкоски, по петти пат од Прилеп до Крушево во чест на Тоше
02.02.2012
ТЕЛОТО НИ БЕШЕ ПРЕМРЗНАТО, НО ТОПЛО ВО ДУШАТА
Не е чест случај човек да направи нешто особено, невообичаено, достојно за да се нарече херојски чин. Прилепчанецот Миле Стојкоски е еден од тие, вистински херои. На јавноста и’ е познат поради неверојатните патувања со неговата инвалидска количка. Годинава, на 24 и 25 јануари, по петти пат го помина патот од Прилеп до вечниот дом на Тоше Проески, за да му оддаде уште еднаш почест на големиот пејач, човек и хуманист…


Ова е Ваше петто патување од Прилеп до Крушево во чест на Тоше. Што беше поинакво овој пат во однос на претходните?

Mакедонската јавност e веќе запознаена, а посебно фановите на нашиот ангел Тоше, дека секоја година на ваков начин му оддавам признание и внимание на неговиот лик и неговото дело. По петти пат , во негова чест го „одам“ патот од Прилеп до Крушево со мојата количка. Секое патување до Крушево на овој датум е посебно само за себе, од причина што во патувањето се проткаени спомените за Тоше, како од мене така и од сите оние негови пријатели и блиски, кои што ме пресретнуваат на тоа патување и тие што го следат преку медиумите и преку социјалните мрежи. Не случајно го потенцирам овој момент со следењето на моето патување од фановите на Тоше низ светот, бидејќи во текот на целата година комуницираме и заедно ги споделуваме чувствата за нашиот ангел, најлесно и најбрзо преку интернет... Така, и ова патување имаше свои специфики што ќе се паметат: студеното време, средбите и отпоздравувањата со секој што не’ сретна, пречекот во Кривогаштани - на бензинската пумпа, во ординацијата „МЕДИКУС“, кај моите пријатели и другари Валентина и Маринко Гудески, Лиле и Горан Митрески, Ане и Гоце Мојаноски, Роза и Јане Рујаноски, како и придружувањето на ова патување за првпат од страна на мојот пријател Александар. Секоја година на патувањето до Крушево ми помага мојот другар Драган Ванчоски, во 2008. ни се придружи мојот пријател Жарко, а оваа година - Александар. Сигурно дека ќе го паметам и напорот на угорнините до Крушево низ новата снежна покривка, која пред мене ја разгазуваа неколкуте возила.

Колку време Ви требаше за да стигнете на целта и кои се специфичните подготовки што ги правите за овој конкретен потфат?

Веќе на ова мое патување до Крушево ми беа јасни очекуваните активности и потребите за да го завршам успешно и со поголема леснотија од предходните. Патувањето се одвиваше во две етапи и во два дена. Првата етапа е патот од Прилеп до Крушево со должина од 25 километри и втората етапа се преостанатите неколку километри до вечниот дом на нашиот ангел. На 24 јануари тргнавме во 7 часот наутро. Беше многу студено, но и ние бевме доволно облечени (се смее). Драган и Александар ме придружуваа со возило. На минатите патувања Драган ме придружувал и со мотоцикл или со велосипед, во зависност од можностите што сме ги имале ... или немале. Нивна задача беше да го снимаат и фотографираат патувањето, како и да ми помагаат во моментите кога се одмарав - да ми подадат да се освежам со сок или со грицки, да ме измасираат малку... Морам да ги пофалам дека беа достојни на задачата, иако бевме убаво накиснати од дождот, кој речиси цел пат до Кривогаштани беше наш придружник. Со неколу пократки одмарања, околу 11 часот стигнавме до Кривогаштани, каде бевме пречекани од нашите пријатели и другари. Убаво се одморивме, ручавме и продолживме нагоре кон Крушево. Овој дел од патувањето беше потежок, бидејќи пред нас беа големи угорнини. Секој што бил во Крушево, добро му се познати, а пак тој што не бил топло му препорачувам да го посети. Олеснително, ако така може да се каже, беше што патот беше прооден и исчистен од снегот, така што се движев на сув коловоз. Првиот ден го завршивме патувањето на три-четири километри пред Крушево околу 16:30 часот. Морам да признаам дека сите тројца бевме премрзнати, но топли во нашите души... Се вративме во Прилеп, се разбира во возилото. Имавме доволно време убаво да се одмориме, да ги средиме потребите од храна и облека за следниот ден.

Вие, евидентно, можете да издржите многу напори, но како сето тоа го издржува Вашата количка?

Тоа што сте забележале дека можам да ги издржам големите напори е токму благодарение на мојата количка, која мора да биде во безпрекорна состојба. На моето прво вакво маратонско патување до Атина, во 2004 година, имав набавено квалитетна количка, за тоа време и во склоп на тогашните можности, која тежеше 12 килограми. Значи, беше релативно лесна и со неа покрај патувањето до Атина, реализирав уште неколку последователни патувања низ Македонија. Кога се подготвував за моето патување за Пекинг, благодарение на препораките и моето афирмирање од страна на господинот Ристо Гуштеров, од реномираниот производител за ортопедски помагала Кuschall, од Швајцарија, во 2007 година ми ја донираа најсовремената количка, која тежи „само“ пет килограми. Со неа тргнав на моето патување за Пекинг, за кое веројатно знаете дека од технички причини, стигнав само до Дамаск, Сирија. Исто така со неа ги реализирав и сите овие патувања до Крушево. Се разбира, доколку би имал можност да набавам нова количка, многу полесно би го реализирал следното мое патување, до Лондон.

Дали имате некоја посебна песна или мисла што си ја вртите низ главата кога Ви е најтешко на патувањата?

Кога во одредени моменти, ќе бидат обезбеди сите потреби за одредена делница од патувањето, во порелаксирано возење на количката ги слушам „Мојот Свет“ од Каролина Гочева, „Верувам во себе“ од Мијата, а „Идат денови“ ми беше химна. Многу важна за мене е и аријата што Тоше ја исполни на доделувањето признанија „Мајка Тереза“ во 2004 година. И се разбира, сите негови песни… На следново мое патување, за Лондон, изборот ќе биде надополнет со навивачките химни, како од Тоше така и од останатите изведувачи што беа во конкуренција на конкурсот.

Кога ќе се спомене името на Тоше, која е првата асоцијација што Ви паѓа на памет?

Секогаш на ова прашање размислувам со посебни чувства, затоа што Тоше ми беше и личен пријател, имавме можност да се слушаме по телефон и да разменуваме мислења. Имавме неколку пати и средби во кои навистина и искрено се восхитуваше на моите иницијативи. Ја имав единствената чест, да ми помогне, да ме истурка со количката за врачувањето на признанието „Мајка Тереза“ во 2004 година, настан кој директно преку сателит беше пренесуван во цел свет, и на таков начин да ја потврди неговата порака колку беше посветен на хуманоста. На неговиот концерт во Арената Филип Втори, во 2006 година, ме поздрави кога ме здогледа пред него меѓу неговите фанови до бината. Моето тргнување за Пекинг го почнав на 2 август, од Крушево, а вечерта на 1 август ја имав последната средба со него. Трагичната вест ја примив во Дамаск, на патувањето за Пекинг. Во тогашните мои изјави, за мотивот на моите патувања на ЛОИ секогаш потенцирав дека целта ми е да иницирам кај светските фондации и компании да донираат во балканските држави да се изградат центри за рехабилитација, кои би биле алатка за ресоцијализација на инвалидизираните лица. Кога ми се обратија новинарите во Дамаск, за да ја споделам тагата со неговите најблиски и со сите Македонци, потенцирав дека сосема заслужено еден од тие центри ќе го носи неговото име.

Тоше учествуваше во многу хуманитарни проекти и се трудеше максимално да им помогне на луѓето на кои им е потребна помош. Каков е денес статусот на лицата со посебни потреби?

Токму така. Тоше при секое негово појавување зрачеше со љубов, разбирање и внимание кон сите. Посебно кон немоќните. Неговите хумани дела за сите нас се голема обврска да продолжиме несебично да ги следиме. Се разбира, и моите иницијативи се во насока за подобрување на условите за живеење на инвалидизираните лица, како популација во која и јас припаѓам. Токму затоа, мојата „мисија“, ако така може да се каже, е поттикнување на мојата популација да се охрабри и да ги искаже своите проблеми и потреби, за да би можело да им се помогне. Да забележат дека е многу лесно да ги остваруваат своите замисли и желби, доколку веруваат во себе. Едноставно, да разберат дека тие се причината и од нив зависи колку ќе им биде утре подобро. Мора сите заедно да придонесат во предлозите и сугестиите до институциите задолжени за нивниот достоен статус во општеството, искажувајќи ја недвосмислено пораката дека заедно постоиме со сета своја креативност, инвентивност, секој поединец со својот потенцијал и знаење - сега и овде.

Станавте познат поради својата упорност, како човек кој може да направи нешто што повеќето други не ни помислуваат. Колку Ви се промени животот откако јавноста знае за Вас?

Како што погоре потенцирав, сите проблеми и потреби што ги чувствуваме како популација, јасно ни се дефинирани и затоа самите се потрудивме и да најдеме решение за поголемиот број на тие проблеми и потреби. Се разбира, тоа решение не можеме да го обезбедиме брзо и лесно. Но, со несебично залагање на сите заедно, и ние како популација, и вие со кои го споделуваме секој миг, би можеле да ја постигнеме заеднички зацртаната цел - заедничко подобро утре. Мојот придонес во обезбедувањето на заедничкото подобро утре е во правец на иницирање да се изградат тие Центри, кои би биле алатка за психо-физичка рехабилитација на инвалидизираните лица и нивно понатамошно живеење и делување како рамноправни членови во општеството. Потребата да ги обезбедиме разбирањето и желбата, да ги донираат потребите за издрадба и функционирањето на тие Центри, ме „натера“ да се одлучам на ваков автентичен и несекојдневен начин да ја „обезбедам“ личната афирмација и „популарност“ за да можам, во името на целата популација да крикнам и тоа да биде забележано како наша итна и неодложна потреба. Токму оваа визија ми ја дава и силата да ги издржам сите тешкотии со кои се соочувам во моите иницијативи и патувањата. Покрај своите хуманитарни и спортски активности јас сум, сепак, татко и сопруг. Ова понекогаш не е едноставно и лесно за моето семејство, иако ја добивам најсилната поддршка од мојата сопруга и од ќерката, кога таа ми е најмногу потребна. Посебно ја чувствувам неопходната самодоверба кога ќе помислам дека на крајот на денот имам прекрасно семејство кое ме чека. Со нивната љубов и разбирање секогаш верувам дека ќе имам сила за нова борба во денот што следи.


Ваш следен голем потфат треба да биде одење на Олимпијадата во Лондон. До каде сте со подготовките за тој пат од 3.500 километри?

Токму така. Следната моја иницијатива за остварување на заедничките зацртани цели е патувањето до Лондон, за да го следам отварањето на ЛОИ. Тргнувањето со мојот тим го планираме во периотот меѓу 10 и 15 март, за да би можел да стигнам во Лондон во моментот на отворањето на игрите, на 27 јули. Ќе патувам низ 14 држави, каде ќе се среќавам со представници на мојата популација, представници на бизнис секторот - затоа што тие ни се најважни за изградбата на Центрите, искажувајќи ја својата Корпоративна општествена одговорност, ќе имам средби со представници на локалните и државните институции, а сето тоа ќе биде секојдневно забележано од медиумите. Реално, по пристигнувањето во Лондон, стекнатата афирмација ќе ни овозможи полесно да ги отвориме вратите на светските хуманитарни фондации и да ја обезбедиме поддршката за изградба и функционирање на Центрите за кои зборував. Од тие причини, целокупната моја позитивна аура ја насочувам за полесно организирање и реализирање на ова мое патување до Лондон, не потклекнувајќи пред ниедна пречка. Сите најнови податоци, фотографии и видео материјали од подготовките и текот на патувањето ќе бидат објавени најпрво на мојата официјална веб страница www.milestojkoski.com , како и на мојот ФБ профил.


Какви се впечатоците од средбата англискиот принц Мајкл, со кого се видовте пред неколку дена во Скопје, и што Ви рече тој во разговорот?

Ја имав таа можност да бидам поканет од Британската амбасада на приемот што го организираше во чест на посетата на Неговото Кралско Височество Принцот Мајкл од Кент. На средбата бев почестен со неколкуминутен разговор лично со принцот, кој искажа воодушевување за моите досегашни активности и посебно за моето патување до Лондон. Тој бил член на британскиот олимписки тим во санкање во 1972 година, но поради несреќен случај при квалификациите не успеал да се натпреварува на Олимпијадата во Сапоро, Јапонија. Верувам токму ваквото животно искуство е изворот на неговото големо разбирање и почит кон напорите што ги вложувам за достојно и успешно реализирање на оваа мисија до Лондон. Особено бев почестен со лична покана, кога ќе стигнам во Лондон да бидам негов гостин. Посебно сум благодарен за поддршката која ја добивам од Неговата Екселенција, амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија и сите вработени во британската амбасада. Почестен сум што вложуваат толкав труд за поддршка на моите напори за поефикасно и полесно стигање до портите на Олимпискиот стадион во Лондон.


Миодраг Мишолиќ


ФОТОРЕПОРТАЖА ОД ПАТУВАЊЕТО НА МИЛЕ ДО КРУШЕВО











Loading







 

web design studio: Meduim3